Е-Б-Ф-Б
ДО ЕКОНОМСКИ РАСТ ПРЕКУ ВЛАДИНИ СУБВЕНЦИИ – ПРО И КОНТРA

Никола Поповски, универзитетски професор
Економија и бизнис - АРХИВА

Владините субвенции имаат различно значење во зависност од кој економски аспект се набљудуваат и според тоа каков економски модел (полиберален или поинтервенционистички) користат одредени држави за уредување на своите економски активности.

Прво, субвенциите несомнено имаат големо фискално значење. Владините субвенции, особено економските субвенции, по својата природа припаѓаат во групата на т.н. трансферни јавни расходи и тие можат да бидат насочени кон производителите со цел да им покријат дел од трошоците на производството и да предизвикаат нивни пониски цени на пазарот или, пак, кон потрошувачите за да им ја олесни потрошувачката на одредени добра. На тој начин тие предизвикуваат индиректна редистрибуција на доходот во економијата, иако многу економисти го спорат овој принцип бидејќи голем дел од субвенциите во редистрибутивна смисла можат да завршат неефикасно и да го постигнат токму обратниот ефект, што е и чест случај. На пример, земјоделските субвенции можат во најголем обем да завршат кај најголемите и најбогати производители. Во поретки случаи субвенциите се користат и за директно финансирање на политиките на редистрибуција на доходот преку програми за социјални субвенции.

Алокацијата на буџетски или јавни средства за субвенции според германскиот економист Д. Бримерхоф (D. Brummerhoff) може да произлезе од потребата за намалување на негативните екстерналии од одредени економски активности, што предизвикува поширока индиректна општествена корист кај сите други субјекти, а пак според американскиот професор Х. Розен (H. Rosen) и од потребата да се креираат позитивни екстерналии во економијата. Од етичка страна, првото може да биде спорно и непосакувано бидејќи премолчано го признава де факто правото на создавање на негативни екстерналии од страна на субјектите, а второто води кон поголема добивка на субвенционираните економски или неекономски субјекти, што на подолг рок ги поттикнува да ги алоцираат своите средства во субвенционираните области или сектори врз основа на релативно непазарни критериуми. Проблемот и кај двата вида субвенции е што кога тие еднаш ќе се воведат, потоа тешко се укинуваат, а по правило повлекуваат со себе и нови, дополнителни субвенции во областите и секторите што се жалат дека се изложени на нееднаков третман.

СУБВЕНЦИИТЕ СЕ МЕРКА ОД ИНСТРУМЕНТАРИУМОТ НА ФИСКАЛНАТА ПОЛИТИКА ШТО ВО ОСНОВА СЛУЖИ ЗА ВО ОДРЕДЕНИ СЕГМЕНТИ ДА СЕ КОРИГИРААТ НЕДОСТАТОЦИТЕ И ИМПЕРФЕКТНОСТИТЕ НА ПАЗАРНИОТ МЕХАНИЗАМ. ОТТУКА, СÈ ДОДЕКА ТИЕ СЛУЖАТ КАКО ТАКОВ КОРЕКТИВЕН МЕХАНИЗАМ, ТИЕ И НИВНИТЕ ЕФЕКТИ ДО НЕКАДЕ МОЖАТ ДА БИДАТ КОРИСНИ И ДА ДАВААТ РЕЗУЛТАТ. НО, КОГА ТИЕ ОД КОРЕКТИВЕН МЕХАНИЗАМ ЌЕ СЕ ПРЕТВОРАТ ВО МНОГУ ВАЖЕН МЕХАНИЗАМ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ОДНОСИТЕ ВО ЕДНА НАЦИОНАЛНА ЕКОНОМИЈА И ОБИЛНО ДА СЕ КОРИСТАТ, ТОГАШ МОЖЕ ДА ПОЧНАТ ДА СЕ ЈАВУВААТ И ПРОБЛЕМИ

Всушност, субвенциите се мерка од инструментариумот на фискалната политика што во основа служи за во одредени сегменти да се коригираат недостатоците и имперфектностите на пазарниот механизам. Оттука, сè додека тие служат како таков корективен механизам, тие и нивните ефекти до некаде можат да бидат корисни и да даваат резултат. Но, кога тие од корективен механизам ќе се претворат во многу важен механизам за уредување на односите во една национална економија и обилно да се користат, тогаш може да почнат да се јавуваат и проблеми.

Второ, во реалноста субвенциите во сите свои пројавни форми многу често се користат и како мерки на политиката на економски раст или развојната политика на една земја. Во тој случај тие добиваат многу поголемо, пошироко и позначајно место во целината на економската политика, па се прошируваат и кон пофронтално субвенционирање на: целината на домашните производители (на пример со воведување на повисока царинска заштита што може да се толкува и како еден вид прикриена субвенција на домашните производители); извозот (вкупниот извоз, извозот од одредени домашни дејности или кон одредени региони во светот); на цели стопански дејности или гранки (како на пример земјоделството, дејностите на ИР (R&D), производството на високотехнолошки производи со голема додадена вредност; производството што користи современи технологии, па дури и производството што е традиционално, но апсорбира голема количина на пониско квалификувана работна сила поради намалување на стапката на невработеност и сл.); отворање нови работни места; нови инвестиции; нови странски инвестиции итн.

Во тој случај субвенциите можат да почнат да го добиваат своето грдо лице и да претендираат посериозно да го потиснат дејствувањето на пазарниот механизам врз формирање на цените искривувајќи ја сликата за конкурентноста и продуктивноста на економијата. Вообичаено тие најнапред се воведуваат со ограничено времетраење, но потоа често остануваат во сила долги години, па дури и децении. Последиците од тоа можат да бидат сериозни и долгорочни. Во последниве 10 до 12 години ние практично сме соочени со појава кога во Македонија, де факто, на сила се политика и модел на економски раст што се потпира на државно субвенционирање што се користи некритички и широко.

Тој процес прво започна со обилно субвенционирање на земјоделството и од тогаш сè повеќе се шири и опфаќа сè поголеми делови од земјоделската дејност со сè повисоко ниво на субвенционирање (1 – 1,5% од БДП). За жал, резултатите се сè поскромни, па официјалните статистички податоци покажуваат дека обработливите површини, грлата стока и вкупниот физички обем на земјоделското производство се сè помали. Денес субвенциите сè уште се актуелни во областа на привлекување на СДИ, а со посебни мерки се проширија и на субвенционирањето на новите вработувања, новите инвестиции и новиот извоз од секторите на материјалното производство, но и кон арбитрерно субвенционирање на иновациите, што и да се подразбира под тој поим во владината политика, издаваштвото, медиумите (електронски и печатени), културата и друго.

Тие мерки во пазарните економии не се стандардни и тешко дека од нив можеме да очекуваме некои забележливи или пак подолгорочни резултати. Дури може да се случи и да имаат негативно влијание на среден и долг рок, така што можеме да се сомневаме дека за нивното користење во функција на креирање на економски раст постојат повеќе контра отколку про аргументи.

(Економија и бизнис. печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top