Интервјуа
МАКЕДОНСКИОТ ОСИГУРИТЕЛЕН ПАЗАР ИМА ОГРОМЕН ПОТЕНЦИЈАЛ, НО ПОТРЕБНИ СЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

Ралица Губерова
Извршен директор на Евроинс осигурување АД Скопје

Евроинс успеа да израсне во стабилна компанија чија основна цел е обезбедување сигурност за своите клиенти и за своите партнери.

 

Евроинс иншуранс груп е една од најамбициозните компании во овој дел од светот. Кажете ни нешто повеќе за компанијата, за нејзиното основање и за нејзиното присуство во Европа.

Р. Губерова: Евроинс иншуранс груп е основана во 1998 година во Бугарија. Во изминативе две децении има постојана тенденција на раст преку освојување нови пазари. Во моментов е една од најголемите независни осигурителни групации што работи во Централна и Источна Европа.
Брендот Евроинс е застапен во седум европски земји – Бугарија, Романија, Македонија, Грција, Италија, Шпанија, Полска, како и во Русија, Украина и Грузија.
Фактите за нас говорат дека имаме околу 2,5 милиони клиенти, 2 600 вработени и годишен приход од над 330 милиони евра.
Ширењето на групацијата не запира. На почетокот на годинава потпишавме договор со Ерго груп (ERGO Group), која е една од водечките осигурителни компании во Европа и е дел од Минхен ре (Munich Re), која пак е меѓу најголемите реосигурувачи во светот. Од нив преземаме четири осигурителни компании во три европски земји – Романија, Чешка и Белорусија. Оваа трансакција се очекува да биде финализирана до крајот на годинава по одобрување од страна на релевантните регулаторни органи.
Евроинс иншуранс груп е фокусирана на обезбедување комплетна палета осигурителни продукти во областа на животното, неживотното и здравственото осигурување.

Какво е искуството на Евроинс со работа на различни пазари? Дали имате предлози за промена на регулативата на овој пазар?

Р. Губерова: Има повеќе примери за позитивни измени кои би можеле да се воведат во земјава со што ќе се придонесе за поголема стабилност и сигурност како за целиот осигурителен сектор, така и за осигурениците. На пример, во Бугарија за да се гарантира осигурително покритие задолжително е плаќање на полисата за осигурување, а начинот на прекин на полиса поради неплаќање е уреден во Кодексот за осигурување.
Друг пример е креираниот во Романија осигурителен пул за задолжително осигурување на домот и имотот од ризиците земјотрес и пожар со можност тоа да се надгради по желба на осигуреникот. Ова може да биде добро решение за земји како Бугарија и Македонија, кои сè уште веруваат дека државата треба да се грижи за штетата предизвикана од природни непогоди.
Интересно е да се спомене исто дека во Бугарија, на пример, сѐ повеќе се зголемува бројот на задолжителното осигурување од професионална одговорност. Повеќето професионални организации веќе утврдуваат минимални граници на одговорност во својата норматива, како на пример одговорноста на тур-операторот каде што нивото на одговорност е во согласност со прометот на операторот.

Како ја оценувате позицијата на Евроинс осигурување АД Скопје на македонскиот пазар? Која е причината за високиот раст во изминатава година?

Р. Губерова: Во согласност со последната актуелна информација од пазарот на осигурување, Евроинс е петторангирана од вкупно единаесет осигурителни друштва за неживотно осигурување на пазарот со искачување на три места. Главната причина за порастот е лансирањето на земјоделското осигурување – како на животни, така и на посеви и на плодови.
Настрана од порастот, јас верувам дека многу поважен е фактот дека во последниве четири години Евроинс успеа да израсне во стабилна компанија чија основна цел е обезбедување сигурност за своите клиенти и за своите партнери.


ЕВРОИНС ИМА ИНТЕРЕС СЀ ПОВЕЌЕ ДА СЕ ФОКУСИРА ВО КЛАСИТЕ РАЗЛИЧНИ ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНОТО ОСИГУРУВАЊЕ ОД АВТОМОБИЛСКА ОДГОВОРНОСТ. НА ПРИМЕР, ОД ПОЧЕТОКОТ НА 2019 ГОДИНА НА ПАЗАРОТ НУДИМЕ И ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

Еден од проблемите во Македонија е високиот процент на неосигурани автомобили, споменат и во извештајот на Европската комисија. Бугарија исто така се соочува со овој проблем. Како се надминува проблемот во Бугарија и што можеме да искористиме во Македонија од бугарското искуство?

Р. Губерова: Овој проблем веќе не е актуелен во Бугарија. Според најновите податоци од Гарантниот фонд, процентот на покриеност на осигурени во однос на регистрирани возила е 99,69 %.
Проблемот е надминат со воведување на долгорочни политики од страна на државата.
Една од нив е воведување на акт заснован на одредба од Кодексот за осигурување со кој се уредуваат условите и постапката за размена на податоци меѓу осигурениците, Гарантниот фонд и органите на Министерството за внатрешни работи.
Паралелно во текот на годините, со средства од Гарантниот фонд, се врши набавка на автоматски патни камери за потребите на Министерството за внатрешни работи за снимање на автомобили во движење во сообраќај и имплементација на софтвер во Министерството за внатрешни работи со кој автоматски се „читаат“ регистарските броеви на автомобилите со што се откриваат оние кои се без осигурување, а за кои се предвидени строги казни.
Исто така Гарантниот фонд испраќа писма до осигурениците кои не ги обновиле своите полиси. По истекот на 15 дена и во отсуство на обновена полиса за осигурување, Министерството за внатрешни работи официјално ќе го запре возилото и ќе го исклучи од сообраќај при што сопственикот на возилото се задолжува да плати казни предвидени со закон, вклучувајќи ги и таксите за повторно вклучување во сообраќај и годишен технички преглед.

Додека осигурувањето од автомобилска одговорност во Македонија е регулирано, во Бугарија постои либерализација на овој вид осигурување. Што се случи на бугарскиот пазар по ваквиот чекор и дали треба такво нешто да се направи овде во Македонија?

Р. Губерова: Во Бугарија по либерализацијата на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност следуваше краткорочен пад на цените на полисите. Секако таму висината на цената е дефинирана на начин на кој таа мора да биде доволна за покритието на краткорочните и долгорочните обврски на друштвото.
Комисијата за финансиски надзор, во согласност со барањата на солвентност, ги регулира само големината на алокација на резерви и доволноста на висината на премиите за осигурување. На овој начин Комисијата го контролира секторот без да се меша директно во премиите за осигурување.
Искрено, очекувам по либерализацијата на пазарот во Македонија да го видиме истиот ефект на намалување на цените, но тоа не може да биде долгорочна стратегија за ниедна осигурителна компанија затоа што обврските за исплата на штети ќе останат истите или ќе се повисоки и има реален ризик од дестабилизација на осигурителниот сектор. Се разбира, главна улога во овој процес би требало да има и регулаторот со цел да се заштитат интересите на осигурениците.

Какви се идните планови на Евроинс осигурување АД Скопје?

Р. Губерова: Осигурителниот пазар во Македонија има многу голем потенцијал за развој за што ќе потенцирам дека се потребни дополнителни регулаторни измени.
Евроинс има интерес сѐ повеќе да се фокусира во класите различни од задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. На пример, од почетокот на 2019 година на пазарот нудиме и здравствено осигурување.
Во моментов сме посветени на дигитализацијата на процесите со цел да можеме да им понудиме на нашите клиенти еден модерен, поефективен и стабилен партнер за осигурување.

(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top