Општество
ЕВРОВИЗИЈА И ЕВРОИЗБОРИ

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Државата ФИРОМ која, до вчера, никако не можеше да го помине полуфиналето, денес под „фирмата“ на Северна Македонија се бори за прво место во финалето, рамо до рамо со Шведска, со Италија, со Холандија. Оваа реченица несомнено потсеќа на политичка парола, но потсвесно добро резонира во ушите на поддржувачите на Тамара Тодевска за потоа на најперверзниот можен (македонски) начин да се транспонира на грубото поле на политиката на „наши“ и „ваши“. Моралната победа, секако, е наша, за фактичката победа ќе почекаме подобри времиња. Нацијата се возбуди, пискотници и восклици се слушаа низ цело Дебар Маало и бев принуден да го сменам каналот и од Новак Ѓоковиќ да свртам на Тамара Тодевска. И не зажалив, како што сум зажалувал секојпат претходно. За прв пат по Тото Котуњо, со задоволство и возбуда ја изгледав Тамара и целиот тој спектакл за (музички) сиромашните нации. Дали Заев, преку неговите пријатели Могерини, Хан, Макрон и Меркел успеал да излобира за подобар пласман на Северна Македонија на Евровизија како утешна награда за сѐ уште нејасната европска визија на државава? Дали на стручните жирија кои ни доделија најмногу поени некој им дошепнал „дајте им повеќе гласови на овие, нема смисла“? Дали израелската тајна служба Мосад, кабаетлии во „дил ориентед“ диловите со бившиот режим можеби влегла во електронскиот систем на гласање? Дали соѕвездијата така се наредија баш таа вечер? Не, не, ништо од тоа. Имавме добро спакувана приказна, што би рекол Тирион Ланистер во последните сцени на Игра на тронови. Тамара пее фантастично и во Тел Авив и во Долно Коњаре, Ношпал прераснува во врвен и признат европски стилист, Коста Петров маестрално ја спакува приказната, а целата ука-бука за Македонија, решавањето на проблемите со соседите, мапирањето на државава како успешен модел низ светските медиуми и сите други важни дребулии ја направија македонската песна реален и посакуван фаворит. Мислите дека овде нема политика? Се лажете. И тоа не мислам на онаа провинцијална политика (Грција на Кипар 12 поени, и обратно, или Молдавија на Русија, а Русија на Белорусија), туку на еден поширок контекст на восприемање на политиката отаде политичката арена.

ОВАА ЕВРОВИЗИЈА ПОКАЖА И ЕДНА ДРУГА РАБОТА, КОЈА ЈАС КАКО АНТИФАН НА ОВА СЕПАК НЕ ПРЕМНОГУ МУЗИКАЛНО МУЗИЧКО ШОУ НЕ ЈА ЗНАЕВ. А ТОА Е ДЕКА ДИСТРИБУЦИЈАТА НА ГЛАСОВИТЕ СЕ ВРШИ ПО ДВОЕН ПРИНЦИП: ПОЛОВИНА ОД ГЛАСОВИТЕ СЕ ДОДЕЛУВААТ ДЕМОКРАТСКИ („НАРОДОТ“ ГЛАСА ПРЕКУ СМС-ПОРАКИ), А ВТОРАТА ПОЛОВИНА АВТОКРАТСКИ (ГЛАСА СТРУЧНО ЖИРИ ОД СЕКОЈА ДРЖАВА). А НАРОДОТ Е ВО ПРАВО И КОГА ГРЕШИ, НЕЛИ? ТАКА И ОВОЈ ПАТ „НАРОДОТ“ ЗГРЕШИ И МАКЕДОНИЈА, И ПОКРАЈ НЕДВОСМИСЛЕНИТЕ САЛВИ ОД СТРАНА НА СТРУЧНИТЕ ЖИРИЈА, ЗАВРШИ ОСМА

Кога една нација има што да им понуди на другите и тоа е препознаено од другите, тоа се нарекува политика. Преку Тамара и нацијата добива важност, преку Барди и Пандев исто така. Таквите препознаености создаваат мрежа на препознавања кај граѓаните на другите држави и овозможуваат полесен пробив и на другите полиња, вклучително и на политичкото и економското поле.

