Интервјуа
ДОАЃА НАЈДОБРОТО ВРЕМЕ ЗА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА

Алек Ицев
Менаџер за инженерство во „Гугл“

 

 

Вие сте менаџер за инженерство во славниот Гугл. Како се стигнува од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ и Електротехничкиот факултет во Скопје до Гугл? Кој беше најголемиот предизвик на тој пат?

А. Ицев: Мојата приказна е едноставна. По завршувањето на додипломските студии во Скопје сакав да го проширам моето образование и во тоа време американските универзитети нудеа порелевантни постдипломски програми за компјутерски науки од европските, па Worcester Politechnic Institue од Масачусетс ми даде најдобра понуда за работа како асистент и финансиска поддршка за научно истражување. По дипломирањето, од WPI добив понуда да работам за една интересна биоинформатичка фирма во близината на Бостон, наречена „GenomeQuest“ и оттаму преминав во една, за тоа време, голема компанија за enterprise software пренаречена „BEA systems“ во Сиетл. Од таму бев регрутиран од една релативно мала компанија наречена Гугл, каде што почнав да работам во март 2005 година. Предизвиците се секогаш поврзани со адаптациите во нови средини и менаџерски структури, но ако инвестирате во постојан личен развој и ако развиете афинитет кон американскиот технокапитализам и прогресот кој го носи тој во светот, мотивацијата станува доволно силна да ги совлада сите предизвици.

Самиот пишувате дека ваша страст е градењето силни тимови и развивањето идеи со извонредни луѓе. Од каде извира мотивацијата за ваквиот пристап?

А. Ицев: Јас верувам дека нема успешен проект без извонреден тим кој стои зад него и затоа од секогаш сум целел кон тоа да бидам опкружен со амбициозни, ентузијастични, позитивни и интелигентни луѓе. Ако треба да издвојам една лекција која сум ја научил во текот на целата моја кариера, тоа е дека не постои успешен човек, а уште помалку успешен бизнис без посветен тим кој неуморно работи за истата цел. Токму затоа внимавам со кого соработувам бидејќи кога една задача е сработена од страна на неколку извонредни луѓе кои споделуваат идеи, меѓусебно се надополнуваат и заемно се поддржуваат работејќи за истата цел, не постои можност таа да не се реализира на најдобар можен начин. Како што вели поговорката: „Ако сакаш да одиш брзо, оди сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, оди заедно со другите“.

Во Гугл работите повеќе од една деценија. Кој е Вашиот тековен ангажман таму?

А. Ицев: Мојата област на екпертиза е анализирање на податоци (Data mining), област која се фокусира на наоѓање интересни трендови и информации во огромни маси на податоци, способноста на машините да „учат“ (machine learning) се фокусира на алгоритми кои учат од податоците во минатото и врз нивна база предвидуваат што ќе се случи во иднината. Моментално сум на сениорна менаџерска позиција во една голема enterprise платформа што се вика Display and Video 360 која ги поврзува големите компании кои купуваат дигитални видео, аудио и дисплеј реклами со повеќе од 40 берзи за дигитален огласен простор кои, пак, се поврзани со веб-страници во светот. Водам повеќе проекти кои користат дата мининг и вештачка интелигенција и се фокусирани на тоа како да се најде оптимален пат да се потрошат големи дигитални буџети, а при тоа да се остварат максимум ефекти од самата дигитална кампања.

