Е-Б-Ф-Б
ШТО НОСИ 2020 ГОДИНА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА?

Трајко Славески
универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Преминот од една во друга календарска година за сложен механизам како што е националната економија не означува речиси ништо. Тоа е само почеток на една нова арбитрарно проектирана отсечка во времето во кое тече борбата за егзистенцијата на луѓето на дадена географска територија. Во кој степен граѓаните на Република Македонија ќе се во можност да си го подобрат сопственото живеење во годината што ни претстои во најголема мера зависи од активностите кои тие лично и заедницата ги преземале во изминативе години и декади. Ова се однесува на одлуките на родителите и на поединците за образованието и стекнувањето квалификации, грижата за сопственото здравје, формирањето функционални бракови и семејства, штедењето и инвестирањето во домови и претпријатија, грижата за потомството и за постарите итн. Како заедница на слободни граѓани, преку нашите избрани претставници и извршната власт, постојано вложуваме во инфраструктура и во унапредување на ефикасноста на институциите на пазарната економија како основа за целокупната економска активност насочена кон што поефикасно користење на расположливите ресурси. Овие фактори се клучни за потенцијалот на економијата да продуцира економски раст на подолг рок и не се менуваат преку ноќ или во рамките на временската отсечка која ја нарекуваме календарска, во случајов 2020 година, која од економска гледна точка го означува краткиот рок.

Макроекономските показатели за земјава во изминативе неколку години не се добри. Неколку години по кулминацијата на политичката криза не го достигнавме потенцијалот на економијата, мерено според годишните стапки на економски раст. Според некои авторитетни проценки, со сегашната структура на човечките и другите ресурси (капитал и природни ресурси), би било нормално стапките на раст да се движат околу 4 отсто. Поволната конјуктура во европските економии и во светската економија во изминативе 3 до 4 години овозможуваше нашата економија да расте и над својот долгорочен потенцијал, со стапки од 5 до 6 %. Ова не само што поволно ќе влијаеше за подобрување на животниот стандард на граѓаните на реална основа, туку преку зголемените инвестиции во реалниот сектор, во инфраструктурата, во образованието и во здравството и во заштитата на животната средина ќе придонесеше за зголемување на долгорочниот потенцијал на македонската економија. Со стапки на раст кои во 2019 година и проектираната за 2020 година едвај надминуваат 3 %, за жал, оваа можност е пропуштена.

Наредната, 2020 година, особено првото полугодие, на економски план нема да биде поразлична од годинава што изминува. На планот на управување и раководење со земјава претстои формирање на техничка (пржинска) влада веднаш по новогодишните празници и подготовка на политичките субјекти за парламентарните избори во април нареднава година. Непотребно е да се трошат зборови дека овој факт ќе има неповолно влијание во нормалното одвивање на економската активност. Приватниот сектор во стопанството станува значително попретпазлив при носењето на одлуките за инвестирање. Странските инвеститори ќе ја чекаат разврската од изборите за да знаат кој ќе им биде идниот партнер во поддршката и заштитата на нивните инвестиции. Не се очекува некоја поголема рестрикција, т. е. одложување на личната потрошувачка кај домаќинствата, освен делумно за купување станови, изградба и опремување на домовите, купување автомобили и други трајни добра за домаќинството. Сето ова, агрегирано на ниво на севкупната економија, ќе има неповолен ефект врз економскиот раст.

ПРИТИСОКОТ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО ПРИВАТНИОТ И ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР, ВО УСЛОВИ НА АНЕМИЧЕН РАСТ И ОПАЃАЊЕ НА ПРОДУКТИВНОСТА НА ТРУДОТ, Е НА ПАТ ДА ГО ПОВЛЕЧЕ СИНЏИРОТ: РАСТ НА ИНФЛАЦИЈАТА И ИНФЛАЦИСКИТЕ ОЧЕКУВАЊА; РАСТ НА ПРОИЗВОДСТВЕНИТЕ ТРОШОЦИ И ГУБЕЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА; НАМАЛУВАЊЕ НА НЕТО-ИЗВОЗОТ И ПРИТИСОЦИ ВРЗ ДЕВИЗНИОТ КУРС; ПОРАСТ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ, ВНАТРЕШЕН И НАДВОРЕШЕН; ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ ДОМА И РАСТ НА ЦЕНАТА НА НАШИОТ НАДВОРЕШЕН ДОЛГ ИТН. СЕТО ОВА МОЖЕ ДА ДОВЕДЕ ДО ХАОС И ПОВТОРНО ЧУКАЊЕ НА ПОРТИТЕ НА ММФ

Иако ползечки, сепак рецесијата која е веќе присутна во некои сектори во европските економии кои се наши водечки трговски партнери веќе се чувствува и кај нашите извозни компании. Ова особено се однесува на рецесијата во автомобилската индустрија на Германија, водечката економска сила во ЕУ, во чиј синџир на снабдување се вклучени и наши извозни компании, особено тие лоцирани во ТИРЗ-овите. Состојбата би се влошила доколку падот на економската активност кај нашите трговски партнери се прошири и на други сектори како што се градежништвото и услужните дејности. Покрај намалување или стагнирање на извозната побарувачка, во тој случај може со сигурност да се очекува пад на дознаките кои нашите вработени во овие земји ги испраќаат во својата матична земја.

Доаѓаме до болната точка, буџетот на државава. Нема некој во земјава кој не е согласен со констатацијата дека актуелнава влада демонстрира очајно слаб капацитет за реализација на капиталните инвестиции кои заклучно со октомври оваа година се реализирини со само 40 %, и тоа по извршеното кратење со ребалансот на буџетот! ЕБРД во последниот Извештај за транзицијата 2020 година, објавен неодамна, се приклучува кон критиката за влошувањето на структурата на јавните расходи при што тековните расходи постојано се зголемуваат на сметка на капиталните инвестиции. Овој тренд во наредниве неколку месеци може и да се влоши со оглед на екстремниот популизам на актуелнава влада и неодговорното зголемување на тековните буџетски издатоци кои се наметнуваат како обврски и за наредниве години и влади. Во периодот пред изборите, а и во првите месеци по формирањето на новата влада, не може да се очекува значителен напредок во реализацијата на капиталните проекти.

И тука сакам да предупредам на опасноста од нарушување на макроекономската стабилност како резултат на популизмот на актуелнава влада предводена од СДСМ. Притисокот за зголемување на платите во приватниот и во јавниот сектор, во услови на анемичен раст и опаѓање на продуктивноста на трудот, е на пат да го повлече синџирот: раст на инфлацијата и инфлациските очекувања; раст на производствените трошоци и губење на конкурентноста; намалување на нето-извозот и притисоци врз девизниот курс; пораст на јавниот долг, внатрешен и надворешен; зголемување на каматните стапки дома и раст на цената на нашиот надворешен долг итн. Сето ова може да доведе до хаос и повторно чукање на портите на ММФ.
Останува да се надеваме дека граѓаните во април 2020 година ќе се определат за опција која ќе формира функционална и компетентна влада фокусирана врз побрз раст и развој на економијата како предуслов за подобрување на животниот стандард на граѓаните на реална основа.

(Економија и бизнис, печатено издание, декмври 2019/јануари 2020)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top