Општество
„БОМБА“ ВО ТЕМЕЛОТ НА СИСТЕМОТ

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Република Северна Македонија во октомври 2019 година ќе добие датум за преговори и брзо потоа ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. Или, Бивша Република Македонија нема да добие датум за преговори и нема да ги започне преговорите во догледно време. Ни прави ли разлика нам, граѓаните на оваа држава, исходот од првата или исходот од втората реченица? Нашата психа, длабоко повредена и речиси неспособна да расудува правилно за нашите сопствени потреби и барања, е несигурен наш сопатник и тешко дека би можеле да се потпреме на неа. Многу поминавме, навистина многу поминавме и не е можно да не сме оштетени патувајќи од стартот кон целта. А целта, толку јасно видлива и осветлена кога го почнувавме патот, сега изгледа магловита, нејасна, затемнета, дури и проблематична. Прашање е дали оваа измачена нација има сили и време за нови грамадни исчекори кон подоброто утре. Материјалот е заморен, актерите се изиграни или преиграни, светот се занимава со други работи. Моралниот и физичкиот хазард кој ни беше нанесен тешко дека би можел да се регенерира. Та не сме ние гуштери со скинати опавчиња, луѓе сме и се трудиме да го сочуваме човечкото во себе.
Во предвечерјето на последните парламентарни избори (11 декември 2016 година) напишав еден подолг текст насловен „Пловење во непознати води“. Целта на текстот беше своевидно предупредување, без злокобност во него, кон новите корифеи на слободата кои бараа радикален дисконтинуитет од тогашната десетгодишна состојба „под режим“. И во врска со револуцијата која татнеше претходно во државата и чии револуционерни плодови требаше да ги вкусиме со победата на изборите на 11 декември (замисли каква иронија, револуција која победува на избори!?!).

„Потребата од радикален дисконтинуитет неминовно прашува: а во име на што и во име на кого? И исто така: а каде ќе одиме, со што ќе одиме и со кого ќе одиме? Овие три „каде“, „со што“ и „со кого“ се фундаменталните прашања во политиката. Првото се однесува на историјата и на иднината, второто на економијата, т. е. на ресурсите (минати, сегашни и идни) со кои би располагале, а третото се однесува на моралниот и политичкиот капацитет и кредибилитет на човечкиот материјал со кој располагаме...

ВМРО-ДПМНЕ ПОБЕДИ НА ТИЕ ИЗБОРИ НАСПРОТИ „БОМБИТЕ“ И РЕВОЛУЦИЈАТА. ТОА ГО ОТЕЖНА РЕВОЛУЦИОНЕРНИОТ ПАТ И ЈА НАПРАВИ РЕВОЛУЦИЈАТА МАЛКУ ДЕПЛАСИРАНА. „БОМБИТЕ“ НЕ ЈА ПОБЕДИЈА ВЛАСТА НА ГРУЕВСКИ. СИТЕ НИЕ, ИЛЈАДНИЦИ ШАРЕНИ И БЕЗБОЈНИ, СО СИТЕ ИСПУКАНИ „БОМБИ“ И ЦЕЛОКУПНАТА ВНАТРЕШНО-НАДВОРЕШНА МОБИЛИЗАЦИЈА НЕ ПОБЕДИВМЕ НА ИЗБОРИТЕ. ПОТОА СЀ ОСТАНАТО БЕШЕ ПОЛИТИКА

