Интервјуа
ТРЕБА ДА ИНВЕСТИРАТЕ ПОВЕЌЕ ВО ЧОВЕЧКИОТ КАПИТАЛ

Анет Диксон
потпретседател за човечки развој во Светска банка

Подобрувањето на човечкиот капитал бара длабоки и тековни реформи што се надоврзуваат, како и упорност. Со оглед на големината на предизвиците за човековиот развој во Северна Македонија и во Западен Балкан, особено од аспект на перспективите за приклучување кон ЕУ, императив е земјите да дејствуваат брзо.

Луѓето и нивните способности, а не само економскиот раст треба да бидат главни критериуми за оцена на развојот на некоја земја. Ова е основата на која се темели Индексот на човечкиот развој на Светска банка, тема која последниве неколку години добива значење и дава одговор зошто две земји со исто ниво на БДП на жител можат да имаат различни показатели за човековиот развој. За значењето на човековиот развој и за неговото влијание врз развојот на економијата разговаравме со потпретседалот на Светска банка Анет Диксон.

 

Госпоѓо Диксон, една од главните цели на Светска банка е да ја намали/елиминира сиромаштијата во светот и да го подобри животниот стандард на луѓето. Неодамна изјавивте дека „живееме на планета каде што има уште многу да се направи“. Каде е светот денес во борбата против сиромаштијата?

Анет Диксон: Глобалната стапка на сиромаштија е пониска од кога било, што е големо достигнување на нашево време. За само 25 години, екстремната сиромаштија од 36 проценти во 1990 година се намали на 10 проценти во 2015 година. Но, напредокот забавува, а во некои места сиромаштијата се зголемува. Всушност, светот не е на вистинскиот пат да ја исполни целта за сузбивање на екстремната сиромаштија до 2030 година.
Со цел да го забрзаме напредокот, работиме да изградиме издржлив, силен човечки капитал и да креираме можност во сложениот свет. Ние се фокусираме на областите како што се здравството и образованието за да се изгради човечки капитал, работиме да овозможиме секој да има полза од економскиот раст и поддржуваме поиздржливи, нискојаглеродни општества. Повеќе од 60 земји се приклучија кон нашиот Проект за човечки капитал, давајќи приоритет на инвестирањето во децата, во младите и во работните места за подобра економска иднина.

Друг голем проблем во светот е зголемената нееднаквост во приходите. Може ли вистински да зборуваме за развој, ако развојот не го чувствува секој поединец? Каков е пристапот на Светска банка за овој проблем?

Анет Диксон: Светска банка се фокусира на широко заснован раст со еднакви можности. Местото на вашето раѓање, вашата националност, образованието на вашите родители, вашиот пол и етничката припадност, како и социјалниот статус не треба да определуваат дали имате добри училишта, квалитетна здравствена заштита, чиста вода, безбедни патишта, стабилна електрична енергија и мноштво основни услуги.
Треба да се осигуриме дека растот работи за сиромашните и дека го намалува јазот за жените и за загрозените групи. Човечкиот капитал е од суштинско значење за инклузивен економски раст и за благосостојбата во земјите, без оглед на нивото на приходи во нив, за да може да се натпреваруваат во економијата на иднината. Затоа Проектот за човечки капитал ги мобилизира земјите и партнерите да ги подобрат резултатите за луѓето, така што заедно го движиме одржливиот економски раст и нудиме можности за сите.

АНЕТ ДИКСОН: ЧОВЕЧКИОТ КАПИТАЛ Е ОД СУШТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ИНКЛУЗИВЕН ЕКОНОМСКИ РАСТ

Живееме во свет што се менува брзо, во тек е Четвртата индустриска револуција. Како ги оценувате нејзините импликации врз работната сила?

Анет Диксон: Технологијата влијае врз работата менувајќи ја природата на фирмите, создавајќи нови бизнис-модели и во најголем дел ги проширува можностите за работа. Додека напредoкот претставува ризик за некои работни места, тој исто така обезбедува нови економски можности за луѓето во земјите во развој. Идната работна сила мора да одговори на зголемените барања за напредни когнитивни вештини, социо-бихејвиорални вештини и прилагодливост. Работниците може да очекуваат во текот на нивниот живот да имаат повеќе професии (кариери), а не само повеќе работни места, за што е неопходно доживотно учење.
Затоа човечкиот капитал е поважен од кога и да било, бидејќи го гради патот за младите да имаат пристап до работните места во денешниот амбиент што се менува. Ова е особено важно за креаторите на политиките во светот, кои се длабоко загрижени дека милиони млади луѓе не се обучени со вистински вештини за да најдат работа. Всушност, младите луѓе е речиси трипати поверојатно да бидат невработени отколку возрасните, а околу 250 милиони млади луѓе ниту работат ниту учат. Подготвувањето за идните работни места, правејќи ги нужните инвестиции во човечки капитал денес, ќе биде приоритет за постигнување економска трансформација – и затоа агендата за работни места е на врвот во Проектот за човечки капитал.

Миграцијата на луѓето од една земја во друга и меѓу различните континенти исто така е голем предизвик. Имајќи го предвид влијанието на климатските промени врз развојот, се очекува дека овој проблем во иднина ќе биде уште поизразен. Како гледа Светска банка на ова прашање?

