Интервјуа
КАКО ЗЕМЈА ИМАМЕ ГОЛЕМ ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ВО СОЛАРНАТА ЕНЕРГИЈА

Зоран Балевски, управител на Мега Солар
Економија и бизнис - АРХИВА

Пред осум години го реализиравме, во тоа време, пионерскиот проект за изградба на фотоволтаична централа со капацитет од 1 MW.

Господине Балевски, Мега Солар пред осум години инвестираше во фотоволтаична централа во Општина Новаци. Какви се Вашите искуства од оваа инвестиција?

Мега Солар и мојот тим, пред осум години, го реализира, во тоа време, пионерскиот проект за изградба на фотоволтаична централа за производство на електрична енергија добиена од сонце. Тоа беше првата таква централа изградена во Република Македонија со капацитет од 1 MW. Во тој период немавме никакви споредбени параметри. Задоволни сме од остварениот обем на производство, кое е на ниво на планираното и кое потврдува дека како земја имаме сериозен потенцијал за инвестирање во соларната енергија. Во прилог е и што во изминатиов период драстично поевтинија соларните панели и инвертори кои се основен елемент за изградба на соларна централа. Кога ја градевме централата на Мега Солар, покрај со административни пречки, се соочивме и со исклучително високи цени на опремата. За споредба, кога ние ги купувавме панели тие чинеа 1,90 Е/цент за kW, а денеска може да се купат за 0,24 Е/цент за kW. Да не беа понудените субвенционирани услови со фид-ин тарифи, како и поддршката на Светска банка и на Охридска банка немаше да успееме да го реализираме нашиот проект. Денес условите и опремата се многу приближени на пазарните услови на стопанисување и создаваат можности за помасовно инвестирање во сите видови обновливи извори на енергија. Сепак, сѐ уште е потребна стимулација од страна на државава, која сега во обем ќе биде многу помала.

До сега електричната енергија од фотоволтаици се продаваше со т.н фид-ин тарифи, а ја откупуваше МЕПСО. Со Законот за енергетика се премина кон т.н. премии. Може ли да ги објасните новитетите?

Од новитетите во Законот за енергетика ќе се задржам само на одредбите што беа преточени во Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија која, во принцип, ја поддржувам и ја поздравувам. Премиите како вид субвенција од државава за стимулирање на изградба на обновливи извори на енергија се доделуваат за електрична енергија од фотоволтаичните и ветерните електроцентрали. За малите хидроцентрали и за електроцентрали што користат биомаса и биогас сѐ уште е останата т.н. фид-ин тарифа. Принципот на премија подразбира дека потенцијалните инвеститори во фотоволтаични централи своето производство ќе го продаваат на отворен пазар по пазарни услови и цени, а ќе имаат можност износот на премијата, добиен со негативно наддавање на аукција спроведена од Министерството за економијa, да го добиваат како фиксен дел на секој мегаватчас произведена електрична енергија како поддршка од страната на државава.

Кој ќе ја откупува електричната енергија од фотоволтаичните централи? Кое е најповолното решение?

Во согласност со постапката утврдена во Уредбата, очекуваме да биде распишан тендерот за доделување на право на користење на премии кој, покрај сите познати услови, ќе треба да дефинира и сигурност на откупот на електрична енергија за оние производители кои нема да успеат да ја продадат произведената електрична енергија на отворен пазар како што е предвидено во Уредбата. По претходно спроведена тендерска постапка по пат на јавен оглас, Министерството за економија треба да ја определи компанијата која ќе има обврска да ја откупува целокупната електрична енергија од овие производители, како што досега беше МЕПСО, и тоа по пазарна цена на денот на фактурирањето, но јасно дефинирано според која берза на електрична енергија ќе се утврдува пазарната цена на струјата. 

Ова се клучни прашања за секој потенцијален инвеститор, и тоа од две причини. Доколку нема сигурност за континуиран откуп на електричната енергија (посебно и поради тоа што Република Северна Македонија не е и нема развиен пазар на електрична енергија) ќе биде невозможно кредитирање од страна на банките и второ, доколку не е утврдена берзата според која ќе се пресметува пазарната цена на електричната енергија, тогаш не може да се даде валидна понуда за висината на премијата, а тоа е основа за профитабилност на целиот проект. Овие параметри мора да бидат утврдени во тендерот ако сакаме успешна и рамноправна постапка за сите учесници, особено за инвеститорите од Република Северна Македонија.

Дали поволностите за изградба на фотоволтаични централи кои ги нуди Владата можат да го поттикнат приватниот сектор?

Секако! Добро е што по неколкугодишна неактивност оваа Влада создаде законски услови за започнување на инвестициски активности во делот на обновливите извори на енергија. Интерес постои, а посебно кај домашните инвеститори, но и кај банките. 

Треба сериозно да се размисли и за можност за изградба на фотоволтаични централи по принципот на фид-ин тарифи со утврден максимален инсталиран капацитет од помал обем. Ова се препорачува и од ЕУ, а е прифатено и од Енергетската заедница во Упатството за доделување на државна помош за заштита на животната средина и енергетиката од 2014 до 2020 година каде што е недвосмислено укажано дека фид-ин тарифи може да се доделуваат за фотоволтаични централи со инсталиран капацитет до 500 кW.  

Ваквиот принцип, кој овозможува сигурна цена и откуп за определен временски период, широко ќе ги отвори вратите за помалите домашни инвеститори во соларна енергија, и тоа на градежни парцели во приватна сопственост, а истовремено ќе придонесе за исполнување на обврската на нашава земја во однос на количините на електрична енергија произведена од обновливи извори. 

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top