Општество
ЧЕКАЈЌИ ГО ПИКОТ

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Чекајќи го пикот на кризата, не ни преостанува ништо друго освен да чекаме. И да се заштитиме самите себеси и другите седејќи дома. На 20 март 2020 година, нашето општество изгледа релативно прибрано, мерките на Владата изгледаат разумно и смирувачки, охрабрени сме од релативно добрата бавна динамика со која се шири вирусот во рамките на нашите граници. Сочувствуваме со нашите сограѓани од Дебар и од Центар Жупа и се надеваме дека ќе избегнеме катастрофално сценарио. Оваа перцепција, макар да е и само перцепција, е многу важна за да го одржи општиот дух на нацијата. Чекајќи и дочекувајќи го пикот, можно е сето ова да се распрсне во агонична состојба на броење на жртвите, но ова општество дејствува подготвено да ги прегрми и лошите сценарија. Сепак, надежта дека ситуацијата нема да експлодира и дека ете баш ние ќе бидеме поштедени не е доволно добра превентивна мерка. Аскетско следење на препораките на Владата и на науката се најдоброто оружје во оваа нерамноправна борба.

Сите полека разбираме дека оваа криза темелно ќе ни ги промени животите и ретко кој се осмелува да даде сеопфатна визија за светот по корона кризата. Всушност, се работи за собирање и залепување на ситните парчиња од големото искршено огледало кое постојано ни го прикажуваше светот како најдобар од сите можни светови (Лајбниц) и оптимизмот кој кога се практикува во некритични дози станува грев кон знаењето. Денес, во екот на песимизмот и апокалиптичните сценарија кои дуваат од сите страни на светот, време е да бидеме вистински оптимисти и да ги извлечеме поуките од некритичкиот оптимизам, да го препознаеме лажниот мир на неделното утро (Штулиќ) и да ги извлечеме најдобрите можни поуки од сето ова.
Во моментов, на првата линија на фронтот се издвојуваат две важни теми: самата борба против корона вирусот и борбата против лажните вести. Третата тема, која уште сега јасно ги исцртува сопствените морничави контури е економијата и спасувањето на светскиот економски поредок. Четврти, петти, шести теми ќе се појават секако подоцна, некои од нив дополнително ќе ни ги променат животите, но нивните импликации ќе ги осознаваме подоцна.

ДРЖАВАТА Е ТАА КОЈА СЕ ГРИЖИ ЗА ЕВЕНТУАЛНАТА НЕГРИЖА НА ПОЕДИНЕЦОТ, АКО ТРЕБА И СО ДЕКРЕТ. ДРЖАВАТА И ИНСТИТУЦИИТЕ НА СИСТЕМОТ ИМААТ НАЈГОЛЕМА МОБИЛИЗИРАЧКА МОЌ, НАЈМНОГУ РЕСУРСИ, РАСПОЛАГААТ СО РЕПРЕСИВЕН АПАРАТ И ЈА ИМААТ ТАА ПРИВИЛЕГИЈА ДА ЈА ГЛЕДААТ МАКРО СЛИКАТА НАСПРОТИ НАШИТЕ ПАРТИКУЛАРНИ МИКРО АНАЛИЗИ И ФБ-НАГАЃАЊА

БОРБАТА СО ВИРУСОТ
Кога на луѓето ќе им се остави избор меѓу нарушување на приватноста и здравјето, тие обично го избираат здравјето. Државата, власта, носителите на моќ во едно општество се тие кои во вакви ситуации се повикани да одлучуваат во име на граѓанинот кој, немоќен самиот да се справи со големи предизвици, го препушта својот сопствен суверенитет на некој друг, т. е. на државата. Оттаму и потребата за вонредна состојба, без разлика дали таа е уставно втемелена или доаѓа како природна реакција на голема надоаѓачка катастрофа. Државата е таа која се грижи за евентуалната негрижа на поединецот, ако треба и со декрет. Државата и институциите на системот имаат најголема мобилизирачка моќ, најмногу ресурси, располагаат со репресивен апарат и ја имаат таа привилегија да ја гледаат макро сликата наспроти нашите партикуларни микро анализи и ФБ-нагаѓања.

