Општество
МОДАТА И ФИЛМОТ – ПАЛАТИ НА СОНИШТАТА

Лидија Георгиева
Авторот е дизајнер, редовен професор

Модата и филмот имаат долга историја заедно – екранот функционира како модно платно и моден излог, а филмот ги користи модата и приказните за животен стил за да привлече публика.

За некои модата е извор на пари, а за други е уметност. Постојат неколку истурени брендови, пионери во истрагата, кои со својата работа се инспирација, па така нивните прогресивни дизајни полека од елитните бутици постепено се демократизираат на улицата. Кога зборуваме за визуелните уметности денес границата меѓу креација, уметност и бизнис е многу тенка и некогаш е навистина тешко да се разграничи дали зборуваме за дизајн на продукт или за уметничко дело. Ако гледаме обратно, помислете само на тоа колку уметници денес се повеќе бизнисмени отколку што се креативци.

Со појавата на интернетот, визуелните уметности денес повеќе од кога било се подложни на меѓусебни влијанија и тенденции така што формата на некое архитектонско дело може да влијае врз некоја модна креација, или обратно.

Во тој контекст интересно е да се истражи меѓусебното влијание низ историјата, меѓу филмот и модата – кога култните филмски остварувања влијаеле врз облекувањето, и обратно.
Неодамна во Скопје, во рамките на Скопскиот филмски фестивал, се одржа проекција на филмот Жан Пол Готје: Фрик и шик, а потоа следуваше анимирана дебата. По тој повод гостуваше реномираната модна теоретичарка, госпоѓата Луиз Воленберг. Таа е моден истражувач, вонреден професор, креатор на Програмата за модни студии во Центарот за модни студии при Стокхолмскиот универзитет и автор на многу книги поврзани со модата и со филмот. Заедно со неа соговорничка ми е и Кристина Глигоровска – моден истражувач и консултант за модна комуникација. Им го поставив истото прашање.

Кога мислам на култни филмови кои оставија силен импакт врз стилот и размислувањето на цели генерации – почнувајќи од Однесено со виорот и полно други филмови од 40-тите и од 50-тите години, па преку Вол стрит, Убава во розово, Лудиот Макс, Матрикс и сѐ до Ѓаволот носи Прада, а тука не може да се изостави серијата која ги одбележи 90-тите и го прослави дизајнерот на чевли Маноло Бланик во глобални размери – Сексот и градот, како би го споредиле влијанието кое го имаа филмовите минатиот век заедно со наведените филмови од поновата продукција – со големиот недостаток на визуелна и модна култура денес, загадено со број на лајкови и следбеници, односно квантитет наместо квaлитет?

 

ФИЛМСКОТО ПЛАТНО ФУНКЦИОНИРА КАКО ИЗЛОГ
Луиз Воленберг – моден теоретичар, вонреден професор на Стокхолмскиот универзитет