Но, оваа Евровизија покажа и една друга работа, која јас како антифан на ова сепак не премногу музикално музичко шоу не ја знаев. А тоа е дека дистрибуцијата на гласовите се врши по двоен принцип: половина од гласовите се доделуваат демократски („народот“ гласа преку СМС-пораки), а втората половина автократски (гласа стручно жири од секоја држава). А народот е во право и кога греши, нели? Така и овој пат „народот“ згреши и Македонија, и покрај недвосмислените салви од страна на стручните жирија, заврши осма.

Двата начина на кои се гласа на Евровизија се сликовит пример за вечната дилема на политиката: кој треба да владее? Дали народот преку свои избрани претставници или елитите во најширока смисла на зборот (интелектуалци, филозофи, инженери, политиколози, правници, врвни експерти од областите итн.)? Овие две линии на политичката мисла и пракса многупати доаѓале во судир, особено во тешки моменти кога тоталитарните елити и водачи се повикувале на народот или пак народот (не)свесно избирал такви елити. Оваа дилема во развиените општества е решена во полза на демократијата како „најлош облик на владеење, доколку ги изземеме сите останати облици на владеење“. Демократскиот принцип (народот) веројатно ѝ ја одзема победата на Тамара бидејќи експертите, мудреците, „зналците“ во жирито постапија правилно и праведно доделувајќи ѝ најмногу бодови.

Каква врска има Евровизија со европските избори? Секаква и никаква. Евровизија е едно провинцијално шоу, иако гламурозно, на кое право на учество имаат и „немузикалните нации“, на кое се натпреваруваат политиката и геополитиката и на кое предност во гласањето има народот наспроти мудреците.



Слично нешто нѐ очекува и по изборите за Европскиот парламент. Северна Македонија во случајов е ситна, ама за нас битна монета за поткусурување на европските големи нации. Проширувањето, ни кажаа веќе, не е омилена тема во ЕУ, особено по „килавиот“ влез на Романија и на Бугарија. Затоа сме морале да се стрпиме за да нѐ протнеле низ мала врата и ако може никој да не забележи. Република Македонија, која денес е Северна заради тоа „проклето“ проширување, не го заслужува овој третман. Мудреците, т. е. целиот стручен бирократски апарат наречен Европска комисија, кој детално се занимава со нас и постојано бара мува во супата (откако открија бумбар во бугарската и романската супа), одлучи во наша полза: Северна Македонија треба веднаш да ги започне преговорите. Но, лидерите на европските горди и широкогради нации, уплашени и затечени од напливот на популистичката радикална десница и од можноста да ја изгубат поддршката кај сопствениот народ, очекувано одлучуваат прво да си го гледаат својот двор, а потоа да ѕиркаат зад плотот.

Над 60 проценти од јавноста во Франција и во Германија се против проширувањето, дури и во случај кандидатите да ги исполнат критериумите. Се разбира, голем дел од ова отпаѓа на нетрпеливоста кон Турција, а со тоа и на исламот, но тоа ги прави малите раскарани балкански држави еднакво непожелни. Елитите, особено оние разумните(!?!), разбираат зошто Балканот треба да има европска перспектива, но тешко им е да го продадат тоа дома. Македонија може да добие 12 поени од жирито, но народот да не ѝ додели ниеден поен. Затоа можеби е за очекување да ја прескокнат Македонија сега и да ѝ дадат почеток на преговори некаде во јули или во септември, по завршувањето на европските избори бидејќи Македонија, сепак, станува симболички многу важна за Европа по Преспанскиот договор.

Но, резултатите од овие евроизбори повторно не ѝ одат во полза на Македонија, особено во еден клучен аспект: поразот на Макрон. Имплицитното дошепнување од страна на француската влада кон македонската власт кое парафразирано гласело „стрпете се да поминат изборите, сега е многу жешка атмосферата, само да победи Макрон и потоа ќе биде полесно да ја отвориме рампата за вас, веќе во јули или септември“ се распрснува како лош сон по овие евроизбори. Макрон доживеа (не)очекуван пораз од Ле Пен, повиците за предвремени избори во Франција се сѐ погласни и тоа навистина може да ја доискомплицира позицијата на Македонија. Природата на политиката е таква, себична и сурова. Денес сме помалку оптимисти отколку вчера и имаме чувство дека за прв пат кога нешто зависело од нас сме успеале да го одработиме, но другите не успеваат да го валоризираат тоа нешто. Дополнително Ципрас во Грција ги изгуби изборите, а со тоа и Северна Македонија губи силен поддржувач за нашите европски аспирации. НАТО-протоколот не е ратификуван во сите држави, иако тоа барем не би требало да претставува проблем. Сумарно, без разлика што Европа привремено здивна од резултатите на овие избори, Македонија безнадежно воздивна.

