Интервјуа
OСИГУРЕНИКОТ И КЛИЕНТОТ СО НАС НИКОГАШ НЕ СЕ САМИ

Мелита Гугуловска
Извршен директор на САВА осигурување а.д. Скопје

Сава осигурување АД Скопје е дел од Сава осигурување групацијата од Словенија. Кажете ни нешто повеќе за групацијата, нејзините финансиски параметри, присуството и позицијата на регионалниот пазар.

М. Гугуловска: Нашата мајка компанија, Сава Ре е една од најголемите реосигурителни компании во Централна и Источна Европа. Со висок меѓународен углед и стабилно работење е присутна на повеќе од 100 осигурителни и реосигурителни пазари со повеќе од над 200 партнери низ светот. Во изминативе две децении го прошири своето дејствување на осигурителниот пазар купувајќи повеќе друштва за осигурување, пензиски фондови и придружни бизниси за поддршка на осигурувањето со што Сава осигурување групацијата (Sava insurance group) се разви во една од најголемите групации во Југоисточна Европа.
Во своите редовни рејтинг контроли, Стандард и Пурс (Standard & Poor’s) ја потврдија долгорочната финансиска моќност и кредитен рејтинг оценет со А, со стабилна прогноза што е одраз на долгорочна стабилност и добра позиција на пазарот. Инаку минатата 2018 година е остварен рекорден профит од 43 милиони евра, односно 38,3% повисок од минатата година и речиси 10 % повисок од планираниот профит и полисираната бруто-премија од 546,3 милиони евра. Мора да напоменеме дека управува и со над 900 милиони евра во пензиски фондови (комбинирани словенечки и македонски фондови).
Во таканаречениот Адрија Регион се присутни како друштво за осигурување, пензиски фондови, асистентски куќи во шест земји.

Филозофијата на групацијата е дефинирана со зборовите „Никогаш сами“. Збор-два за овој слоган.

М. Гугуловска: „Никогаш сами“ е слоган на Сава осигурување групацијата (Sava insurance group) и со тоа ја дефинираме нашата главна ориентација-осигуреникот и клиентот со нас никогаш не се сами. Токму поради тоа ние постојано сме насочени кон нови продукти и нови услуги кои на нашите клиенти ќе им бидат достапни 24/7, но истовремено ќе значат и зголемување на квалитетот на услуги. Веќе од 2015 година го имаме сопствениот контакт-центар кој им е на располагање на нашите клиенти во кој било дел од денот кога сме им потребни, значи 24/7 со потполни информации и максимална поддршка на нашите клиенти во секој сегмент на нивните барања: продажба на полиси, наплата на полиси, информации за отштетни побарувања, како и директна пријава на штети. Во склоп на контакт-центарот работи и нашиот сопствен асистентски центар преку кој ја организираме асистенцијата во случај на штети: во домови – домашната асистенција, помош на пат – автоасистенција на територија на нашава земја, стоматолошка асистенција и здравствена асистенција. Дозволете да кажам дека во давањето на асистентските услуги, Сава осигурување е лидер на осигурителниот пазар како во делот на продукти, така и во делот на асистентските услуги бидејќи сме единствени што поседуваме сопствен асистентски центар. Сава осигурување стана препознатлива токму во лидерството на нови продукти и услуги бидејќи почнувајќи со банкосигурувањето како продажен канал, секоја година друштвото ја продолжува својата традиција да обезбедува нови продукти, нови услуги и асистенција.
Нашата визија е задоволен осигуреник што го потврдуваме со постојани анкети од страна на нашиот контакт-центар каде што дознавме како за нашите позитивни страни на нашето работење, така и за делот каде што треба да се коригираме и да се подобриме, исто така и какви продукти на осигурување им се потребни, перцепцијата за исплата на отштетните побарувања.
Слоганот „Никогаш сами“ се однесува и на нашите вработени, односно целосно сме насочени кон градење на односи со вработените кои се темелат на одговорни и искрени реалации со респект кон колегите. Секој од нас во Сава осигурување се стреми заеднички да направиме модерна компанија која е целосно фокусирана кон осигуреникот и вработените.

ТОА ШТО СЕГА РАСТЕ СО НЕВИДЕНА БРЗИНА Е ИНТЕРНЕТ-ПРОДАЖБАТА НА ПОЛИСИ ЗА ПАТНИЧКО ОСИГУРУВАЊЕ. ПОКРАЈ ОВОЈ ПРОДУКТ, НАШИТЕ КЛИЕНТИ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ-ПРОДАЖБАТА МОЖАТ ДА КУПАТ ПОЛИСА ЗА АВТООДГОВОРНОСТ И ПОЛИСА ЗА ДОМАЌИНСКО ОСИГУРУВАЊЕ НА НАШАТА ИНТЕРНЕТ-СТРАНИЦА

Каква е Вашата оценка за македонскиот осигурителен пазар?