Логички доаѓаме до едно од клучните прашања за една држава: ефикасноста. Кој е поефикасен, особено во кризни ситуации? Тоталитарните општества и авторитарните држави или развиените демократии кои три пати мерат, а ретко сечат; прашуваат, а не дејствуваат; се консултираат, а не одлучуваат... Дали тоталитарните општества со подобро екипирани за ваков вид трагедии? Логично е да се претпостави дека силна држава со цврста рака може полесно и поефикасно да менаџира, да реалоцира, да казнува и да спречува. Кина е веројатно еден таков пример, вонредните состојби во дузина демократски држави се друг пример на цврста рака и полициски час. Сепак, цената која може да ја испорача таквото менаџирање обично е многу висока и се провлекува со децении потоа. Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев не чекаше многу: пред една недела предупреди дека вонредната состојба може да значи и апсење и супресија на петоколонашката опозиција во Азербејџан која, по секоја цена, се труди корона кризата да ескалира. Вакви испади со различни амплитуди може да се очекуваат и во демократиите во светот, почнувајќи од онаа најважната, американската.

На тоталитарниот принцип на владеење и надзор (веројатно нужен во кратки временски периоди за време на експлозија на заразата) мора да му се спротивстави принципот на зајакнување на граѓаните и преземање на лична, граѓанска одговорност на секој поединец во општеството. Развиените демократии (и секако оние кои се богати држави) можат и ќе развијат демократски механизми за подобро справување со вакви кризи бидејќи ги вклучуваат граѓаните и се елементарно свесни за потребата да ги вклучат и за нивото на одговорност кое го имаат самите влади пред неговото височество: граѓанинот. Но, сегашнава криза покажува колку е всушност тенка линијата кога некои од најразвиените демократии (Холандија, Велика Британија) се воздржуваат да ги ограничат правата на граѓаните во моменти на голема и иминентна опасност, не препознавајќи ја опасноста која надоаѓа.

МОТИВИТЕ НА ВЛАСТА ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА МОРА ДА БИДАТ СТОПРОЦЕНТНО ЧИСТИ, БЕЗ СКРИЕНИ НАМЕРИ, БЕЗ ОБИДИ ДА СЕ ПРОФИТИРА ОД КРИЗАТА НА КОЈ БИЛО НАЧИН. ТАКВИОТ ПРИСТАП ЌЕ ИМ ОВОЗМОЖИ НА ВЛАСТИТЕ ВИСОКА ДОВЕРБА ОД СТРАНА НА ЈАВНОСТА И ПРЕТСТАВУВААТ РЕЦЕПТ ЗА ДОЛГО ВЛАДЕЕЊЕ И ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА КРИЗАТА

Пандемијата, неочекувано, нѐ учи и на нешто друго кое не сме го знаеле досега. А тоа е дека општествата, нациите, градовите, семејствата се затвораат и се изолираат и не покажуваат порив и потреба за солидарно надминување на кризата. Епидемиите од различен тип (земјотреси, цунами, ебола, сарс и слично) даваа некаква лажна слика дека светот е обединет и солидарен кон оние кои се наоѓаат во жариштето на епидемијата. Пандемијата, која е сеопфатна и ги опфаќа сите, ни го замаглува чувството на солидарност, на споделување на искуства, споделување на ресурси итн. Примерот со Италија и несолидарноста која ја покажа Европската Унија кон неа, Доналд Трамп и неговата парола „Америка прва!“, илјадниците респиратори кои гувеат неупотребени во многу неафектирани држави и дузина други примери покажуваат дека националната (која потоа редовно преминува во националистичка) изолација има приоритет пред каква било замислена и посакувана глобална солидарност. Пандемијата беше вистинскиот тест за (не)успешноста на светската солидарност. Светот овојпат тој тест не го положи. Иако сите симулации покажуваат дека доколку државите меѓусебно покажеа поголем степен на доверба и на соработка, пандемијата ќе можеше да се држи под контрола. Штета. Но, корисно е да се знае за бескорисноста од лажните огледала низ кои се гледаме во наплив на оптимизам.

