Е-Б-Ф-Б
ИНДУСТРИЈА, ИЗВОЗ, РАСТ...

Дарко Лазаров
Економски факултет, УГД - Штип

Честопати во јавноста се поставува прашањето кои се главните причини за релативно бавната развојна динамика на македоноската економија во изминатиов период. За илустрација, Македонија во периодот 2006–2018 година расте со просечна стапка од 2,9 %, што споредено со некои земји од регионот како што се Словачка (3,7 %), Романија (3,6 %), Полска (4 %) е значително пониско ниво. Просечната стапка на раст е уште пониска во последниве две години (1,45 %), што e потврдa дека македонската економија не се движи во вистинска насока. Таквата бавна динамика значително го забави процесот на реално приближување на земјава кон животниот стандард на земјите членки на ЕУ. Имено, Македонија со БДП по глава на жител од 5 100 евра во 2018 година сѐ уште заостанува многу под просекот на ЕУ кој изнесува 31 000 евра.

Ако ги анализираме изворите кои го движат растот во анализираниов период ќе заклучиме дека најголемиот проблем треба да се бара во погрешниот економски модел на земјава. Имено, растот на економијата беше доминантно воден од ефективната потрошувачка (финалната потрошувачка на домаќинствата и јавната потрошувачка на државава) и бруто-инвестициите (приватни и јавни) кои не придонесоа за значително подобрување на факторската продуктивност и конкурентноста на земјава. Извозот бележи значителна стапка на раст од 11 %, главно како резултат на извозот на странските компании лоцирани во ТИРЗ-зоните, но поважно таквиот раст на извозот е без некои поголеми позитивни ефекти врз реалниот БДП на земјава. Наспроти ова јазот во нето-извозот постојано се продлабочува, што се рефлектира во негативен придонес врз економскиот раст.

Од аспект на секторите кои го генерираат растот може да констатираме дека најголемо значење има услужниот сектор, особено трговијата на големо и мало, дејности со храна и сместување, финансии и осигурување, ИКТ-секторот, транспорт и складирање. За илустрација, само трговија на големо и мало, транспорт и складирање, и дејности со храна и сместување, учествуваат со 27 % во растот на економијата во периодот 2006–2018 година наспроти релативно помалиот придонес на преработувачката индустрија, што во истиот период изнесува 14 %. Бруто-додадената вредност во преработувачката индустрија расте со просечна стапка од 4,2 %, но тоа не е доволно за посериозен позитивен импулс во забрзување на стапката на економски раст.

НАСПРОТИ МОДЕЛОТ НА РАСТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА КОЈ, КАКО ШТО ВИДОВМЕ ПОГОРЕ, СЕ БАЗИРА ДОМИНАНТНО НА ЕФЕКТИВНАТА ПОТРОШУВАЧКА И НА УСЛУЖНИОТ СЕКТОР, ИСКУСТВАТА НА УСПЕШНИТЕ ПОСТТРАНЗИЦИСКИ ЕКОНОМИИ И БРЗОРАСТЕЧКИ АЗИСКИ ЗЕМЈИ УКАЖУВААТ ДЕКА ГЛАВЕН МОТОР НА РАСТОТ ТРЕБА ДА БИДАТ ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА И ИЗВОЗОТ

Состојбата е уште понеповолна во последниве две години кога станува збор за динамиката на растот и за економскиот модел на кој се базира тој раст. Имено, придонесот на ефективната потрошувачка во растот на економијата е уште поголем, но сега за сметка на бруто-инвестициите кои имаат незначителен придонес во растот во изминативе две години. Расте нето-извозот, но таквиот раст не е резултат на зголемување на конкуретноста на економијата, туку многу повеќе на драстичното намалување на инвестициите (приватни и јавни) кои имаат увозна компонента во најголема мера. Овој процес на дезинвестиции во државава, и покрај тоа што на прв поглед го намалува увозниот притисок со што влијае позитивно врз нето-извозот, ќе има исклучително негативни последици врз идниот производен и извозен потенцијал на земјава.

Од друга страна, резултатите од секторската анализа на растот укажуваат дека придонесот на преработувачката индустрија во изминативе две години не е значително поголем (околу 16 %), што се потврдува со фактот дека преработувачката индустрија во последниве две години расте со помала просечна стапка од 3,8 % споредено со целиот анализиран период.

