Интервјуа
ОСИГУРУВАЊЕТО Е ИНВЕСТИЦИЈА ВО БЕЗБЕДНА ИДНИНА

Ѓорѓе Војновиќ
Главен извршен директор на Триглав Осигурување АД Скопје

За почеток, како ги оценувате состојбите во осигурителниот сектор во регионот Адрија во кој групацијата Триглав е најголема осигурителна и финансиска групација и една од водечките во Југоисточна Европа? Што покажуваат резултатите на групацијата Триглав?

Ѓ. Војновиќ: Состојбите на осигурителните пазари во Југоисточна Европа оваа година остануваат под влијание на економските околности во последниве неколку години, а истовремено на работењето влијае и заострената конкуренција во подрачјето на цени. Групацијата Триглав во првото тримесечје оваа година, во однос на истиот период минатата година, оствари раст на фактурираната консолидирана бруто-премија од 8 %, што вкупно изнесува 317 милиони евра. Во поголемиот дел од пазарите бележи раст на премија над растот на премија на целокупниот пазар, а оствари добивка пред оданочување во висина од 29,9 милиони евра, со индекс 108 во однос на истиот период минатата година. На тоа влијаеше доброто работење во осигурителната дејност и повисоката нето-добивка од продажбата на финансиски производи.
Паралелно со доброто работење во осигурителната дејност, што е изразено преку поволниот комбиниран коефициент на групацијата, Триглав го зголеми обемот на средства со кои управува за своите клиенти. Во 2019 година групацијата Триглав, во согласност со стратешките насоки за јакнење на дејноста за управување со имот, на македонскиот осигурителен пазар основаше друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, Триглав пензиско дршутво АД, Скопје. Во Словенија успешно го заврши купувањето на друштвото за управување Алта Склади. Со двете друштва за управување групацијата Триглав стана водечки понудувач на заемни фондови на словенечкиот пазар.
Групацијата Триглав систематски ги спроведува зацртаните насоки од својата стратегија – ја прилагодува понудата кон потребите на клиентите од одредениот пазар, ги развива своите продажно-комуникациски канали, асистентски услуги и спроведува активна маркетиншка и продажна политика.

Како ја оценувате позицијата на Триглав Осигурување АД Скопје на домашниот осигурителен пазар?

Ѓ. Војновиќ: Во првиот квартал од 2019 година компанијата работеше добро, оствари подобар комбиниран коефициент споредено со резултатот во истиот период минатата година, како и намалување на бруто-оперативните трошоци и останати осигурителни расходи. Во овој квартал Триглав достигна и значајни 52 % пораст во бруто-полисираната премија во доменот на приватното доброволно здравствено осигурување.
Триглав Осигурување, како лидер на пазарот на неживотно осигурување, останува на својот зацртан пат одреден со стратегијата и со добрата пракса. Во првиот квартал од оваа година повторно понудивме одлични нови можности за клиентите. Ги дополнивме производите за доброволно приватно здравствено осигурување со понудата на осигурување од малигни заболувања, производ кој ги третира најтешките проблеми на нарушено здравје на клиентите и кој има цел материјално да ја покрие севкупната процедура на дијагностика и на лекување на малигна болест, почнувајќи од дијагноза преку операции до радио- и хемотерапии. Воведовме и онлајн апликација за купување на здравствено-патничко осигурување, а секако работиме и на многу други можности кои треба да го олеснат и да го подобрат животот на нашите клиенти. Тие се нашиот главен фокус и се трудиме да бидеме нивен партнер, да ги антиципираме нивните потреби и да им излеземе во пресрет на нивните желби.

СЕКОГАШ ГО ПОВТОРУВАМ ИСТОТО, ОСИГУРУВАЊЕТО Е ИНВЕСТИЦИЈА ВО БЕЗБЕДНА ИДНИНА, НИКАКО ТРОШОК, И ТОА ВО СВОЈОТ РАЗВОЈ СЀ ПОВЕЌЕ ГИ СЛЕДИ НИЈАНСИРАНИТЕ ПОТРЕБИ НА ЛУЃЕТО БИДЕЈЌИ ТОКМУ ТОА Е ЦЕЛТА НА ТРИГЛАВ, ДА ПОНУДИМЕ РЕЛЕВАНТНА УСЛУГА СО ВРВЕН КВАЛИТЕТ. ОД СТРАТЕШКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА НАС Е ДОБРОВОЛНОТО ПРИВАТНО ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ И ОД ГОДИНА ВО ГОДИНА РАБОТИМЕ СЀ ПОДОБРО. ОВА Е СЕГМЕНТ КОЈ ДАВА ОГРОМНИ МОЖНОСТИ И ИМА ГОЛЕМ ПОТЕНЦИЈАЛ

Која е Вашата најпродавана осигурителна услуга во моментов, а во која област би сакале повеќе да ги придвижите работите?

