Интервјуа
ЕИБ ЗА 10 ГОДИНИ ПОДДРЖА 2 000 ФИРМИ И 60 000 РАБОТНИ МЕСТА ВО ЗЕМЈАВА

Дубравка Негре
директор на Регионалното претставништво на Европската инвестициска банка за Западен Балкан

Веројатно малкумина возачи додека ја минуваат делницата Демир Капија–Смоквица ќе се сетат од каде беа парите за ова современо автопатско решение. Слично е и со други работи кои ги среќаваме секојдневно – од сувомесни или други производи до системи за водоснабдување или прочистителни станици. Многу од овие проекти не би можеле да се реализираат, или барем не на „европско“ ниво, без поддршката од Европската инвестициска банка (ЕИБ), банка на Европската Унија и најголемата мултилатерална финансиска институција во светот. Соработката со ЕИБ е богата и долга – над четири децении. Сето ова беше повеќе од добра причина да разговараме со Дубравка Негре, директор на Регионалното претставништво на ЕИБ за Западен Балкан, за досегашните резултати од соработката и за идните планови. Негре има извонреден образовен и професионален бекграунд (дипломирала економија во Белград, магистрирала на Бокони во Милано, зборува пет јазици...) и е одличен познавач на состојбите во регионот.

 

Госпоѓо Негре, во текот на април беше одобрена транша од 15 милиони евра од кредитот на ЕИБ од 100 милиони евра со кој се поддржуваат малите и средни претпријатија. Како се одвива реализацијата на оваа кредитна линија?

Ние сме присутни во Северна Македонија многу долго, повеќе од 40 години, уште кога земјата беше во состав на Поранешна Југославија. Од крајот на деведесеттите години наваму голем фокус на нашите активности е за поддршка на малите и средни претпријатија и на претприемачите кои сочинуваат 75 отсто, ако не и повеќе, од вработеноста во земјата. Минатата година продолживме со вложувања во овој сектор. Лани нашите вложувања во регионот достигнаа рекорд, од 2010 година која беше рекордна, според бројот на нови потпишани финансиски договори кои надминаа една милијарда евра. Од тоа, 10 отсто беа наменети за Северна Македонија. Ние во последниве 10 години вложивме околу 500 милиони евра за развој на претприемништвото и тоа многу придонесе да се ублажи кризата. Настојуваме нашите поволни услови за финансирање да ги пренесеме на пазарот овде така што претприемачите имаат пристап до финансирање по пониски каматни стапки, подолга рочност за враќање на кредитот. На лице место се уверивме колку достапноста на такви средства им помага на фирмите за отворање нови работни места и за зголемување на извозот. На таков начин можат да ги зголемат производните капацитети, да го модернизираат производството, да произведат додадена вредност и директно да влијаат на позитивен развој на економијата. Од тие наменети 500 милиони евра во последниве 10 години, 400 милиони евра се веќе исплатени. Од 100-те милиони евра одобрени минатата година, очекуваме дека годинава ќе бидат повлечени, односно исплатени околу 50 милиони евра. Ние правиме и мониторинг како се трошат средствата и каква е нивната функција и влијание врз економијата. Проценивме дека само минатата година низ нашето кредитирање на мали и средни претпријатија биле поддржани околу 1 800 работни места. Во последниве десет години биле поддржани преку 60 илјади работни места, а пристап до поповолно финансирање имале околу 2 000 мали и средни претпријатија.

ПРОЦЕНИВМЕ ДЕКА САМО МИНАТАТА ГОДИНА ПРЕКУ КРЕДИТИРАЊЕТО НА МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА БИЛЕ ПОДДРЖАНИ ОКОЛУ 1 800 РАБОТНИ МЕСТА, А ВО ПОСЛЕДНИВЕ ДЕСЕТ ГОДИНИ ОКОЛУ 2 000 МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ИМАЛЕ ПРИСТАП ДО ПОПОВОЛНО ФИНАНСИРАЊЕ, ВЕЛИ ДУБРАВКА НЕГРЕ, ДИРЕКТОР НА РЕГИОНАЛНОТО ПРЕТСТАВНИШТВО НА ЕИБ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН.

