Интервјуа
ТЕХНОЛОГИЈАТА Е АЛАТКА КОЈА ТРЕБА ДА ИМ СЛУЖИ НА ЛУЃЕТО

Никола Љушев
главен извршен директор, Македонски Телеком

За почеток, кои се актуелните глобални трендови во телекомуникацискиот бизнис?

Н. Љушев: Денес веќе не може да се зборува за трендови само во телекомуникации, бизнис, транспорт, трговија... Се наоѓаме пред најголемиот пресврт во технологијата што ќе го трансформира и ќе го смени секој бизнис, секоја индустрија, нашето општество и начинот на живот. Научната фантастика станува научен факт, а дигитализацијата е глобален тренд кој ги афектира сите сфери на нашето секојдневие. Се наоѓаме пред нова индустриска револуција која може да доведе и до сосема нова насока на самата еволуција преку комбинирање на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Дигиталните иновации носат голем потенцијал да бидат алатка со која ќе се справиме со глобалните предизвици на модерното време како што се пренаселеноста, климатските промени, еколошките катастрофи... Но, носат и предизвици. Живееме во многу интересно време во кое ќе треба брзо да се адаптираме, но и да донесеме клучни одлуки кои ќе влијаат на тоа во каков свет ќе живееме.

Секако, дигитализацијата е глобален тренд и една од најактуелните теми денес. Кои се плановите на Македонски Телеком во тој поглед?

Н. Љушев: Иако е најчесто употребуван збор последниве години, да бидеме јасни – не е дигитализација ако имате веб-страница или онлајн продажба. Станува збор за многу покомплексен процес. Ние работиме на ова поле во повеќе насоки: инвестираме во технологија, иновации и 5G-мрежата која ќе биде основен елемент на самата дигитализација. Работиме внатре на трансформација на компанијата со поедноставување на процесите, децентрализација, едукација на вработените. Одамна помина времето кога телеком-операторите беа само даватели на услуги... Наша стратешка определба е да бидеме партнер за дигитализација на бизнисите, на компаниите, но и како еден од главните чинители во општеството – партнер за дигитализација на целото општество. Од друга страна, имаме морална обврска како компанија која е носител на дигитализацијата да поставиме прашања, да отвориме дебати за вистинскиот начин на користење на технологијата која, сепак, е само алатка која треба првенствено да им служи на луѓето.

Се крена многу прав за 5G-технологијата. Дали се оправдани гласовите?

Н. Љушев: Сосема е нормално кога се воведува нешто ново да има скептицизам и да има полемики. Истото тоа се случувало кога е изумена парната машина... Не велам дека треба без разум да прифатиме сè што е ново, но исто така не треба без резерва да им веруваме на сите гласови кои сега, во времето кога сè е поврзано, кружат со брзина на светлината. Секако, треба да се направат сите потребни мерења за да се почне со новата технологија. Во декември минатата година, АЕК спроведе мерења на нејонизирачко зрачење на 5G-мрежата и резултатите покажаа дека вредностите се многупати помали од дозволените гранични вредности од претходниот период, а и пониски од дозволената гранична вредност.

Колку Телеком е подготвен за оваа технологија?

Н. Љушев: Подготовките за 5G-технологијата подразбираат изградба на сосема нов екосистем и мултимилионски инвестии на што работиме посветено неколку години наназад како најголем приоритет. Уште во 2017 година почнавме со надградба на 4G-мрежата, во 2018 година ја направивме првата демонстрација на 5G-брзини во земјава и преку партнерство со ФЕИТ им овозможивме на студентите да ја тестираат оваа технологија во лабораториски услови. Истовремено интензивно работиме на ширење на оптичката мрежа со план за опфаќање на нови 24 000 домаќинства кои ќе можат да се поврзат на оптика оваа година. Минатата година ги поставивме првите 5G-базни станици во центарот на Скопје, што ни овозможи за прв пат тестирање на 5G-технологијата во реални услови. Годинава планираме тестирање на: VR (Virtual Reality) 3600 видео во живо, VR gaming во реално време, ultra-HD multi video streaming итн. Со овие тестирања ќе се подготвиме за комерцијалната фаза кога ќе се создадат соодветни предуслови и ќе се постигне пазарна зрелост.

