Интервјуа
СО АКВИЗИЦИЈАТА НА ПОРАНЕШНИОТ РИВАЛ ОД СЛОВЕНИЈА СМЕ НА ПАТ ДА СТАНЕМЕ ТРЕТ НАЈГОЛЕМ ПРОИЗВОДИТЕЛ ВО ЕВРОПА

Александар Гечев
сопственик и раководител на Алпос металургија од Шентјур, Словенија и почесен конзул на Република Словенија во РС Македонија

Александар Гечев е еден од ретките луѓе во регионот кој има диплома од King’s College во Лондон каде што има завршено и постдипломски студии по книговодство и финансии. Тој не ја продолжува кариерата во реномираната Стемкор (Stemcor), туку се враќа во Македонија за да помогне во развојот на семејната компанија ИГМ-Трејд. Плод на неговото образование во странство е и купувањето на фабрика во Словенија, која воедно претставува и најголема директна македонска инвестиција на тлото на Европската Унија во износ од 40 милиони евра. Алпос, која пред доаѓањето на ИГМ-Трејд била во стечај, денеска произведува повеќе од 100 000 тони цевки и профили и прави обрт од 50 милиони евра. Со комбинирање на производството од Македонија и Словенија, менаџментот на ИГМ-Трејд работи на амбициозен план за влез во големата европска тројка на производители на конструктивни заварени цевки и профили од челик. Како најголемо можно признание за неговиот ангажман во Словенија, Александар Гечев е назначен и за почесен конзул на оваа земја во Македонија.

 

Како се одлучивте да се вратите во Македонија и во Кавадарци? Тоа е веројатно доста тешка одлука, особено со степен на образование како Вашиот.

А. Гечев: Во Лондон завршив средно образование, факултет, постдипломски студии и работев во компанијата Стемкор во период од 7 години. Имав огромна дилема дали да продолжам на нова работна позиција која ми беше понудена во време кога Стемкор беше петта најголема приватна компанија во Велика Британија со годишен обрт од над 5 милијарди долари и 30 локации низ светот.
Во Стемкор добив директен увид во организацијата на една мултинационална компанија со сите придобивки и предизвици што доаѓаат со големината и опсегот на ваквиот бизнис.
Бидејќи нашиот фамилијарен бизнис во Македонија функционира во истата дејност, трговија со производи од челик, затекнав многу нови и возбудливи начини на работа кои сметав дека се неопходни и суштински за нашиот бизнис и пренесувањето на тоа знаење и искуство стана мој прв предизвик во бизнисот.
Во меѓувреме ИГМ-Трејд вртоглаво се развиваше со инвестиции во вкупен износ од 150 милиони евра во периодот 1998 – 2018 година достигнувајќи го статусот на најголема приватна компанија во домашна сопственост во државава. Со надминувањето на прагот од 130 милиони евра годишен обрт повторно се отвори прашањето за корпоративното управување и поставување на структура со јасно дефинирани процедури и култура базирана на меритократија.
Искуството од Лондон многу ми помогна во консолидација на бизнисите во Македонија и Словенија за да можат успешно да функционираат во еден поголем систем.
Космополитскиот дух, спојот на традицијата и модерното, глобалниот опсег и финансиските пазари оставија голем впечаток врз мене и влијаеја во оформувањето на моите ставови и идни визии во животот и во бизнисот.

СО ИНСТАЛИРАЊЕТО НА НОВИ, СОВРЕМЕНИ ПРОИЗВОДНИ ЛИНИИ И ИЗГРАДБА НА НОВ ЛОГИСТИЧКИ ЦЕНТАР ВО СКЛОП НА ФАБРИКАТА ЗНАЧИТЕЛНО ГО ЗГОЛЕМИВМЕ ПРОИЗВОДСТВЕНИОТ И СКЛАДИШТЕН КАПАЦИТЕТ. ВЕДНАШ ПОТОА ЗАПОЧНАВМЕ СО ДОКУПУВАЊЕ НА НОВО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ЕКСПАНЗИЈА НА КОМПАНИЈАТА ВО ИДНИНА.
НА ФАБРИКАТА Ѝ ДАДОВМЕ ЦЕЛОСНО НОВ ЛИК И КОНЦЕПТ ЗА РАБОТА БИДЕЈЌИ НИ Е БИТНО, КАКО И ВО МАКЕДОНИЈА, ТАКА И ВО СЛОВЕНИЈА, ДА БИДЕМЕ ПЕРЦИПИРАНИ КАКО ГОЛЕМА ФИРМА И СЕРИОЗЕН РАБОТОДАВЕЦ, А НАЈМНОГУ КАКО КОМПАНИЈА КОЈА МНОГУ ИНВЕСТИРА ВО РАЗВОЈ И РАСТ НА ДОЛГ РОК

Како се изродија идеите за ширење на бизнисот во странство? Објаснете ни како конкретно се одлучивте за Словенија.

