Е-Б-Ф-Б
ДО ЕКОНОМСКИ РАСТ ПРЕКУ ВЛАДИНИ СУБВЕНЦИИ – ПРО И КОНТРA

Трајко Славески, универзитетски професор
Економија и бизнис - АРХИВА

Локалните власти на една од најголемите светски метрополи, градот Њујорк, мака мачат со јавниот транспорт. Њујоршкото метро е во лоша состојба. Спасот се бара во алтернативни видови за превоз на патници во поврзувањето на Менхетен со околните населени места. Таков е бродскиот превоз. Најновата рута од островот Кони до Волстрит предвидува субвенции од градската каса од 25 американски долари по патник. Што е многу, многу е! Сопствениците на возила на електричен погон во Норвешка се ослободени од плаќање патарини на автопатиштата. Градот Скопје доделува субвенции за набавка на печки на пелети и за купување велосипеди. Македонската влада субвенционира купување живеалишта од млади брачни парови. На објавата на компанијата Амазон за изградба на втора централа, инвестиција вредна 5 милијарди долари и вработување на 50 000 лица, се пријавија 200 американски градови, а некои од нив понудија субвенции во форма на грантови и даночни ослободувања меѓу 7 и 9,7 милијарди долари.

Од наведениве примери се гледа дека субвенциите се длабоко вкоренети во пазарните економии, подеднакво на централно и на локално ниво. Економистите се согласни дека онаму каде што субвенциите се користат за коригирање на пазарните дефекти, тие се оправдани. На пример, кога тие се насочени за поддршка на доходите на фармерите се зголемува потенцијалот за инвестиции во механизација и зголемување на приносите. Критичарите посочуваат на дисторзивните ефекти од субвенциите врз ценовниот механизам; создавањето зависност кај примателите на долг рок; можности за корупција при нивната дистрибуција; „гушење“ на мотивот за иновации со негативни ефекти врз долгорочниот економски раст; намалена ефикасност и мотивација за заштита на природната средина и сл.

Во Македонија досега секоја влада, повеќе или помалку, се обидуваше да ја поттикне економијата преку различни форми на субвенции насочени во различни сектори и области. Ефектите од таквите политики беа различни. На пример, владите предводени од ВМРО-ДМПНЕ преку своите политики значителен фокус ставија на поттикнување на земјоделието како важен сектор за државава. Беа креирани различни мерки за поддршка на земјоделците и поттикнување на земјоделскиот сектор. Дел од тие политики имаа цел подобрување на економската ефикасност на овој сектор со оглед на неговото значајно учество во БДП и извозот на земјава. Не помалку важна беше целта да се помогнат земјоделците како маргинализирана група преку зајакнување на нивниот доход и подобрување на животниот стандард на обичниот земјоделец.

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е ЗЕМЈА СО НИСКО НИВО НА ИНДУСТРИЈАЛИЗАЦИЈА, ПРИЛИЧНО НЕПОВОЛНА ИНДУСТРИСКА СТРУКТУРА И НИСКО НИВО НА КОНКУРЕНТНОСТ, ШТО ЈА НАМЕТНУВА ПОТРЕБАТА ОД АКТИВНО ВКЛУЧУВАЊЕ НА ДРЖАВАТА ПРЕКУ ДЕФИНИРАЊЕ НА СОВРЕМЕНА ИНДУСТРИСКА ПОЛИТИКА КОЈА ЌЕ БИДЕ НАСОЧЕНА КОН СИСТЕМСКА ПОДДРШКА НА ИЗВОЗНО ОРИЕНТИРАНИ КОМПАНИИ ВО ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА

Вториот сегмент на поддршка на државава во насока на поттикнување на економијата беше политиката за привлекување на СДИ преку нудење на повластени услови за странски компании во рамките на ТИР-зоните. Таквите повластени услови се однесуваат на градење на придружна инфраструктура во рамките на овие зони, субвенции за изградба на фабричките хали, финансиска поддршка за креирање нови работни места и сл. Дел од таквите субвенции не подразбира директна финансиска поддршка од државата, туку се однесува на ослободување од социјални придонеси за новокреираните работни места.

Ефeктите од оваа политика за привлекување на СДИ може да се анализираат низ конкретни бројки. Имено, влезот на реномирани странски компании во земјава значително го подобри имиџот на земјава како атрактивна дестинација за странски инвеститори. СДИ креираа повеќе од 25 000 нови работни места и тој позитивен тренд продолжува и во овој период при што извозот од ТИР-зоните надмина 2,5 милјарди евра, што е повеќе од 40 % од вкупниот извоз на земјава. Сето ова покажува дека ефектите од оваа политика се позитивни и се во насока на остварување на примарната цел во тој период за намалување на стапката на невработеност која во 2006 година надминуваше 38 % за во 2016 година да се намали на помалку од 22 %.
Третиот и можеби најважен сегмент се однесува на активната улога на државата во зголемување на конкурентноста на индустријата како главен двигател на економскиот раст. Република Македонија е земја со ниско ниво на индустријализација, прилично неповолна индустриска структура и ниско ниво на конкурентност, што ја наметнува потребата од активно вклучување на државата преку дефинирање на современа индустриска политика која ќе биде насочена кон системска поддршка на извозно ориентирани компании во преработувачката индустрија.

Сегашните креатори на економски политики во земјава преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и ФИТР се обидоа да ги поттикнат индустријата, иновациите и извозот, но за жал досега резултатите изостануваат и не постои некоја извесност дека тие ќе се случат наскоро. Постојат повеќе причини за овој неизвесен исход од сегашните економски политики на Владата, но како најважни би ги посочил недостатокот на јасна визија и економска стратегија, нискиот институционален капацитет и влијанието на политиката, и неповолните даночни политики кои се контрадикторни со намерата за поддршка на приватниот сектор со цел забрзување на растот на економијата.
Наместо тоа потребна е јасна национална стратегија која ќе ги дефинира идните развојни патеки по кои треба да се движи економијата во иднина. Таквата стратегија ќе ги идентификува развојните потенцијали на земјава во конкретни индустриски гранки и сектори што практично ќе биде основа за градење на една модерна индустриска политика насочена кон таргетирани области кои би имале најсилен мултипликативен ефект во акцелерирање на економскиот раст на земјава. Дури тогаш ќе биде јасно каде треба да се насочи државната помош преку грантови, директни плаќања, кредитни гаранции и други видови поддршка на претпријатијата.

Дополнително, не помалку важно во насока на зголемување на ефикасноста на економските и индустриските политики е градењето силен контролен механизам кој треба да обезбеди соодветна евалуација и мониторинг на самите политики и на ефектите од нив. На тој начин ќе се зголеми транспарантеноста во водењето на политиките, ќе се подигне одговорноста на креаторите на политиките и ќе се создаде можност за брзо адаптирање на некои политики ако тие не ги постигнуваат претходно дефинираните таргети и цели.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top