Општество
МЕДЕНО РЕЗИМЕ

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Филмската година која е зад нас започна и завршува во знак на „Медена земја“. Лансирната рампа беше поставена на фестивалот Санденс каде што филмот освои три награди, вклучувајќи ја и онаа за најдобар светски документарец. Планетарниот фестивалски поход кој следуваше беше молскавичен и незапирлив: Хонгконг, Полска, Индија, Шпанија, Израел, Грција, Бразил, САД, Русија, Австралија, Германија и така натаму… редоследот е неважен. Додека го подготвувам овој текст, престижниот Њујорк тајмс (New York Times) ја објави годишната листа за најдобри филмови за 2019 година: По краткиот аналитички вовед може да се прочита: 1. „Медена земја“ ([Honeyland], [Тамара Котевска и Љубомир Стефанов]). Подолу на листата ги среќаваме делата на Бонг Јун Ху (Bong joon Hu), Мартин Скорсезе (Martin Scorsese), Грета Гервиг (Greta Gerwig), Мајк Ли (Mike Leigh), Ноа Баумбах (Noah Baumbach), Квентин Тарантино (Quentin Tarantino)... мало и одбрано друштво на анонимуси.

Уште не сум стигнал да ја процесирам информацијата, ете ти го Кружокот на њујоршките филмски критичари (The New York Film Critics Circle). Се изјасниле и тие. „Медена земја“ е прогласен за најдобар документарен филм. Но, веќе одамна нема простор за неверица. Имаме очајничка потреба од добри вести. Тие се кислород за нашите жабри. Додека овој магазин излезе од печат, убеден сум дека ќе просведочиме и други вести слични на овие. Крајот не се гледа или можеби да: 13 јануари и очекуваната номинација за Оскар. Јави се јужна! Потоа ќе можеме малку да одмориме и добро да размислиме.

Кога во 1994 година „Пред дождот“ на Милчо Манчевски го освои Златниот лав во Венеција тоа беше вистински тајфун во грбот на младата независна македонска нација. Нешто подоцна ги започнав моите универзитетско-гастарбајтерски денови. Единствените луѓе со кои не морав да играм весела географија и кои знаеја за постоењето „таму некаде“ на мојата земја беа оние кои го гледале филмот. Затоа, ќе им бидам вечно благодарен. Четврт век подоцна „Медена земја“ поставува нов преседан за македонската кинематографија и култура воопшто. Овој „среќен инцидент“ е производ на страста, на посветеноста и на истрајноста на малата, но фино наштимана екипа на филмски работници во совршена креативна симбиоза: режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, алфа-омега продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и снимателите Самир Љума и Фејми Даут. Avec l’amour, капа долу.

Прашањето кое спонтано ми се наметнува е следново: дали овој успех ќе го земеме здраво за готово или сепак ќе успееме да го јавнеме бранот. Сакам да верувам во второво. Гледањето на документарен филм во полна сала повеќе нема да биде исклучок кој го потврдува правилото. Луѓето кои решаваат каде одат народните пари ќе го препознаат потенцијалот на креативната документаристика и таа нема да биде на маргините како досега. Ќе успееме да ги пресечеме во корен сомнителните продукции чија единствена визија е онаа лукративната. Ќе ја заборавиме паланечката навика на тапкање по рамо и ќе научиме да бидеме првите искрени критичари на делата на нашите пријатели, токму затоа што сме пријатели. Ќе се врати новинарството во културата и културата во новинарството. Ќе научиме да ги почитуваме сопствените вредности, пред тоа да го направи светот. Културната стратегија ќе биде повеќе од обична флоскула. Ќе ги спасиме архивите за конечно да можеме да погледнеме напред. Ќе...

Во вестите од светот: Тарантино сѐ уште добро се/нѐ забавува, Славој Жижек напиша филозофски есеј за „Џокер“, блокбастерот на годината е јужнокорејски, Скорсезе конечно ги пензионира „добрите момци“.
Среќна Нова година! Ви посакувам 20/20 vision.

 

(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2019 / јануари 2020)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top