Општество
НАТО-МАТЕМАТИКА: НИКОГАШ НЕ ВЕРУВАЈТЕ ИМ НА БРОЈКИТЕ (И НА ПОЛИТИЧАРИТЕ)

Горан Петревски
Авторот е Редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Здравје Боже, ако не се случи некое изненадување, до крајот на годинава сигурно ќе станеме дел од големото семејство наречено НАТО. Навистина, до влезот во ЕУ малку ќе почекаме, но и ова не е мала работа, особено за Владата која има големи надежи од зачленувањето во НАТО, кое би требало да биде пресвртна точка во нашиот економски просперитет. Можеби грешам, но ми се чини дека членството во НАТО не само што е најголемата надеж туку е и единствената точка во „програмата“ на Владата. Како што посочува насловот, оваа статија има две цели: прво, да даде преглед на основните економски показатели на земјите членки на НАТО и второ, на читателите, на новинарите, на економистите и особено на политичарите да им укаже на внимателноста при читањето на „фактите“. Идејата за статијава ми се јави минатата година, во периодот на одржувањето на референдумот, но тогаш се воздржав од нејзиното објавување за да ја избегнам опасноста таа да се разбере како агитација во однос на жалното референдумско прашање (иако дури и во ова списание се појавија статии кои отворено агитираа за владината опција). Но ете, референдумот помина и сега можеме спокојно да го разгледаме ова прашање.

Ако се сеќавате, во кампањата за референдумот Владата, а особено министерот за надворешни работи даваа еуфорични изјави во однос на економските придобивки што ја чекаат оваа земја (без оглед кое име ќе го прифатите) од членството во НАТО. На пример, многу ми беше забавна неговата легендарна изјава за странските директни инвестиции (СДИ) во Црна Гора. Токму затоа предлагам да почнеме токму со ова прашање – ефектот на членството во НАТО врз приливот на СДИ. Логиката на министерот (и на многу други) е многу проста: членството во НАТО значи дека безбедноста на земјата е загарантирана (демек, не треба повеќе да се плашиме дека ќе нè нападне некоја земја), со тоа се отстранува тој извор на неизвесноста, па странските инвеститори ќе сакаат повеќе да инвестираат во таа земја.

И сето ова е во ред, но проблемот се состои во тоа што ваквата логика е премногу проста за да биде сериозна. На пример, членството во НАТО го намалува ризикот од надворешна закана, но дури и тој ризик не е целосно отстранет. Напротив, членството во НАТО може да значи дека отсега Русија ќе нè смета за непријателска земја, т. е. за легитимна цел во некоја идна светска војна. Освен тоа, членството во НАТО се однесува само на надворешната безбедност, но не и на внатрешната стабилност. На пример, членството во НАТО не гарантира дека во иднина повторно може да се случи внатрешна војна или масовни граѓански немири или некој друг облик на политичка и правна нестабилност. Меѓутоа, горната логика е уште попроста поради игнорирањето на другите фактори кои влијаат врз странските инвестиции. Имено, според логиката на министерот, членството во НАТО по автоматизам носи поголеми СДИ, т. е. членството во НАТО (надворешната безбедност) е најсилен или многу силен фактор кој сам по себе обезбедува повеќе инвестиции. Се разбира, ваквата логика е погрешна зашто воената безбедност е само еден од факторите од кои зависат инвестициите и тоа е само еден од споредните фактори. Така, економската литература набројува еден куп фактори кои влијаат врз мотивите на фирмите да инвестираат во странство и врз привлечноста на земјите за привлекување на странските инвеститори како што се: географската положба, големината на пазарот, физичката инфраструктура, макроекономската стабилност, трговската и финансиската отвореност, даноците, работната сила (човечкиот капитал), политичката стабилност, демократијата, корпуцијата, бирократијата, владеењето на правото итн. За жал, членството во НАТО нема никаква врска со повеќето од овие фактори. Со други зборови, факторите кои ги определуваат приливите на СДИ се многубројни и независни од НАТО така што од нив пресудно ќе зависи колку СДИ ќе влезат во земјава.

