Е-Б-Ф-Б
МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ВО ГОДИНА НА ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

Никола Поповски
универзитетски професор, Факултет за економски науки, ФОН Универзитет

Изборите за најважното претставничко тело во секоја земја се едно од централните прашања и тие, по правило, предизвикуваат соодветен „стрес“ во економскиот живот. Тие во голема мера ја одредуваат краткорочната и среднорочната иднина на земјата во речиси секој домен, а економијата воопшто не е исклучок од тоа. Економските субјекти од изборите имаат економски очекувања за иднината и, иако тие не се совршени, тие се важни. Често се нарекуваат и рационални очекувања. Рационалните очекувања се разликуваат од совршените очекувања (теоретска состојба кога информациите за иднината се комплетни) по тоа што тие антиципираат и дозволуваат ниво на соодветна неизвесност во економскиот систем и тоа во голема мера одговара на реалноста во светот. Рационалните очекувања се спротивни на т.н. адаптибилни очекувања од иднината што претежно се потпираат на продолжување на претходните трендови.

Хипотезата на рационалните очекувања во економијата подразбира дека сегашното однесување на економските субјекти на пазарот во голем обем зависи од очекувањата за идното однесување на цените (на готовите производи, но и на факторите – капиталот и трудот), побарувачката, даноците и слично, имајќи ги предвид и ефектите од временското доцнење при спроведувањето на мерките при прилагодувањето кон новите состојби и можни ефекти на неантиципирани шокови во економијата (Лукас, 1995). Секако дека изборните години се време во кое ваквото однесување на економските субјекти е најизразено. Некои економисти дури и му замеруваат на Кејнз дека во неговата теорија во која улогата на капиталистичкиот државен интервенционизам во економијата е подигнат на многу високо ниво, претпоставен е фактот дека државата секогаш ќе се однесува во насока на остварување на економски просперитет и стабилност, иако во реалноста многу често креаторите на економските политики се однесуваат поинаку, односно опортунистички, а исто така често ги следат и своите лични интереси. Овој имплицитен и прилично „елитистички“ став на Кејнз, доколку е веродостоен, би го олеснило однесувањето на економските субјекти и нивните очекувања, но, за жал, реалноста не го потврди тоа. Нашава земја е одличен пример за тоа. Токму опортунизмот и личните интереси на раководителите на институциите и креаторите на економската политика ги направија економските субјекти многу претпазливи и недоверливи во очекувањата.

ОВАА ИЗБОРНА ГОДИНА – 2020, Е ТИПИЧНА ЗА ПОСЛЕДНИВЕ 12 ГОДИНИ ВО КОЈА ВЛАСТА НЕ ГО ЗАВРШУВА СВОЈОТ ТЕКОВЕН МАНДАТ И СЕ РЕШАВА ДА ОДИ НА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ПО НЕЦЕЛИ 3 ГОДИНИ. ДОБРАТА СТРАНА Е ШТО ТИЕ СЕ ОДРЖУВААТ РЕЛАТИВНО РАНО, ВО АПРИЛ, ПА И ЕКОНОМСКИТЕ СУБЈЕКТИ ЌЕ ИМААТ ПОМАЛ ПЕРИОД НА ОЧЕКУВАЊЕ ЗА ИДНИТЕ ПРАВЦИ НАСПРОТИ МОЖНОСТА ИЗБОРИТЕ ДА СЕ НА ЕСЕН, ПА НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД НИВ ДА ИМААТ НАМАЛЕНИ АКТИВНОСТИ И ДА СЕ ВО ИСЧЕКУВАЊЕ

Таквиот пристап создава можност од постоење на феноменот на „изборни економски циклуси“ или „политички макроекономски циклуси“ (Алесин, 1989). Постојат истражувања (Хануш, Кифер, 2013) што дури укажуваат и на фактот дека постојат и „политички буџетски циклуси“ што постојат кога „гласачите се неинформирани за карактерот на политичарите и кога политичарите поседуваат мал кредибилитет, па имаат силни поттици да го зголемат трошењето пред избори“. Се смета дека теориите за „изборни економски циклуси“ или „политички макроекономски циклуси“ особено важат за транзициските земји (Прашчевиќ, 2008) во кои спаѓа и Македонија.

