Интервјуа
ГО ЗГОЛЕМИВМЕ КРЕДИТИРАЊЕТО И ПРИ НЕПОВОЛНИ ПАЗАРНИ УСЛОВИ

Петар Трпески
директор на Секторот за управување со корпоративни клиенти на „Шпаркасе банка Македонија“

Имавме две интересни години бидејќи, и во услови на стагнација на пазарот, како банка остваруваме позитивен раст. Тоа се должи на нашиот пристап и на вредноста која клиентите ја препознаваат од соработката со нас.

Банките продолжуваат да ја зголемуваат кредитната активност, но таквиот раст претежно се должи на делот на потрошувачките кредити за населението, покажуваат официјалните податоци. Во делот на кредитирањето на правните лица, состојбите на пазарот се посложени – со мали позитивни, па дури и негативни стапки на раст. На оваа тема разговаравме со Петар Трпески, директор на Секторот за управување со корпоративни клиенти на „Шпаркасе банка Македонија“, банка која во изминатиов период покажува пораст токму во сегментот на кредити наменети за фирмите. „Шпаркасе банка Македонија“ минатата година го доби признанието за најбрзорастечка корпоративна банка во Македонија (Fastest Growing Corporate Bank Macedonia 2018) од страна на Global Banking & Finance Review. 

 

Господине Трпески, податоците на централната банка покажуваат дека кредитната активност на банките е во пораст, но таа претежно се должи на физичките лица. Како ги оценувате моменталните трендови?

П. Трпески: Констатацијата ви е точна, вкупната кредитна активност расте од година во година, но ако се погледне во структурата може да се забележи дека позначаен носител на растот се физичките лица. Во делот на правните лица, растот е недоволен и најчесто е нерамномерно креиран во текот на годината. Што се однесува на првите 6 месеци од 2019 година, корпоративното портфолио на ниво на пазар има благ пад. Имајќи го предвид намалувањето на каматните стапки и умерениот раст на корпоративното портфолио во изминатиов период, може да се заклучи дека пазарот е во неповолна позиција и во делот на каматните приходи кои имаат тенденција на опаѓање. Во изминативе години корпоративното портфолио на ниво на земја процентуално растеше со пониски стапки, а истовремено каматните приходи имаа позабрзан тренд на намалување. Ова воедно е силен индикатор и за зголемена конкуренција при недостаток на доволен раст на кредитирањето.

ЗА ПЕРИОД ОД 18 МЕСЕЦИ, КРЕДИТИТЕ НА БАНКАТА ВО КОРПОРАТИВНИОТ ДЕЛ ПОРАСНАА ЗА 30 МИЛИОНИ ЕВРА. ВО ИДНИНА ОЧЕКУВАМЕ РАСТОТ ДА СЕ ЗАБРЗА

Не е ли малку невообичаено каматите да се намалуваат, а побарувачката на кредити од страна на компаниите да стагнира или да не расте?

П. Трпески: Како што напомнавме, зголемената ликвидност и конкуренцијата во изминатиов период имаше влијание врз намалувањето на каматите, што е евидентно и во земјите од еврозоната. Кај нас ова може да се согледа од податоците за пазарот на ниво на земја. Портфолиото на нефинансиски правни лица во последниве три години (2016, 2017 и 2018 година) имаше умерен раст од: 2,67 %, 2,98 % и 6,72 % респективно. За истиов период, намалувањето на приходите од камати се движи со стапки од: 3,93 %, 7,85 % и 5,35 %.

Како „Шпаркасе банка Македонија“ се справува со предизвиците во делот на финансирање на компаниите и што прави да се издвои во однос на конкуренцијата?

П. Трпески: Ние имавме две интересни години бидејќи, и во услови на стагнација на пазарот, како банка остваруваме позитивен раст. Пред сѐ, резултатите произлегуваат од пристапот кој го имаме во соработката со клиентите. Тоа придонесе пазарот сѐ повеќе да го препознава нашиот бренд, како и регионалното значење на „Ерсте“ и на „Шпаркасе Групацијата“. На многу клиенти им се допадна нашиот начин на работа и им помогна подобро да ги структурираат своите финансии и постабилно да ги развиваат бизнисите. На пазарот, веќе традиционално, се издвојуваме со проектното финансирање кое е, исто така, воспоставено според групациската методологија. Имаме изработено повеќе проекти, особено во делот на мали хидроцентрали. И во иднина посебно внимание ќе посветуваме на овој сегмент. Како посебна предност на банката е и можноста за cross-border финансирање на големи проекти, заедно со банките од „Ерсте“ и од „Шпаркасе Групацијата“. Треба да се одбележи и фактот дека во последниов период посебно се фокусираме на малите и средните претпријатија. Покрај поволностите во делот на меѓународните плаќања и електронските канали, ги нудиме и актуелните кредитни линии кои се интересни за овој сегмент на правни лица.