Анет Диксон: Најважно, работиме да ги таргетираме основните двигатели на миграцијата. Еден таков важен пример е Проектот за човечки капитал, особено Африканскиот план за човечки капитал кој се фокусира на забрзување на демографската транзиција и на подобрување на состојбите во здравството и во образованието преку проширување на иновациите и технологијата. Ова ќе го поддржи развојот на приватниот сектор и ќе создаде повеќе можности за младите луѓе во нивните земји.
Ние исто така ги поддржуваме глобалните напори за промовирање безбедна, уредна и регуларна миграција што може да помогне да се максимизираат придобивките и за земјите од каде што потекнува и каде што се насочува. Во одредени околности миграцијата може да помогне да се зголеми глобалната благосостојба и да ја подобри состојбата на жените, како и да се намали смртноста кај децата. Сепак, овие придобивки може да бидат попречени поради дискриминацијата и тешките работни услови со кои се соочуваат имигрантите од земјите со пониски средни приходи во земјите домаќини. Некои од земјите дестинации со висок приход, особено ако се соочувааат со стареење на населението, може да имаат корист од миграцијата преку зголемената понуда на работна сила, вештини, иновации и претприемништво.

Развојот на човечкиот капитал е од особена важност за економскиот развој. Светска банка го објавува Индексот на човечки капитал во кој се проценува веројатноста за доживување 5-годишна возраст, очекуваните години на школување, усогласените резултати од тестирање, години на школување прилагодени според постигнатото знаење итн. Што покажува овој индекс, каков е трендот во светот?

Анет Диксон: Индексот на човечкиот капитал создава директна врска меѓу подобрувањето на резултатите во здравството и во образованието со продуктивноста и економскиот раст. Тој покажува дека речиси 60 отсто од децата родени денес, во најдобар случај, ќе бидат само половина продуктивни од она што би можеле да бидат со целосно образование и ако се потполно здрави. Ова е одраз на сериозна криза со човечкиот капитал, со силни импликации врз економскиот раст и колективната способност на светот да стави крај на екстремната сиромаштија до 2030 година.
Постои ризик разликите во човечкиот капитал да се прошират поради брзите глобални промени во технологијата, демографијата, ранливоста и климата. Сè уште често се занемарува инвестирањето во луѓето. Развојот на човечкиот капитал е од клучно значење за земјите без оглед на нивното ниво на приходи. Додека најсиромашните и најкревки земји се соочуваат со големи пречки за подобрување на состојбите во здравството и во образованието, дури и оние со посилен човечки капитал мора да останат фокусирани и да инвестираат во луѓето ако сакаат да останат успешни и конкурентни во глобалната економија.

Индексот на човечки капитал за 2018 година за Северна Македонија е понизок од просекот за регионот и во однос на земјите со слично ниво на приходи. Децата во Северна Македонија, на 18-годишна возраст, се очекува да имаат поминато 11,2 години во предучилишно, основно и средно образование. Сепак, кога годините на школување ќе се прилагодат на квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на 6,8 години, што значи дека постои образовен јаз од 4,4 години. Индексот покажува дека дете родено денес во Северна Македонија, кога ќе порасне ќе биде продуктивно само 53 проценти од она што би можело доколку имало соодветно образование и било сосема здраво. Што треба да се направи за да се подобри ваквата состојба?

Анет Диксон: Северна Македонија треба да инвестира повеќе и подобро во човечкиот капитал, истовремено справувајќи се со инклузивноста. Подобрувањето на човечкиот капитал бара длабоки и тековни реформи што се надоврзуваат, како и упорност. Со оглед на големината на предизвиците за човековиот развој во Северна Македонија и во Западен Балкан, особено од аспект на перспективите за приклучување кон ЕУ, императив е земјите да дејствуваат брзо.
Во образованието е неопходно да се подобри квалитетот, релевантноста и инклузивноста на системите. На пример, на рана возраст да се прошири пристапот до квалитетни центри за детска грижа – со деца од сиромашно и ранливо потекло кои треба да имаат приоритет. Северна Македонија веќе презеде значајни реформи во системот за предучилишно образование и грижа. Со цел да се искористи понатаму оваа важна инвестиција, земјата треба да вложува повеќе и поефикасно во квалитетот на наставата и на учењето во основното образование. За таа цел, Владата би требало да направи повеќе насочени напори за подобрување на пристапот до основното образование и да го поддржи подоброто учење на обесправените групи, да го подобри системот за професионален развој на наставниците и напредување во кариерата и да создаде поцврста рамка за следење и за евалуација на националниот напредок во образованието.
Исто така потребни се реформи во здравството, особено насочени кон доживотните последици од сиромашниот развој во раното детство, порастот на незаразните болести и прекумерните дополнителни здравствени трошоци. Посилните системи за социјална помош, исто така, ќе помогнат да се намали сиромаштијата, да се подобри вработувањето на сиромашните и да се интегрира управувањето со случаи за да се обезбеди ефективна поддршка во текот на целиот животен циклус. Со оглед дека населението во Северна Македонија старее, уште поважно е уште сега да се фокусира вниманието на човечкиот капитал што ќе помогне да се осигури дека населението во земјата е поздраво, поквалитетно и продуктивно, како и финансиски сигурно во своите постари години. Ќе бидат потребни долгорочни напори за да се изгради политички консензус и политики базирани на докази што се темелат на силното наследство на Северна Македонија.

Разговараше: Мирче Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, јули-август 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top