Е-Б-Ф-Б
ШПАРКАСЕ БАНКА“ ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД ФИНАНСИРА СТАРТ-АП БИЗНИСИ ВО СОРАБОТКА СО ПРОГРАМАТА ЕАСИ НА ЕУ

17.02.2020

„Шпаркасе Банка Македонија“ го започнува вториот циклус од програмата „Чекор по чекор“, наменета за поддршка и развивање старт-ап бизниси во Република Северна Македонија. Програмата е воведена со потпишувањето на спогодбата со Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) во рамките на Програмата за вработување и социјални иновации ЕаСи на ЕУ, која е финансирана од Европската Унија. Со оваа програма на старт-ап бизнисите им се овозможува пристап до средства за финансирање развој на нивните бизниси, како и вклучително едукација и менторство за правилен развој на бизнисите.

Шпаркасе Банка Македонија втора година по ред ќе го поддржи развојот на младите амбициозни претприемачи со идеја за создавање сопствен бизнис, кои имаат потреба од финансиска помош за понатамошен развој. „Чекор по чекор“ е првата акцелераторска програма од овој вид, која има за цел да обезбеди парична и општествена поддршка на компаниите што се во почетната фаза на отпочнување сопствен бизнис, со можност за кредитирање во износ до 25.000 евра и понуда на пакети за образовна, финансиска и менторска поддршка.

„Преку програмата „Чекор по чекор“, кој е еден од најзначајните бизнис-проекти со социјална компонента на Ерсте и Шпаркасе Групацијата, даваме поддршка и ги охрабруваме младите иноватори, идните претприемачи да основаат сопствени старт-ап бизниси во нашата држава. Нашата заложба е да помогнеме финансиски и менторски во реализација на проектите во кои ќе ја препознаеме визијата за успешен старт-ап бизнис. Како општествено одговорна компанија и во делот на бизнисот сакаме да придонесеме за поголема инклузија на социјално ранливите категории граѓани и креирање нови работни места за младите и талентирани претприемачи“ – изјави Владимир Кечовски, директор во Дирекцијата за мали и средни клиенти во Шпаркасе Банка.

„Програмата „Чекор по чекор“ е одлична можност за сите млади претприемачи за стекнување вештини, знаење и секако финансиски средства за започнување, развој или надградување на старт-ап компании. Секоја идеја започнува со прв чекор, а тоа е одлучноста да се направи некоја промена односно да се реши некаков проблем што постои во вашето опкружување. Затоа, заедно со нашите локални тимови во Скопје и во Струмица и со нашиот партнер Тек Парк од УЈЕ од Тетово и во следните три години ќе продолжиме да ги поддржуваме успешните старт-ап бизниси“ – изјавија Виктор Митевски и Марко Георгиевски, соосновачи на Start Up Academy.

„Нашата долгогодишна работа во развојот на социјалното претприемништво во нашата земја, поддржана од Шпаркасе Банка, несомнено произведе стабилни претпријатија, кои се желни за понатамошен развој и поголем импакт. Програмата „Чекор по чекор“, која оваа година ќе ја имплементираме по вторпат, повторно ќе биде насочена кон раст, развој и финансирање на стартапите. Ние како „Business Impact Lab“ и оваа година несебично и насочено ќе ги споделуваме нашите знаења, заедно со искуствата на нашите ментори, сè со цел зголемување на вредноста на претпријатијата што официјално ќе бидат дел од оваа програма“ – изјави Кристијан Милески, соосновач на „Business Impact Lab“ – Скопје.


„Шпаркасе Банка Македонија“ ја имплементираше програмата „Чекор по чекор“ во соработка со Business Impact Lab и Start Up Academy преку имплементација на 8 различни образовни модули, кои ќе им овозможат на старт-ап бизнисите да разработат бизнис-план и со помош на финансиските средства да ја продолжат инвестициската активност или да го обезбедат потребниот фиксен работен капитал. Програмата е наменета за компании што се регистрирани пред помалку од 24 месеци и кои имаат потреба од парична и образовна помош, се наоѓаат во старт-ап фаза или во фаза на развој и вработуваат еден или помалку од 10 вработени. Повеќе детали за програмата и за условите за аплицирање за заем се достапни на страницата www.sparkasse.mk.

Во првиот циклус интересот за учество во програмата беше на значително ниво, односно се пријавија повеќе од 50 учесници и беа доставени 23 бизнис-планови за проценка и одобрување од соодветната комисија во Банката. На крајот од програмата беа објавени првите 13 бизниси кои добија позитивна евалуација и кои со помош на средствата од кредитната линија продолжија да ги развиваат своите бизниси.

За Програмата за вработување и социјални иновации
Програмата за вработување и социјални иновации ЕаСи на ЕУ на Европската комисија има за цел да го поддржи стремежот кон висококвалификувана работна сила, соодветна социјална заштита, борбата против социјална маргинализација и подобрување на условите за работа на ЕУ. Гаранцискиот проект на ЕаСи беше отпочнат во јуни 2015 г., финансиран од Европската комисија и управуван од Европскиот инвестициски фонд.
Програмата обезбедува поддршка за финансиски посредници, кои нудат микро-заеми на претприемачи или финансирање социјални проекти. Целта е да се зголеми пристапот кон микрофинансирање за ранливите групи што сакаат да основаат или да развијат сопствен бизнис и микрокомпании преку заеми во висина до 25.000 евра. Освен тоа, Европската комисија за првпат ги помага општествените проекти преку инвестиции во висина до 500.000 евра. Микрофинансирањето и поддршката на општественото претприемништво во моментот се имплементира преку гаранција на ЕаСи, која им овозможува на финансиските посредници да им понудат на микропретприемачите и на социјалните проекти финансиска поддршка, до која инаку не би имале пристап со оглед на процените за ризик.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top