М. Гугуловска: Бидејќи веќе 25 години сум во осигурителниот бизнис, на почетокот морам да напоменам дека многу работи во изминативе години се сменија и многу од нив на подобро.
Прво, се смени начинот на работење на друштвата за осигурување бидејќи многу е поздрава конкуренцијата кога на пазарот има 11 друштва за неживотно осигурување, и тоа конкуренција не само во ценовен ранг-висина на премија, туку и во делот на поквалитетни продукти, професионално работење, брзина на решавање на отштетните побарувања, транспарентност, односно нивото на овие услуги секоја година е сѐ повисоко.
Второ, имаме осигуреници и клиенти кои сакаат да го знаат добро продуктот кој го купуваат, во случај на штета ги читаат условите за осигурување, бараат понуди за осигурување, едноставно избираат продукт кој и по покритија и по цена најмногу им одговара.
Трето, се нудат повеќе продукти за осигурување кои отстапуваат од вообичаените од причина што ги бараат самите осигуреници во согласност со своите работни и животни активности.
На крај, како не помалку важен фактор, за досегашниот развој на македонскиот осигурителен пазар придонесува регулаторната рамка која е хармонизирана со правилата во ЕУ, како и местото и улогата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во спроведување на своите надлежности во насока на стабилност на пазарот и адекватна заштита на правата на осигурениците.
Очекувањата се дека во голема мера ќе растат незадолжителните осигурувања и како пример е доброволното приватно здравствено осигурување кое покажа дека е продукт кој е многу баран од страна на клиентите. Самиот продукт претставува повисоко ниво на здравствена заштита и во овој дел Сава осигурување повторно потврди дека слоганот „Никогаш сами“ е нашата целосна определба. Со помош на нашиот асистентски центар покажавме дека најскапоценото нешто на луѓето –здравјето – го чуваме и се грижиме за него заедно со нашите осигуреници. Сакам да кажам дека со асистентскиот центар за здравствено осигурување, нашите осигуреници се упатуваат на доктор со точно закажан термин и притоа воопшто не се грижат за финансискиот дел на третманот.

Во која насока ќе се развива осигурителниот бизнис? Кои се новите трендови и иновации во бизнисот?

М. Гугуловска: Се наоѓаме во време кога дигитализацијата веќе станува основен поим во осигурувањето. Постојат многу можности за нејзина примена во нашата фела бидејќи придобивките се со максимални вредности како за нас, така и за нашите осигуреници. Веќе преминавме од традиционална документација кон животен стил со компјутери и помалку хартија. Повеќе од две години во Сава осигурување во делот на штети работиме на овој начин, со еден збор дигитализацијата успеа да ја претвори оваа индустрија во индустрија полна со предизвици. Со голема брзина секој аспект на осигурувањето ќе биде засегнат од дигитализацијата, дали преку увид на штети од далечина со помош на вештачката интелигенција или на интеракцијата со клиентите, но во секој случај нашите осигуреници ќе очекуваат да сториме нешто прилагодливо или специјално за нив како персонализирана премија која ќе одговара на нивните навики и однесување кон предметот на осигурување.
Тоа што сега расте со невидена брзина е интернет-продажбата на полиси за патничко осигурување. Покрај овој продукт, нашите клиенти преку интернет-продажбата можат да купат полиса за автоодговорност и полиса за домаќинско осигурување на нашата интернет-страница.
Токму поради овие глобални промени за кои како компанија сме свесни, нашите идни планови, како и стратешките цели се насочени кон постојани иновации во делот на дигитализацијата и во делот на нашите производи, како и во делот на нашето работење, односно продолжуваме по насоката по која веќе цврсто чекориме.

Сава осигурување АД Скопје излегува со нова услуга, осигурување на наплатата на побарувањата. Кажете ни нешто повеќе за овој производ.

М. Гугуловска: Токму овој продукт е производ на тоа дека веќе дојде време кога клиентите сами бараат производ кој ќе ги задоволи нивните очекувања, односно ќе им даде заштита и сигурност на нивното работење. Со овој продукт се осигуруваат паричните побарувања на компаниите кои настануваат со испорака на стока, односно со изведување на работи и на услуги на купувачот во договорениот рок. Од досегашното искуство впечатокот е дека тоа е продукт кој им е потребен на сите компании кои работатат домаќински и кои се грижат за сопствената финансиска моќ. Поради негово побрзо доближување на сите идни клиенти, Сава осигурување заедно со Стопанската комора на Македонија во средината на месец октомври подготвува настан каде што ќе биде презентиран продукт заедно со нашиот партнер од Словенија и при тоа ќе имаме можност да слушнеме и искуства од досегашни клиенти кои имале искуство со овој продукт во делот на отштетните побарувања.

(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top