Состојбите во македонската економија во годините на парламентарни избори даваат јасна слика за ваквите циклуси. За тоа можат да послужат и некои индикатори. Ако периодот до 1997 година го исклучиме од анализите поради крајно нестандардните транзициски услови во кои се одвиваше економскиот живот (распад на претходната држава, коренита промена на системот на земјава, постоење на војни во блиското соседство, долг процес на меѓународно непризнавање на државава, наметнати економски блокади и друго), тогаш годините на избори можеме да ги поделиме на оние во кои имаше избори во редовни четиригодишни интервали (1998, 2002, 2006) и оние потоа што во основа се одржуваа на секои две или три години (2008, 2011, 2014, 2016).

Забележливо е дека во време на редовни четиригодишни избори стапките на раст на економијата се речиси секогаш највисоки во последната, изборна година од мандатот, односно 3,4 отсто во 1998 г.; 5,1 отсто во 2002 г.; 5,5 отсто во 2008 г.; 2,3 во 2011 г., имајќи предвид дека во годините пред и по тоа економијата беше во рецесија (2009 и 2012); и 3,6 отсто во 2014 г. Само во изборните 2002 и 2016 г. растот беше релативно скромен со 1,5 и 2,8 отсто. Стапките на инфлацијата што се постојано ниски (исклучок е 2008 г. со инфлација од 8,3 отсто) и невработеноста (која својот максимум го доживува во 2004/2005 г. и од тогаш постојано се намалува) немаат некаков изразен модел на пред или постизборно однесување, а слично е и со нивото на дефицитите на општиот буџет на државава. Дефицитите на трговското салдо и тековната сметка на земјава немаат изразено движење врзано со изборните циклуси, но треба да се забележи дека дефицитот на трговското салдо во годините 2007–2012 доживеа апсолутно дуплирање од околу 1 на околу 2 милијарди САД долари. СДИ во времето на изборните години, особено во 1998, 2006, 2008 и 2012 г. доживуваат пикови што се соочуваат со видно опаѓање во постизборните години 1999, 2003, 2009 и 2015.

Според постојните податоци многу важна карактеристика е дека вкупните инвестиции во економијата покажуваат одредена флуктуација зависно од изборните циклуси, па така тие се пониски во изборните и постизборните години, а просечно подобар раст имаат во годините на функционирање на една власт што може да укаже на фактот дека инвеститорите претпочитаат дефинирани услови за инвестирање.

Оваа изборна година – 2020, е типична за последниве 12 години во која власта не го завршува својот тековен мандат и се решава да оди на предвремени избори по нецели 3 години. Добрата страна е што тие се одржуваат релативно рано, во април, па и економските субјекти ќе имаат помал период на очекување за идните правци наспроти можноста изборите да се на есен, па најголемиот дел од нив да имаат намалени активности и да се во исчекување. Некои од неизвесностите од изборите се отстранети откако сегашната левица се премисли и ги прифати претходно отфрлените пропорционални стапки на директните даноци и со тоа се согласи со десницата. Сепак прашањето на нивото на буџетските дефицити, висината на јавниот долг, намената на структурата на буџетските расходи, особено за плати и пензии и за многу раширениот систем на разни буџетски субвенционирања, како и стапките на економски раст и сигурноста и ефикасноста на домашните и странските инвестиции останува прилично отворено. Предизборно особено се отворени и непознати и некои неекономски прашања како оние за иднината на борбата со криминалот и со корупцијата, функционирањето на судството и евроинтегративните перспективи што, пак, од своја страна, се многу важни за економијата на земјава.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2020 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top