Општество
ЗОШТО СМЕ РАЗОЧАРАНИ ОД ПОЛИТИКАТА?

Гордан Георгиев, авторот е политиколог
Економија и бизнис - АРХИВА

Ниската излезност на овие претседателски избори, апатијата и евентуалната разочараност на граѓаните од политичката понуда укажува на две крупни работи: дека сме разочарани од политиката како механизам за подобрување на нашите животи и/или дека големите теми во државава се веќе апсолвирани, а граѓаните не веруваат дека постоечките политички елити можат да направат суштинска разлика во владеењето и да им ги подобрат малите, но важни работи во животот. Со еден збор, луѓето не веруваат во политиката и во политичарите. Добро е да имаме претседателски избори и добро е да избереме претседател, ама уште подобро е на тие избори и да гласа некој, а не очајнички да се бориме за цензус.
Шлаканицата на апатијата или протестниот глас веќе подолго време се шири низ современите демократии. Повеќе индикатори и статистики покажуваат дека граѓаните, денес повеќе од вчера, ја губат вербата во политичките елити и сѐ повеќе се разочаруваат во полтиката.

ОТПРИЛИКА ВАКА ОДИ ЛОГИКАТА НА РАЗОЧАРАНИОТ ГЛАСАЧ: НЕ ЈА САКАМ ПОЛИТИКАТА БИДЕЈЌИ СИТЕ СЕ ИСТИ, БИДЕЈЌИ СИТЕ ТИЕ ИСТИ СЕ ПРОСЕЧНИ И „УПРОСЕЧУВААТ“ И БИДЕЈЌИ СИТЕ ТИЕ ИСТИ КОИ „УПРОСЕЧУВААТ“ РЕТКО КОГА ГИ СТАВААТ УНИВЕРЗАЛНИТЕ (ОПШТИТЕ) ИНТЕРЕСИ ПРЕД ЛИЧНИТЕ ИЛИ ПАРТИКУЛАРНИТЕ (ГРУПНИ) ИНТЕРЕСИ... ОВИЕ КУМУЛАТИВНИ ПРИЧИНИ СОЗДАВААТ НЕВИДЕНА ОДБИВНОСТ КОН ПОЛИТИКАТА КОЈА ГИ ТЕРА ГЛАСАЧИТЕ ДА ОСТАНАТ ДОМА ИЛИ ДА ИЗЛЕЗАТ НА УЛИЦА И ДА ПРОТЕСТИРААТ, А ГИ (ОБ)ВРЗУВА НА ПОЛИТИЧКА АКТИВНОСТ САМО ОНИЕ КОИ ИМААТ ИЛИ ОЧЕКУВААТ НЕПОСРЕДНА КОРИСТ ОД ПОЛИТИКАТА

Зошто политиката ни е одбивна? Има повеќе објаснувања за овој феномен кој трае и трае и се заканува да го наруши удопството на политичкиот систем и политиката која безмалку до вчера ја познававме и ја препознававме.
Постполитичкиот консензус беше најавен како ера на помирување на драматичните политички разлики и крајот на политиката како поле на конфликти во отсуство на војна или на вооружен судир, поле кое традиционално се перципира како несвесно, емотивно, возбудливо, отаде нормалниот секојдневен живот, а со тоа и примамливо за граѓанинот. Падот на берлинскиот ѕид и прераната победа на либералната демократија, како и комплетната девалвација на комунистичкиот начин на уредување на општествата го означи почетокот на постполитичкото во политиката. Тоа доведе до упросечување на политичката битка меѓу различните погледи на свет и воспоставување правила на игра кои беше невозможно тукутака да се прекршат. Оние кои ги прекршуваа беа веднаш казнети од носителите на консензусот и бркани надвор од политичката сфера или крајно маргинализирани, речиси непожелни. Денес веќе е познато дека компетитивните политички опции во развиените демократии не нудат радикално нови визии за општествата, немаат големи идеи и миракулозни решенија. Не го возбудуваат премногу гласачот. Кога гласачот не е возбуден тој нема мотив претерано да биде инволвиран во креирање на општото добро. Тој или седи дома и си ја брка својата работа, имплицитно задоволен од поставеноста на општеството, или повторно седи дома и тажи над неможноста да влијае врз општествените текови. Третата опција е гласачот да излезе на улица, како резултат на голем бес и фрустрации, и да го изрази својот револт против системот кој тешко се менува.

