Е-Б-Ф-Б
ЕНЕРГЕТИКАТА Е ДВИГАТЕЛ НА ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ

Мирче Јовановски, новинар
Економија и бизнис - АРХИВА

Компаниите од енергетскиот сектор се меѓу најголемите кај нас, а некои и меѓу најпрофитабилните. Со предвидените инвестиции во наредните години тие значајно можат да придонесат стопанскиот раст да биде поголем.

За енергетскиот сектор често се вели дека е крвотокот на секое стопанство. Но, тој исто така е и двигател на стопанскиот развој. Енергетските компании се меѓу најголемите во земјава (ЕВН, ЕЛЕМ, МЕПСО), а некои се и меѓу најпрофитабилните. Зголеменото производство, поголемата ефикасност и инвестициите во овој сектор дополнително ќе влијаат врз економскиот развој на земјава.

Според последните статистички податоци за индустриското производство во март годинава, секторот Енергија, и покрај малиот пад во однос на март 2018 година (за 0,8 отсто), во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани забележал раст на производството од 16,2 отсто, а во однос на просекот од 2018 година за 15,6 отсто. Овој пораст е значително поголем од оној остварен во 2018 година во однос на 2017 година кога изнесуваше скромни 1,9 отсто, покажуваат статистичките податоци.
Кај вадењето јаглен и лигнит, што е и основната суровина за домашното производство на електрична енергија, порастот во март е 23,4 отсто, а во првите три месеци 17,1 отсто. Во однос на просекот од 2018 година растот е уште поголем – дури 30 отсто. Инаку, во структурата на индустриското производство, вадењето јаглен и лигнит учествува со 2,06 отсто, додека секторот Енергија со 14,23 отсто.

И кај снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација во првиот квартал резултатите се позитивни – растот изнесува 15,9 отсто во однос на периодот јануари – март лани, што би било и подобро доколку во март немаше пад од 4,6 отсто во однос на истиот месец во 2018 година.

Новитетите што ги донесе Законот за енергетика од мај 2018 година, во делот на дерегулацијата, можноста да се инвестира во обновливи извори на енергија, исто така можат да бидат дополнителен стимул за компаниите во државна сопственост, но и за приватните компании, да инвестираат во електрани на сончева енергија и во ветерни централи, а граѓаните позасилено да поставуваат фотоволтаици и така да обезбедуваат дел од потребната електрична енергија.

КАКО ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ ВЛИЈАЕ ВРЗ ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА?

ВЛИЈАНИЕТО НА ЕЛЕКТРОМОБИЛИТЕ ВРЗ ПРЕНОСНИОТ СИСТЕМ

ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНЗИЦИЈА ТЕМА НА МАКЕДОНСКИОТ ЕНЕРГЕТСКИ ФОРУМ

НОВИ ФИЛТРИ ВО РЕК БИТОЛА


(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top