Општество
ЗОШТО НИ Е ПОТРЕБЕН БАЛКАНСКИ ШЕНГЕН И КАКО ТОЈ ТРЕБА ДА ФУНКЦИОНИРА?

Дејан Азески
Авторот е историчар, новинар и публицист

Опасностите од евентуалното укинување на границите меѓу земјите од Западниот Балкан се реални. Но, доколку однапред се дефинираат јасни правила на игра и доколку престане да се шпекулира со промени на границите, идејата за балкански Шенген е речиси одлична како од економски, така и од политички аспект. Покрај тоа што ќе ги намали трошоците за транспорт, а со тоа и конкурентноста на целата регионална економија, таа национално ќе ги обедини народите на Балканот без војна.

 

Во услови кога половина Албанија е на нозе со цврста решеност да го руши од власт премиерот Еди Рама, малку несериозно изгледа неговата изјава дека што поскоро во земјите од Западен Балкан треба да се воведе безграничен режим, процес кој, според него, би требало да се заврши многу пред влезот во Европската Унија.

Идеја која не е доволно смела да ја подржи ниту премиерот на Косово Рамуш Харадинај кој претпазливо вели дека можеби подобро е првично да почнеме со ИБМ – интегриран граничен менаџмент или по нашки кажано едношалтерски систем на границите за потоа со „амин“ на Брисел да почнеме да размислуваме за нешто друго (тотален безграничен режим).

Но, ниту Рамуш Харадинај ниту сите балкански и европски критичари на идеите на Рама не сакаат да ни кажат дека ако не воведеме самите балкански Шенген, оној европскиот веројатно нашата генерација нема живи да го дочека.

Не велам дека земјите од Западен Балкан нема еден ден да влезат во ЕУ и барем формално правно да станат рамноправни Европејци.

Но, секако велам и гарантирам дека влезот во ЕУ без разлика дали ќе биде во 2030 година како што ни е ветено или во 2040 година како што објективните аналитичари сѐ погласно тврдат нема да значи и автоматски влез во европската Шенген зона на безгранична комуникација меѓу државите.

Ова го зборувам како човек кој барем десет пати во последниве 5 години (од влезот на Хрватска во ЕУ) буквално киснел со часови на хрватско-
-словенечката граница и имал можност од прва рака да ја види диференцијата на земји во ЕУ од прв и втор ранг.

Е, замислете си – ако Брисел е спремен бескрајно да ја „зеза“ една Хрватска со десетици милиони туристи од ЕУ секоја година (кои мора да се мачат со една реално непостоечка граница), како би се однесувал спрема земјите од Западен Балкан по влезот во ЕУ?

Веројатно ако 28 години чекаме на влез во ЕУ (а отворено (без срам) ни се кажува дека треба да почекаме уште минимум 12), европскиот Шенген ќе го чекаме до бескрај. Или многу поверојатно нема воопшто да го дочекаме будејќи Европската Унија ќе прифати некоја од новите форми на административно уредување за кои се залагаат со години.

БАЛКАНСКИОТ ШЕНГЕН Е НЕОПХОДЕН ПРЕДУСЛОВ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА

И практичните искуства и стручните анализи јасно потврдуваат дека во земјите на Западен Балкан секој еден камион повеќе време троши во чекање по границите отколку во возење.

Во услови на глобален пазар и сѐ позаострена конкуренција, навистина секое едно евро разлика во конечната цена на производот игра пресудна улога во пропаста или опстојувањето на бизнисот. Е како тогаш нашите производи да се конкурентни на хрватското крајбрежје или во Љубљана кога им треба половина месец да стигнат до таму? А воопшто не треба ниту да се споменува колку трае транспортот до поодалечените земји членки на ЕУ како главен извозен партнер на Македонија.

Самите бизнисмени досега илјада пати имаат повторено дека неретко се случува да плаќаат пенали, па и да им пропаѓаат цели нарачки поради невозможните и очигледно непотребните балкански гранични лавиринти.

Секој еден кој ги видел километарските колони со шлепери на границите ќе знае за што зборуваме. Навистина е економски нелогично и човечки нехумано да се држат шпедитерите на граничните премини по десетици, а понекогаш и стотици часови.

Проблем претставува и фактот што структурата на извозот од земјите на Западниот Балкан во голем дел е составена и од прехранбени продукти и останата леснорасиплива стока, што дополнително ја потенцира неопходноста од какви било промени за забрзување на комуникацијата меѓу овие шест држави.

Просто кажано ова значи дека џабе што сме се залагале и се залагаме и се задолжуваме за изградбата на балканските автопатски коридори. Точно е дека Коридорот 10 ни го скрати патувањето за Белград за речиси половина (од 6 на речиси 3,5 часа), но што му вреди тоа на еден просечен шпедитер ако чека 16 часа на границата? Па дури и за патниците разликата е голема, особено во ударните термини во текот на летото. Еден час чекање на Табановце или кој било друг граничен премин на Западниот Балкан често претставува една четвртина или петтина од вкупното патување.

А најстрашно од сѐ е што тоа се случува во 21 век кога камиони на царина не чекаат дури и во земји кои меѓу себе имаат граници.

САД, Канада и Мексико веќе десет години работат на проект са пренесување на царинската одговорност на самите шпедитерски куќи со што се овозможува стоката да биде царинета уште пред да се натовари во камионот, што автоматски значи дека таа секогаш ќе стигне за физички најбрзото време до крајниот потрошувач.