ТЕХНОЛОГИЈАТА НИ Е ПОВЕЌЕ ОД ПОТРЕБНА. СВЕТСКАТА ПОПУЛАЦИЈА СЕКОЈА ГОДИНА СЕ ЗГОЛЕМУВА ЗА НАД 80 МИЛИОНИ ЛУЃЕ, ЕКОЛОШКИТЕ КАТАСТРОФИ ВЕЌЕ НИ СЕ СЕКОЈДНЕВИЕ. САМО СО ПОМОШ НА ТЕХНОЛОГИЈА МОЖЕМЕ ДА ПРОИЗВЕДЕМЕ ДОВОЛНО ХРАНА, ДА ОБЕЗБЕДИМЕ ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА, А ИСТОВРЕМЕНО ДА ПРЕЗЕМЕМЕ ПРЕВЕНТИВНИ МЕРКИ ЗА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

Што ќе ни донесе оваа технологија на долг рок?

Н. Љушев: Роботика, вештачка интелигенција, вирутелна реалност..., машини што ќе комуницираат со други машини, автономни возила, дијагностика на далечина, земјоделие управувано со дронови, превенција на елементарни непогоди... и уште многу нешта кои сѐ уште не можеме да ги предвидиме. Оваа технологија има огромен потенцијал во полето на медицината каде што може да донесе квантен скок и да ги надмине предизвиците со кои како човештво се соочуваме. Традиционалната дијагностика може да биде заменета со дијагностика на далечина, вградени чипови можат да ги забележат и најмалите промени во нашиот организам, операции да се вршат на далечина. И не зборуваме за далечна иднина – првата операција на далечина веќе е изведена во Кина, во март минатата година, операција на мозок на пациент кој боледува од Паркинсонова болест, каде што хирургот беше оддалечен 3 000 км од пациентот кој, поради болеста, не беше во можност да патува. Дигитализацијата има потенцијал да ги подобри сите сфери на животот, но како и сите големи промени во историјата на човештвото со себе носи закани кои можат да го свртат потенцијалот на сосема друга страна.

Кои се според Вас најголемите закани од злоупотреба на технологијата?

Н. Љушев: Самата технологија не е закана, таа никогаш не е детерминистичка, заканата лежи во начинот на кој ќе ја искористи човекот. Вештачката интелигенција и биотехнологијата ќе го трансформираат светот, но начинот на кој можеме да ги ползуваме може да создаде похумано инклузивно општество или целосен тоталитаризам. Една од најголемите закани е нееднаквоста – односно моќта на технологијата да биде во рацете на неколкумина привилегирани. Вештачката интелигенција може да се искористи подеднакво и за рано детектирање на болести и за автономни воени роботи. Затоа ни треба етика, односно правила за одговорно користење на технологијата повеќе од кога било. Ова е глобален проблем и не е ексклузивно прашање на една компанија, држава или индустрија. Генерално исправени сме пред три големи предизвици: како да преземеме превентивни мерки за еколошките катастрофи/климатските промени, како да ја решиме нееднаквоста меѓу луѓето и како да ја регулираме моќта на технологијата.

Технологијата може да се користи за решавање на овие проблеми...

Н. Љушев: Само така и можеме да излеземе на крај со овие предизвици. Технологијата ни е повеќе од потребна. Светската популација секоја година се зголемува за над 80 милиони луѓе, еколошките катастрофи веќе ни се секојдневие. Само со помош на технологија можеме да произведеме доволно храна, да обезбедиме здравствена заштита, а истовремено да преземеме превентивни мерки за климатските промени. Автономни возила, роботи кои ќе произведуваат храна, паметни градови, дронови во земјоделието..., но сето тоа во служба на човекот. И ова е многу важна стратешка определба на Телеком – да бидеме носители на дигиталната трансформација, но секогаш да ги ставаме иновативните технологии во служба на луѓето.

САМО ВРЗ ОСНОВА НА УСПЕШНАТА ПРИМЕНА НА УСЛУГИТЕ НА ДИГИТАЛНА ИДЕНТИФИКАЦИЈА, ЗЕМЈИТЕ ВО РАЗВОЈ МОЖАТ ДА СМЕТААТ НА РАСТ НА БРУТО-ДОМАШНИОТ ПРОИЗВОД ОД 6 ДО 13 % НА ГОДИШНО НИВО, ШТО Е ИМПОЗАНТНО, ОСОБЕНО ЗА ЗЕМЈА КАКО НАШАВА, КОЈА РАСТ НАД 10 % БИ ЈА ОДВЕЛ СО МНОГУ ПОГОЛЕМА БРЗИНА КОН РАЗВИЕНИТЕ ЕВРОПСКИ ЕКОНОМИИ

Во светот веќе се работи на паметни решенија за одржливост на градовите. До каде сме ние во тој поглед?

