Општество
ОДИМЕ НА ИЗБОРИ: ПРОГРАМА НА ПАРТИЈАТА НА УМЕРЕНИОТ НАПРЕДОК ВО ГРАНИЦИТЕ НА ЗАКОНОТ

Горан Петревски
Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Чешкиот писател Јарослав Хашек бил голем боем, со други зборови – пијаница, шегобиец итн. Пролетта 1911 година, во прашкото предградие Винохради биле распишани дополнителни парламентарни избори. Во таа прилика, Хашек и неговите другари од кафеаната решиле да си поиграат мајтап со изборниот процес така што формирале фиктивна политичка партија која ја нарекле Партија на умерениот напредок во границите на законот. Уште од името на партијата читателите можат да го согледаат урнебесниот хумор на Хашек, кој често се граничел со идиотизам, но сепак, од генијален тип. Имено, неговата партија се залагала за општествен напредок, но умерен (што би рекле денес, одржлив), плус напредокот да биде во границите на законот! Се разбира, партијата на Хашек не била официјално регистрирана, но сепак, неговото друштво направило симулација на изборниот процес. Притоа Хашек бил определен за кандидат на партијата и тој активно се вклучил во изборната кампања така што во кафеаната одржал низа политички говори, исполнети со хумор и импровизација.

Како голем љубител на хуморот, решив да го следам примерот на легендарниот чешки писател и си направив своја (измислена) политичка партија и си зедов слобода да го присвојам името на Хашековата партија. Исто така, бидејќи немам пари за изборна кампања, програмата на мојата партија накусо ќе ја претставам во оваа статија.

Значи, почитувани граѓани, дами и господа, браќа и сестри, дозволете најпрвин да ја изложам политичката програма, а потоа ќе је претставам и економската. Како човек кој верува во слободата на поединецот и во неговото „природно“ право да одлучува за својот живот, по освојувањето на власта, мојата партија ќе спроведе радикална реформа на политичкиот процес во насока на воведување на непосредната демократија. Со други зборови, драстично ќе бидат ограничени надлежностите на парламентот и особено на владата, а тоа ќе биде направено на два начина: прво, непосредно одлучување и второ, воведување уставни правила. Имено, речиси за сите прашања ќе се одлучува на референдум, а останатите прашања ќе бидат регулирани со цврсти уставни правила. На тој начин, владата нема да има за што да одлучува, туку таа ќе биде сведена на вистински извршен орган кој само оперативно ќе ги спроведува одлуките на гласачите.

КАКО ЧОВЕК КОЈ ВЕРУВА ВО СЛОБОДАТА НА ПОЕДИНЕЦОТ И ВО НЕГОВОТО „ПРИРОДНО“ ПРАВО ДА ОДЛУЧУВА ЗА СВОЈОТ ЖИВОТ, ПО ОСВОЈУВАЊЕТО НА ВЛАСТА, МОЈАТА ПАРТИЈА ЌЕ СПРОВЕДЕ РАДИКАЛНА РЕФОРМА НА ПОЛИТИЧКИОТ ПРОЦЕС ВО НАСОКА НА ВОВЕДУВАЊЕ НА НЕПОСРЕДНАТА ДЕМОКРАТИЈА. СО ДРУГИ ЗБОРОВИ, ДРАСТИЧНО ЌЕ БИДАТ ОГРАНИЧЕНИ НАДЛЕЖНОСТИТЕ НА ПАРЛАМЕНТОТ И ОСОБЕНО НА ВЛАДАТА, А ТОА ЌЕ БИДЕ НАПРАВЕНО НА ДВА НАЧИНА: ПРВО, НЕПОСРЕДНО ОДЛУЧУВАЊЕ И ВТОРО, ВОВЕДУВАЊЕ УСТАВНИ ПРАВИЛА

Втората голема политичка реформа се однесува на спроведувањето тотална децентрализација со која речиси сите јавни услуги (се разбира, и речиси сите даноци) ќе бидат пренесени на општините. На тој начин ќе се олесни примената на непосредната демократија и дополнително ќе се скрати просторот за одлучување од страна на владата. Со помош на овие реформи, граѓаните ќе го преземат политичкиот процес во своите раце, но истовремено ќе ја преземат и одговорноста за своите одлуки.