ИДНИНАТА НА НАШАТА ЕКОНОМИЈА ВО ГОЛЕМА МЕРКА Е ДЕТЕРМИНИРАНА ОД ИЗВОЗОТ. ИАКО ПОСТОИ ПРОСТОР ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДОМАШНАТА ПОТРОШУВАЧКА, СЕПАК, ОНА ШТО ЗНАЧИ ВИСТИНСКИ РАЗВОЕН ПОТЕНЦИЈАЛ СЕ ЕВРОПСКИОТ И СВЕТСКИОТ ПАЗАР

Кога велите интересни, мислите од аспект на каматните стапки, роковите на отплата, обезбедувањето...?

П. Трпески: Секоја засебно. На пример, кредитната линија за поттикнување на конкурентноста на МСП од ЕБОР е атрактивна поради тоа што на инвеститорите им овозможува грант во износ до 15 проценти од кредитот. Со ова на инвеститорите им се овозможува надоместување на трошоците за финансирање, како и подобрување на приносот од инвестициите. Останатите кредитни линии имаат други предности. На пример, финансирањето со кредитните линии на ЕИБ¬/МБПР е интересно поради поволната цена и особено поради можноста за фиксирање на каматата, што е битно за долгорочните инвестиции.

За колку е зголемено кредитирањето во корпоративниот дел во „Шпаркасе банка Македонија“ и какви се Вашите очекувања за наредниов период?

П. Трпески: Во согласност со нашите стандарди за финанансирање, големината на пазарниот сегмент кој банката има за цел да го покрие овозможува основа за проектирање на раст во идниве години. Во изминатиов периодот од 18 месеци, почнувајќи од 2018 година, кредитите на банката во корпоративниот дел пораснаа над 30 милиони евра. И покрај пазарните ограничувања за кои зборувавме, предвидуваме трендот на пораст да се одржи, а во иднина очекуваме растот да се забрза.

Владата со ребалансот на Буџетот ја коригира проекцијата за раст на БДП од 3,2 отсто на 3,5 отсто. Очекувате ли заживување на економијата што ќе значи и поголема заинтересираност за користење банкарски кредити?

П. Трпески: Резултатите од првите два квартала може да се каже дека се поволни. Особено беа интересни во првиот квартал кога растот на реалниот БДП беше 4,1 %. Сепак, порастот за првите 6 месеци од годинава изнесува 3,6 % и е поумерен од првичните проекции. Од анализата на компонентите на растот во првите 6 месеци од годинава може да се заклучи дека е генериран од домашната побарувачка и од инвестициите кои, од своја страна, се индикатор за можно зголемување на економската активност во иднина. Ако продолжи ваквиот тренд, секако ќе очекуваме и позитивен развој во делот на кредитирањето. Имајќи го предвид порастот на нашето кредитно портфолио во изминатиов период, зголемената економска активност очекуваме да ни овозможи побрзо да растеме.

„ШПАРКАСЕ БАНКА“ СЕКОГАШ ВО ФОКУС ГИ СТАВА ПРОЕКТИТЕ КОИ СЕ ОПШТЕСТВЕНО ОДГОВОРНИ И ГИ СТИМУЛИРА СИТЕ ДЕЛОВНИ ОДЛУКИ НА КЛИЕНТИТЕ ВО ТОЈ ПРАВЕЦ. КЛИЕНТИТЕ КОИ ПРИСТАПУВААТ КОН ИНВЕСТИРАЊЕ СЕКОГАШ НАСТОЈУВАМЕ ДА ГИ ПОДДРЖИМЕ ВО ИЗБОРОТ НА ЕНЕРГЕТСКИ ПОЕКОНОМИЧНА ОПЦИЈА, КРЕИРАЊЕ ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА, ЗАШТИТА НА ОКОЛИНАТА ИТН

Колку се здрави малите и средни компании кај нас и дали кај нив постои потенцијал да генерираат поголем економски раст?

