Општество
КОРОНА ВИРУС, ОПШТЕСТВЕН ФЕНОМЕН КОЈ ГО КРЕИРА ПРОФИЛОТ НА НОВИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ЗЕД И АЛФА

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

„Ова се генерации кои за првпат се соочуваат со неможност физички да посетуваат настава, кои образовната година најверојатно ќе ја завршат по електронски пат, кои речиси сигурно нема да ги видат своите соученици практично целото второ полугодие, а многу веројатно е економскиот дебакл да го осетат директно на своја кожа... Зборот корона ќе има сосема друго значење за овие генерации.“

Таканаречените генерациски колективи оформуваат групи на возрасти чии граници најчесто се врзани за настани или феномени кои оставиле длабоко социолошко и психолошко влијание врз развојот на новите генерации. Па така, како дел од генерацијата бејби бумерс се сметаат луѓето кои се родени во првите 15 години од завршетокот на Втората светска војна, време на обнова на земјите, време на оптимизам и општествена внимателност која е наметната од нивните родители кои имаат длабоки и свежи сеќавања од војната. Слично, една од поновите генерации, милениумците, претставуваат луѓе родени околу падот на Берлинскиот ѕид, па сè до отприлика 1995 година, возрасна граница на луѓе за кои може да се каже дека се сеќаваат и го имаат преживеано социјалниот и психолошки шок од терористичкиот напад „11 септември“, а во исто време, во најголем дел се деца на овие првиве – бејби бумерси.

Кризата со епидемијата ковид-19, предизвикана од корона вирусот, несомнено ќе има огромно влијание врз двете последни генерациски групации – зед и алфа. Ако се има предвид дека милениумците се веќе возрасни и нивниот психолошки профил е веќе формиран, генерациите зед и алфа, родени во новиот милениум, се доволно возрасни за да ја разберат тежината на современиот предизвик, а во исто време и доволно млади за тоа да создаде длабоко влијание врз нивниот психолошки и општествен развој. Уште повеќе, ако овој период на справување со ковид-19 потрае и навистина создаде сериозни економско-политички и општествени промени, тогаш влијанието на овој предизвик може да оформи и една мала посебна група (меѓугрупа) во која би влегле тинејџерите родени меѓу 2004 и 2011 година.




Иако влијанието врз општествениот развој допрва го чекаме, можеме да издвоиме неколку линии на влијание кои сигурно ќе се отсликаат во развојот на овие генерациски групации.

Прво е односот кон техниката. Генерациите зед и алфа се првите генерации на новиот милениум кои немаат ама баш никакво сеќавање за времето без интернет, практично и многу мало сознание за времето пред смартфоните и таблетите. За нив постои само еден свет кој е зависен од интернет-технологијата и помагалата, и тоа е за нив воспоставена норма, па дури и природно право. Токму затоа и досега нивните родители, ние милениумците и дел од иксерите, мака мачиме да им го ограничиме т.н. „скрин-тајм“, време кое го поминуваат пред екраните, при што стандардот од еден час дневно пред екран, реално е да си признаеме, веќе одамна го напуштивме. Справувајќи се со денешните предизвици на социјална изолација, новите генерации целосно ја добија војната за технологијата. Работата од дома и, пред сè, учењето од дома веќе ја поместија границата на зависност од „интернет на нештата“. Младите генерации, свесни за заканата од корона вирусот, оформуваат длабок и стабилен став за улогата на технологијата во нормалниот развој на општеството. Не се работи само за привремената употреба на дигиталните алатки во образовниот процес, туку втемелување на новата премиса дека човештвото едноставно не може без современите алатки и тоа мора да се прифати. Новите генерации и досега се запознаваа, се дружеа, комуницираа и општествено општеа преку современите комуникациски алатки, но сегашната социјална изолација и потпирање на дигиталните алатки само ги увери во нивната исправност што може да ја толкуваме и како нивна победа по прашање на технологијата.

Второ е односот кон здравјето. И онака генерациите на новиот милениум имаат многу подобар однос кон личното здравје, многу помал процент од нив се пушачи на пример, а физичката активност едноставно е прифатена како обврска за пристоен и здрав живот. Епидемијата ковид-19 ќе ги засили овие карактеристики на новите генерации. Многу е веројатно цигарите полека да се селат на полиците на историјата, оставајќи им простор на новите електронски помагала кои претставуваат многу помала закана за здравјето. Епидемијата ковид-19 ќе ја зацврсти постоечката премиса дека квалитетно лично здравје значи и подобра стартна позиција за справување со ваквите современи вирусни закани. Тоа со сигурност натаму ќе влијае и на општественото поимање на здравствените системи кои ќе мора да се ориентираат кон задоволување на оваа публика која од пред 2 години секоја година вбризгува сериозна бројка на нови полнолетни граѓани, кои претставуваат свежо гласачко тело во севкупниот пул на гласачи. Во третата декада од новиот век (оваа пред нас де), овие генерации ќе станат доминантно гласачко тело од кое ќе зависат политичките текови.


(фото: https://si.wsj.net/)

Трето е „враќање во мода“ на т.н. стручно или експертско влијание. По еден стабилен тренд на раст на движењата кои се сметаат за волунтаристички и популистички како што се антиваксерите, хомеопатите итн., забележлив е трендот на враќање на довербата во науката, образованието, работното искуство итн. Во комуникациските науки е познато дека стравот претставува најсилен мотиватор за преземање акција, особено кога се работи за колективните акции на големите маси. Чувството на загрозеност и немоќност од современите предизвици, особено сега со епидемијата ковид-19, кога луѓето се соочуваат со изолацијата како единствена заштита, воопшто не треба да зачудува фактот што новите генерации сè помалку се чувствуваат „слободни“ да експериментираат со популистичките приказни, туку сè повеќе се потпираат на стручни и научни сознанија при формирањето ставови.

Едно истражување во САД покажува дека повозрасната групација од генерацијата зед, оние неколку генерации полнолетни тинејџери, имаат помала загриженост поврзана со корона вирусот од близу 60 %, забележително пониско од просекот на ниво на цела популација од 73 %. Тоа е сосема разбирливо особено ако се има предвид дека предизвиците во справувањето со ковид-19 на индивидуално ниво се комплицираат со возраста на заболениот, правејќи го овој вирус опасност за возрасните. Сепак, суштинското влијание врз оформувањето на колективните ставови не доаѓа од самата здравствена закана, туку од длабочината со која ковид-19 ќе ги помести економските, политичките и воопшто општествените текови; влијанието врз демократските системи, врз функционалноста на големите мултилатерални сојузи; глобализацијата и судирот на придобивките и предизвиците итн. За вистинска проценка на овие трендови, за влијанието кое оваа епидемија ќе ја има врз општествените текови, сепак ќе мора да ја почекаме и суштинската завршница во справувањето со корона вирусот, нејзиното времетраење, нејзината длабина на ширење, успехот во откривањето на лек, на вакцина итн. Сепак, во општествена смисла заканата е веќе сериозна, нејзиното влијание веќе се чувствува и тоа неминовно ќе остави трага и врз генерациите кои сега се формираат.

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top