ВИДЕТЕ, БИЗНИСОТ Е АКТИВНА ИГРА, МОРА ДА СЕ АДАПТИРАТЕ, ДА УЧИТЕ ОД ПОДОБРИТЕ, ДА ГИ КОРИСТИТЕ НОВИТЕ ТЕХНОЛОГИИ ВО ВАША ПРЕДНОСТ. АКО ГИ ЗЕМЕТЕ ЗА ПРИМЕР НАЈГОЛЕМИТЕ БИЗНИСМЕНИ ВО СВЕТОТ КАКО, НА ПРИМЕР, БИЛ ГЕЈТС ИЛИ ВОРЕН БУФЕТ, ТИЕ СЕ „ТРКААТ“ КОЛКУ ПОВЕЌЕ КНИГИ ЌЕ ПРОЧИТААТ ВО ЕДЕН МЕСЕЦ

Човештвото влегува во ерата на Четвртата индустриска револуција. Зборуваме за нови технологии, глобална поврзаност, дигитализација, вештачка интелигенција... Од една страна, неверојатно возбудливо, од друга страна крајно неизвесно. Вашиот поглед?

А. Ицев: Јас сум супер оптимист, мислам дека доаѓа најдоброто време за планетата Земја. Мислам дека ќе имаме многу повеќе енергија од обновливи извори и тоа ќе им помогне на нискоразвиените земји да се подигнат од сегашната сиромаштија. Растот на енергијата од обновливи извори ќе помогне со проблемот на затоплување на Земјата. Исто така напредокот во технологиите за десалинизација на океанската вода ќе ги решава тензиите од недостаток за питка вода. Електричните автомобили ќе ги победат бензиските и автомобилите ќе бидат управувани од компјутери. Овој напредок ќе ја зголеми сигурноста во сообраќајот и ќе ја намали загаденоста во големите градови. Ќе видиме голем прогрес во раната дијагноза преку технологии базирани на вештачката интелегенција во раната дијагноза на болестите кои се најголема причина за смртност како срцевите заболувања, ракот, дијабетесот и Алцхајмеровата болест.
Најголемиот предизвик е како да се сочува глобалниот мир, но и тука сум оптимист затоа што мислам дека аутпутот од новите технологии ќе ги направат војните за ресурси работа од минатото.

Постојните бизнис-модели се сѐ повеќе нарушени од најновите технолошки случувања. Кој е Вашиот генерален совет до бизнисмените, како да се справат со новите околности?

А. Ицев: Видете, бизнисот е активна игра, мора да се адаптирате, да учите од подобрите, да ги користите новите технологии во ваша предност. Ако ги земете за пример најголемите бизнисмени во светот како, на пример, Бил Гејтс или Ворен Буфет, тие се „тркаат“ колку повеќе книги ќе прочитаат во еден месец. Развојот на интернетот направи многу информации еднакво пристапни до милијарди луѓе и тоа е огромна предност за оваа генерација на бизнисмени да иновира, да креира и да оперира многу поефикасно од кога и да е досега во историјата.

И покрај повеќегодишното живеење во странство, Вашиот контакт со земјава не е прекинат. Вие сте член на Бордот на директори на „Македонија2025“. Што Ве поттикна и како гледате на овој ангажман?

А. Ицев: „Македонија2025“ е организација која е креирана од успешни Македонци од САД и од Канада со цел да ѝ помогне на македонската економија со практични методи да оди напред и да расте. Организацијата помага секоја година македонските бизнис-лидери да одат на обуки во врвни бизнис-училишта во САД и во Канада. Исто така ние носиме експерти од таму да престојуваат и да им помагаат во пренос на знаења на нашите фирми тука во Македонија. Организира супер интересен самит во Скопје со луѓе од целиот свет. Исто така ги поттикнува и ги поврзува деловните Македонци од светот да се поврзат меѓу себе и да се поврзат со Македонците дома и да се создадат нови партнерства и можности да расте македонскиот извоз. „Македонија2025“ им помага и ги охрабрува странските инвеститори да инвестираат во земјава. Мојата мотивација за ангажман е надежта дека со овие активности во Македонија ќе има повеќе среќни луѓе и насмевки, а тоа е најдоброто што може да му се посака на својот народ.
Заедно со сопругата станавме дел од Одборот на директори во 2018 година, каде што придонесуваме не само финансиски, туку и со нашето вложено време. Она што ме поттикна да се приклучам во организацијата е тоа што „Македонија2025“ наоѓа практични методи за да ги привлече успешните Македонци од дијаспората да ѝ помагаат на земјава во која било смисла на зборот. Секогаш велам дека дијаспората треба да претставува екстензија на нацијата. Сметам дека е многу важно да се создаваат посилни релации со Македонците кои се успешни надвор и кои имаат контакти во странство од која било сфера од живеењето. На тој начин, тие остануваат поврзани со татковината и можат да придонесат во нејзиниот развој.
Би сакал да потенцирам дека преку „Македонија2025“ досега е направено поврзување на околу 20 компании, што позитивно влијае врз извозот на компаниите. Исто така организацијата досега помогнала и поттикнала влез на околу 15 странски инвестиции, најчесто од доменот на информатичката технологија. Најголем дел од активностите, сепак, се во рамките на столбот за образование и лидерски развој. Во изминативе 10 години имаме инвестирано 1 милион американски долари за програмите за лидерство во кои се вклучени повеќе од 500 претприемачи и менаџери во Македонија.

