Интервјуа
ЛЕОНА - ОД СЕМЕЕН БИЗНИС ДО УСПЕШНА БРЕНД ПРИКАЗНА

Ристе Ристевски
извршен директор на ЛИОН Свети Николе

1) ЛИОН Свети Николе е компанија која започна со работа како семеен бизнис пред повеќе од 20 години. Стартувавте како мала компанија за пакување прехранбени производи, а денеска сте еден од најизвезуваните македонски брендови од кондиторската индустрија. Колку беше тешко да се изоди овој пат и што беше клучно за да создадете успешна бизнис приказна?

Водењето семеен бизнис во деловна клима каква што имаше Македонија во изминатите 20 години e вистински предизвик кој бара многу труд и посветеност. Навистина не беше едноставно да се создаде успешна бизнис приказна и постојано да се инвестира во нови технологии и да се освојуваат нови пазари. Сепак, бевме убедени дека нашиот успех во најголема мера зависи токму од нас. Денес, тој успех е видлив, но она што неможе да се види е вложениот труд, упорноста и решителноста, непреспиените ноќи, понекое разочарување, постојаното надградување на знаењето и вештините.

Кога ќе се вложи многу љубов и енергија во создавање подобри и повкусни производи, кога не се водите единствено од профитот туку и од задоволството на потрошувачите, кога ќе видите дека производите кои ги создавате се барани во повеќе од 25 земји восветот, знаете дека сте на вистинскиот пат.

И секако најважното, ништо од ова немаше да биде возможно без внимателно одбраниот тим од 180 вработени во Лион, тим кој ја дели визијата и се радува на сите постигнати успеси на компанијата. 

2) Вашиот премиум бренд е ЛЕОНА. Кои производи се застапени во овој бренд и како работите на нивна промоција и развој на пазарот?

Нашата идеја беше да ги обединиме нашите најдобри производи во единствен бренд кој ќе биде препознатлив помеѓу потрошувачите. Токму така настана брендот ЛЕОНА, кој има повеќе групи производи како подбрендови.Ќе ги споменам премиум какао кремот Leona Cream, какао кремот Sport Cream, чоколадите Deby, како и нашите колачи, бисквити, штрудли и бонбониери. Нашата маркетинг стратегија е фокусирана пред се на тоа да им ги претставиме производите директно на крајните купувачи.Организираме низа BTL активности како што се дегустации и промоции во голем број маркети во Македонија. Се разбира, водиме и активни кампањи на социјалните мрежи и останатите медиуми. Исто така, во план се и други поголеми проекти од друг формат на комуникација со нашите потенцијални потрошувачи. Се трудиме да бидеме општествено одговорни преку донации на наши производи на социјално загрозените граѓани, како и преку поддршка на настани кои имаат пред се едукативна содржина. Сметаме дека една од обврските на успешните компании е да помагаат во заедницата во која работат.

 

3) Вашето производно портфолио се состои од чоколади, како кремови, колачи, бисквити... Дали слатките производи на ЛИОН се повеќе застапени на домашниот или на странските пазари?

Во изминатите години повеке фокус и внимание беше посветено на освојување на странските пазари.Со години брендот ЛЕОНА е синоним за висок квалитет по достапна цена на пазарите каде сме присутни.

Застапени сме и на домашниот пазар меѓутоа искрено недоволно.Во нашиот сектор, клучно значење за напредок и развој има добрата и организирана дистрибуција на производите во малопродажната мрежа. Можам отворено да кажам дека во изминатиот период немавме вистински партнер кој има сила да го постави и диструбуира брендот. Постојано имавме реакција од нашите верни потрошувачи дека производите не се соодветно застапени на пазарот. Во моментов токму тоа е нашиот главен предизвик и активно работиме да ја промениме оваа состојба. За таа цел, склучивме стратешки договор за дистрибуција на брендот ЛЕОНА со компанијата ОРБИКО која има многу позитивен и посветен менаџмент и високо мотивиран продажен тим кој има знаење, сила и можност да го достави брендот до секој потенцијален купувач. Заедно со нашиот дистрибутер вложуваме многу труд и енергија и знаеме дека ќе успееме производите на Лион да ги направиме подостапни за домашните потрошувачи.
 

4) Колку беше тешко да се изборите вашите производи да се најдат на полиците во маркетите низ повеќе европски земји? Дали европскиот пазар е попребирлив?

Конкуренцијата на странските пазарие огромна. Потрошувачите се многу поинформирани, а со тоа и попребирливи и ценовно сензитивни. Не е лесно да се стигне до полиците во супермаркетите и да се освои довербата на потрошувачите.Најголем напор вложуваме за да оставиме одличен прв впечаток. Едноставно мора да се работи на сите аспекти за да се придобие нов потрошувач. Потрошувачите забележуваат сè. Мора да имате одлична амбалажа која паѓа во очи, прекрасен вкус и арома на производите, совршена текстура на кремот и звук на крцкавост на колачите. Критериумите се многу повисоки во споредба со минатото. Само со исклучително квалитетни производи може да се постигне успех.

 

5) Во моментов во ЛИОН работат околу 180 лица. Дали се соочувате со проблем да најдете квалитетен кадар имајќи го предвид трендот на иселување на младите образувани луѓе од државата, особено од помалите места како што е Свети Николе?

Факт едека во последните години е потешко да се најде квалитетен кадар, пред сè заради трендот на иселување на младите луѓе од државата. Домашните компании тешко може да го следат трендот на зголемување на платите на вработените кој постои во земјите од ЕУ. Во последните години вложивме многу средства во автоматизација на производните линии за да ја зголемиме продуктивноста, а планот е да се зголеми просечната плата во компанијата над 30.000 денари до крајот на годината. Овој тренд планираме да продолжи иво наредните години, со што ќе дадеме придонесво намалување на одливот на мозоци и млади луѓе во регионот во кој работиме. Нашите вработени се нашиот клучен фактор за успех и едноставно немаме дилема дека ќе продолжиме да инвестираме во квалитетни кадри.
 

6) Какви се вашите планови за идниот период? Го најавивте проектот FIT ME! со кој планирате на пазарот да понудите нова линија на биолошко здрави и органски производи. До каде е неговата реализација? 

Прехранбената индустрија во последните години навистина се менува многу брзо. Тоа е диктирано од глобалните трендови, но и од навиките на потрошувачите. Здравиот начин на исхрана прераснува во неприкосновена потреба на човекот. Токму затоа одлучивме да ги следиме овие трендови и го создадовме проектот FIT ME! за кој добивме поддршка и од Фондот за иновации.Станува збор  за функционална биолошки здрава храна на која посветуваме големо внимание да биде во исто време и многу вкусна. Очекуваме првите FIT ME! производи веќе во септември да се најдат на рафтовите во најреномираните маркети во државата. Нашата цел е да поставиме нови стандарди во сегментот здрава храна и на потрошувачите да им понудиме нешто навистина ново и корисно.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top