Интервјуа
МЕЃУСЕБНАТА СОРАБОТКА Е КЛУЧ ЗА УСПЕХОТ НА СВЕТСКАТА ВИНСКА СЦЕНА

Елена Младеновска-Јеленковиќ
извршен директор на здружението „Вина од Македонија“

Покрај ангажманот во „Тиквеш“, Вие сте извршен директор на Здружението „Вина од Македонија“. Кажете ни најпрвин малку повеќе за самото здружение, неговите цели и досегашните клучни активности.

Е. Младеновска-Јеленковиќ: Здружението „Вина од Македонија“ е организација која ги застапува интересите на македонските винарници и е посветена на промовирање на квалитетот и на имиџот на македонските вина во целиот свет. Здружението овозможува стратешка поддршка на винскиот сектор во земјава преку организирана промоција на меѓународните вински настани, вмрежување и лобирање за унапредување на поврзаните индустрии како земјоделството, туризмот, екологијата, во соработка со домашните, но и со странски релевантни институции.

Нашава земја нема многу големо искуство и традиција на еснафско здружување и заеднички настап во светот. Какво е искуството на „Вина од Македонија“ во тој поглед?

Е. Младеновска-Јеленковиќ: „Вина од Македонија“ е основана во 2010 година и наназад има имплементирано бројни проекти за јакнење на капацитетите на чинителите на домашната, но и регионалната винска индустрија. Самата организација е пример за важноста и потентноста на здружувањето и заедничкиот настап пред меѓународната публика и пред потрошувачите од различни пазари во светот, како на пример при учеството на врвни меѓународни настани. Токму поради нашето искуство и присуство во светот, поаѓајќи од фактот дека сѐ уште не сме познати како вински регион, не само ние, туку и останатите земји на Балканот, ние сме иницијатори и основоположници на првата „Балканска винска мрежа“ која официјално ќе се објави на 4 октомври, како и организатори на првиот „Светски ден на вранецот“ кој ќе се одржи во Скопје на 5 октомври.

БАЛКАНОТ КАКО РЕГИОН ЈА ИМА ЕДНА ОД НАЈСТАРИТЕ ВИНСКИ ТРАДИЦИИ И СЕ ВБРОЈУВА МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА ВИНО ВО СВЕТОТ, НО И ПОКРАЈ ОВА СЀ УШТЕ НЕ Е ДОВОЛНО ПОЗНАТ НА ТОЈ НАЧИН НА ВИНСКАТА И ПОШИРОКАТА ЈАВНОСТ. НЕГОВОТО СТРАТЕШКО ПОВРЗУВАЊЕ И НАСОЧЕНОТО ЗАЕДНИЧКО ДЕЈСТВУВАЊЕ МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ МНОГУ ПРИДОБИВКИ ВО ОВАА НАСОКА

Какви се потенцијалите на винскиот бизнис од земјава и колку сме конкурентни на светскиот пазар?

Е. Младеновска-Јеленковиќ: Винската индустрија има огромен потенцијал да придонесе кон севкупниот развој на нашата локална економија, доколку таа би гарантирала стабилност и предвидливост како поттик за развој. Многу е битно да конкурираме и на светскиот пазар, во најголем дел преку извозот на висококвалитетни флаширани вина кои нудат одлична вредност за цената. Сепак мораме да го градиме имиџот за да добиеме т.н. „brand equity“ за нашето вино за со текот на времето потрошувачите да го препознаваат квалитетот и идентитетот на нашите вина. Во наредниот период императив е да работиме на дефинирање на стандарди во производството на грозје и унапредување на лозарството со цел да се обезбеди висококвалитетна суровина која ќе гарантира премиум квалитет кој се бара на светските пазари. Со 20 тони принос по хектар и наводнување неколку дена пред берба, тоа не можеме да го постигнеме.

По потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, добива дополнителна актуелност прашањето за заштита на географското потекло и регистрацијата на географските ознаки за вино од Македонија. Како се одвива овој процес?

Е. Младеновска-Јеленковиќ: Заштитата на географското потекло и регистрацијата на географските ознаки за вино од нашава земја е во согласност со одредбите на Преспанскиот договор меѓу нашава земја и Грција. Сите производители ги направија соодветните промени на етикетите и сите вина полнети по официјалната промена на името се со новото име на државава. Што се однесува до меѓународното претставување, нашето здружение е своевидна стопанска комора за производителите на вино во земјава. Сите членки заедно учествуваат со над 90 % од извозот на македонско вино. Токму поради тоа ќе бидеме и во делот за преговорите на бизнис-ниво со другата страна. Како дел од активностите за промоција на македонското вино, редовно сме домаќин на странски новинари, учествуваме на меѓународни саеми, вински натпревари и различни вински настани преку кои ги промовираме нашите вина и градиме препознатливост на земјава како вински производител. До сега сме имале реакции и соодветно биле застапувани интересите на државава и на индустријата. Поаѓајќи од фактот дека во светот постојат примери на вински региони кои се наоѓаат во две, па и повеќе земји, верувам дека ќе најдеме заеднички став за прашањето со името Македонија како вински регион. За жал, и тој наш заеднички регион е мал и недоволно познат, па во светот и ние и Грција допрва треба да го градиме или да се посветиме на Балканот како вински регион.