ЕЛИТИТЕ, ОСОБЕНО ОНИЕ РАЗУМНИТЕ(!?!), РАЗБИРААТ ЗОШТО БАЛКАНОТ ТРЕБА ДА ИМА ЕВРОПСКА ПЕРСПЕКТИВА, НО ТЕШКО ИМ Е ДА ГО ПРОДАДАТ ТОА ДОМА. МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ДОБИЕ 12 ПОЕНИ ОД ЖИРИТО, НО НАРОДОТ ДА НЕ Ѝ ДОДЕЛИ НИЕДЕН ПОЕН. ЗАТОА МОЖЕБИ Е ЗА ОЧЕКУВАЊЕ ДА ЈА ПРЕСКОКНАТ МАКЕДОНИЈА СЕГА И ДА Ѝ ДАДАТ ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ НЕКАДЕ ВО ЈУЛИ ИЛИ ВО СЕПТЕМВРИ, ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ЕВРОПСКИТЕ ИЗБОРИ БИДЕЈЌИ МАКЕДОНИЈА, СЕПАК, СТАНУВА СИМБОЛИЧКИ МНОГУ ВАЖНА ЗА ЕВРОПА ПО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

А Европа, со или без Македонија во неа, и понатаму ќе стрепи. Сите меинстрим политички групации повторно се мобилизираат против напливот на популистичката десница (и левица). Кога вирусот еднаш ќе влезе во организмот тој се шири, но и целиот организам се впрегнува да го победи. А вирусот е дел од нас, и тоа го покажаа и овие евроизбори, без разлика што радикалните популисти нема да можат да направат победнички резултат и да завладеат со Европската Унија. И иако резултатот од овие евроизбори не е рефлексија на реалните политички сили на секоја држава дома (бидејќи граѓаните полесно им даваат жолт картон на меинстрим елитите на вакви „неважни“ избори, отколку на национални парламентарни избори), брановите од ова гласање сепак потоа се враќаат дома, кај секоја од земјите членки. Пробивот на радикалната десница е бавен, но упорен. Нејзината најголема придобивка е процесот на меинстримизација на нејзиниот дискурс. Тој дискурс веќе е влезен во нашите глави, и тоа преку легитимни демократски избрани претставници. Кога таквиот дискурс ќе добие пристап на политичката агора низ повеќе изборни циклуси, тој станува легитимен, прифатлив за многумина и детабуизиран. И ако до вчера гласачите на радикалната десница се криеја и „тајно’’ гласаа, денес веќе повеќето не се срамат јавно да ја изразат поддршката. Ваквиот развој е оправдано загрижувачки за проевропјаните и претставува вистински предизвик за склеротичните политички елити низ континентот.

Што ни кажува ова нам и како ќе се одрази на нашиот пат кон Европската Унија? Дека иако од жирито ја имаме наградата, за публиката ќе мораме сами да се потрудиме. На жирито сѐ потешко му оди убедувањето на публиката. И дека пондерот за мала држава како Македонија секогаш ќе биде мал и затоа ни треба друг пондер кој ќе нѐ позиционира во европскиот културен простор.

Примерот со победата на Тамара е еден мал чекор, поточно патоказ кон мапирање на Северна Македонија на европската карта. Здрави институции, чиста држава, стабилна економија, културни проблесоци, силно образование, добра и различна туристичка понуда..., сите овие работи полека, но сигурно ќе го придобијат европскиот граѓанин, а нас патем ќе нѐ направат Европјани во вистинската и добрата смисла на зборот. Патот е долг, но полека сфаќаме дека ако самите не си го пробиеме, шумарот секако нема да го направи тоа за нас.

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top