Е-Б-Ф-Б
НОВИ ФИЛТРИ ВО РЕК БИТОЛА

Мирче Јовановски, новинар
Економија и бизнис - АРХИВА

Во март годинава, АД ЕСМ ја започна постапката за реконструкција на електростатски филтри и замена на вентилатори во вредност од 20,4 милиони евра. Замената на електростатските филтри ќе придонесе за значително намалување на емисијата на прав во гранични вредности според европските директиви и европското законодавство, вели претседателот на УО на компанијата Драган Миновски.
„Имено, од постоечките стандарди кои се 100 милиграми на нормален метар кубен, емисијата на прав ќе се намали на под 20 милиграми на метар кубен, што е европски стандард и ќе придонесе за многу поголема заштита на животната средина, ќе има позитивно влијание врз климатските промени, врз намалувањето на бучавата на постројката итн.“, вели Миновски, додавајќи дека најголемиот мотив за овој тендер беше еколошкиот аспект и подобрувањето на амбиенталниот воздух во околината на РЕК Битола и градот Битола, што ќе доведе до подобри услови како за вработените, така и за и населението кое живее околу РЕК Битола.
„Со оглед на природата и на комплексноста на потребниот зафат, имплементацијата на овој проект ќе се одвива во три фази (2019, 2020 и 2021 година) така што сукцесивно ќе бидат заменувани филтрите во сите три блока за во 2021 година да имаме поставено нови филтри во целиот комбинат, кои ќе значат многу не само за вработените туку и за населениeто околу.
Со оваа темелна реконструкција на системот на електростатските филтри, со правилен третман на пепелта која доаѓа од производството, за што веќе инвестиравме во изминатава година и официјално ќе биде пуштен во употреба во мај годинава, со примената на квалитетен ископ и транспорт на јагленот и сето она што значи исполнување на еколошки стандарди, веруваме дека во следниот период силно ќе влијаеме врз подобра животна средина и подобрување на квалитетот на воздухот“, вели Миновски.
Тој нагласува дека АД ЕСМ не застанува тука кога е во прашање заштитата на животната средина и дека грижата продолжува и понатаму и тоа е еден од приоритетите во инвестициските планови.
„Објавувањето на овој тендер е само почетна фаза од Проектот за ревитализација и модернизација на ТЕЦ Битола за што АД ЕСМ планира да обезбеди околу 140 милиони евра, а во функција на заштита на животната средина и креирање подобри услови за работа и поквалитетен живот не само во кругот на РЕК Битола туку и во Пелагонискиот Регион“, вели Миновски.

КАКО ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ ВЛИЈАЕ ВРЗ ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА?

ВЛИЈАНИЕТО НА ЕЛЕКТРОМОБИЛИТЕ ВРЗ ПРЕНОСНИОТ СИСТЕМ

ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНЗИЦИЈА ТЕМА НА МАКЕДОНСКИОТ ЕНЕРГЕТСКИ ФОРУМ

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top