Она што е исклучително загрижувачки во последниве две години (од трет квартал на 2017 година до втор квартал на 2019 година) е трендот на намалување на продуктивноста на трудот мерена како однос меѓу реалниот БДП и бројот на работници. Имено, продуктивноста на економијата е намалена од 9 780 евра во 2016 година на 9 590 евра во 2018 година. Дополнително, продуктивноста на трудот во првите два квартала од 2019 година изнесува 4 500 евра, што укажува дека ако таквиот тренд продолжи до крајот на годинава тоа може да предизвика пад на продуктивноста на трудот под 9 000 евра. Ваквиот негативен тренд на намалување на продуктивноста создава сериозна опасност од влошување на конкурентската позиција на земјава на меѓународните пазари што, де факто, ќе значи дополнително забавување на развојната динамика на земјава.

Наспроти моделот на раст на македонската економија кој, како што видовме погоре, се базира доминантно на ефективната потрошувачка и на услужниот сектор, искуствата на успешните посттранзициски економии и брзорастечки азиски земји укажуваат дека главен мотор на растот треба да бидат преработувачката индустрија и извозот.

Во таа насока може да констатираме дека најголеми ограничувачки фактори за растот на македонската економија се: 1) Ниското ниво на индустријализација (релативно ниско учество на преработувачката индустрија во БДП); 2) Ниската продуктивност на економијата (доминантно учество на сектори и индустриски гранки со пониско ниво на додадени вредности); 3) Лошите извозни перформанси (релативно ниско учество на извозот во БДП; висока увозна компонента на извозот; и висока извозна концентрација од аспект на број на извозни производи, извозни компании и извозни пазари); и 4) Неповолната извозна структура (доминантно учество на производи со понизок степен на финализација и пониско ниво на комплексност).

Релативното учество на преработувачката индустрија во реалниот БДП на Македонија е помало од 12 % што, споредено со успешните посттранзициски земји (Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Унгарија) каде што учеството на преработувачката инудстрија во БДП е повеќе од 20 %, укажува дека Македонија е нискоиндустријализирана земја.

Дополнително, продуктивноста во преработувачката индустрија е исклучително ниска што се должи во најголема мера на нејзината неповолна структура. Имено, продуктивноста на трудот во текстилната и кожарската индустрија (индустрии кои вработуваа приближно 30 % од вкупниот број на вработени во преработувачката индустрија во 2018 година) изнесува 3 000 евра годишно наспроти машинската и фармацевтската индустрија чија продуктивност на трудот е значително поголема (68 600 евра и 32 200 евра, респективно), но овие индустрии вработуваат многу мал дел од работниците во преработувачката индустрија (1 % и 1,15 %, респективно).

Анализите за извозните перформанси укажуваат дека и покрај значителниот раст на извозот во изминатиов период, земјава со релативно учество на извозот во БДП од 60 % сѐ уште се наоѓа во групата земји кои имаат релативно помало учество споредено со развиените земји од регионот на ЦИЕ. Како компарација, релативното учество на извозот во БДП на Словенија изнесува 85 %, на Словачка изнесува 97 %, додека на Унгарија 87 %. Дополнително, Македонија има значително полоши извозни перформанси гледано и од аспект на вредноста на извозот по глава на жител. Македонија во 2018 година има 3 100 евра извоз по глава на жител наспроти Словенија со 19 000 евра, Словачка со 16 100 евра, Чешка со 15 100 евра, Унгарија со 11 700 евра извоз по глава на жител.

Заклучокот за лошите извозни перформанси се потврдува со нискиот степен на извозна диверзификација на земјава гледано низ призмата на бројот на извозни производи, бројот на извозни компании и бројот на извозни пазари. Имено, Македонија извезува само 475 производи со компаративна предност наспроти Словенија која извезува повеќе од 1 100 производи со компаративна предност. Дополнително, само 5 % од македонските компании се извозно ориентирани (околу 3 500) при што првите 10 извозни компании имаат повеќе од 50 % од вкупниот извоз на земјава. На крај, Македонија извезува производи со вредност поголема од 500 000 евра во 66 земји споредено со Словенија која извезува во повеќе од 130 земји во светот при што најизвезуваните 10 пазари чинат 77 % од вкупниот извоз на Македонија од кои дури 47 % е извоз во Германија како најголем трговски партнер на земјава.

