Е-Б-Ф-Б
АКЦЕЛЕРАТОРОТ УКИМ ГИ ПОВИКУВА НОВИТЕ БЕТАПИЧ НАТПРЕВАРУВАЧИ

Александар Стамболиев
Авторот е директор на Акцелератор УКИМ

Акцелераторот УКИМ ги очекува новите старт ап компании за акцелерација


„Иако можеби се чини дека сè е веќе измислено, сепак едно е сигурно – има многу што од веќе измисленото да се унапреди, да се оптимизира и да се подобри“. Со оваа констатација, Акцелераторот УКИМ ја создава иднината и заедно со основачите работи на подобрување на креативноста, на продуктивноста, на енергетската ефикасност и на пристапот до нови пазари на спиноф и старт ап компаниите преку финансиските инструменти и услугите за поддршка на македонските стартапи.
За да бидете дел од „иднината“, едноставно треба само да се пријавите на новата акцелераторска програма до средината на септември, објавена на http://accelerator.ukim.mk/. Оваа акцелераторска програма се фокусира кон градење релации со германските партнери (Бетахаус од Берлин, Техничкиот универзитет од Берлин и Дојче Телеком).
Десетте најдобри технолошко напредни бизнис-идеи кои нудат решенија за глобални проблеми ќе бидат избрани во акцелераторската програма која ќе започне во втората половина на септември. Избраните стартапи ќе добијат осумнеделна интензивна програма под водство на коосновачот ЦЕЕД Хаб Скопје, но и со директна вклученост од меѓународни ментори од Обединетата македонска дијаспора и од Проектот за развој на претприемништвото на Швајцарија (Swiss Entrepreneurship project). На крај на акцелераторската програма на Демоден, или подобро кажано на новиот почеток, ќе бидат избрани најдобрите стартапи со можни инвестиции до 100 000 евра и учество на Бетапич Берлин 2019. На овој глобален настан кој ќе се одржи на 5 декември 2019 година ќе се претстават решенија од 15 различни локации, меѓу кои и победниците на Бетапич Скопје 2019. Акцелерираните стартапи ќе имаат можност за учество на целодневна работилница под водство на Џон Калиен, СВП и Хед оф Т-лебс, Телеком иновејшн лабораторис (John Calian, SVP & Head of T-Labs, Telekom Innovation Laboratories), кој ќе ги претстави потребите на глобалните телеком оператори од технолошките старт ап компании и на кој начин може да се пенетрира на овој пазар.

Зошто повторно Берлин и Германија?
Берлин е познат низ целиот свет како културен и економски хаб и не е изненадувачки што се рангира во првите 10 градови на индексот на Глобалниот извештај за екосистемите за стартапи од 2019 година.
Неговите многубројни театри, музеи, галерии и музички клубови привлекуваат туристи од целиот свет, додека релативно евтините трошоци за живеење и за изнајмување ги привлекуваат и уметничките и претприемничките таленти. Берлин има четири добро познати универзитети и бројни академии кои привлекуваат илјадници студенти секоја година во градот.
Економијата на Берлин не е толку зависна од индустрискиот сектор како на другите германски градови, туку се потпира на неговиот разновиден креативен сектор. Многу стартапи се појавија од оваа креативна сцена и нивното ширење е импресивно: 42 700 стартапи се регистрирани во 2010 година, што се сведува на 124 компании за секои 10 000 жители.
Стартапите во голема мерка се лоцирани околу Торштрасе, булевар што понекогаш се нарекува Силикон алај („Silicon Ally“). Хабовите како што се Бетахаус и Фабрика Берлин (коворкинг простор) се поддржани од Гугл и придонесуваат за раст на берлинскиот стартап екосистем. Покрај добро познатите приказни за успех на дигиталните стартапи, како што е Саундклауд (Soundcloud), градот е исто така дом на многу почетни хардверски стартапи како што се УНУ Моторс, Формлебс и Аморели (UNU Motors, Formlabs и Amorelie).
Некои можеби се изненадени што Берлин не е рангиран дури и на повисоко ниво со оглед на забележителните стартапи што ги создаде.
Според startuphubs.eu, моментално Берлин има над 171 000 стартапи во кои се вработени над 667 000 луѓе. Во изминатава деценија, стартапите во Берлин обезбедија финансирање од над 3,1 милијарди евра. Успешните приказни служат како инспирација за новите претприемачи, истовремено привлекувајќи капитал.
Финансиската поддршка, како на пример од Инвестициската банка Берлин (Investitionsbank Берлин (IBB)), вклучува грантови и инвестиции за стартапи во креативните сектори кои имаат право на финансиска поддршка од државата.

Предности на секторот: Финтеч (Fintech)
Берлинскиот екосистем Финтеч (Fintech) е дом на бројни организации за поддршка на стартапи, како што е Финлеп (Finlep), компанија за VC што се фокусира на инвестициите во Финтеч (Fintech) и го менаџира еден од најголемите центри за стартапи на Финтеч (Fintech) во Европа, како H: 32.
Дојче банк и Аксел спрингер водат лаборатории за иновации и акцелераторски програми, но највозбудливиот дел се самите стартапи.
Финтеч (Fintech) уникорнот N26 собра 300 милиони долари финансирање во Серија Д во јануари 2019 година, додека Рајсин (Raisin), претставен на списокот FinTech50 на најдобрите 50 стартапи во Европа на Финтеч (Fintech) во 2018 година, собра 114 милиони американски долари во рунда од Серија Д во 2019 година.

Предности на секторот: вештачка интелигенција, големи податоци и аналитика
Берлин е дом на повеќе компании за вештачка интелигенција од кој било друг германски екосистем и вработува повеќе од 5 000 луѓе. Компаниите за вештачка интелигенција во Берлин се очекува да генерираат приход од над 2,2 милијарди американски долари до 2025 година. Екосистемот има меѓународно реномирани центри како што се германските истражувачки хабови за вештачка интелигенција, Берлинскиот хаб за машинско учење и Берлинскиот хаб за големи податоци. Покрај тоа, Владата објави дека ќе инвестира 3,4 милијарди американски долари во развој на можностите за истражување и развој на вештачка интелигенција во Германија во текот на следните шест години. Стартапот Ада здравство, апликација за здравствена заштита управувана од вештачка интелигенција, обезбеди 47 милиони долари во серија А во 2017 година.

* * *

Предноста на акцелераторите, воопшто, е тоа што ги интегрира следниве услуги: развој на вештини за унапредување на бизнис-моделите, адапација на технологијата во согласност со потребите на пазарот и обезбедување паметни инвестиции. Повеќето акцелератори во светот се заинтересирани за технолошки напредни стартапи и затоа Акцелераторот УКИМ ги охрабрува токму иноваторите од Македонија да понудат решенија за глобалните проблеми. Благодарение на партнерската мрежа на Акцелераторот, но и на содружниците ќе ви овозможиме брз пристап до глобалниот пазар.
Бизнис-акцелератор УКИМ почна со активности на почетокот на оваа година и за само неколку месеци реализира комплементарни активности за да го зголеми потенцијалот на младите и иновативни тимови и компании и да ги подготви за глобалниот пазар. Основачките партнери имаат исклучителна национална и меѓународна експертиза во областите клучни за развојот на еден успешен и одржлив деловно-технолошки акцелератор: развој на фундаментални и применети проекти за истражување; развој на мали и средни претпријатија, стартапи и претприемништво; финансирање на претпријатија и стартапи од рана фаза; техничка експертиза и деловни вештини кои може да се применат на корисниците на новооснованиот акцелератор.

(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top