Сакам да укажам дека безумниот, необмислен, нереалистичен и полн со емотивен набој дисконтинуитет носи големи неизвесности за една нација и е полн со непредвидливи препреки и замки што би можеле да нè втурнат во потреба од нови и нови дисконтинуитетни дилеми. Непознатите води во кои би сакале да влеземе не се однапред трасирана траекторија што гарантира успех и безбеден пристап до копното. Потребно е релативно бавно, но вешто кормиларење на патот кон консолидација. Република Македонија, како млада држава, за жал, сè уште нема такво големо демократско и институционално искуство и знаење за да можеме сосема сами и непречено да го направиме дисконтинуитетот. Едноставно, големо прашање е дали имаме сила да ги изведеме ваквите процеси, а потребата од радикален дисконтинуитет што ни ја налага либералното граѓанство е можеби преголем залак за сите нас. Паралелите со Зоран Ѓинѓиќ во Србија и враќањето на Александар Вучиќ на голема врата, либералните експерименти со Барак Обама/Хилари Клинтон и победата на Доналд Трамп, како и авантурата со Брегзит ни даваат за право да ги поставиме дилемите: дали ваквите радикални дисконтинуитети ги водат општествата напред или ги враќаат повеќе чекори назад?


Некои политичари (Зоран Заев, м. з.) свесно влегоа во саможртва, но тоа не е и не може да биде лична приказна или жртва само на некои, тоа мора да биде групна приказна на неколку десетици или стотици врвни носители на идната власт, кои ќе го убедат мнозинството на народот во правилноста на своите политики, но истовремено ќе ги постават правилата на игра во политиката кои се „исплатат“ и за другите, за тој прокламиран дисконтинуитет да стане посакуван континуитет или црвена линија за сите (или барем за главните) политички актери во државата.“

Сега, од една пристојна дистанца и премногу вода протечена за толку мала дистанца, може да се навратиме на корените на (не)успехот и да ги поставиме вистинските морални и политички дилеми. Да, ја имаме таа привилегија да се правиме умни отпосле, но и хартијата трпи и трпела сѐ, па дури и точните опсервации, препораки и стравови кои уште тогаш биле јавно адресирани од некои луѓе кои немале еполета на Портокаловата револуција, туку орден токму од Шарената.
Вистинската тема на овој текст е како ова општество и оваа држава ќе можат да живеат понатаму имајќи ги во себе инкорпорирани ненормалните преседани кои ни се случија и чии резултати ги гледаме секојдневно. Темата е всушност за преседанот над сите преседани. Преседанот кој ни го овозможи падот на Груевски и преседанот кој (навидум) го расчисти патот кон светлата иднина. Темата се „бомбите“.

ВЕТУВАЊАТА ДЕКА „БОМБИТЕ“ СЕ НА СИГУРНО И ДЕКА НИКОЈ НЕМА ДА ГИ ЗЛОУПОТРЕБИ И ДЕКА ВЕДНАШ ЌЕ БИДАТ ОДНЕСЕНИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ПОКАЖАА КАКО НЕВЕРОЈАТНА (МОЖЕБИ НЕНАМЕРНА) ИЗМАМА. ИЗМАМА КОЈА МОРАВМЕ ДА ЈА ПРЕПОЗНАЕМЕ ВО СТАРТ И ИЗМАМА ЗА КОЈА ЕДНОСТАВНО МОРАШЕ ДА БИДЕ СВЕСЕН И ПОДГОТВЕН ГЛАВНИОТ „БОМБАШ“.

Бомбата е чудна и опасна „направија“. Таа е распрскувачки материјал, убиствен, кој дејствува по принципот „кого удрам не жалам“. Бомбата не е едноставна за ракување. Често знае да ти пукне в рака или да пукне таму каде што не треба.
Кога одекнуваа татнежите од „бомбите“ на Заев, на прес-конференции или во Универзална сала, последна работа која ни паѓаше на памет беше да се прашуваме каде ќе заврши сето ова. Сакавме да заврши режимот, тука и сега! Толку неверојатни беа тие снимки и толку беа свежи нашите сеќавања и рани од дивеењето на груевизмот, што не успеававме да расудуваме и да правиме разлика меѓу приватен разговор полн со сочни пцости (како што безмалку секој од нас секојдневно води на телефон) до индиции за криминал или пак индиции дека телефонските разговори ги водат монструми, а не луѓе. Толку страшни беа тие снимки што сосема логично ни изгледаше дека никогаш повеќе вакво нешто не смее и не може да се повтори и дека ваков шок за нацијата неминовно ќе води кон стабилизирање на состојбата или барем до некакво колективно отрезнување.