Но, политика во која нема политика не е политика. Политика во која нема пасија, задоволство, разочараност, восхитеност, па и страв... не, тоа не е политика, тоа е нешто друго. Тоа „друго“ е премолчениот консензус на политичките елити за контрола на „политичкиот пазар“ на кој се поставени онолку тезги за колку што однапред се договориле самите политички елити. Ако сакате да продавате на тој пазар, во ред. Доколку не сакате, ќе бидете избркани надвор од пазарот и ќе ве стигнат инспекции, казни, затвор... Овој постполитички консензус ја избрка политиката од политичката арена, ја отфрли како непотребна, штетна и нeприкладна за современите либерални демократии. Во развиените демократии денес политиката станува место на кое се среќаваат технократите, експертите и политичарите кои дискутираат за тоа како да се подобри (пред сѐ) економскиот, социјалниот и бирократскиот перформанс на државата, а граѓаните (гласачите) мирно да спијат и на секои четири години на избори да одлучуваат на која (технократска) елита ќе ѝ ја доделат честа да ја води државата.

Постполитичкиот дискурс ја најави чудната и (можеби) преуранета смрт на политиката. Неолибералниот поредок, често експлицитно врзуван за капитализмот и за демократијата, како да дава идеолошка или параидеолошка рамка за ваквите најави. Во политички контекст во кој меинстрим политичките лидери изгледаат импотентно и роботизирано, страничните повици и движења за радикална партиципативна демократија изгледаат свежо и надежно. Но, и покрај кризата на политиката, новите радикални социјални и политички движења не успеаваат да создадат траен субјективитет надвор од неолибералната рамка и, најчесто, или брзо замираат или се претопуваат прифаќајќи ги постојните правила на игра. Дали сте забележале дека, во последниве дваесетина години, ниедно движење или „револуција“ не останало верно на сопствените револуционерни идеали? Или се распаднало или се претопило во општата општествена слика или пак кога стигнало на власт станало „исто како претходните“.



Нуспроизвод на постполитичкиот феномен е отфрлањето на лидерството, на хиерархијата и на формалните структури на организацијата (бирократијата во најширока смисла) на сметка на децентрализирани, хоризонтални, често радикални движења и протестни формации кои бараат свое место во актуелниот политички контекст. Но, и покрај возбудливите победи и придобивки на општествените движења во последниве години, владата (власта) сѐ уште има неверојатно големо влијание и моќ над правците и политиките по кои се движи државата. Во оваа улога, нејзин верен и најголем сојузник е бирократскиот апарат кој таа го поседува, а протестните движења и апатичните граѓани со гнасење го одбиваат. Постполитиката неочекувано (или намерно) повторно го става бирократскиот апарат на пиедестал како главно сидро околу кое се градат консензусот и политиките во една држава. Моќта на бирократскиот апарат да произведува политики, да создава и да ползува експерти и дополнително да ја замагалува суштината на политичката борба добива дополнително значење и во денешниов свет на неверојатен технолошки развој и речиси неопходноста од експертиза (експерти, бирократи итн.) во следењето на таквиот развој.
Сепак, политиката остана да живее и овојпат излегува од неочекувани долапи на општеството. Се префрли на идентитетот (идентитетска политика), на семејството (семејна политика), на религијата (судир на религии), на цивилизацијата (судир на цивилизации), на север-југ миграциите (миграциска политика и политика на развој) итн... Популизмот и илибералните текови на европската политика си го најдоа патот како река понорница која постои, не ја гледаме, но го чувствуваме влијанието на подземните води и чекаме секој момент да избие на површина.

***

Во рудиментираните демократии, во недовршените или младите демократии, политиката беше и сѐ уште е повеќе сфатена како прибежиште за криминалците, профитерите врз туѓи судбини и просечните, но снаодливи политички „пиљари“. Во нашите општества се создава една пргава негативна перцепција за политиката. Отприлика вака оди логиката на разочараниот гласач: не ја сакам политиката бидејќи сите се исти, бидејќи сите тие исти се просечни и „упросечуваат“ и бидејќи сите тие исти кои „упросечуваат“ ретко кога ги ставаат универзалните (општите) интереси пред личните или партикуларните (групни) интереси... Овие кумулативни причини создаваат невидена одбивност кон политиката која ги тера гласачите да останат дома или да излезат на улица и да протестираат, а ги (об)врзува на политичка активност само оние кои имаат или очекуваат непосредна корист од политиката. Сите три наведени причини се само делумно точни, иако лошиот просек кој го вадат трите не остава простор да бидат препознаени добрите страни на политиката.

