Интервјуа
ВО НАРЕДНИВЕ ДЕСЕТ ГОДИНИ ПРЕДВИДУВАМЕ ИНВЕСТИЦИИ ОД 150 МИЛИОНИ ЕВРА

Сашо Василевски, претседател на УО и генерален директор на МЕПСО
Економија и бизнис - АРХИВА

Инвестирањето во преносната мрежа ќе ја подобри стабилноста и ќе го зголеми преносниот капацитет на мрежата и ќе биде стимул за нови приватни инвестиции во производни капацитети.

Господине Василевски, МЕПСО е една од клучните алки во синџирот на снабдување со електрична енергија, која се грижи за преносниот високонапонски систем. Во каква кондиција е високонапонската мрежа, дали таа гарантира непречено и квалитетно снабдување со електрична енергија?

Да, токму така. МЕПСО е клучната алка во електроенергетскиот систем затоа што ги поврзува домашните производители, директните потрошувачи и дистрибутивните системи, а истовремено разменуваме електрична енергија со електропреносните системи на четири соседни држави. Наш приоритет е секогаш да обезбедиме баланс меѓу производителите и потрошувачите, а истовремено обезбедуваме и капацитети за транзит на електричната енергија низ нашиот систем за потребите на соседните системи. Тоа се комплексни процеси кои бараат солидно ниво на планирање и многу кумулирано знаење и искуство кое го поседуваат стручните лица во МЕПСО. За да го реализираме овој наш приоритет, ние сме во континуиран процес на редовно одржување на преносната мрежа, модернизација на трафостаници и градба на нови далекуводи со цел да го зголемиме капацитетот на нашата мрежа. Сакам да потенцирам дека граѓаните и компаниите можат да бидат спокојни затоа што преносниот капацитет на нашата мрежа е така димензиониран што во секое време е обезбедена сигурна работа на нашиот електроенергетски систем.

МЕПСО влегува во процес на засилени инвестициски активности. Каде сѐ ќе се инвестира и што ќе значат тие инвестиции за МЕПСО, но и за македонското стопанство?

Без инвестиции во енергетскиот сектор нема раст и развој, а без вложување во модернизација на електромрежата не може да се зборува за просперитетна држава и стабилен електроенергетски систем кој создава подеднакви услови за сите. Во таа насока е Планот за развој на МЕПСО со кој во наредниве десет години предвидуваме инвестиции од 150 милиони евра. Најголем дел од нив ќе се реализираат до 2022 год. за изградба на новата интерконективна врска со што Македонија за првпат ќе се поврзе со електропреносниот систем на Албанија. Со новиот 400-киловолтен далекувод Битола – Елбасан ќе се формира коридорот исток – запад, а тоа значи транзит на електрична енергија од Бугарија преку Македонија и Албанија до Италија. Се предвидува и изградба на нова 400-/110-киловолтна трафостаница кај Охрид со која треба да се стави крај на проблемите што ги имаа жителите и стопанствениците од овој регион со квалитетот на снабдувањето со електрична енергија. Проектот е проценет на 48 милиони евра, а тендерот за избор на најповолен изведувач треба да биде објавен во најскоро време. Сакам да потенцирам дека за првпат по повеќе од 40 години почнавме и модернизација на трафостаницата „Дуброво“. Проектот тежи 4,6 милиони евра, дел се сопствени средства, а другите се кредит од ЕБОР и грант од ЕК. Ревитализацијата на оваа трафостаница ќе заврши годинава.
По речиси половина век користење ќе ги замениме и старите бетонски столбови, и тоа со 5 далекуводи поставени на челично-решеткави столбови со што трошоците што МЕПСО ги има за нивно одржување треба да се сведат на нула. Инвестирањето во преносната мрежа има двоен ефект за македонската економија. Од една страна, ќе се подобри стабилноста и ќе се зголеми преносниот капацитет на нашата мрежа, МЕПСО ќе остварува приходи од транзити на енергија, а од друга страна ќе даде поддршка на регионалниот пазар на електрична енергија и ќе биде стимул за нови приватни инвестиции во призводни капацитети.

Со новиот Закон за енергетика, сопственоста врз МЕПСО од Владата е пренесена на Министерството за транспорт и врски. Што ќе значи ова за компанијата и до каде е постапката за сертификација на МЕПСО како оператор на електропреносен систем?

Ќе ги набројам најважните новитети кои МЕПСО ги спроведе како свои задолженија со новиот Закон за енергетика, а се во согласност со Третиот енергетски пакет на ЕУ. Сега наш акционер е Министерството за транспорт наместо Владата. Основана е и фирма ќерка за управување со пазарот на електрична енергија, усвоени се и објавени се тарифите за користење на мрежата и назначен е службеник за усогласеност кој го следи дејствувањето на МЕПСО и соработува со РКЕ. Процесот на сертификација е во тек. Тој е комплексен, повеќеслоен и интерактивен. Го води РКЕ, а тесно соработуваме и добиваме многу корисни совети од Европската енергетска заедница. МЕПСО и понатаму ќе биде оператор на електропреносниот систем, а во делот на организација на пазарот тој јавен сервис ќе го преземе фирмата ќерка.

Какви други новитети се предвидуваат, пред сѐ во однос на воспоставувањето пазар на балансна електрична енергија и берза на електрична енергија?

Клучен новитет е дека најголемите електроенергетски компании ЕЛЕМ, ЕВН и МЕПСО ќе станат балансно одговорни со востановувањето на пазарот на балансна енергија и со тоа ќе се изедначат со сите други учесници на пазарот. Балансната одговорност значи дека секој е одговорен да го реализира тоа што го најавил дека како количина електрична енергија ќе го предаде или ќе го преземе од системот. Во спротивно, учесниците на пазарот на електрична енергија ќе бидат финансиски порамнувани. МЕПСО ги подготви Правилата за балансирање и тие се во процес на одобрување во РКЕ. МЕПСО во согласност со Законот за енергетика лани го основа МЕМО Скопје ДООЕЛ, фирма која, покрај вршење на енергетската дејност оператор на пазар на електрична енергија, ќе може да ја воспостави и берзата на електрична енергија. Активностите во тој аспект ја следат динамиката на Владата. На берзата во динамична околина ќе можат да купуваат или да продаваат електрична енергија практично сите кои ќе пројават интерес, а се во својство на: трговци, снабдувачи, производители, преносниот и дистрибутивниот систем-оператор, како и поголеми потрошувачи и други учесници регистрирани на пазарот на електрична енергија.

(Економија и бизнис. печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top