Е-Б-Ф-Б
ДОБРЕДОЈДЕ НА НОВИТЕ БРЕНДОВИ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР!

Бранко Азески
Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија

Брендот е едно од најважните одбележја на една компанија – зад брендот се вградени целата деловна филозофија, вредностите и лојалноста кон деловните партнери и потрошувачите. Затоа особено ме радува што во последниов период имавме неколку стратешки позиционирања на брендови во македонската економија, што влегоа на пазарот со желба да продолжат да растат и да ги развиваат компаниите, да инвестираат во нови технологии и квалификуван кадар, да носат раст и развој.

Од почетокот на годинава се основаше „Еуроникел Индустри“, во согласност со планот за реорганизација, со што индустрискиот гингант „Фени“ беше спасен од затворање. Основачот го презеде управувањето на фабриката уште во 2018 год., со договор за преработка на руда и, имајќи предвид дека располага со сопствени ресурси на висококвалитетна руда, високостручен и професионален кадар, а со финансиски капитал овозможи непречено работење на фабриката и покрај неповолната состојба на пазарот на никел во тој момент, уште во првата година (2018 год.) го надмина производниот праг над 10 000 тони никел, колку што фабриката произведувала претходните две години. За девет месеци од 2019 год., „Еуроникел Индустри“ веќе има произведено 10 000 тони никел, а целта за 2019 год. е 15 000 тони. Земајќи предвид дека и пазарните услови на пазарот на никел се подобрени во втората половина од 2019 год., растот на производството и растот на цената имаат огромно влијание на целокупниот раст на индустриското производство и извозните параметри на национално ниво.

Компанијата веднаш започна со инвестиција за реконструкција на втората (од двете) електропечки, како и обнова на други производно круцијални агрегати. Предвидениот буџет за оваа инвестиција изнесува 14 милиони американски долари и се очекува финализација во декември 2019 год., што значи фабриката ќе се стави во работа со полн капацитет. Зависно од пазарните услови и направените инвестиции, како и исклучителните ресурси со кои располага „Еуроникел“, раководството проектира годишно производство од минимум 23 000 тони никел со што кавадаречката фабрика за никел повторно ќе се искачи високо на листата светски производители на никел во форма на фероникел.
Месецот септември го донесе официјализирањето на влезот на уште два светски бренда на македонскиот пазар.

Телекомуникациската компанија „Оне.Вип“ официјално го заврши процесот на ребрендирање во „А1 Македонија“ – сега официјално под брендот А1, повеќе од 1 100 вработени се грижат за обезбедување на најдоброто корисничко искуство за над 1 200 000 корисници, за телекомуникациски и дигитални решенија. Групацијата „А1 Телеком Австрија“ котира на Виенската берза и е водечки снабдувач на дигитални услуги и комуникациски решенија во Централна и Источна Европа со повеќе од 24 милиони корисници кои работат во седум земји: Австрија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Белорусија, Република Северна Македонија и Србија. На крајот на 2018 година, приходот на Групацијата изнесувал околу 4,47 милијарди евра. Портфолиото на Групацијата „А1 Телеком Австрија“ опфаќа широкопојасна инфраструктура на интернет-мрежа, мултимедијални услуги, податочни и ИТ-решенија, големопродажба и решенија за наплата преку мобилен телефон.

Конечно, поранешната скопската челичарница „АрцелорМитал“ сега е официјално дел од глобалната Алијанса ГФГ на Санџив Гупта и продолжува да работи под брендот „Либерти Скопје“. Со преземањето на седум клучни капацитети за челик и пет сервисни центри во седум европски земји, со вкупна инвестиција од 740 милиони евра, „Либерти Стил“ стана еден од првите меѓу десетте производители на челик на глобално ниво, со исклучок на Кина, со вкупен капацитет на валање кој надминува 18 милиони тони, што опфаќа широк спектар на готови производи. При тоа „Либерти Скопје“ има капацитет за производство од 750 илјади тони ладно валан челик, 200 илјади тони галванизиран челик со топли натопи, како и 77 килотони органски обложен челик за градежни и индустриски клиенти.
На сите три бренда официјално им посакувам добредојде во македонското стопанство!

П. С. Месецот септември го донесе и одбележувањето на 40-годишниот јубилеј на еден од најголемите македонски брендови – компанијата „Пекабеско“, еден од лидерите на пазарот, но и најголемите извозници на регионалните пазари. Можам само да посакам да продолжи успешното работење!

(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2019 година)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top