Интервјуа
ЕВН ИМА ПОЗИТИВНИ ИСКУСТВА ОД ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА НА ПАЗАРОТ НА СТРУЈА

Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија
Економија и бизнис - АРХИВА

Во сите земји каде што сме присутни, значително повеќе од 50 отсто од корисниците повторно го одбраа ЕВН.

Г. Штефан Петер, со новиот Закон за енергетика целосно се либерализира пазарот за електрична енергија во земјава. Како ќе влијае либерализацијата на позицијата на ЕВН Македонија на пазарот, но и на потрошувачите кои можат да изберат снабдувач со електрична енергија?

Добри вести за деловните корисници: за нив ќе стане поевтино на отворениот пазар. Зошто? Бидејќи во минатото ги субвенционираа домаќинствата. Сега тие ги добиваат вистинските пазарни цени. Но, внимавајте. Тие се нестабилни. Повеќе од кога било ќе биде важно да се одбере стабилен снабдувач со електрична енергија. Мислам дека ЕВН е таков снабдувач бидејќи нуди фер цени, најдобра услуга и гарантирано снабдување. Се разбира, нема да ги убедиме сите клиенти со нашите понуди. Тоа е позитивна конкуренција и води до ефикасност на пазарот.
Имам добри вести и за приватните потрошувачи: тие можат да изберат снабдувач на слободниот пазар или да останат на регулираниот пазар. Моментално регулираниот пазар ќе биде во нивна корист бидејќи е поевтин.

Какви се искуствата од либерализацијата на пазарот на електрична енергија во други земји каде што ЕВН е присутен?

Искуствата се позитивни. Во сите земји, значително повеќе од 50 % од корисниците повторно го одбраа ЕВН. Но, секогаш постојат очекувања за пониски цени кои се преценети. Секторот за електрична енергија работи со екстремно ниски маржи, дури и помали од 2 %, но е прилично нестабилен во зависност од цените на нафтата, на гасот, на јагленот и од ефектите на глобалниот пазар.

ЕВН беше избран како универзален снабдувач на електрична енергија во следниве пет години. Што ќе направи Вашата компанија за да ја задржи довербата на потрошувачите, имајќи предвид дека и други компании може да се појават како снабдувачи на слободниот пазар?

ЕВН беше избран бидејќи дадовме најповолна понуда. Тоа значи дека од сите понудувачи ние најдобро ги исполнивме критериумите и бевме најевтини. Ние сме среќни што ќе ги услужуваме домаќинствата уште пет години. Новата компанија се вика ЕВН Домаќинства бидејќи тоа најдобро ја опишува, специјално дизајнирани услуги за подобар живот и поголема удобност.

Како ќе влијае либерализацијата на сметките за електрична енергија? Како универзален снабдувач, можете ли да ја гарантирате најповолната цена на електричната енергија за граѓаните?

Универзалниот снабдувач е регулирана услуга за домаќинствата. Регулирана е од страна на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Значи, РКЕ ја регулира крајната цена за купувачите, т. е. она што купувачот го плаќа за 1 kWh потрошена енергија. Целокупната цена се состои од производство на енергија од страна на ЕЛЕМ, сега ЕСМ, пренос извршен од МЕПСО, дистрибуција од страна на Електродистрибуција и крајна продажба од страна на ЕВН Домаќинства. Сите овие трошоци, дополнети со давачките, ја даваат конечната цена за потрошувачите и се варијабилни, освен во делот на ЕВН Домаќинства. Оваа е замрзната веќе пет години како процент од вкупната цена. Значи, зависи од РКЕ како ќе ги одреди цените. Но, ако на пазарот има подобра цена, корисниците ќе можат слободно да го изберат тој доставувач во секое време без ограничувања.

ЕВН е присутна во земјава веќе 12 години. Колкав беше износот на инвестициите во овој период, првенствено во подобрувањето на дистрибутивната мрежа и што планира компанијата да прави во иднина во однос на инвестициите?

ЕВН инвестираше повеќе од 300 милиони евра во инфраструктурата во последниве 12 години. Нашата инвестициска програма предвидува уште 28 милиони евра оваа година и слични износи во следниве четири години. Ова го гледаме како апсолутно неопходно; да ја подобриме состојбата на мрежата, да постигнеме поголема стабилност и да се подготвиме за т.н. дистрибуирано производство. Тоа се фотоволтаици на покривите на домаќинствата. Тоа претставува бум во Европа.

Енергетската ефикасност не е јака страна на потрошувачите во земјава. Преку серија активности, ЕВН се обидува да ја промени оваа ситуација. Што ги советувате граѓаните и претпријатијата со цел да се подобри енергетската ефикасност и дали Вашите напори даваат резултати?

Ние сакаме нашите корисници да имаат поволни сметки. Цената на електричната енергија на светските пазари е позната, само потрошувачката е променлива. Најевтината енергија е онаа што не ја трошите. Затоа ние и досега ги едуциравме и ќе продолжиме да ги едуцираме нашите клиенти за мерките за енергетска ефикасност. Повеќето енергија во домаќинствата се троши на греење. Тука правилната изолација на домот е многу важна и се исплаќа брзо. Но, исто така, употребата на енергетски ефикасни апарати е потценета во земјава. На пример, со употреба на ладилник од класа А во споредба со класа D можете да заштедите до 100 евра на електрична енергија. Секоја година!

Со оглед на искуството на ЕВН и присуството во многу земји во Европа, кои се Вашите совети за развој на енергетскиот сектор во земјава, кој се базира на производство на електрична енергија од конвенционални извори?

Северна Македонија е многу сончева земја. Тоа, претпоставувам, кажува сè. Мислам дека енергетската стратегија е на вистинскиот пат со тоа што не се поддржуваат брзи инвестиции, но се има долгорочен план кој вклучува одржлив развој на производството на електрична енергија од обновливи извори која е, исто така, поволна.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top