ЖИВЕЕМЕ ВО ВОЗБУДЛИВИ ВРЕМИЊА, ВРЕМИЊА ВО КОИ НАШИТЕ СТОЛЕТНИ НАВИКИ ЗА УЧЕСТВО ВО ПОЛИТИЧКИТЕ ПРОЦЕСИ СЕ СТАВЕНИ ПОД СЕРИОЗЕН СОМНЕЖ. ЌЕ УСПЕЕ ЛИ ПОЛИТИКАТА УШТЕ ЕДНАШ ДА ИЗВОЈУВА ПОБЕДА НАД ГРАЃАНИТЕ? ЌЕ МОЖЕ ЛИ ТАА ПОБЕДА ДА БИДЕ ИЗВОЈУВАНА БЕЗ УЧЕСТВО НА ГРАЃАНИТЕ? ОВА СЕ ТЕМИТЕ И ДИЛЕМИТЕ КОИ ЌЕ ГО ПРОГОНУВААТ СВЕТОТ ВО НАРЕДНИВЕ ДЕЦЕНИИ

Апатијата која сите ја почувствувавме за време на претседателските избори сепак секој од нас различно ја „преведуваше“. Од „воспитна шлаканица за власта“ поради изневерените очекувања до „плукање в лице“ на политиката. Овој феномен не е нов и тука Северна Македонија е на линија на европските современи текови. Кога ќе завршат големите теми во едно општество или ќе се прикажат како завршени останува суровоста на дневното живеење и радоста или тагата по дневните удопства. Војни, конфликти, етнички немири, природни катастрофи, промена на име... ова е ризницата на такви тектонски нарушувања во едно општество. Доколку се согласиме дека промената на името го тргна околу вратот каменот кој толку долго ни тежеше и ни овозможи (секој со своите мотиви) да здивнеме и да се понадеваме дека еве сега ќе почнеме нормално да живееме, истовремено ова ни отвори нови дилеми за квалитетот на нашите кратки животи. И сега што правиме? Еве ќе влеземе во НАТО (ќе бидеме безбедни), наврапито ќе тргнеме кон ЕУ (ќе бидеме богати и ќе имаме правна сигурност). И? И што ќе правиме сега со овие благодети? Истиснувањето на големите теми очекувано ја зголемува валутната вредност на „малите“ теми. Човекот е чудно битие, има кратка меморија и секогаш сака уште и повеќе, и покажува карактер на постојано незадоволство од животот. „Малите“ теми се подобар и попристоен живот споредлив со соседите дома и отаде границите на државата. Кога малите теми ќе избијат на политичкиот пазар како големи, тогаш настанува проблем за политиката и за политичките елити. Тој проблем не е мал. Полесно е да зборувате за името и за етничките тензии отколку за повисока плата, повеќе инвестиции и стабилна правна рамка. Косово е „богом дана“ тема за затскривање на грдата реалност во Србија. Неможноста за соживот меѓу ентитетите во Босна и Херцеговина е одлично перде за занемарување на системските проблеми во оваа најсиромашна држава во Европа.

И тука на ред доаѓа гласачот, т. е. граѓанинот. Со пенкалото тој има две можности, или да гласа или да решава крстозборки дома како вид протестна форма на денот на изборите. Апатијата и протестот преку апатија сама по себа ја најавува смртта на политиката. Ако нема гласачи, нема политика, има или анархија или радикална апатија. Или трето, совршено општество во кое сѐ е тамам. Прашање е дали е можно да биде сѐ тамам во едно, кое било, општество. Природата на човекот е таква што постојано создава искричења и има потреба да се пронаоѓа и да се подобрува низ таквите тензии.
Живееме во возбудливи времиња, времиња во кои нашите столетни навики за учество во политичките процеси се ставени под сериозен сомнеж. Ќе успее ли политиката уште еднаш да извојува победа над граѓаните? Ќе може ли таа победа да биде извојувана без учество на граѓаните? Ова се темите и дилемите кои ќе го прогонуваат светот во наредниве децении.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top