Уште од раните 20-ти години на минатиот век, светот на модата бил постојан сетинг за романтични комедии, драми, трилери, од немиот филм на Алферд Грин Ирена (1926), преку Девојката од насловните страни на Чарлс Видор (1944), Махагони на Бери Горди (1975), Френки на Фабиен Берто (2005), па сѐ до Ѓаволот носи Прада на Дејвид Френкл (2006) и многу други.
Модната индустрија веќе долго време го користи филмот како медиум за продажба на своите продукти и модниот филм кој жанровски во изминативе 20-тина години се етаблираше како моќен вектор за рекламирање мода, не е воопшто нов феномен. Веќе на почетокот на минатиот век неколку модни куќи користеа модни филмови за да привлечат клиенти.
Индустријата малку беше спора во адаптирање на филмот, па иако кинематографијата во своите различни форми имаше корист од модата, сепак, најзначајна улога во презентација и ширење на модата одигра модната фотографија како маркетинг-оружје со естетски слики.
Но, да се фокусираме на филмот: филмското платно функционира како излог, продавајќи не само соништа за подобар живот во класичните холивудски филмови туку и вистински производи. Овие производи, рекламирани и покажувани на екран како модерни и посакувани, се пред сѐ достапни во стоковните куќи. На тој начин постои чиста поврзаност меѓу киното и модата исто како и во просторот – киното и стоковните куќи се затворени комерцијални простори како палати на соништата. Секако, постојат и други платформи за продавање производи и соништа: модата во филмските списанија, во рекламната индустрија и денес на интернет, со рекламирање облека, козметички производи и разни препораки за стил и за убавина.
Сепак, мејнстрим филмовите кои се многу популарен медиум и со разнолика публика имаат значајна улога како лице на модата и на тој начин филмскиот костим е во интимна корелација со модата. Всушност, костимографите и модните дизајнери во бројни прилики ги менувале позициите и во двете категории биле инспирирани едни од други. Коко Шанел, Кристијан Диор, Кристијан Лакроа, Жан Пол Готје, сите тие живееле во Париз, во лулката на високата мода и работеле во филмската индустрија. А пред нив модната дизајнерка Лусил (Лејди Даф-Гордон) која веќе кон крајот на 19 век ги комбинирала нејзините вештини како костимограф за театар и моден дизајнер, па подоцна околу 1910 година почнува да дизајнира за филмските глумици.
Три познати филмски костимографи кои поминале низ модата беа Американците Хауард Грин, Адријан и секако легендарната Едит Хед, сите тие живееле во Холивуд.
Исто така би го споменала и Макс Голдстин - МАГО, кој од мода премина во костим во раните 50-ти кога беше откриен и создаден во еден од најпродуктивните дизајнери тогаш.

 

ФИЛМОВИТЕ РАСКАЖУВААТ ПРИКАЗНА, А КОСТИМИТЕ СЕ ЗБОРОВИТЕ
КРИСТИНА Глигоровска – моден истражувач и консултант за модна комуникација 

„Кога еден карактер или филм ја доловува јавната имагинација, тогаш костимите можат да ги креираат модните трендови во светот. Тие брзо стануваат дел од модерната митологија.“   Кит Лодвик, куратор во музејот Викторија и Алберт во Лондон

Модата и филмот се поврзани на многу начини, иако се дијаметрално спротивни. Фокус на модата е она што се случува во моментот, сегашноста, како и на она што следува во иднина. Од друга страна, филмот опфаќа и дава рефлексија на еден момент во времето и го зачувува како спомен за следните генерации. 

За влијанието на модата во филмот сѐ уште не се зборува многу, иако многу често брендовите ги користат филмовите како своевиден медиум за промоција. Односот меѓу модата и филмот е многу важен за разбирање на карактерите затоа што модата е силна креативна алатка преку која се градат идентитетите на главните протагонисти во филмовите. Дали можеби се сеќавате на филмот Седум години верност (The Seven Year Itch) на Били Вајлдер? Најверојатно вашиот одговор ќе биде негативен, но затоа пак сигурно се сеќавате на иконската филмска сцена од овој филм, кога белиот фустан на Мерлин Монро се подигна од ветерот додека таа стоеше над решетките на метрото. Ваквите моменти во филмовите оставаат силен впечаток и се запишани во нашата меморија. Помислете само на Волшебникот од Оз (The Wizard of Oz) или на Бунтовник без причина (Rebel Without a Cause) и веднаш ќе се сетите на црвените чевли што ги носеше Џуди Гарланд и на кожната јакна на Џејмс Дин. Но, мора да признаете дека највпечатлив момент за модата, како есенцијален дел од филмот, е почетната сцена на филмот Појадок кај Тифани (Breakfast at Tiffany’s) и црниот фустан од дизајнерот Хуберт де Живанши во кој Одри Хепберн блесна како незаменлива модна икона.