Новите фирми тешко доаѓаат до кредит кај банките бидејќи немаат кредитна историја. Дали тие можат да сметаат на средствата од ЕИБ?

Пред неколку месеци потпишавме нова гаранциска шема со Македонската банка за поддршка на развојот со што ние го делиме ризикот со комерцијалните банки при финансирањето поризични претпријатија, помлади претпријатија, иновативни претпријатија, претпријатија кои немаат голема кредитна историја и кои до сега банките не можеа да ги опслужуваат бидејќи им биле многу ризични. Се надеваме дека низ тие дополнителни финансиски инструменти уште повеќе ќе се зголеми достапноста до финансиски средства за развој на претприемништвото и дека условите за финансирање ќе бидат поповолни – значи пониски каматни стапки, помали барања за колатерала, подолг рок на отплата на кредитот... Гаранциската шема има цел да го подели ризикот. Значи, доколку дојде до загуби, тие ќе бидат надоместени благодарејќи на европската програма која се нарекува КОЗМЕ, за развој на претприемништвото на ЕУ. Северна Македонија има пристап до таа програма, а ја имплементира Европскиот инвестициски фонд кој е дел од ЕИБ.

Какво е искуството со средствата за мали и средни претпријатија, вкупно околу 250 милиони евра, кои беа одобрени во 2009 и 2010 година со цел да се преброди економската криза. Дали добро се искористени тие средства, дали се враќаат на време?

Искуствата се добри – дојдоа во моментот кога на пазарот немаше доволно ликвидност и кога финансиските средства беа многу скапи. Целта беше на пазарот да се вбризга дополнителна ликвидност и тие кредитни линии ја извршија таквата функција. МБПР во соработка со Министерството за финансии го надгледуваше нивното користење. Како што реков, нашата процена е дека во последниве 10 години се поддржани 60 илјади нови работни места и дека над 2 000 претпријатија имаа корист од таквите линии. Тие имаа крајна каматна стапка која беше определена од институциите на вашата земја. Не можеше да се пласираат средства над таа каматна стапка. Значи, однапред се знаеше колкава е највисоката камата за претприемачите, можеше да биде само пониска. Тоа на претприемачите им дава извесност да знаат по кои услови можат да пристапат кон финансирањето.

ВО ПРОСЕК, ВО РЕГИОНОТ САМО ЕДНО ОД ШЕСТ ПРЕТПРИЈАТИЈА БАРА ЕКСТЕРНО ФИНАНСИРАЊЕ. ИНВЕСТИЦИИТЕ СЕ РАСТ И МОТОР НА ЕДНА ЕКОНОМИЈА. И ДОДЕКА ТИЕ НАВИСТИНА НЕ ДОЈДАТ, ДОДЕКА КРЕДИТНАТА АКТИВНОСТ НЕ СЕ ПОДИГНЕ, НЕ МОЖЕ ДА РАСТЕ НИТУ ЕКОНОМИЈАТА СО ОДРЕДЕНО ТЕМПО

Во земјите од регионот претприемачите сè уште не користат екстерно финансирање. На што се должи ваквата нивна резервираност?

Затоа што се плашат од преземање ризик. Тоа веројатно е некоја наследена историја од комунистичко-социјалистичкиот период кога финансискиот сектор можеби не функционирал совршено, кога државата многу интервенираше во финансискиот сектор. Деведесеттите години беа и години на нестабилност во регионот. Сето тоа доведе луѓето многу да штедат, а малку да инвестираат. Плашејќи се за иднината, бидејќи кога немате извесност, кога немате политичка стабилност, кога немате макроекономска стабилност, тогаш се плашите да инвестирате, а со самото тоа и не барате екстерно финансирање, туку се финансирате со помош на семејството, на роднините или на пријателите. Во просек, во регионот само едно од шест претпријатија бара екстерно финансирање. Инвестициите се раст и мотор на една економија – јавни и приватни инвестиции. И додека тие навистина не дојдат, додека таа кредитна активност не се подигне на одредено ниво, не може да расте ниту економијата со одредено темпо. Условите во Северна Македонија се стабилизираа, инвестициската клима се подобрува, но јавните инвестиции сè уште се на многу ниско ниво, тие треба правовремено да се зголемат, а потоа и приватниот сектор ќе порасне. Ние сме тука да поддржиме тоа да се случи.