Во тесна врска со политичката реформа, мојата партија ќе преземе радикално намалување на јавниот сектор. Тоа значи дека ќе бидат приватизирани сите активности кои може да ги извршува приватниот сектор и така централната и локалната власт ќе ги обезбедуваат само оние услуги кои претставуваат јавни добра, заедно со коригирањето на екстерналиите (на пример, заштитата на животната средина, дел од патиштата итн.). Притоа поимите јавни добра и екстерналии ги сфаќам во многу рестриктивна смисла на зборот. На пример, културата и голем дел од образованието и здравството не се ниту јавни добра ниту екстерналии и, соодветно на тоа, ќе бидат пренесени на приватниот сектор.

Како што може да се забележи, мојата партија ќе спроведе драстично намалување на улогата на државата. За почеток, во рок од еден месец по изборите, ќе бидат отпуштени сите оние кои биле вработени во јавниот сектор шест месеци пред или шест месеци по изборите (се мисли на сите општи и локални избори од 1994 година наваму). Потоа, до крајот на годината ќе се спроведе снимање на работните места, заедно со независно тестирање на вработените, па ќе бидат отпуштени и останатите неработници. Најпосле, онака како што ќе се укинуваат работните места во јавната администрација, така дополнително ќе се намали јавната администрација. Со тоа ем ќе се зголеми економската ефикасност (продуктивноста на трудот) ем сите граѓани ќе бидат ставени во еднаква положба (секој ќе мора самостојно да си најде работа во приватниот сектор и секој ќе мора да работи за да земе плата).

(фото: http://politicalyouthnetwork.org/)

Во согласност со планот за намалување на јавниот сектор, веднаш ќе бидат укинати сите субвенции за земјоделството кои не се ништо друго освен бесмислено расфрлање на ресурсите. Понатаму, до крајот на годината ќе бидат укинати бројни министерства, секретаријати, агенции и јавни претпријатија како: министерствата за земјоделство, за култура, за локална самоуправа (???), за правда, за информатичко општество и администрација (???), за политички систем и односи меѓу заедниците (???), секретаријатите за евроинтеграции и за рамковниот договор (???), агенциите за вработување, за спречување на корупцијата, за млади и спорт (???), за администрација, за аудиовизуелни медиумски услуги (???), за слободен пристап до информации, МРТ, македонските железници, Бирото за образование и многу други. Министерството за здравство (амбулантите и болниците ќе бидат во надлежност на општините) ќе се спои со Фондот за здравство; ќе се дефинира пакет на услуги кој ќе биде покриен од државата, а останатите здравствени услуги ќе се плаќаат приватно; ќе се укинат градинките и државните универзитети (високото образование целосно ќе се приватизира); ќе се приватизираат установите од културата. Се разбира, ако општините имаат желба и пари да финансираат некои установи, слободно ќе може да го прават тоа.

Децентрализацијата, дерегулацијата и намалувањето на јавниот сектор ќе предизвикаат големи последици за јавните финансии. Во оваа област, мојата партија ќе исполни две големи изборни ветувања: прво, за почеток, најмалку половина од јавната администрација ќе биде отпуштена од работа, со јасен план тој број да се зголеми во иднина; второ, намалената јавна потрошувачка ќе придонесе за драстично намалување на даноците. Во согласност со примената на уставните правила, секоја година државниот буџет ќе биде во рамнотежа, т. е. тековните расходи ќе мора да бидат еднакви на даночните приходи, а капиталните расходи ќе се финансираат преку задолжување. Се разбира, за секоја јавна инвестиција ќе биде организиран референдум на кој гласачите (најчесто на локално ниво) ќе одлучуваат не само за нејзиното преземање туку и за финансирањето.