Поврзувањето на винариите не завршува во земјава. Се прави „Балканска винска мрежа“.

Е. Младеновска-Јеленковиќ: Балканот како регион ја има една од најстарите вински традиции и се вбројува меѓу најголемите производители на вино во светот, но и покрај ова сѐ уште не е доволно познат на тој начин на винската и пошироката јавност. Неговото стратешко поврзување и насоченото заедничко дејствување може да донесе многу придобивки во оваа насока.
Водени од идејата дека заедно сме посилни, со проектот „Виното како мост за поврзување на Западен Балкан“ аплициравме во Фондот на Западен Балкан (Western Balkan Fund) и во рамките на проектот го предвидовме формирањето на т.н. „Балканска винска мрежа“. Целта на ова вмрежување е поврзување и унапредување на развојот на винскиот сектор во регионот, лозарството, винскиот туризам и заедничко решавање на сите законски пречки кои се појавуваат при пласирање на вината од нашиов регион на трети пазари.
Официјалното лансирање на мрежата, потпишување на меморандумите за соработка и верификувањето на акцискиот план и на регионалната стратегија ќе се случи на 4.10.2019 година (петок), во Скопје, за време на Првата регионална конференција на „Балканска винска мрежа“. Се работи за навистина големо достигнување, а меѓусебното стратешко поврзување на релевантните субјекти и чинителите во винскиот сектор од 6-те земји на Западен Балкан. На настанот ќе има гости и од останатите земји на Балканот кои се веќе во Европската Унија, гости од: Грција, Бугарија, Словенија, Романија и Хрватска, со цел да се запознаат со нашите цели и во иднина заеднички да соработуваме за градење на Балканот како вински регион.

Балканското поврзување веројатно ќе даде и дополнителен стимул за развој на винскиот туризам.

Е. Младеновска-Јеленковиќ: Во услови кога конкуренцијата на глобално ниво е огромна и живееме во свет кога на потрошувачите сите информации им се достапни на дланка, останува клучниот проблем – кого ќе избере потрошувачот. Со динамичниот развој на туризмот како еден од клучните економски двигатели, речиси невозможна мисија е секоја една малечка земја како нашава да се оствари самостојно. За развој на туризмот мора да има добра стратегија со јасно дефинирани целни групи, а при дефинирање на една стратегија најбитно е да се одреди која е нашата компетитивна предност. За нашава земја тоа е еногастро понудата, која е неминовен дел за секој тип турист. Без разлика дали е авантуристички, културен, верски, селски, езерски... секој турист во нашава земја ќе ги проба неверојатната храна и врвните вина.
Заедничките напори кон промовирање на предностите на нашиов регион од аспект на производството на квалитетно вино, понудата на уникатни туристички доживувања, како и гастрономски специјалитети, се од големо значење за градењето на репутацијата на Балканот како дестинација од интерес, која може да понуди квалитетна, достапна и интересна понуда за туристите. Патувачите сакаат да откриваат нови приказни, а винскиот туризам во нашиов регион може да им го понуди токму тоа. Имаме компетитивна предност како една од последните „неоткриени“ дестинации во Европа. За жал, голем број од туристите доаѓаат во регионот, но не и кај нас. Веќе водиме разговори со различни институции во земјава за надминување на бариерите за кинеските туристи кои се сѐ побројни во регионот, но поради визниот режим ја заобиколуваат земјава.

Најновата активност на „Вина од Македонија“ е иницијативата за прогласување на 5 октомври за „Светски ден на вранецот“. Зошто токму „вранецот“?

Е. Младеновска-Јеленковиќ: „Вранецот“ е нераскинлив дел од винскиот и културниот идентитет на целиот Балкански Регион. Иако е сорта која оригинално потекнува од Црна Гора, кај нас е најзастапена, и тоа со приближно 11 000 хектари лозови насади. Токму „вранецот“ овозможува создавање овошни вина со ароми од капина, темни зрели сливи и ноти на слатки зачини, многу препознатливи и карактеристични по својата интензивна боја. Често се користи и за блендирање со други сорти бидејќи му дава структура на виното, моќ и полност, како и потенцијал за понатамошно зреење. Се работи за автохтона сорта која е секогаш интересна за меѓународната винска публика, а една од омилените и кај домашната, има голема отпорност на високи температури.