Ова е само една од многуте идеи и функционални светски примери како може да му се поедностави работата на бизнисот, а притоа да не се загрозат виталните интереси на државите од Западниот Балкан.

Од економско-инфраструктурна гледна точка, балкански Шенген ни е апсолутно неопходен и тоа што побрзо.

Ако не можеме да ги укинеме границите на еврозоната кои очигледно уште децении ќе останат забарикадирани за нашата стока и патници, барем да направиме услови во кои што побрзо ќе стигнеме до тие граници.

КОЈА Е РЕАЛНАТА ПОЛИТИЧКА ОПАСНОСТ ОД УКИНУВАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ?

Сликата или поточно филмот кој се создава во главата на секој просечен Балканец кога само ќе се спомене безграничен режим е следниов:

  1. Албанците веднаш гледаат српски тенкови како безгранично поминуваат преку Јариње и ја газат реката Ибар за да спроведат ново етничко чистење на косовските Албанци.
  2. Од друга страна, Македонците веднаш си замислуваат до заби наоружани чети на УЧК кои маршираат преку незаштитената гранична линија за конечно да ја отцепат Западна Македонија и да ја припојат кон Косово.

Веднаш да кажеме дека ниедно од овие сценарија во моменталнава геополитичка состојба не е дозволиво од Големите сили, а уште помалку практично изводливо. А и ако дојде до тоа, сигурно српските тенкови или албанските планински бунтовници нема да бидат спречени од една обична дрвена или метална гранична рампа.

Ако се направи анализа колку од оружјето при конфликтите низ 90-тите години на 19 век се пренесе на легален граничен премин, а колку преку планини, ќе се констатира дека граничните премини имаат само симболична улога во одбраната на земјава.

Дополнително никој не ги ограничува балканските земји при секоја кризна ситуација повторно да воведат вонредна гранична контрола каква што моментално има на словенечко-австриската граница поради мигрантите.

Исто така националната полиција од сите земји го задржува правото да го стопира и да го претресе секој еден сомнителен странски автомобил , а тоа може да го направи и на првиот и на стотиот километар во внатрешноста од државната територија.

Да не се лажеме, популистичките балкански политички елити кои се моментално на власт или нивните порадикални прикриени сојузници доколку им се даде шанса сигурно би го злоупотребиле овој модел на безгранично функционирање.

Но, со оглед на фактот дека се работи за 6 суверени држави кои ја имаат сета потребна функционална администрација и повеќедецениско искуство во менаџирање на границите, пропусти и инциденти може да се случуваат само ако тоа им се дозволи на соседите.

Генерално гледано не можеме вечно да бидеме заложници на недовербата во сопствените институции.

Во секој друг случај постојат начини да се договори функционален и безбеден безграничен систем.

Дополнително треба да се знае дека клучната придобивка од овој начин на безгранична комуникација меѓу народите е нивното физичко обединување без нови војни и промена на границите.

Значи без никакво ново крвопролевање: жителите на Северно Косово слободно ќе одат во Србија, а граѓаните на Дебар во Албанија, додека оние од Пустец, Голо Брдо, ќе доаѓаат во Македонија. Да не ја забораваме и врската на оние од Република Српска со Србија.

Точно е постојат многу опасности и проблематични прашања, но придобивките од ваквата идеја се неоспорни.

Балканскиот Шенген е ЕУ децении пред нашиот влез во еврозоната.

БАЛКАНСКИОТ ШЕНГЕН НЕ ПРЕДВИДУВА НИКАКВИ ПРОМЕНИ НА НАДВОРЕШНИТЕ ГРАНИЦИ НА ЗАПАДНИОТ БАЛКАН , ТУКУ САМО ПОЛЕСНА ВНАТРЕШНА КОМУНИКАЦИЈА МЕ ЃУ ОВИЕ НЕСРЕЌНИ ШЕСТ ЗЕМЈИ КОИ, ВО СОГЛАСНОСТ СО ОФИЦИЈАЛНИТЕ НАЈАВИ ОД БРИСЕЛ, МИНИМУМ УШТЕ ДЕСЕТ ГОДИНИ ЌЕ ОСТАНАТ НАДВОР ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА, А ОД ЕВРОЗОНАТА

ЕВРОПСКИТЕ ГРАНИЦИ ВООПШТО НЕ СЕ ЗАГРОЗЕНИ ОД ОВАА ИДЕЈА

Според многумина аналитичари овој процес воопшто нема да биде поддржан од ЕУ бидејќи тоа индиректно би ги загрозувало нејзините граници.

Барем според досегашните планови, тоа не е така.

Словенечко-хрватската граница останува на истото место и нечепната, а пред Балканците да стигнат до неа тука е хрватско-српската и хрватско-босанската гранична линија која ќе остане уште долго да функционира под истиот режим.

Не се менува ниту црногорско-хрватската граница кај Дубровник, ниту пак албанско-грчката и грчко-македонската по должина на линијата на некогашниот Солунски фронт.

Оттука балканскиот Шенген не предвидува никакви промени на надворешните граници на Западниот Балкан, туку само полесна внатрешна комуникација меѓу овие несреќни шест земји кои, во согласност со официјалните најави од Брисел, минимум уште десет години ќе останат надвор од Европската Унија, а од еврозоната никој не може да предвиди колку долго.

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2019 година)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top