Но, ВМРО-ДПМНЕ победи на тие избори наспроти „бомбите“ и револуцијата. Тоа го отежна револуционерниот пат и ја направи револуцијата малку депласирана. „Бомбите“ не ја победија власта на Груевски. Сите ние, илјадници шарени и безбојни, со сите испукани „бомби“ и целокупната внатрешно-надворешна мобилизација не победивме на изборите. Потоа сѐ останато беше политика. Коалиција со ДУИ, простување на криминалите и „дилање“ со нив, промена на името (Грција) и промена на презимето (Бугарија), голема победа на локалните избори и индиректно стабилизирање на легитимитетот на Владата, тенка победа на претседателските избори... Сето останато беше „терање“ политика и секојдневни „крпења на дупките“.
Она што остана од тоа време е мирисот на барутот и разорниот одек на „бомбите“. Тој мирис и тој вкус си го најде патот до нашето секојдневие и стана интегрален дел на нашето кревко општество. Три-четири години по објавувањето на првата „бомба“ која имаше цел да го сруши вредно градениот автократски систем на Груевски, државата сѐ уште и речиси секојдневно ја тресат „бомби“ или „шрапнели од бомбите“. Во тие моменти никој не мислеше на тоа каде ќе отидат тие „шрапнели“, кој сѐ ќе има пристап до „бомбите“, какви сѐ приватни архиви ќе се создадат и за што ќе се користат. Најгнасните „бомби“, најмоќните, веројатно никогаш нема да пукнат. Тие ќе стојат уредно здиплени во некоја фиока и (ќе) служат за главните уцени кои ние веројатно никогаш нема да ги дознаеме.

Како тогаш не претпоставивме дека коалицијата со ДУИ, која од старт беше изнудена и невозможна да се избегне, ќе биде постојано камче во чевелот на идната влада бидејќи „бомби“ за ДУИ секако имаше, но тие требаше да бидат избегнати преку мостот кој му го изгради Ахмети на Заев за да дојде на власт. Колку скапо нѐ чинеше таа коалиција, Господ знае.


Ветувањата дека „бомбите“ се на сигурно и дека никој нема да ги злоупотреби и дека веднаш ќе бидат однесени во Обвинителството се покажаа како неверојатна (можеби ненамерна) измама. Измама која моравме да ја препознаеме во старт и измама за која едноставно мораше да биде свесен и подготвен главниот „бомбаш“. Денес, три години потоа, јавноста веќе со голема веројатност знае дека „бомбите“ се наоѓаат барем на десетина различни адреси. Од оние пребегнати во Грција, до главниот нарачател, до разно разни Чауши, Палчовци, Ел Чеки, Катици Јаневи и кој уште не. Само јас сум сведок дека барем двајца кои имале увид во „бомбите“ ми пристапиле и ми кажале дека слушале дел од разговорите во кои ме има мене.
Дали е тоа нормално? Кој е одговорен за тоа? Духот што излезе од тоа шише тешко дека некој реално можеше да го скроти. Затоа не требаше да нѐ чуди што денес, три години потоа, сѐ уште секојдневно пукаат „бомби“ и оригинали и отпосле направени од „едикојси“. Културата на „бомби“ стана дел од македонската традиција и фолклор. Денес секој неранимајко може да се дрзне да го направи тоа што до пред три години изгледаше незамисливо: тајно да снима некого и релативно безгрижно да уценува, да ги пушти снимките во промет (во јавност) или да ги чува за некои подобри времиња кога нивната вредност ќе биде поголема.

