Е-Б-Ф-Б
ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНЗИЦИЈА ТЕМА НА МАКЕДОНСКИОТ ЕНЕРГЕТСКИ ФОРУМ

Мирче Јовановски, новинар
Економија и бизнис - АРХИВА

Во Струга, од 15 до 17 мај, ќе се одржи вториот Македонски енергетски форум каде што главна тема ќе биде енергетската транзиција, зголеменото учество на обновливите извори на енергија и унапредување на енергетската ефикасност.
„Очекуваме присуство на еминентни претставници од владиниот, академскиот и приватниот сектор како од нашава земја, така и од регионот и пошироко. МЕФ 2019 ќе даде можност заедно да дискутираме, да разменуваме искуства и да даваме предлози за подобра енергетска иднина. Несомнено е дека регионалната соработка на стручно ниво претставува еден од двигателите за развој на овој сектор“, вели претседателот на УО на АД ЕСМ Драган Миновски. Тој објаснува дека првиот МЕФ во 2018 година беше реализиран на заедничка иницијатива на АД ЕСМ, Амбасадата на САД во Скопје, Владата на РСМ и ЗИП Институтот. „Говорниците и сите ние како учесници на овој форум се согласивме дека енергетскиот предизвик со кој се соочува светот е обезбедување сигурна, достапна и одржлива енергија во согласност со новите енергетски трендови“, вели Миновски.
Енергетската транзиција неодамна беше во фокусот и на конференција во Берлин каде што учествуваа вицепремиерот Кочо Анѓушев и директорот на ЕСМ Миновски.
„Енергетската транзиција е модерен термин за тоа како да се премине од ‘нечисто’ производство на електрична енергија на чисто производство, на обновливи извори на електрична енергија“, вели вицепремиерот Анѓушев.
„Технологиите се познати – денес не е тајна како изгледа фотоволтаик, ветерна или хидроелектрана, каде се купува, како работи. Денес прашањето е кој модел ќе го направите за да ги поттикнете инвеститорите да инвестираат во тоа. Пазарните цени на електрична енергија се доволни сами по себе да бидат атрактивни за инвестирање и тоа треба да го овозможите. Ние тоа го правиме, а некаде каде што не се доволни треба да се воспостави поттикнувачки механизам за инвеститорите, но на крај тоа да не го платат граѓаните. Мислам дека ние најдовме идеален начин кој со не многу пари од Буџетот и без оптоварување на крајната цена на електричната енергија може да се градат обновливи извори на електрична енергија“, вели Анѓушев, додавајќи дека енергетската транзиција подразбира и други работи – интелигентни броила, енергетска ефикасност итн.

КАКО ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ ВЛИЈАЕ ВРЗ ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА?

ВЛИЈАНИЕТО НА ЕЛЕКТРОМОБИЛИТЕ ВРЗ ПРЕНОСНИОТ СИСТЕМ

НОВИ ФИЛТРИ ВО РЕК БИТОЛА

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top