Како илустрација на тезата дека членството во НАТО само по себе нема врска со СДИ, т. е. дека приливите на СДИ претежно зависат од други фактори можат да послужат двете слики дадени во продолжение. Првата слика ги покажува СДИ во новите членки на НАТО, набљудувани во два периода: пред и по влезот во НАТО. Притоа вториот период ги опфаќа годините од влезот на соодветната земја во НАТО (1999 г. за Полска, за Унгарија и за Чешка, 2009 г. за Хрватска и за Албанија и 2004 г. за останатите) заклучно до 2017 година. Должината на првиот период е различна за различни земји и зависи од расположливоста на податоците.

Слика 1: НАТО И СДИ (% од БДП)
 

Првата работа што паѓа в очи е тоа дека само пет земји (од вкупно 12) имале повеќе СДИ по влезот во НАТО во споредба со претходниот период. Оттука воопшто не е точно дека членството во НАТО носи поголеми странски инвестиции. Уште повеќе, ако ја примениме простата логика на министерот, лесно би можеле да „заклучиме“ дека, всушност, на овие земји би им било подобро ако не влезеа во НАТО зашто тогаш имале поголем обем на СДИ! Понатаму од сликата може да се забележи дека, иако сите се членки на истиот воен сојуз, земјите имаат различен обем на СДИ во периодот по влегувањето во НАТО: од 1,5 % во Словенија, преку 3 % во Хрватска, до 9 % во Бугарија. Според тоа, иако овие земји функционираат во истиот безбедносен амбиент, нивото на СДИ се разликува драстично поради влијанието на некои други (очигледно многу поважни) фактори.

Добро, би рекол министерот, ама случајот на Црна Гора е „цврст“ доказ за тоа дека членството во НАТО со себе носи „бум“ во СДИ. Во годината кога влезе во НАТО (2017 г.), СДИ во Црна Гора изнесуваа дури 11,5 % од БДП, а една година претходно тие биле само 5,7 %. Ете, јасно се гледа големиот скок во СДИ поврзан со зачленувањето во НАТО. Токму на ова се однесува поднасловот на оваа статија: ако ги споредите црногорските СДИ во 2016 и 2017 година лесно ќе паднете во искушението да му поверувате на министерот за надворешни работи. Впрочем, на овој „арумент“ се фатија дури и некои економисти. Меѓутоа, простата логика наметнува неколку други прашања како што се: прво, зошто за пример ја земате Црна Гора, т. е. зошто не некоја друга земја? На пример, ако го земете примерот на Словенија, тогаш ќе добиете сосема спротивен впечаток: пред да влезе во НАТО (2003 г.), СДИ во Словенија изнесувале 6,7 % од БДП, а откако земјата влегла во НАТО, СДИ паднале драстично (0,9 % во 2004 г.). Значи, судејќи според искуството на Словенија, влезот во НАТО недвосмислено е штетен за СДИ! Како што можете да забележите, никогаш не е добро некоја теза да ја докажувате само на примерот на една земја зашто секогаш можете да си изберете некој пример кој ви одговара, но истовремено некој друг лесно ќе најде пример кој ја негира вашата теза. За да покажеме колку се лажливи бројките, повторно ќе се вратиме на примерот на Црна Гора: во годината на зачленувањето во НАТО, таа имала СДИ од 11,5 %, но обрнете внимание на нејзините СДИ во годините пред да влезе во НАТО: 21 % во 2008 г., 37 % во 2009 г., 18 % во 2010 г., 15 % во 2012 г. и 17 % во 2015 г. Замислете, во 2008 година Црна Гора имала двојно повеќе СДИ отколку откако се зачленила во НАТО, а во 2009 година нејзините СДИ биле речиси четирипати поголеми во споредба со НАТО-вските инвестиции! Со други зборови, еве што се случува ако произволно си изберете некоја поединечна година: ќе добиете сосема спротивен заклучок, а тоа е дека Црна Гора имала многу поголеми СДИ во времето кога не била членка на НАТО.