Дали добивањето датум за преговори за членство во ЕУ ќе овозможи нивото на соработка со ЕИБ да се зголеми?

Ние до сега во Северна Македонија имаме вложено над 850 милиони евра, што е прилично во однос на големината на економијата. Како институција на ЕУ ја следиме политиката на ЕУ и колку земјите се поблиску до процесот на присоединување во ЕУ и на крајот кога ќе влезат во ЕУ, нашите средства стануваат подостапни. Особено со влегување во ЕУ. Ние имаме одреден план на активности за оваа и за наредната година. Нашите вложувања зависат од подготвеноста на проектите, од неопходноста на инвестицијата, оправданоста на вложувањето, од ситуацијата во определен сектор, било да станува збор за транспортот, за водоснабдување..., односно од спроведените реформи во определен сектор, кои се неопходни услови на регулативната страна што треба да се исполнат за да може секторот да се развива, па и самиот проект кој ние го финансираме во рамките на тој сектор. Ќе го продолжиме она што го имаме започнато. Многу кофинансираме проекти со Европската Унија, исто така и со бесповратни средства, пред сè на ЕУ. Така, колку нивната достапност е поголема, толку се зголемуваат и нашите активности. Доколку датумот за преговори биде одложен, тоа нема битно да влијае на она што е веќе започнато. Ние се фокусираме пред сè на инвестициите, на нивната оправданост, имаме определен план за оваа и за наредната година, кој мислам дека ќе продолжи во добар правец бидејќи економијата оди во добар правец.

Колку се спремни претпријатијата да одговорат на стандардите и на процедурите кои ги бара ЕИБ во однос на добивањето финансиска поддршка?

Тоа е еден од најголемите предизвици со кои се среќаваме. Имаме стриктни процедури, пред сè регулативите на ЕУ, кои нашите партнери мора да ги исполнат во соработката со нас. И тоа е една од големите користи кои нашите партнери ги имаат кога работат со нас бидејќи многу можат да научат спроведувајќи ги европските директиви, што е корисно и за идните проекти. Ние бараме целосно исполнување на процедурите за заштита на животната средина, за јавните набавки, на социјалните стандарди, на техничката оправданост на проектот, економската оправданост... Значи сите норми кои се во согласност со најдобрите банкарски процедури или со регулативата на ЕУ. Подготвеноста се зголемува како што изминува времето и се имплементира проектот. Она што е битно, тоа е дека човечкиот кадар и натаму се обучува, особено во јавните претпријатија, во јавната администрација. Многу е битно да се зајакнуваат јавните институции и заради процесот на реформи, и заради процесот на придружување или приклучување кон ЕУ, и заради макроекономската стабилност и политичката стабилност, заради намалување на корупцијата, заради долгорочниот одржлив развој... Битно е јавните институции да бидат солидни, да бидат апсолутно одговорни пред општеството, да го спроведат она за што имаат мандат. Ако споредуваме со Западна Европа, нивото на подготвеност на проектите во стартот е многу послабо. За да се отстрани тој недостаток, ЕУ дава големи бесповратни средства во вид на техничка помош со цел да се помогне подготвувањето на инвестицијата. На пример, за подготвување на инвестицијата за изградба на постројки за третирање на отпадните води (Waste Water Treatment Plant) во Скопје, ЕУ стави на располагање околу 350 илјади евра низ рамката за Западен Балкан, а ЕИБ надгледува проектот да се подготви според сите стандарди за да може потоа да се дојде до инвестирање.

ЕИБ ја кредитираше изградбата на автопатот Демир Капија–Смоквица кој е дел од Коридорот 10. Дали има планови да се продолжи соработката за други инфраструктурни проекти, патишта, енергетски објекти и сл.?

