Е-Б-Ф-Б
ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ГЕРМАНСКОТО СТОПАНСТВО ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НА СРЕДБА СО ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА МИЛА ЦАРОВСКА НА ТЕМА „ДУАЛНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ ПО ГЕРМАНСКИ МОДЕЛ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“


На иницијатива на Заменик претседателот на Владата на Северна Македонија, Мила Царовска, денес се одржа тркалезна маса на која учествуваа претставници на Делегацијата на германското стопанство, Германската амбасада во земјата, Швајцарската амбасада, Министерот за образование, Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, претставници на компаниите и училиштата партнери на Делегацијата.

Директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс, говореше за развојот на овој проект кој Делегацијата го спроведува по германскиот модел за дуално стручно образование.

За две години на овој проект се приклучија 10 компании во пет градови. Шест од нив се германски инвеститори во земјата, две македонски компании, една американска и една словенечка компанија.

Соработуваме со пет стручни училишта, а оваа година ќе работиме на тоа да го зголемиме бројот на компании партнери како и бројот на ученици кои ќе бидат дел од програмата- информираше Мартенс.

Министерот за образование Адеми е задоволен од овој проект и поддршката која ја има Министерството од Делегацијата на германското стопанство. Делегацијата вложува многу во едукацијата на професорите на училиштата партнери, истовремено ја координира работата помеѓу училиштата, компаниите и нашата институција.

Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, информираше дека од неодамна се донесе Закон за практиканство, како и закон со кој компаниите можат да отворат свои тренинг- центри со што ќе им се олесни можноста да ги едуцираат и доедуцираат своите вработени.

Ото Граф, Заменик амбасадор во германската амбасада во Скопје, смета дека за успехот на земјата е особено важно да се изгради систем во образованието, тоа е единствениот начин земјата да оди напред.

Претставници на компании кои се дел од оваа програма говореа за придобивките од дуалното стручно образование кое го сметаа за многу важна инвестиција во понатамошниот развој на фирмите.

Со дуалното стручно образование не само што вложуваме во развојот на производството, неговиот квалитет и конкурентноста на компаниите, ние вложуваме и во иднината на младите луѓе со цел да останат во својата татковина и да имаат работа која ќе им понуди перспектива и можности за напредок- соопшти Мартенс.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top