Интервјуа
ДОСЕГАШНИОТ РАСТ ОХРАБРУВА, НО И ПОКАЖУВА ЗОШТО СЕ ПОТРЕБНИ РЕФОРМИ

Пол Томсен
директор на Европскиот оддел во Меѓународниот монетарен фонд

За да се постигне поголема конвергенција на приходите со ЕУ потребно е спроведување на амбициозна реформска агенда и решавање на долготрајните слабости на пазарот на трудот, во судството и во јавната администрација.


Пол Томсен, 64-годишен Данец, е добро познат меѓу економистите во нашава земја – во деведесеттите години на минатиот век беше прв Шеф на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд. Подоцна Томсен на чело на мисиите на ММФ се справуваше со кризите во: Грција, Исланд, Португалија, Украина. За сето, тој се навраќа со типична скандинавска смиреност и прецизност притоа не испуштајќи да нагласи дека му е мило што е повторно во нашава земја. Од 2014 година е директор на Европскиот оддел во ММФ во чија надлежност се 44 земји.

 

Господине Томсен, како ја оценувате сегашната состојба во економијата на ЕУ имајќи ги предвид бројните предизвици како Брегзит, промените на политичката сцена, мигрантската криза, кревките јавни финансии во некои земји членки, зголемувањето на протекционизмот во светот? Како може ЕУ да се справи со сево ова?

П. Томсен: Европската економија навистина е во предизвикувачки момент. Растот забави во текот на минатата година, иако се очекува да остане цврст. Сепак, постојат големи ризици што демнат. Продолжување или ескалација на глобалните трговски тензии може да ја поткопаат надворешната побарувачка и да ја ослабнат довербата. Ризикот од Брегзит без договор останува висок. Исто така земјите со висок јавен долг не ги обновија доволно фискалните резерви и не спроведоа реформи, што ги прави ранливи на шокови. Затоа на национално ниво потребни се напори за повторно да се активираат реформите и да се изградат таквите (фискални) бафери. Новите состави на Европскиот парламент и на Европската комисија треба да го искористат својот мандат за да го обноват консензусот за реформите за зајакнување на Унијата.

Бевте Шеф на Мисијата на ММФ во Грција за време на финансиската криза, а претходно и во повеќе други земји: Исланд, Португалија, Украина... Гледано од сегашната перспектива, кога беше најтешкиот период за Вас?

П. Томсен: Сите програми на ММФ што ги споменавте имаа предизвици. На пример, мислам на дебатата за одржливоста на долгот, преструктурирањето на долгот и фискалното прилагодување во Грција, ненадејниот колапс на банкарскиот систем и речиси слободниот пад на вредноста на валутата во Исланд, дискусиите за внатрешна девалвација во Португалија и политичките превирања и конфликти во Крим и во Источна Украина. Но, би рекол дека она што ги направи некои од овие програми поуспешни од другите беше домашната сопственост на економската програма. Кога велам сопственост мислам на широка политичка одлучност за решавање на предизвиците со кои се соочува економијата, како и на активно вклучување на властите во дизајнирањето и спроведувањето на програмите. Таквиот колективен напор од страна на владите и надворешните партнери го олеснува донесувањето на тешките одлуки, нивното спроведување и со текот на времето постигнување на целите на програмите.

ПОЛ ТОМСЕН: СЕ СЕЌАВАМ МНОГУ УБАВО НА МОЈАТА РАБОТА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. СÈ УШТЕ ИМАМ МНОГУ ПРИЈАТЕЛИ ОД ТОА ВРЕМЕ И УЖИВАМ ДА СЕ ВРАТАМ

Десет години по глобалната финансиска криза, дали мислите дека земјите кои биле погодени најмногу ја научиле лекцијата?

П. Томсен: Јасно е дека се научени лекциите и се преземени мерки за зајакнување на способноста за справување со следната криза. На глобално ниво се преземени мерки за намалување на ризиците во финансискиот сектор – банките сега имаат многу поздрав капитал и ликвидни позиции, големите банки се соочуваат со построги регулативи, а нивото на задолженост е помало. Сепак, фер е да се каже дека ризиците остануваат со оглед дека некои банки сè уште се слаби, а справувањето со неуспешните банки, особено прекугранично, сè уште е проблем. Ако, на пример, ја земеме еврозоната каде што кризата ги покрена егзистенцијалните прашања за одржливоста на монетарната унија, креаторите на политиките исто така ја покажаа својата решеност. Мислам на многу проактивните политики на Европската централна банка (ЕЦБ) за прилагодување, за создавање заштитни бариери и за градење на банкарска унија. Сепак, мојата главна загриженост е што многу земји не го искористија доволно силното закрепнување од кризата да спроведат реформи кои го поттикнуваат растот и да изградат фискални амортизери, бафери. Затоа многу е ограничен нивниот маневарски простор и способноста за поддршка на економијата при следни шокови.