Што се однесува до транспортот, Коридорот 8 дефинитивно ќе биде во фокусот во наредниот период, како железничкиот, така и патничкиот бидејќи е врска меѓу Албанија и Бугарија преку Северна Македонија. Тој е паневропски коридор кој има цел не само да ги поврзе земјите во регионот туку и да ги поврзе и земјите од регионот со земјите од ЕУ. Железничкиот Коридор 8 е многу скап проект, преку 500 милиони евра за сите три фази. Првите две веќе напредуваат, ние во нив не учествувавме, но се надеваме дека ќе учествуваме со финансирање во третата, завршна фаза. Многу е битно железничкиот транспорт да расте како сектор. На тоа треба да поработат и домашните институции за да се создадат услови да се зголеми побарувачката за железнички услуги, односно да постои поголем проток на производи со железничкиот транспорт, а не само со друмскиот. За да може да расте таквата побарувачка потребни се регулативи што ќе овозможат отвореност на пазарот за железнички услуги. Ние се надеваме дека ќе се исполнат сите тие предуслови и дека во иднина ќе може да го поддржиме тој сектор, а се надеваме дека тоа ќе биде од наредната година, па натаму.

ДО СЕГА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ИМАМЕ ВЛОЖЕНО НАД 850 МИЛИОНИ ЕВРА, ШТО Е ПРИЛИЧНО ВО ОДНОС НА ГОЛЕМИНАТА НА ЕКОНОМИЈАТА. КАКО ИНСТИТУЦИЈА НА ЕУ ЈА СЛЕДИМЕ ПОЛИТИКАТА НА ЕУ И КОЛКУ ЗЕМЈИТЕ СЕ ПОБЛИСКУ ДО ПРОЦЕСОТ НА ПРИСОЕДИНУВАЊЕ ВО ЕУ И НА КРАЈОТ КОГА ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО ЕУ, НАШИТЕ СРЕДСТВА СТАНУВААТ ПОДОСТАПНИ. ОСОБЕНО СО ВЛЕГУВАЊЕ ВО ЕУ

Инфраструктурата е еден од најголемите проблеми во регионот. Како може да се подобри ситуацијата?

Транспортната инфраструктура е клуч на развојот на секоја економија и транспортната инфраструктура традиционално е најголем сектор на вложување во ЕИБ во последниве 60 години во сите земји. И таа сè уште е неразвиена во овој регион ако се спореди со земјите од ЕУ. Нашата цел е да помогнеме земјите од регионот до некаде да ја стигнат развиеноста на земјите од Западна Европа. За тоа ќе биде потребно уште многу време, многу вложувања, но ние сме тука. ЕУ ја препозна таквата неопходност и агендата за поврзување е една од клучните столбови на стратегијата на проширување за Западен Балкан која беше усвоена минатата година. Ние ја следиме таа стратегија и мислиме дека транспортот, енергетскиот сектор, се многу битни за економскиот развој. Во план е да го помогнеме развојот и на гасните интерконекции, тоа е еден од стратешките планови на Северна Македонија, прво со Грција, подоцна и со Србија. Тоа се стратешки цели кои сè уште не се детално разработени, но се надеваме дека во наредниот период ќе се создадат предуслови да можеме да ги поддржиме тие инвестиции.

Европската комисија неодамна ги намали проекциите за раст кај некои земји од регионот, најмногу поради забавувањето кај Германија и Италија кои се најголеми трговски партнери. Дали ова може да влијае врз искористување на средствата за мали и средни претпријатија?

