Е-Б-Ф-Б
ФОРМИРАН КРИЗЕН ШТАБ ВО РАМКИТЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА

Бранко Азески
Претседател на Стопанската комора на Македонија

Стопанската комора на Македонија како најстарата и најголема бизнис-заедница во земјава, по реализирани интензивни контакти со компаниите, со претставниците на власта и со економските експерти изминатата недела презема неколку активности за кои континуирано ве информираме. 

Врз основа на сите тие разговори, одлучив да формирам Кризен штаб во рамките на Комората, кој 24-часовно ќе ја следи состојбата и ќе биде на ваше располагање. Останува функционирањето на службите на СКМ врз основа на мојата наредба издадена истиот ден кога е и прогласена вонредната состојба. Тоа значи дека од денеска преминуваме на работа во вонредни околности на сите нивоа. Одлуката ја донесов од неколку причини. Прво, од сите разговори, сосема ми е јасно дека здравствено-економската криза ќе потрае најмалку уште неколку месеци, за што имав консултации и со нашите пријатели во Европа, меѓу најголемите светски производители и структури во Коморскиот инвестициски форум. Второ, сосема е јасно дека Владата на РМ, која посветено работи на решавање на кризата, во најголем дел е потпрена на нашите ресурси. Трето, состојбата кај вас, членките, е таква што тоа бара од нас 24-часовен ангажман. Токму затоа претседавачот на Собранието м-р Антони Пешев, потпретседателката д-р Елисавета Георгева-Јовевска, главниот советник на Управниот одбор за економски прашања Зоран Јовановски и извршниот директор м-р Биљана Пеева-Ѓуриќ ќе бидат секојдневно достапни за решавање на вашите проблеми. На средба во Владата на највисоко ниво, договоривме дека ќе бидат назначени и неколку лица од Владата, на кои ќе можеме да им се обратиме деноноќно за информации поврзани со решавање на проблемите. Исто така, договорена е и реорганизација на владиниот центар за повици за подобар пристап до него од вас и од вашите вработени.

Исто така, преку Коморскиот инвестициски форум во Трст, испративме писмо до претседателката на Европската комисија, г-ѓа Урсула ван дер Леен, со две барања што ги засегаат земјите од регионот, а тоа се ограничувањето на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји и обезбедувањето дозволи за пристап до зелените коридори на компаниите од Западен Балкан, затоа што ценам дека во моментов најголем проблем е транспортот.

Писмо упатив и до својот колега од Турција, Рифат Хисарчиоглу, претседател на Унијата на турските комори и стокови берзи, во врска со задржувањето на нашите камиони на турските граници. Работевме и на регулирањето на дозволите за непречена работа на компаниите во трета и во четврта смена.

Продолжуваме со уште појако темпо затоа што тоа од нас го барате вие и кризата и, верувајте ми, ќе направам сѐ, покрај првичните неснаоѓања на апослутно невообичаената криза, Комората да профункционира најдобро. 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top