„ВРАНЕЦОТ“ Е СОРТА – ЗНАМЕНОСЕЦ НА БАЛКАНСКИОТ РЕГИОН И НЕЈЗИНАТА СВЕТЛА ПЕРСПЕКТИВА ВО КОНТЕКСТ НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ Е МОЖЕБИ НАЈЗНАЧАЈНАТА ПРИЧИНА ПОРАДИ КОЈА РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ НА СВЕТСКИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ЗА „ВРАНЕЦ“. СЕ РАБОТИ ЗА ИСКЛУЧИТЕЛНО СПЕЦИФИЧНА СОРТА КОЈА ПРЕТСТАВУВА ВИСТИНСКИ ПРЕДИЗВИК ЗА ЕНОЛОЗИТЕ

Кажете ни нешто повеќе за самиот настан. Тоа е регионална приказна во која „вранецот“ е во главна улога.

Е. Младеновска-Јеленковиќ: Трендот на обележување на одредена сорта вино во последнава деценија се има покажано како многу корисен, особено во контекст на позиционирањето на меѓународните пазари и зголемување на продажбата на вината направени од сортата која се слави. „Светски ден на вранецот“ е рамо до рамо со другите меѓународни денови кога се слават и други сорти низ целиот свет. Овој настан ќе го зголеми признавањето на Балканот како вински регион и ќе ја отвори вратата и за другите сорти на вино. На 5 октомври 2019 година (сабота), во хотелот „Хилтон“ во Скопје ќе има целодневна програма која ќе вклучи отворање и официјална инаугурација на „Светскиот ден на вранецот“ од највисокиот политички врв и од претседателот на Здружението „Вина од Македонија“ Светозар Јаневски, како и панел-дискусии и мастер класови со светски вински професионалци кои ја истражуваат оваа сорта. Меѓу нив се мастерите на вино Керолин Гилби (Carolyn Gilby), Дарел Џозеф (Darrel Joseph) и Питер Меккомби (Peter McCombie), вински новинари од Европската Унија, меѓу кои Томас Брандл (Thomas Brandl) од Германија, како и вински судии, меѓу кои Николас Ангелина (Nicolas Angelina) од Велика Британија. Настанот го поддржуваат и други вински професионалци од регионот (сомелиери, истражувачи, специјализирани новинари, вински фотографи, блогери, итн.) од Словенија, од Хрватска, од Србија и, секако, од нашава земја. На настанот ќе се одржи и првата дегустација во насока на дефинирање на посебна чаша за „вранец“.
За пошироката публика и за сите заинтересирани посетители, попладнето ќе се одржи и ексклузивен салон на вина од сортата „вранец“, произведени од домашните винарници „Бовин“, „Брзанов“, „Вардарска долина“, „Венец“, „Визба Валандово“, „Далвина“, „Езимит“, „Имако“, „Камник“, „Картел“, „Кувин“, „Попов“, „Попова Кула“, „Пуклавец“, „Сопот“, „Стоби“ и „Тиквеш“, како и винарии од Босна и Херцеговина, од Косово, од Србија и од Црна Гора. Салонот ќе биде отворен за јавноста од 16:30 до 22:00 часот, а влезниците може да се купат на мобилната продажна мрежа на <www.karti.com.mk>.

Карактеристиките на „вранецот“ во контекст на климатските промени и порастот на интересот на светските производители за „вранецот“ отвораат светла перспектива за „вранецот“.

Е. Младеновска-Јеленковиќ: „Вранецот“ е сорта – знаменосец на Балканскиот Регион и нејзината светла перспектива во контекст на климатските промени е можеби најзначајната причина поради која расте интересот на светските производители за „вранец“. Се работи за исклучително специфична сорта која претставува вистински предизвик за енолозите. Покрај тоа што е неопходно да се одреди соодветната локација со погоден тероар и погодни агроеколошки услови за негување на „вранецот“, се работи за исклучително робустна, снажна сорта, која содржи многу танини. Токму поради танините има изразена боја, а високиот степен на киселост придонесува за свежината во виното. Поради климатските промени, црвените вина низ светот ја губат киселоста и свежината, но „вранецот“ ги задржува токму овие атрибути. Може да произведе и до 25 тони грозје по хектар, но тогаш најмногу што ќе можеме да задржиме во виното е бојата. Кога имаме редуцирани приноси од 5 до 7 тони по хектар, добиваме одлично вино и зрели танини, а токму овој исход е најголемата добивка за енолозите. „Вранецот“ е одличен за блендирање со други сорти. Во нашиов регион тоа е често со „плавец“, „кратошија“, „мерло“, „каберне совињон“, но и „сира“ и „гренаш“.
Токму таа потентност на оваа сорта ја прави интересна и за научната јавност во светот. Некои земји експериментираат со насади на „вранец“ со цел да утврдат дали таа сорта ќе одговара на нивното поднебје за долгорочно можеби и да се префрли производството од интернационални сорти во насади од „вранец“.

(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top