А. Гечев: На ширењето во странство отсекогаш сум гледал како на фамилијарна одлука – сметам дека нашите родители отсекогаш биле способни да работат надвор од границите на Македонија, тие беа само додатно поттикнати и уверени од кариерата на сестра ми во Швајцарија и нејзиното и моето студирање во Лондон. Нашето образование, всушност, беше нивната прва инвестиција во странство.
Светот на челикот е динамичен и се карактеризира со чести спојувања и преземања (M и A активности) на големите светски корпорации од типот на Арцелормитал (ArcelorMittal), ThyssenKrupp, TATA, JSW (Jindal), Hebei Iron and Steel, Severstal, Metinvest. Бидејќи веќе сме дел од нивните светски синџири на снабдување, овие фирми често ни служат како пример за раст (а се надеваме и потенцијални идни партнери во заеднички инвестиции).
ИГМ-Трејд се развиваш по принципот на органски раст што значи развој на компанијата однатре (преку зголемување на производството и продажбата и повторно реинвестирање на профитот во компанијата).
Но, актуелна тема на нашите фамилијарни дискусии беше потребата за диверзификација на бизнисот во различни држави и во различни дејности.
Сигурност гледавме во фактот што Словенија е со слични географски и демографски карактеристики како Македонија, а со централна локација во срцето на Европа, како членка на ЕУ, нуди заштита од сите можни блокади на извозот во другите земји членки, а потпора имавме и од постоечката и силна клиентска база на ИГМ-Трејд на домашниот словенечки пазар.
Морам да признаам дека на почеток бевме малку скептични во однос на цената на работната сила и административните бариери. Првиот проблем брзо го надминавме со поголема автоматизација на процесите и оптимизација на логистиката и протокот на материјали (што треба да стане актуелна тема и во Македонија со растот на платите и одливот на работна сила), додека кај вториот наидовме на одлична соработка од сите институции во Словенија на локално и државно ниво, која ги надминаа нашите очекувања и предничи во споредба со други ЕУ-држави од регионот како што се Грција и Бугарија.
Словенија како држава секогаш била перципирана кај нас по високиот квалитет, а посебно среќни сме што и кај нашите клиенти во Европа брендот Алпос стана симбол за квалитет.

Како одеше процесот на купување на една компанија во странство? Колку е комплициран и тежок тој процес?

А. Гечев: Купување на имот во странство не е воопшто комплицирано за правни лица. ИГМ-Трејд основаше фирма ќерка во Словенија преку која се извршуваа сите трансакции во Словенија. Делот кој е комплициран и тежок е стечајната постапка која, во случајот на Алпос, започна во 2011 година, а заврши во 2015 година. Во случајот на Алпос се работеше за ликвидација, продажба на средства (земјиште, згради и машини) кои беа откупени од новоформираната фирма ќерка во Словенија во процес на меѓународно, јавно наддавање. Во последните години од работењето на фабриката, инвестициите во опремата и објектите беа на минимално ниво и тие беа амортизирани, а голем дел не беа во работна состојба. Повеќе пати одевме во посета да направиме еден вид технички due diligence, да процениме колку додатни средства се потребни за репарирање и модернизирање на фабриката. Токму поради овие причини не бевме во можност да го рестартираме производството година и половина од купувањето во 2015 година, па сѐ до 2017 година. Сепак, не гледаме на тоа како на изгубено време, одлучивме да инвестираме во идниот потенцијал, а целта ни беше да се докажеме како странски инвеститор во Словенија.
Во тој правец направивме инвестиции кои во 40-годишната историја на Алпос никогаш не биле ниту дискутирани, а камоли реализирани од претходните сопственици. Извршивме модернизација на комплетната инфраструктура вклучувајќи: нова фасада и покрив, фабрички колосек, прочистителна станица, сообраќајници, системи за греење и ладење, гасна инсталација, трафостаница.
Со инсталирањето на нови, современи производни линии и изградба на нов логистички центар во склоп на фабриката значително го зголемивме производствениот и складиштен капацитет. Веднаш потоа започнавме со докупување на ново земјиште за експанзија на компанијата во иднина.
На фабриката ѝ дадовме целосно нов лик и концепт за работа бидејќи ни е битно, како и во Македонија, така и во Словенија, да бидеме перципирани како голема фирма и сериозен работодавец, а најмногу како компанија која многу инвестира во развој и раст на долг рок.