Н. Љушев: Иако веќе има имплементирано решенија како што е системот за градски превоз „паметен транспорт“ што е решение на Телеком, потребен е посеопфатен пристап што ќе направи вистинска промена. Неодамна го направивме првиот поголем чекор кон паметни градови, општините Македонска Каменица и Чешиново – Облешево ќе станат првите општини во земјава со паметно улично осветлување. Ова решение ќе донесе подобра осветленост на улиците и јавните места за 60 %, намалување на сметките за електрична енергија до 80 % и најважното: намалување на штетните емисии на јаглерод диоксид во воздухот. Но, ова е само прв чекор... Доколку се воведат повеќе вакви решенија, но и доколку сите општини ги воведат, ќе се оптимизираат градските ресурси, ќе се намалат трошоците, граѓаните ќе имаат подобри услуги, поголема безбедност, ќе се заштити животната средина и со сето тоа ќе се подобри квалитетот на живот.

Дали воопшто сме подготвени за дигитализација?

Н. Љушев: Дигитализацијата е процес кој треба заедно да го сработиме сите чинители во општеството: големите компании, малите бизниси, институциите, администрацијата, новите стартапи, младите луѓе... Ние ја имаме технологијата со која може да се направи тој пресврт. Имаме можност да ги поставиме темелите на македонското е-здравство, е-образование, е-администрација. Доколку се спроведе како што треба, дигитализацијата ќе донесе огромна општествена и економска промена и раст. Но, економскиот бенефит е само дел од придобивките. Сите добро знаеме со какви проблеми се соочуваме, а технологијата може да ни помогне да имаме почист воздух, подобро да ги користиме ресурсите, но и да заработуваме од нив. Со помош на паметни решенија да го водиме земјоделството, да правиме вино или да произведуваме мед... Ги имаме сите елементи, најтешкиот дел е да научиме да работиме заедно, за иста цел.

Новото време носи и значително зголемени ризици за сигурноста на податоците и нивниот трансфер. Како ќе се справиме со овој предизвик?

Н. Љушев: Во време кога податоците се најголемото богатство, нивната заштита треба да биде приоритет. Јувал Харари, еден од најголемите мислители на нашето време, кога зборува за заканите од злоупотреба на технологијата вели дека токму незаштитените податоци се најранливи – не ти требаат војници кога ги имаш податоците. Затоа е многу важно да се мисли на оваа тема уште пред процесот на креирање продукти, апликации и високотехнолошки солуции. Исто така е многу важно кога се дигитализираат помалите бизниси да го земат предвид фактот дека без соодветни познавања и процесна доверливост, особено без највисоки стандарди на информатичка заштита, дигитализацијата може да донесе ризици со кои би можеле да се загрозат бизнис-процесите и операциите, а и најважното – самите крајни корисници. Но, ова не значи дека треба да се плашиме од дигитализација, само треба сигурноста и заштитата да ги поставиме како највисок приоритет.

Дигитализацијата ќе влијае и на работните процеси и на пазарот на трудот, голем број работни позиции што ги имаме денес нема да бидат потребни. Какви се Вашите планови?

Н. Љушев: Со дигитализацијата одредени работни позиции ќе исчезнат, но ќе се создадат и сосема нови. Само оние компании кои холистички пристапуваат кон дигиталната трансформација во сите пори на своето работење се навистина успешни и тие ќе создадат трајна конкурентска предност. Предуслов за тоа е континуирано зголемување на концентрацијата на вработени кои имаат дигитални вештини, дел од нив ќе дојдат однадвор, дел преку надградба на постојните вработени со нови знаења за да може да ги пресретнат новите очекувања и предизвици. Во рамките на Дојче Телеком групацијата се посветува огромно внимание на постојано надградување и учење на нови вештини преку онлајн обуки за професионален, но и личен развој, имаме онлајн платформи за работа во интернационални тимови итн., што е во согласност со потребите на луѓето кои работат во дигиталното време. Но, треба да сме свесни дека веќе нема да има „сигурни“ професии. Способноста да се адаптираме на промените и да учиме постојано и брзо нови работи е единствениот начин да останеме во игра.

Која е Вашата стратегија да останете конкурентни на пазарот?

Н. Љушев: Само до пред неколку години одговорот на ова прашање ќе беше технолошка супериорност и иновативни продукти. Не дека и сега не е важно, без премиум мрежа и технологија – брзо ќе паднете. Но, денес тоа повеќе не е доволно. За да останете на пазарот, не наредниве неколку години, туку наредниве 20, 30 години потребно е да имате стратегија за постигнување на долгорочна одржливост која се состои од два чинитела. Првиот елемент е интерната трансформација на компанијата во три сегменти – консолидација на продукциските можности, зајакнување на работната сила со дигитални вештини, дигитализација на севкупното работење – што ќе донесе агилност, ефективност и трошковна ефикасност. Вториот исклучително битен чинител за корпоративниот успех е насочување на сите активности кон крајната цел да бидеме ценети од општеството – корисниците, вработените, акционерите и авторитетите во државата. Треба да обезбедиме најдобри податочни услуги по прифатливи цени за да го задоволиме гладот за интернет, да обезбедиме едноставно и воедно богато корисничко искуство, да ја зголемиме продуктивноста на нашите бизнис-клиенти помагајќи им да се дигитализираат. Тоа воедно значи и да имаме активна улога во намалувањето на дигиталниот јаз, да бидеме одговорни кон животната заедница, да создадеме дигитална компанија во која најдобрите таленти од иднината ќе сакаат да работат... Стратегијата на долгорочна одржливост е одговорност во сите сфери на нашето дејствување, но и покренување иницијативи за создавање хумано дигитално општество.