Слика 2: СДИ во избрани земји, 2004-2017г. (% од БДП )
 

Најпосле, сликата број 2 покажува колку е бесмислена тезата дека НАТО носи повеќе странски инвестиции. Таа ги покажува СДИ во избрани земји (претежно од Африка и од Азија) во периодот 2004 – 2017 г. (за да биде споредлив со периодот на зачленувањето на новите земји во НАТО). Сликата ги покажува инвестициите во избрани земји токму за да покажам дека секогаш можете да си најдете поединечни примери (па, дури и повеќе примери) кои одговараат на она што сакате да го „докажете“. Конкретно, горната слика покажува дека постојат многу земји во светот кои се сиромашни, кои немаат ниту инфраструктура, ниту човечки капитал, ниту политичка стабилност, ниту силни инвестиции и најпосле, земји кои не се членки на НАТО, ама имаат поголеми СДИ од членките на НАТО. На пример, просечните СДИ во периодот 2004 – 2017 г. изнесувале: 14 % во Конго, 25 % во Либерија, 18 % во Мозамбик, 12 % во Мавританија и 10,5 % во Монголија, а во истиот период новите членки на НАТО имале СДИ во износ од 4,4 %! Патем, има и други земји кои не се членки на НАТО, а имаат поголеми СДИ: таков е примерот на Малта која во периодот 2004 –2017 г. имала СДИ во износ од неверојатни 165 %!  Што значи тоа? Дека е подобро ако земјата не е членка на НАТО? Колку е проста ваквата логика покажува последниот столб во сликата: кратенката ВЗСЗ значи визокозадолжени сиромашни земји, а тоа се најзадолжените и најсиромашните земји во светот, со други зборови, најголемите гревови на планетава. Замислете, во периодот 2004 – 2017 г., тие земји имале СДИ од 4,4 %, потполно исто како новите членки на НАТО! Дали од ова треба да заклучиме дека е добро да се биде високозадолжена и сиромашна земја зашто така ќе имаме големи странски инвестиции? Чувај нè Господе од таквата логика!

Така се приближуваме до крајот на оваа статија. Се надевам дека горните примери покажаа колку е опасно кога економистите, експертите, новинарите, а особено политичарите се расфрлаат со бројките („фактите“). За одбрана на некоја теза не се доволни голите факти, туку тие треба да бидат надополнети со обемна анализа и поткрепени со соодветни аргументи. Конкретно, тезата дека НАТО ќе ни донесе повеќе странски инвестиции е многу проблематична. На крајот на краиштата, во изминатиов период, кога членството во НАТО беше многу неизвесно, во земјава влегоа бројни сериозни и угледни странски инвеститори на кои очигледно не им пречело тоа што не сме членка на НАТО. Впрочем, уште еднаш ќе нагласам, приливот на странски инвестиции зависи од еден куп фактори од различна природа (воени, политички, економски, институционални, финансиски итн.) при што членството во НАТО е само еден, но не пресуден фактор. Оттука, ако некој се надева дека влегувањето во НАТО по автоматизам ќе ни донесе повеќе инвестиции, тој се лаже себеси, но ги лаже и другите.

Така доаѓаме до клучната поента од поднасловот на статијава: кога тврдите нешто многу е погрешно ако произволно си изберете една земја или една година и таа бројка ја употребите како доказ за вашата теза. Како што илустрира оваа статија, секогаш може да најдете една или две земји или една или две години како поткрепа на својата теза. Меѓутоа, во тој случај вашата теза се наоѓа на „стаклени“ нозе зашто некој друг лесно ќе најде друга земја или друга година и тие бројки ќе ги употреби за да дојде до спротивен заклучок. Земени сами за себе бројките не значат апсолутно ништо. Уште повеќе, сами по себе бројките можат да бидат злоупотребени и искористени за политичка манипулација. Оттука основната порака на оваа статија е: Никогаш не им верувајте на бројките, особено ако со нив се расфрлаат политичарите.

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top