Разликата во работењето во Македонија и во Словенија?

А. Гечев: Од страна на логистиката, сметам дека Словенија е во најголема предност и при увоз на репроматеријал и при извоз на готови производи.
За прекуморски увоз на стока имаме реален избор меѓу четири европски пристаништа: Копер-Словенија, Риека-Хрватска, Трст-Италија, Монфалконе-Италија. Во нашиов случај, голем дел од увозот доаѓа преку пристаништето Копер кое е едно многу развиено пристаниште што го опслужува најголемиот дел од автомобилската индустрија од Централна и Источна Европа.
Железничкиот транспорт во Словенија, иако е во државна сопственост, е многу развиен, сѐ уште се користи во голем обем во индустријата и одлично функционира.
Во Копер товараме композиции на вагони со вкупна нето-тежина од 1 200 тони (наспроти максимум 800 тони нето-тежина во Македонија и во Грција), кои се транспортираат со големи брзини на движење директно до фабриката. Репроматеријалот го примаме и го истовараме во нашиот фабрички колосек кој ни озвозможува директно железничко поврзување и со железари во Србија, во Чешка и во Унгарија.
За споредба, во Македонија мораме да растовараме на Криволак кај Неготино, што е на 15 километри оддалеченост од ИГМ-Трејд. Мора да правиме екипа од 10 луѓе кои на истовар одат со камиони и со кранска дигалка. Значи само таа манипулација од железница до фабрика, за 20 % ни го поскапува транспортот. Поради малиот број на локомотиви во државава, застоите по целата должина на рутата се долги и се чести. Принудени сме најголем дел од увозот од пристаништето во Солун, кое е без конкуренција, да се врши со камиони, што е случај и со комплетниот извоз на готови производи.
Од аспект на јавните финансии, во Словенија не постои плаќање на ДДВ при увоз и чекање на поврат, фирмите увозници само го декларираат данокот, а ДДВ се уплаќа само на делот од фактурите од домашната продажба во Словенија. Ова ја олеснува работата и ликвидноста на компаниите и е нешто што Македонија треба да го земе како пример.

Планирате да им конкурирате дури и на италијанските „цевкари“? Колку е тоа возможно и реално?

А. Гечев: На Балканот ИГМ-Трејд успеа да ги победи сите свои конкуренти и да се етаблира како најголем и најдобар производител на челични цевки и профили. Следниот чекор е со Алпос додатно да го зголемиме својот удел на европскиот пазар. Во Европа најдолга традиција и најголемо производство и имиџ имаат италијанските производители кои, патем, се семејни бизниси исто како нашиот.
Охрабрени сме од фактот што имаме огромен раст на консолидираните продажби на пазарите кои традиционално важат за многу пребирливи, на пример успеавме продажбата во Германија и во Франција да ја дуплираме, а продажбата во Австрија е зголемена за 11 пати. Набрзо ќе започнеме и со бродски извоз од Словенија во Велика Британија и САД преку пристаништето во Копер.
Уште побитно, овие резултати се направени во години кога ИГМ-Трејд се соочуваше со антидампинг истрага од ЕУ и со мерки за заштита на европската челична индустрија во форма на количински квоти (на сила до јули 2021 година) во кои извозот од Република Македонија е колатерална штета во светските трговски војни и новиот бран на протекционизам. Доколку имаме слободен терен за натпреварување, што единствено би се овозможило со побрз влез на Македонија во ЕУ, нашите продажби би биле уште поимпресивни и сигурно би инвестирале во нови производни погони во Македонија.

 

ОД АСПЕКТ НА ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ, ВО СЛОВЕНИЈА НЕ ПОСТОИ ПЛАЌАЊЕ НА ДДВ ПРИ УВОЗ И ЧЕКАЊЕ НА ПОВРАТ, ФИРМИТЕ УВОЗНИЦИ САМО ГО ДЕКЛАРИРААТ ДАНОКОТ, А ДДВ СЕ УПЛАЌА САМО НА ДЕЛОТ ОД ФАКТУРИТЕ ОД ДОМАШНАТА ПРОДАЖБА ВО СЛОВЕНИЈА. ОВА ЈА ОЛЕСНУВА РАБОТАТА И ЛИКВИДНОСТА НА КОМПАНИИТЕ И Е НЕШТО ШТО МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ГО ЗЕМЕ КАКО ПРИМЕР

Во Словенија сме апсолутно заштитени од сето тоа.

Како ќе го контролирате Вашиот развој за да не се повтори грешката на старата Алпос со претерано ширење?