ГОРЕНАВЕДЕНИТЕ РЕФОРМИ ЗНАЧАТ ПОЧЕТОК НА ИЗГРАДБАТА НА ОПШТЕСТВО ВО КОЕ ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕМА ДА ИМААТ НИКАКВА МОЌ; ПОЕДИНЕЦОТ СЛОБОДНО ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА СВОЈАТА СУДБИНА, НО ИСТОВРЕМЕНО ЌЕ БИДЕ ЦЕЛОСНО ОДГОВОРЕН ЗА СВОЈАТА ИДНИНА; СИТЕ ЌЕ БИДАТ ЕДНАКВИ ПРЕД ЗАКОНИТЕ И ЗА ОДНОСИТЕ МЕЃУ ЛУЃЕТО ЌЕ ОДЛУЧУВААТ ЗАКОНИТЕ, А НЕ ВЛАСТА. НА КУС РОК, НАВЕДЕНИТЕ РЕФОРМИ ЌЕ БИДАТ БОЛНИ (ПРЕТЕЖНО ЗА НЕРАБОТНИЦИТЕ, ЗА НЕСПОСОБНИТЕ И ЗА ХОХШТАПЛЕРИТЕ), НО НА ДОЛГ РОК ЌЕ ОБЕЗБЕДАТ „НАПРЕДОК ВО ГРАНИЦИТЕ НА ЗАКОНОТ“. НА ИЗБОРИТЕ ВО 1911 ГОДИНА, ХАШЕКОВАТА ПАРТИЈА НА УМЕРЕНИОТ НАПРЕДОК ВО ГРАНИЦИТЕ НА ЗАКОНОТ ОСВОИЛА САМО 38 ГЛАСА. ШТО МИСЛИТЕ, КОЛКУ ГЛАСОВИ ЌЕ ОСВОИ МОЈАТА ПАРТИЈА – ДЕСЕТ, ПЕТ, ДВА, ЕДЕН?

Во областа на монетарната политика, веднаш по доаѓањето на власт, мојата партија ќе го укине денарот и него ќе го замени со еврото (унилатерално, без одобрение на ЕУ). Ваквиот чекор ќе биде логично продолжение на сегашниот режим на фиксен девизен курс кој не претставува ништо друго туку де факто употреба на странската валута. Всушност, единствениот аргумент во полза на задржувањето на сопствената валута е можноста за автономна монетарна политика. Меѓутоа, во денешниот глобализиран свет (сетете се дека мојата партија ќе спроведе целосна дерегулација и либерализација во сите области), илузија е да се верува дека малите земји се способни да водат автономна политика, а со тоа отпаѓаат сите аргументи зошто би имале сопствена валута. Впрочем, имајќи предвид дека сме кандидат за членство во ЕУ, секако нема да имаме своја валута. Се разбира, замената на денарот со еврото значи дека ќе биде укината и централната банка. Нејзините сметководствени работи ќе бидат пренесени во Заводот за статистика, а супервизијата ќе биде префрлена во посебна агенција.

Горенаведените реформи значат почеток на изградбата на општество во кое политичарите нема да имаат никаква моќ; поединецот слободно ќе одлучува за својата судбина, но истовремено ќе биде целосно одговорен за својата иднина; сите ќе бидат еднакви пред законите и за односите меѓу луѓето ќе одлучуваат законите, а не власта. На кус рок, наведените реформи ќе бидат болни (претежно за неработниците, за неспособните и за хохштаплерите), но на долг рок ќе обезбедат „напредок во границите на законот“. На изборите во 1911 година, Хашековата Партија на умерениот напредок во границите на законот освоила само 38 гласа. Што мислите, колку гласови ќе освои мојата партија – десет, пет, два, еден?

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020 г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top