Пред околу 26 години Вие бевте првиот Шеф на Мисијата на ММФ за нашава земја. Тоа беа почетоците на соработката меѓу двете страни. Се сеќавам на жестоките разговори кои ги имавте со тогашниот гувернер на Народната банка на Македонија, г. Борко Станоевски. Кога ќе се вратите назад, дали бевте оптимист во врска со изгледите на земјава?

П. Томсен: Се сеќавам многу убаво на мојата работа во Северна Македонија. Сè уште имам многу пријатели од тоа време и уживам да се вратам.
Во многу аспекти Северна Македонија може да се пофали за нејзините главни достигнувања откако стана независна и пред околу четврт век се приклучи кон ММФ. И покрај предизвикувачкиот контекст, во првата деценија беа преземени многу важни структурни реформи. Овие реформи ја трансформираа економијата преку унапредување на трговската отвореност, приватизацијата и либерализацијата на цените. Понатаму, високата инфлација во раните деведесетти години на 20 век беше совладана со успешна програма за стабилизација што се потпираше на режим на фиксен девизен курс и цврсти фискални и монетарни политики. Во наредните години овој столб остана клучното номинално сидро и земјата ужива макроекономска и финансиска стабилност.
Наспроти ова, од 2000 година просечната годишна стапка на раст на БДП по жител мерена според паритетот на куповната моќ (ППП) е блиску до 2,8 проценти, односно повеќе од двојно од 1,2 проценти забележани во ЕУ-28. Според тоа, нивото на приходите во земјата се зголеми од 28 на 36 проценти во однос на просекот на ЕУ-28. Ова охрабрува, но исто така потенцира зошто Северна Македонија треба да ги спроведе амбициозните реформи за да расте побрзо: под претпоставка дека во иднина ЕУ-28 ќе расте со исто темпо, со просечен раст од 3,5 отсто во Северна Македонија ќе ѝ овозможи на земјата околу 2030 година да достигне 50 отсто од просекот на ЕУ-28.

Каква е во основа сегашната проценка на ММФ за македонската економија? Кои се работите на кои треба да се обрне најголемо внимание и што треба да се направи со цел да се забрза економскиот раст на одржлив начин?

П. Томсен: Макроекономската состојба во Северна Македонија значително се подобри во последниве неколку години. По застојот во 2017 година, во услови на политичка несигурност, растот на БДП се зголеми на 2,7 отсто во 2018 година и нашите проекции се дека годинава ќе достигне 3 отсто, а потоа на среден рок постепено ќе се зголеми на 3,5 отсто.
Сепак, за да се постигне поголема конвергенција на приходите со Европската Унија потребно е спроведување на амбициозна реформска агенда и решавање на долготрајните слабости на пазарот на трудот, во судството и во јавната администрација. Ваквиот решителен притисок за реформи е во интерес на Северна Македонија, но исто така ќе биде важен и за потенцијалните преговори за пристап во ЕУ. Членството во ЕУ на крајот би можело да доведе до повисоки приливи на капитал и до поголема трговија, што дополнително ќе ги зголеми изгледите за раст.
Макроекономските политики треба да ја поддржат оваа цел преку обновување на бафери и одржување на финансиската стабилност. Во таа смисла, потребна е постепена и одржлива фискална консолидација со цел јавниот долг да се стави цврсто на надолен пат. Ова треба да биде поткрепено со спроведување на неодамнешните мерки за намалување на пензискиот дефицит и да се подобри таргетирањето на трошоците за социјална помош, како и дополнителни мерки за подобрување на даночната ефикасност и усогласеност, како и рационализирање на земјоделските субвенции. Треба да продолжат и напорите за зајакнување на управувањето со јавните финансии и зголемувањето на фискалната транспарентност.

Треба ли да бидеме загрижени за можниот ефект од растечкиот протекционизам во светот и што може да направи нашава земја за да го намали ризикот?

П. Томсен: Да, треба. ММФ ги повика земјите на соработка за да ги решат трговските несогласувања без да ги подигнат дисторзивните бариери кои понатаму би ја дестабилизирале забавената глобална економија. Нашата анализа покажува дека нема победници од трговска војна. Северна Македонија, со нејзината намера да влезе во ЕУ, која е најголем трговски блок во светот и презема проактивен пристап за зачувување на глобалниот трговски систем, помага да се брани трговската отвореност и да се заштитат придобивките од трговијата.
Потенцијалните пречки во глобалната трговија би можеле да ги намалат извозот и приливот на странските директни инвестиции (СДИ) во Северна Македонија. Во овој случај, во зависност од големината на шокот, би можело да биде оправдано побавно темпо на фискална консолидација сè додека условите за финансирање остануваат изводливи и одржливоста на долгот не е изложена на ризик. Во меѓувреме, структурните реформи треба да се забрзаат, да се инвестира во вештини и во човечки капитал, да се зголемат продуктивноста и диверзификацијата и да се привлечат странски директни инвестиции.

Разговараше: Мирче Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, јули-август 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top