Кои конкретни активности ги презематe за да останете одржливи?

Н. Љушев: Прво, како голема компанија одговорни сме директно да влијаеме на намалување на емисијата на штетни гасови: на ниво на Дојче Телеком групацијата, нашата цел за 2020 година е намалување на емисиите на CO2 за дури 20 %. На подолг рок имаме таргет да користиме само електрична енергија од обновливи извори до 2021 година. Во таа насока ги ангажираме и вработените кои преку интерна апликација можат да видат како нивните навики влијаат на намалување на емисиите на CO2.
Работиме на зголемување на бројот на сензори кои го мерат нивото на загадување на воздухот во соработка со надлежните институции и научни установи, поддржуваме и идејни решенија за прочистување на воздухот, работиме на решенија за паметен град. Постојано ја надоградуваме мрежата и нудиме иновативни услуги и продукти за корисниците да бидат поврзани секогаш и секаде и да ги имаат сите придобивки на новото време. Но, покренуваме и иницијативи за инклузивно дигитално општество. Годинава, во партнерство со УНИЦЕФ, вклучивме млади тимови во креирање на дигитални решенија за деца и млади со попреченост. Во моментов имаме финалисти и решенија како: бионичка рака, паметна количка, инклузивно мени... Младите се исклучително паметни, само треба да им се даде шанса.

СО ЗАДОВОЛСТВО МОЖАМ ДА ЗАКЛУЧАМ ДЕКА СМЕ НА ВИСТИНСКИОТ ПАТ ЗАШТО ГИ НАДМИНАВМЕ ПОСТАВЕНИТЕ ЦЕЛИ И ИМАМЕ РАСТ ВО СИТЕ ПРОДУКТНИ И ПАЗАРНИ СЕГМЕНТИ, РАСТАТ ВКУПНИТЕ ПРИХОДИ, ОПЕРАТИВНАТА ДОБИВКА, ШТО ДОНЕСЕ КАКО КРАЕН РЕЗУЛТАТ ЗГОЛЕМЕНА НЕТО-ДОБИВКА ОД ДУРИ 6,3 %

Според Вас, кои дигитални решенија или процеси би биле клучни за развој на нашево општество?

Н. Љушев: Пред сè, кога се размислува за дигитализација, таа треба да се темели на стабилна, напредна мрежна инфраструктура со напредни безбедносни решенија, што е клучно во усвојувањето на cloud first политиката која значи префрлање на целото работење на „облак“. Сметам дека овој чекор би нè однел многу напред на патот кон дигитализацијата како општество, како и решенијата за паметни градови, кои можат да бидат поставени на таа „облак“ платформа. Особено се важни и услугите за дигитална идентификација кои се т.н. извод на родени во дигиталниот свет. Само врз основа на успешната примена на услугите на дигитална идентификација, земјите во развој можат да сметаат на раст на бруто-домашниот производ од 6 до 13 % на годишно ниво, што е импозантно, особено за земја како нашава, која раст над 10 % би ја одвел со многу поголема брзина кон развиените европски економии.

Како ја затворивте финансиски минатата година, што покажаа резултатите од 2019 година?

Н. Љушев: Со задоволство можам да заклучам дека сме на вистинскиот пат зашто ги надминавме поставените цели и имаме раст во сите продуктни и пазарни сегменти, растат вкупните приходи, оперативната добивка, што донесе како краен резултат зголемена нето-добивка од дури 6,3 %. MaxTV е повторно телевизија број еден на пазарот со зголемување на базата на корисници од над 6 %, а позитивниот тренд се повторува во сите сегменти: интернет, телевизија, постпејд мобилни и фиксни услуги. Трендот на сè поголем интернет-сообраќај продолжува, расте и бројот на корисници на широкопојасен интернет кој, во споредба со лани, е зголемен за 4 %. Позитивните резултати ќе бидат основа за да продолжиме со инвестиции во инфраструктурата и да поставиме цврста основа за дигитализација.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020 г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top