А можеше ли поинаку? Дилемата која би можеле да ја поставиме пост фестум е дали, имајќи ја привилегијата од денешна перспектива да гледаме во иднината, Зоран Заев требаше да ги прими прислушкуваните разговори и дали, ако веќе ги примил, требаше да ги објави? Одговорот на оваа дилема има блиска врска со моралот и со политичките варијабли кои ни стоеја на располагање тогаш. Разбирам дека многумина денес (од денешна перспектива) веројатно би рекле дека „бомбите“ всушност не завршија никаква работа, дури и такви кои би рекле дека направија полошо баш заради тоа што ги нарушија непишаните правила за стабилност на системот. Разочарани од молскавичниот распад на СЈО, а некои и сѐ уште убедени дека Груевски бил подобар владетел од ова што го имаме сега, лесно е да се каже дека „бомбите“ не завршиле работа. За мене ваквите анализи се нереални бидејќи тешко соодветствуваат на моментот на тогашното време и контекст и особено долгите години поминати под една постојана пресија и недемократско владеење. За мене она што е важно се „шрапнелите“ кои останаа од „бомбите“ во секое ткиво од нашава држава, во секој од нас. Психологијата дека „бомбите“ се нешто што е безмалку дозволено како легитимна политичка пресметка и тоа нешто е реално неказниво или недоволно казниво остава бришан простор за понатамошни злоупотреби. Бидејќи денес, за разлика од порано, имаме чувство дека секој има дозвола да поседува и да објавува „бомби“.

ЕДНОСТАВНО, ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ЗАЛОЖНИЦИ НА ЛУЃЕ, НА СТРУКТУРИ И НА КЛАНОВИ КОИ ТРГУВААТ СО „БОМБИ“. КОГА ОВАА И СЛЕДНАТА ПОЛИТИЧКА КЛАСА ЌЕ СЕ ПРОЧИСТАТ И ЌЕ ЗАМИНАТ ВО ПОЛИТИЧКА ПЕНЗИЈА, ТОГАШ ЌЕ МОЖЕМЕ ДА ПОЧНЕМЕ ДА СЕ РЕСЕТИРАМЕ И ДА СЕ СПАСИМЕ ОД СЕТО ОВА

Сепак да не заборавиме, претстојното и речиси извесно членство на државата во НАТО е реалната круна на оваа Влада и би можеле да аргументираме дека тоа членство ја спаси државата од потенцијална граѓанска војна за време на владеењето на Груевски. Знам дека сега на сите нам поимот „граѓанска војна“ ни изгледа толку далечно, но потсетете се како изгледаше работата до пред само три години: кумановската мала војна, апсења на неистомисленици, секојдневен „рекет“, постојано подгревање на меѓуетнички односи, 27 април...

Како се однесуваат развиените општества кога ќе се најдат пред вакви предизвици? Знаеме, Груевски требаше веднаш да си поднесе оставка и да остави „институциите на системот“ да ја завршат работата. Знаеме и колку сето тоа беше нереално тогаш. Како што веројатно е неверојатно и сега, во светлина на новите „бомби“ кои пукаат во дворот на актуелната власт.

Што е чаре? Силно стегање на правниот обрач околу производителите и пуштачите во промет на „бомби“, променета легислатива во врска со „бомби“ и какво било изложување на приватен живот во јавност, применување на светските стандарди во оваа област, или поточно кажано, развивање на наши македонски стандарди имајќи предвид дека не постои друго вакво искуство каде било во светот и конечно, една широка лустрација или природен одлив на политичките елити од периодот на „бомбите“. Едноставно, политичарите не смеат да бидат заложници на луѓе, на структури и на кланови кои тргуваат со „бомби“. Кога оваа и следната политичка класа ќе се прочистат и ќе заминат во политичка пензија, тогаш ќе можеме да почнеме да се ресетираме и да се спасиме од сето ова.
Легитимно е прашањето: вредеше ли сето ова? Јас, кој бев голем поборник на „бомбите“ како начин за излез од состојбата (па колку чини нека чини), не би се осмелил сѐ уште да тврдам дека вредеше. А вие?


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top