Општество
ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЌЕ СЕ СООЧИ СО „ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНИ ПРАШАЊА“ ДОКОЛКУ НЕ СЕ ОБЕДИНИ ПРОТИВ КОВИД-19

изјава на француската Државна секретарка за Европски прашања г-ѓа Амели де Моншален дадена во емисијата „Политички прашања“ на француското Радио Интер, за весникот Ле Монд и за национална програмска компанија „France Télévisions“

„Мораме заедно да се подготвиме за излез од кризата“, изјави во недела француската Државна секретарка за Европски прашања г-ѓа Амели де Моншален

(Европската унија ќе се соочи со „егзистенцијални“ прашања, вклучително и за местото на некои од земјите-членки, доколку не излезе обединета од кризата со „Ковид-19“, изјави во недела на 29 март, француската Државна секретарка за Европски прашања г-ѓа Амели де Моншален)

„Секако дека треба заедно да го подготвиме излезот од кризата, закрепнувањето, да се подготвиме за последиците и мора да покажеме дека сме ефикасни со тоа што ќе бидеме заедно“, предупреди г-ѓа Де Моншален во емисијата „Политички прашања“ на француското Радио Интер, за весникот Ле Монд и за национална програмска компанија France Télévisions. Во саботата, поранешниот претседател на Европската комисија Жак Делор предупреди дека недостатокот од солидарност претставува „смртна опасност за Европската унија“.

„Денес опстојуваме и ќе опстоиме заедно само ако бидеме солидарни“, оцени Државната секретарка, осврнувајќи се на мерките донесени заедно од 27-те земји-членки како одговор на здравствената криза и нејзините економски последици, откако помина првиот рефлекс на повлекување во себе.

„Како понатаму ?"

„Европската централна банка отвори програма за поддршка на државите во висина од 750 милијарди евра, што е без преседан. Ги отстранивме правилата на Пактот за стабилност за дефицитите“, истакна таа, повикувајќи се на планот за 40 милијарди евра од Европската комисија.

„Сега се поставува прашањето: како понатаму? И токму во однос на тоа прашање Франција вложува голема енергија за јасно да ставиме до знаење дека нема да се најде излез од кризата доколку секој си остане таму каде што е, повлечен во национални рамки".

Може да се предвидат различни „технички алатки“ за заживување на економијата по кризата, „тоа може да биде европски план за закрепнување, или да се спроведува преку Комисијата“, продолжи таа. „Но, не можеме да се откажеме од оваа солидарност (…). Ако некои мислат дека можат да се ослободат од неа, тоа ќе има големи последици за европскиот проект. „Нашата Европа е Европа на дејствување, на солидарност. И ако некому тоа не му се допаѓа, ќе се покрене прашањето за неговото место во Европа, за сето она што треба да го направиме сите 27 земји-членки и тоа е суштинското и фундаментално прашање“, предупреди таа.

27-те земји членки на ЕУ се согласија во четвртокот, под притисок на Италија, каде пандемијата однесе најмногу животи, да разгледаат посилни мерки во наредните петнаесетина дена, за соочување со најавената рецесија. Германската канцеларка Ангела Меркел се спротивстави на идејата за издавање „коронаобврзници“, како што посакаа француските и италијанските лидери, за да се има заеднички инструмент за долгови како одговор на кризата поврзани со коронавирусот.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top