БОРБА ПРОТИВ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ
Вистината и нејзиниот најдобар емисар, науката, изминативе години доживеаја невиден пад на кредибилноста. Денес, кога искуствено и драматично се соочуваме со последиците од недовербата во науката и препораките на експертите, време е да се вратиме на старите изворишта на знаењето: егзактноста, методолошката ригорозност, образованието. Тоа се вистинските антитела кои можат да го победат напливот на лажни вести или потребата на човекот да верува во лажни вести. Сеедно дали лажните вести доаѓаат од некаков политички центар или се автохтон производ на граѓанинот кој сѐ помалку знае, а живее во илузија дека сѐ повеќе научува.

КАТАСТРОФАЛНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД КОРОНА ВИРУСОТ ДАВААТ НЕСПОКОЕН ОПТИМИЗАМ ДЕКА ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ И НАДРИНАУЧНИЦИТЕ КОНЕЧНО ЌЕ ИМ ОТСТАПАТ МЕСТО НА ВИСТИНСКОТО ЗНАЕЊЕ, ПОМАЛКУ ОБРЕМЕНЕТО ОД ПОПУЛИСТИЧКИ НАПЛИВИ И ПОМАЛКУ ЗАВИСНО ОД ЦЕНТРИТЕ НА МОЌ

Довербата на граѓаните во институциите е клучна состојка на доброто владеење, а таа доверба е директно поврзана со кажувањето на вистината од страна на институциите. Една од најголемите лекции за владите во светот е дека оние кои владеат мораат да ја одржат довербата на граѓаните, а начинот таа да се одржи е само преку кажување на вистината и само вистината, и избегнувањето на манипулации од секаков вид. Мотивите на власта во време на криза мора да бидат стопроцентно чисти, без скриени намери, без обиди да се профитира од кризата на кој било начин. Таквиот пристап ќе им овозможи на властите висока доверба од страна на јавноста и претставуваат рецепт за долго владеење и по завршувањето на кризата.
Катастрофалните последици од корона вирусот даваат неспокоен оптимизам дека лажните вести и надринаучниците конечно ќе им отстапат место на вистинското знаење, помалку обременето од популистички напливи и помалку зависно од центрите на моќ. Враќањето на владеењето на експертите може да доведе и до рецесија на популизмот и до намалување на важноста на „обичниот народ“, таа бесрамна флоскула со која се служат сите популисти. Сознанието дека политиката е важна и не може да биде препуштена секому, дека не е сеедно кој ги креира јавните политики во една држава и на која експертиза и знаење се потпира при нивното креирање, како и масовната еманципација на граѓаните за препознавање и ракување со лажните вести можат да бидат добри насоки за поздраво и поотпорно општество во иднина. Едноставна е дилемата: доколку не-дај-Боже следната година повторно ни се појави некоја ваква слична криза, кому ќе одберете да му верувате? На оние што ве лажеле или на оние кои ви ја говореле вистината?

Конечно, дали заедничкиот невидлив непријател со кој се соочуваме ќе ја намали поларизацијата во нашите општества? Тоа е тешко да се претпостави, но следејќи ги поведенијата на политичките актери во македонското и во останатите општества, се чини дека поларизацијата ќе опстои и понатаму ќе го растргнува политичкиот систем. Поларизацијата секако е една од главните состојки на политиката, но можеби постојаниот потсетник дека човештвото е исклучително фрагилно и недоволно снаодливо при појавата на непознат непријател ќе ги научи политичките елити да бидат (поприземни, повеќе кооперативни и поскромни во своето поведение. Или општествата ќе изнедрат нови елити...

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020 г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top