Во периодот од 13 до 15 ноември 2019 година, во Скопје ќе се одржи осмото издание на Самитот „Македонија2025“. Какви се Вашите очекувања за Самитот оваа година?

А. Ицев: Фокусот на Самитот е да биде голем едукативен настан и настан за поврзување. Оваа година очекуваме над 50 истакнати говорници и разновидна публика составена од 400 и повеќе менаџери, директори, претприемачи, членови на Академијата, успешни млади професионалци, високи функционери и дипломати.
Самитот ќе понуди богата тридневна програма исполнета со 10+ панел-дискусии и засебни тематски сесии. Главниот фокус ќе биде ставен на темите: иновации и нивното влијание врз намалување на загадувањето на животната средина/воздухот, како и иднината на работните места и вештините. Некои од останатите теми ќе бидат поврзани со глобалните економски и геополитички трендови, можностите за финансирање на малите и средни претпријатија, семејните бизниси, успешните македонски платформски компании и други интересни дебати.
И оваа година, врвни експерти од целиот свет ќе ги споделат своите знаења со македонската бизнис-заедница. Некои од потврдените говорници се: Елизабет Наумовски, експерт за финансиска писменост и водител на телевизиското шоу „Finance is Personal”; Том Битов, сопственик на семеен бизнис; Тери Шулц, истакнат новинар во Deutsche Welle; Петер Табак, заменик-директор и водечки регионален економист во ЕБРД; Ирена Јовева, пратеник во Европскиот парламент; Јонас Коивисто, истражувач од Универзитетот во Хелсинки; Гоце Андревски, професор по стратегија на Квинс универзитетот во Канада и многу други.

Низ годините, Самитот „Македонија2025“ прерасна во препознатлив регионален бренд. Накратко, кои се придобивките од учеството на Самитот? Како можат заинтересираните лица да се регистрираат?

А. Ицев: Низ годините, над 2 500 посетители и повеќе од 400 говорници од светот учествувале на Самитот со што тој стана најголема платформа за вмрежување и соработка во земјава и регионот. Покрај панел-дискусиите, овогодинешниот Самит ќе им понуди на домашните компании и на учесниците одлична можност за поврзување со странските компании, со потенцијални инвеститори, како и со наши истакнати членови на дијаспората преку новововедената онлајн платформа за Б2Б-средби. Меѓу другото, ќе се организираат и специјални работилници/сесии ориентирани кон градење стратегии за компаниите. Коктелите за вмрежување во рамките на Самитот ќе понудат одлична можност за поврзување на сите присутни.
Сите заинтересирани можат да се регистрираат на официјалната веб-страница на Самитот: <www.mk2025summit.com>. Котизацијата во редовната регистрација изнесува 150 € / 9 225 денари за микро, мали компании, невладини организации и индивидуи, односно 250 € / 15 375 денари за претставници на големи компании. Ве очекуваме!

(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top