Ѓ. Војновиќ: Најголем удел сѐ уште има осигурувањето од автомобилска одговорност кое е задолжителна осигурителна класа, што секако е показател дека македонскиот осигурителен пазар сѐ уште треба да се развива, да се едуцира и да се менува и јавноста да ги препознае придобивките кои ги нудат незадолжителните класи на осигурување. Токму тука е и нашиот фокус, во развојот на незадолжителните класи кои и тоа како придонесуваат кон подобар квалитет на живот и кон побезбедна иднина. Секогаш го повторувам истото, осигурувањето е инвестиција во безбедна иднина, никако трошок, и тоа во својот развој сѐ повеќе ги следи нијансираните потреби на луѓето бидејќи токму тоа е целта на Триглав, да понудиме релевантна услуга со врвен квалитет. Од стратешко значење за нас е доброволното приватно здравствено осигурување и од година во година работиме сѐ подобро. Ова е сегмент кој дава огромни можности и има голем потенцијал. Триглав постојано работи на развојот на овој осигурителен сегмент и во обемот и во квалитетот на услугите кои ги обезбедуваме во овој домен. Како што веќе спомнав, оваа година понудивме навистина важно дополнување преку осигурувањето на малигни заболувања и веруваме дека токму нашиот пристап кон развојот на производите и на услугите што ги нудиме, имајќи го во фокус клиентот, има најголемо влијание на успехот што го постигнуваме.

Како се одразуваат на осигурителниот бизнис најновите технолошки движења, да ја земеме дигитализацијата, какви можности отвораат и како да се искористат тие можности?

Ѓ. Војновиќ: Осигурувањето ги допира сите аспекти во животот и нејзин таргет се широк дијапазон на генерации, а со тоа и профили на луѓе. Тој факт го одредува начинот на кој (ќе) ги таргетираме потенцијалните клиенти кои имаат различни навики и преференции. Затоа во стратегијата на групацијата се зацртани многуканалната продажба и дигитализацијата како комплементарни фактори кои ја диктираат и ја помагаат комуникацијата со клиентите.
Дигитализацијата денес е сеприсутна и неизбежна, и сите ние на некој начин сме дел од неа како учесници, корисници, но и како креатори, кои ја користат за да создадат иновативни начини на комуникација и изведба на деловните процеси. Без оглед на обемот на нејзината употреба во локални услови во моментов, особено во доменот на онлајн купувањето, тука е иднината, сите трендови се насочени во тој правец и сите сме поставени на таа патека. Мораме да имаме на ум дека дигитализацијата и нејзината примена во голема мера олеснуваат одредени процеси, отвораат нови можности, а ќе имаат далекусежно влијание врз севкупниот систем на живеење, дејствување и развој. Ќе имаат импакт врз голем број деловни процеси, ќе обликуваат навики на однесување, сѐ повеќе ќе влијаат врз насоките во кои ќе се развиваат деловните системи, ќе го менуваат начинот на размислување, како и пристапот кон одредени проблематики. А ние во чекор ги следиме овие трендови бидејќи нашите клиенти се веќе таму.

Како ја оценувате состојбата на пазарот на работна сила кога станува збор за понудата на постојни или идни професионалци за осигурителниот бизнис? Во минатото постоеше недостиг на актуари. Дали тој проблем е надминат и како да се надмине ако е уште актуелен?

Ѓ. Војновиќ: Триглав Осигурување, како и повеќето осигурителни компании на македонскиот пазар, е дел од голема, интернационална групација која има свои програми за едукација и за развој на вработените, посебна програма за развој на млади и перспективни кадри, како и програми за размена на вработените, кои им овозможуваат да работат на одредено време и во некоја друга компанија во рамките на групацијата. Во рамките на сите овие програми вработените имаат можност да се стекнат со одлични искуства и со знаење, да ја надградуваат континуирано својата експертиза и да ги следат најновите трендови во индустријата.
Што се однесува до актуарите, во моментов на пазарот нивната бројка се движи во рамките на минимум потребната законски пропишана, но, секако, сметам дека тој број треба да се зголеми преку организирање нови обуки за актуари бидејќи тоа може да придонесе кон подобрување на квалитет во работењето, развој на актуарството како научна дисциплина, но секако и подобрување на условите за работа во овој домен.

РАЗВОИТЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО И НА БАНКАРСТВОТО ИМААТ ЗАЕДНИЧКИ ТОЧКИ, КАКО ИНДУСТРИИ СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ПРЕПЛЕТУВААТ, НИВНИТЕ ПРОИЗВОДИ СЕ НАДОПОЛНУВААТ, А УСЛУГИТЕ КОИ ГИ ОБЕЗБЕДУВААТ ЗА СВОИТЕ КЛИЕНТИ ВО МНОГУ ИНСТАНЦИ СТАНУВААТ КОМПЛЕМЕНТАРНИ, НА ПРИМЕР БАНКИТЕ КАКО КАНАЛ НА ПРОДАЖБА НА ОСИГУРУВАЊЕ. СЕТО ОВА ВО КРАЈНА ЛИНИЈА ЗНАЧИ ПОДОБРИ, НОВИ И ИНОВАТИВНИ МОЖНОСТИ ЗА КЛИЕНТИТЕ КАКО ВО РЕЗИДЕНТНИОТ, ТАКА И ВО КОРПОРАТИВНИОТ СЕГМЕНТ

Во Стопанската комора на Македонија Вие сте претседател на новото Здружение за финансиски организации кое, во основа, претставува спојување на досегашните здруженија за осигурување и за банкарство и други финансиски организации. Што очекувате од новото здружение?

Ѓ. Војновиќ: Пред сѐ, би сакал да напомнам дека ова за мене е вистинска привилегија, но и голема одговорност. Спојувањето на овие две здруженија е сосема природно и оправдано имајќи предвид колку овие индустрии се поврзани, зависат едни од други и соработката меѓу нив обезбедува предности за обете страни. Развоите на осигурувањето и на банкарството имаат заеднички точки, како индустрии сѐ повеќе се преплетуваат, нивните производи се надополнуваат, а услугите кои ги обезбедуваат за своите клиенти во многу инстанци стануваат комплементарни, на пример банките како канал на продажба на осигурување. Сето ова во крајна линија значи подобри, нови и иновативни можности за клиентите како во резидентниот, така и во корпоративниот сегмент.
Ова спојување овозможува да ги разгледуваме проблематиките во доменот на финансии заеднички и од сите аспекти, што сигурно ќе придонесе кон квалитетно решавање на проблемите и предизвиците со кои се соочуваме како индустрија.

Неодамна имавте уникатна можност за лична професионална надградба на познатата Келог школа за менаџмент при Нортвестерн универзитетот во Чикаго. Како дојде ваквата можност и какви се Вашите импресии од учеството во оваа програма?

Ѓ. Војновиќ: Соработката меѓу Триглав Осигурување и Македонија 2025 доведе до оваа навистина извонредна можност да го следам модулот за менаџмент на престижната Келог школа при Нортвестерн универзитетот во Чикаго, која Економист (The Economist) ја рангира како најдобра бизнис-школа во светот. Она што навистина ме импресионираше беа ангажираниот пристап и интерактивниот процес на пренесување на знаење, како и можноста да учиме од најдобрите академици и бизнисмени. Модулот особено релевантен и квалитетен го прави фактот што користи студии на случај, базирани на вистински настани. Сепак, она што најмногу ми се допадна беше самата интеракција со професорите и нивната ангажираност и мотивираност да пренесат знаење, да остварат личен контакт со секој од нас, да го чујат мислењето на сите. Ова искуство беше одлично и затоа што имав можност да запознам навистина интересни луѓе од целиот свет и мислам дека една од најголемите придобивки се токму овие стекнати пријателства. Сепак, она што мене лично ми е најважно е како јас, како професионалец, ќе ги применам стекнатите знаења и искуства затоа што верувам дека кога лично ќе имплементираме и веруваме во промените што ги носиме, нашите соработници со задоволство го следат нашиот пример.

Вашиот совет за младите претприемачи во земјава?

Ѓ. Војновиќ: Би им препорачал да инвестираат во себе, постојано да го надградуваат своето знаење и никогаш да не се откажуваат. Верувам дека знаењето и волјата се моќна комбинација – учиме нешто ново секој ден и никогаш не смееме да престанеме бидејќи тоа е она што нѐ одржува и ни ги отвора хоризонтите, исто како што силната волја за постигнување на зацртаните цели за напредок и за успех нѐ движи напред.

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top