МОЖЕБИ НАЈВАЖЕН ИНДИКАТОР ЗА МЕРЕЊЕ НА ИЗВОЗНИТЕ ПЕРФОРМАНСИ Е НИВОТО НА ИЗВОЗНА СОФИСТИЦИРАНОСТ. МАКЕДОНИЈА СПОРЕД ИНДЕКСОТ НА ИЗВОЗНА КОМПЛЕКСНОСТ СЕ НАОЃА НА 66 МЕСТО ОД ВКУПНО 133 ЗЕМЈИ ЗА КОИ СЕ ПРЕСМЕТУВА ОВОЈ ИНДЕКС И ПО АЛБАНИЈА Е ЗЕМЈА СО НАЈНИСКА ИЗВОЗНА КОМПЛЕКНОСТ ВО РЕГИОНОТ. ЗА ИЛУСТРАЦИЈА, ЧЕШКА СЕ НАОЃА НА ВИСОКОТО 9. МЕСТО, СЛОВЕНИЈА НА 12. МЕСТО, УНГАРИЈА НА 15. МЕСТО, ДОДЕКА СЛОВАЧКА НА 16. МЕСТО

Можеби најважен индикатор за мерење на извозните перформанси е нивото на извозна софистицираност. Македонија според индексот на извозна комплексност се наоѓа на 66 место од вкупно 133 земји за кои се пресметува овој индекс и по Албанија е земја со најниска извозна комплекност во регионот. За илустрација, Чешка се наоѓа на високото 9. место, Словенија на 12. место, Унгарија на 15. место, додека Словачка на 16. место.

Ако ја погледнеме извозната структура на земјава ќе заклучиме дека производите за кои е специјализирана земјава, т. е. има компаративна предност, во најголема мера се карактеризираат со ниска комплексност, т. е. софистицираност. Имено, дури 36 % од вкупниот број производи што земјава ги извезува со компаративна предност се производи од текстилната индустрија, 10 % од металната и металопреработувачката индустрија и 10 % се производи од примарно земјоделие. Сите овие сектори се карактеризираат како сектори со ниска додадена вредност и ниско ниво на софистицираност.

Од друга страна, голем дел од останатите извозни производи кои ги извезува земјава со компаративна предност исто така се карактеризираат како производи со низок степен на финализација и на додадена вредност. Исклучок се само неколку производи од фармацевтската, машинската, електро и автомобилската индустрија кои се извезуваат генерално од странските компании во ТИРЗ-зоните при што извозот на тие производи има мала домашна додадена вредност поради тоа што поголем дел од инпутите кои се користат во нивното производство имаат увозен карактер.

Сето ова погоре ја потврдува констатацијата дека моделот на раст на македонската економија се соочува со сериозни дефекти кои, де факто, го ограничуваат растот. За жал, економските политики во изминатиов период, вклучувајќи ги и оние во т.н. План за економски раст на сегашнава Влада, не ги адресираат соодветно овие суштински прашања во насока на нивно надминување.

Ова неминовно ја наметнува потреба од градење нова развојна стратегија во која клучните приоритети треба да бидат процесите на модерна индустријализација (зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП со истовремено преструктурирање од сектори со помала продуктивност кон сектори со поголема продуктивност) и подобрување на извозната конкуретност на земјава (зголемување на бројот на извозни производи со поголема додадена вредност, зголемување на бројот на извозни компании, зголемување на бројот на извозни пазари и зголемување на интегрираност на домашните компании во глобалните и регионалните синџири на снабдување).

Првиот чекор во таа насока е мапирање на стратешки сектори, потсектори и производи со поголема додадена вредност за кои земјава има потенцијални компаративни предности и реални економски претпоставки да започне да ги произведува и да ги извезува. Стопанската комора на Македонија во соработка со тим од домашни експерти и истражувачи во изминатиов период работи на еден таков проект при што резултатите од тој проект треба да овозможат корисна рамка за креирање модерни економски и индустриски политики кои ќе бидат насочени кон обезбедување системска поддршка за оние компании кои имаат развоен потенцијал и капацитет да влезат во процес на производни, техничко-технолошки и организациски преструктурирања со цел градење на компаративни предности во извоз на производи со поголема додадена вредност.

Само преку еден таков развоен процес чија основна цел е подобрување на продуктивноста и на конкуретноста на економијата може да се обезбеди реална и одржлива основа за креирање нови високоплатени работни места, пораст на платите и подобрување на животниот стандард на македонските граѓани. Сѐ друго е само илузија во која живееме повеќе од 28 години!

(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2019/јануари 2020)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top