Модата и филмот градат нераскинливо пријателство. Сѐ почесто може да се забележи дека модните дизајнери стануваат режисери, а познатите режисери почнуваат да продуцираат филмови за модата. Том Форд, еден од најистакнатите модни дизајнери на денешницава, е токму пример за овој нераскинлив однос. Имено, тој ги режираше филмовите Единствен човек (A Single Man) кој беше номиниран и за Оскар и Ноќни животни (Nocturnal Animals) кој ја доби главната награда од Венецијанскиот филмски фестивал. Меѓутоа, многу филмски критичари забележаа дека овие филмови се вистинска промоција на брендот Том Форд ако се земе предвид дека главните ликови се облечени во негови креации. Естетиката во филмовите подразбира врвна стилизираност и на овој начин Том Форд се запиша во кинематографската визуелна историја. 

Од друга страна, помислете само на Петтиот елемент (The Fifth Element) и Жан Пол Готје кој за овој филм дизајнираше 954 костими со особен акцент на костимот на Мила Јовович. Интересно да се напомене е дека Готје бил присутен буквално секој ден за време на снимањето само за да се убеди дека костимите ќе изгледаат исто така како што ги замислил. Во неодамнешната адаптација на филмот Големиот Гетсби (The Great Gatsby), Миучија Прада соработуваше со костимографите Кетрин Мартин и браќата Брукс за да се изработат костимите на сите актери. За разлика од примерот со Том Форд, Прада воопшто не беше акцентиран како бренд, туку идејата беше костимите да го отсликуваат модерното време со особен фокус на гламурот и на екстраваганцијата на забавите од дваесеттите години на минатиот век.

Горенаведените примери се само неколку од безбројните моменти за тоа како филмот и модата можат да дадат слика и увид за одредено време, место и карактери. Тоа им дава можност на оние кои не се заинтересирани за модните недели и последните трендови во модата да ја разберат моќта на облеката, а од друга страна дизајнерите имаат шанса да го покажат својот талент, а понекогаш и дел од нивните најнови колекции. 

Сѐ повеќе се добива впечаток дека влијанието кое филмот го имаше врз градењето на модните трендови како да исчезнува. Иако сме сведоци на безброј примери како филмот влијае на модата, помислете само на влијанието на Палп фикшн (Pulp Fiction), трилогијата Матрикс (Matrix), Блејд ранер (Blade Runner), а и на историскиот филм за Мариja Антоанетa на Софија Копола, кој влијаеше на адвертајзинг кампањата на Долче и Габана, во поново време ова влијание се заменува со друга приказна. Во последниве две децении модата во филмовите која е особено значајна за холивудската ера се заменува со нов феномен во денешново време, а тоа се долгометражни, но и документарни филмови за модата и за модниот свет. Еден од првите примери за ова е филмот Прет-а-порте (Prêt-à-Porter) на Роберт Алтман, а потоа следуваа многу филмови во овој правец, од Ѓаволот носи Прада (The Devil Wears Prada), филмовите за Коко Шанел, до познатите документарни филмови Септемвриското издание (The September Issue), Виктор и Ролф: Затоа што вредиме (Viktor & Rolf: Because We’re Worth It), Потпис Шанел (Signé Chanel), Валентино: Последниот император (Valentino: The Last Emperor), Мекквин (McQueen), Жан Пол Готје: Фрик и шик (Jean Paul Gaultier: Freak & Chic) и, секако, многу други филмови во кои се отсликуваат не само генијалните креации на модните дизајнери туку и сето она што ги опкружува. 

На крај може да заклучиме дека како што модните дизајнери внимателно ја подготвуваат секоја модна ревија, така и режисерите работат до последен момент и обрнуваат внимание на сите детали на финалната верзија на нивните филмови. Овие две индустрии биле, се и ќе останат нераскинливо поврзани во креативниот универзум. Филмовите ќе раскажуваат приказни, а костимите ќе бидат зборовите. 

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top