П. Трпески: Може да се каже дека бројот на компании кои имаат стабилен развоен потенцијал не е голем, но евидентен е трендот на пораст. Што се однесува до развојниот потенцијал, можеби треба да се има предвид општата оценка дека иднината на нашата економија во голема мерка е детерминирана од извозот. Иако постои простор за зголемување на домашната потрошувачка, сепак, она што значи вистински развоен потенцијал се европскиот и светскиот пазар. Македонските фирми кои размислуваат извозно и инвестираат во насока да бидат поконкурентни на странските пазари имаат сериозен потенцијал за развој. Имаме искуство со фирми кои се исклучително конкурентни на други пазари. Овие компании претставуваат основа да очекуваме развој на нови бизниси во иднина кои во фокусот ќе ги имаат меѓународните пазари.

Колку банките во целина, а посебно „Шпаркасе Банка Македонија“ се подготвени таквиот потенцијал да го поддржат преку соодветно финансирање?

П. Трпески: Со нашата кредитна активност во изминатиов период, практично индициравме дека сме подготвени да ги поддржиме домашните фирми во нивниот развој и реализирањето на деловните идеи. Секако, клиентот треба да исполнува финансиски и други, квалитативни услови за да може да пристапи кон банкарско финансирање. Што се однесува до стартап компаниите, кои се развиваат практично од идеја, банката исто така ја има „Чекор по чекор“ програмата која им овозможува да добијат различни пакети за едукативна, за финансиска и менторска поддршка.
Со оглед дека станува збор за микро претпријатија – програмата им овозможува на новите фирми да почнат со работа, да се обидат да ја реализираат идејата, да стигнат до одредено ниво на кое ќе можат подоцна да преговараат за корпоративно или проектно финансирање. Во делот на проектното финансирање, банката овозможува поддршка на нови проекти кои обезбедуваат соодветна исплатливост, ставајќи ги во преден план идните парични текови од проектот.

Банките во светот, па и кај нас, при постапката за одобрување финансиски средства сѐ повеќе акцент ставаат и врз екологијата. Каков е пристапот кон овој сегмент во Вашата банка?

П. Трпески: „Шпаркасе банка“ секогаш во фокус ги става проектите кои се општествено одговорни и ги стимулира сите деловни одлуки на клиентите во тој правец. Клиентите кои пристапуваат кон инвестирање секогаш настојуваме да ги поддржиме во изборот на енергетски поекономична опција, креирање подобри услови за работа, заштита на околината итн. Дополнително некои од кредитните линии кои ги споменавме тоа го предвидуваат и во условите за користење. На пример, компаниите можат да ја користат кредитната линија од ЕБОР доколку со неа обезбедуваат конкурентска предност, но со едновремено постигнување подобрени услови за работа, за заштита на животната средина, за заштеда на енергија...

Рековте дека очекувате раст на кредитирањето, меѓутоа од Европа и од светот доаѓаат не толку оптимистички сигнали. Германија е во техничка рецесија, на глобално ниво познати се „триењата“ меѓу САД и Кина. Колку сево ова може негативно да влијае на трендовите во кредитирањето на фирмите кај нас?

П. Трпески: Крајот на 2017 и почетокот на 2018 година во Европската Унија беше економски најдобриот период во последниве 10 години и креираше позитивни очекувања за иднината. Меѓутоа, како што кажавте, трговските војни и другите фактори повторно го забавија растот, доведувајќи до нова економска ситуација во која Германија, како водечка економија во Европската Унија, влегува во рецесија. Во оваа насока, во своите септемвриски проекции, Европската централна банка го коригираше економскиот раст на Унијата за 2019 година од 1,2 % на 1,1 %, а стапката на инфлација од 1,3 % на 1,2 %. Генерално, забавувањето на економскиот раст во Европската Унија и особено во Германија може да се очекува да влијае врз нашава економија преку извозот – имајќи предвид дека учеството на земјите од Европската Унија партиципира над 60 % во структурата на нашиот извоз. Сето ова може да има дополнителен негативен ефект и врз кредитната активност. Последниве случувања во еврозоната воедно индицираат и можно задржување на каматните стапки во негативна зона во наредниве години.


(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top