Развојот на регионот не е неотпорен на развојот на ЕУ. Доколку постои забавување на економијата во Италија, во Германија, тоа неминовно ќе влијае бидејќи тоа се земји со кои регионот има најмногу размена. Она на што треба да се фокусира Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан е реформскиот процес. Вашата земја имаше извонреден раст во средината на двеилјадитите години и беше особено забавен во 2016 и во 2017 година поради политичката ситуација во земјата. Но, сега постојат сите предуслови и ние гледаме во 2018 година позитивни параметри на растот, зголемување на инвестициите, зголемување на приливот на странски инвестиции. Меѓутоа неопходно е да се продолжи со сите потребни закони, усвојување на сите мерки кои ќе овозможат да се намалува невработеноста, да постои клима за развој на бизнисот и помошта да се фокусира на оние сектори кои најмногу придонесуваат за растот, а тоа се извозните сектори, индустријата. Една економија, релативно мала, како вашата земја, треба да се фокусира на оние потенцијали кои ги има за да ги задржи младите луѓе. Зборуваме за вложувања во иновации, во развој на претприемништвото, развој на стартап компании... Значи сите идеи кои младите ги имаат и можат да ги развијат, но треба да им се создаде еко систем во земјата за да можат тоа да го направат тука, а не да бараат да заминат. Или, ако веќе заминале, да можат да се вратат. Имате академски истражувачи кои работат многу успешно на други универзитети, треба да им се создаде клима да можат да ги реализираат своите идеи овде. Тоа е полесно да се каже отколку да се направи, но мислам дека има некои добри поместувања. На пример, со Центарот за извонредност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје разговаравме да им помогнеме да развијат нолиџ трансфер (knowledge transfer), да им помогнеме да развијат свои истражувачки методи, да бидат во склад со западноевропската организираност, да имаат таква платформа и бизнис-план да можат непречено да работат на комерцијално ниво со тоа што ќе ги применуваат научните истражувања во индустријата, во економијата. Тие само што се основаа, во 2017 година, и за тоа е потребно малку време. Уште не сме дошле до тоа да им помогнеме, но идентификувавме можност дека такви проекти, иако се со помал финансиски обем, можат да имаат огромен позитивен ефект на економијата и на развојот на општеството воопшто.

ВО ПЛАН Е ДА ГО ПОМОГНЕМЕ РАЗВОЈОТ И НА ГАСНИТЕ ИНТЕРКОНЕКЦИИ, ТОА Е ЕДЕН ОД СТРАТЕШКИТЕ ПЛАНОВИ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ПРВО СО ГРЦИЈА, ПОДОЦНА И СО СРБИЈА

При одобрувањето на средствата посебно внимание се посветува на еколошките стандарди. Каква е улогата на ЕИБ во овој сегмент?

Нашата улога во тој дел е многу јасна. За нас приоритет број еден се климатските промени и заштитата на животната средина. Тоа од нас го бара и Европскиот парламент и Европскиот совет и ние како најголема финансиска институција во светот се обврзавме да ја поддржиме Париската спогодба и за таа цел определивме 100 милијарди евра во петгодишниот период до 2020 година. Овие средства не се само за членките на ЕУ, туку на глобално ниво. Што се донесува до Северна Македонија, ние спроведуваме инвестиции во водоснабдувањето и во канализацијата. Потпишано е за 50 милиони евра, од кои се потрошени преку 30 милиони евра. Инсталирани се или се модернизирани 137 километри нови водоводни цевки, поставени се 15 илјади приклучоци, 100 илјади луѓе имаат подобар пристап до вода за пиење отколку порано. Во одредени општини, особено во оние што се оддалечени, немаше воопшто пристап до мрежата или пристапите биле спорадични, па таму час имаше, па немаше вода или квалитетот на водата не беше добар. Програмата ќе продолжи со нова до која, да се надеваме, ќе дојде наредната година и ќе трае 3–4 години. За нас тоа беше основниот фокус во тој сектор. Работиме на постројка за прочистување на водата во Скопје, за што се предвидени 68 милиони евра кредитни средства и 10 милиони евра бесповратни средства и тоа, секако, ќе има големо позитивно влијание на квалитетот и на прочистувањето на водата воопшто, а со тоа и да се исчисти реката Вардар која е во многу тешка состојба кога зборуваме за загаденоста. Се надеваме дека и Европската Унија ќе помогне со дополнителни и бесплатни средства, како што реков од 350 илјади евра, и дека сите со заеднички напори ќе успееме да придонесеме во позитивна насока. За нас тоа е апсолутно приоритет број еден и тој проект е планирано да го кофинансира ЕБРД. Тоа е можно само со заеднички сили, ние, институциите на државата, други финансиери, комерцијалните банки... Значи мора да се здружиме сите заедно за да ги победиме климатските промени. Во спротивно, тие ќе нè победат нас.

Разговараше
Мирче Јовановски

(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top