А. Гечев: Од маркетиншка гледна точка битно ни е да не ни се случи преклопување на понудата од двете фирми, што би резултирало со намалување на комбинираната продажба (во литературата познато како cannibalization). Мое мислење е дека токму тоа се случило со поранешниот Алпос со неколку фабрики (во Словенија, во Србија и во БиХ) кои продавале на исти купувачи на мал простор. Ова е една од причината зошто не се одлучивме да ја купиме од стечај српската фабрика на Алпос која се наоѓа на само 280 км од Кавадарци, во Алексинац. Во 3 години функционирање, со исклучок на Хрватска, немаме ниедна продажба од Словенија во другите балкански држави. Целиот извоз од Шентјур е наменет за земјите од Западна, Централна и Источна Европа.
Целиот развој на ИГМ-Трејд до сега е концентриран во нашиот примарен бизнис (нови фабрики за цевки и профили и ладна валавница со поцинкување и пластификација) и секундарен бизнис (индустриски зони и недвижности) и во целост финансиран од реинвестирана добивка. Имаме спремни проекти за големи инвестиции во металургијата и енергетиката за кои сме спремни да искористиме долгорочни синдицирани заеми од домашниот банкарски сектор, но инфраструктурните, општествените и политичките услови во државава сѐ уште не се на ниво на кое овие проекти би можеле да се реализираат.
ИГМ-Трејд е силен поддржувач на политиката на привлекување странски инвестиции – и во тој правец е и нашата најнова и најголема инвестиција. Се работи за приватен индустриски парк во Неготино, прв од ваков тип во државава. На површина од 312 900 м2, моментално во изградба се 20 нови индустриски објекти – хали достапни за странски и домашни компании за долгорочен наем и продажба со вкупен покриен простор од 135 300 м2. Сметаме дека со овој проект ќе овозможиме поголеми поврзувања со новоприватизираното Солунското пристаниште кое е на само 128 км оддалеченост. Првичниот интерес доаѓа од компании од дејностите: assembly, логистички и дистрибутивни центри, суви контејнерски терминали итн.

ИГМ-ТРЕЈД Е СИЛЕН ПОДДРЖУВАЧ НА ПОЛИТИКАТА НА ПРИВЛЕКУВАЊЕ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ – И ВО ТОЈ ПРАВЕЦ Е И НАШАТА НАЈНОВА И НАЈГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА. СЕ РАБОТИ ЗА ПРИВАТЕН ИНДУСТРИСКИ ПАРК ВО НЕГОТИНО, ПРВ ОД ВАКОВ ТИП ВО ДРЖАВАВА. НА ПОВРШИНА ОД 312 900 М2, МОМЕНТАЛНО ВО ИЗГРАДБА СЕ 20 НОВИ ИНДУСТРИСКИ ОБЈЕКТИ – ХАЛИ ДОСТАПНИ ЗА СТРАНСКИ И ДОМАШНИ КОМПАНИИ ЗА ДОЛГОРОЧЕН НАЕМ И ПРОДАЖБА СО ВКУПЕН ПОКРИЕН ПРОСТОР ОД 135 300 М2

Најголем доказ и признание за имиџот кој го уживате во Словенија е и Вашето назначување за почесен конзул на оваа земја во Македонија. Како дојде до тоа и кои се Вашите планови како конзул за подобрување на соработката меѓу Македонија и Словенија?


Претставува огромна чест и задоволство да ја извршувам функцијата почесен конзул на Република Словенија во Република Северна Македонија. За почесен конзул бев прогласен на 29 години и со тоа станав најмлад од сите почесни конзули на Република Словенија, а сум и најмлад почесен конзул во нашава држава. Посебно ме радува кога на мојот ангажман се гледа како на пример за поголема инклузивност и партиципација на младите во бизнисот и во општеството.
Нашите две земји се пријателски и тесно поврзани. Словенија е голем поддржувач на Македонија во европските и евроатлантските интеграции.
Трговската размена меѓу двете земји изнесува 300 милиони евра и Словенија е во групата на петте најголеми странски инвеститори во Македонија. Затоа мојот фокус ќе биде на бизнисот и на продлабочување на економските односи. Полиња за соработка од посебен интерес се: финансиски сектор, образование, винарство и вински туризам и проекти од еколошки карактер.

За крај, која е Вашата порака до македонските бизнисмени?

А. Гечев: Инвестирајте во себе, инвестирајте во идните поколенија, инвестирајте дома, инвестирајте во странство, инвестирајте во идеи, инвестирајте во луѓе, инвестирајте се себеси во инвестициите, инвестирајте во иднината.

Разговараше: Дејан Азески
(Eкономија и бизнис, печатено издание, февруари 2020 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top