Интервјуа
ШАНСА ЗА СКОПЈЕ – ВО КАКОВ ГРАД САКАМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ?

Искра Јанковска Михајловска
архитект

Визија за квалитетот на живот и што треба да знаат сите граѓани

На прво место на листата на петте најголеми проблеми во животната средина се загадувањето на воздухот и климатските промени. Нехуманите услови за живот на граѓаните кои се душат во урбанистичката презаситеност на просторот беа дел од причините група жители на Скопје да започнат прво неформално, а потоа и како граѓанско здружение наречено ЗДРАВЈЕ ПРЕД ПРОФИТ ЗА ЦЕНТАР. Тие со својата тригодишна активност го привлекоа вниманието на локалната власт и станаа фактор кој веќе не може да се заобиколи.
Градинка или хотел, катна гаража во сред зеленило или само зеленило – водени од идејата за поттикнување на граѓанската активност и едукација за заштита на јавниот простор и интерес, тие решија да организираат значаен форум кој неодамна се одржа во Холидеј Ин. Наречен ШАНСА ЗА СКОПЈЕ, со поддршка од Институтот за комуникациски студии во рамките на нивниот проект „НЕ ИГНОРИРАЈ, РЕАГИРАЈ!“ за подобра животна средина, на форумот беа организирани три панели. Во присуство на експерти и на интерактивна публика беа отворени важни дискусии и реализирани нови соработки.

Вие сте претседател на граѓанското здружение Здравје пред профит за Центар. Како настана потребата за докажување дека здравјето е пред профитот?

ЗДРАВЈЕ ПРЕД ПРОФИТ ЗА ЦЕНТАР е граѓанско здружение со главна цел заштита на јавниот интерес преку зачувување на јавните простори и нивно унапредување.
Нашата активност трае повеќе од 3 години, започнавме како неформална група, а подоцна формиравме здружение со намера да ги охрабриме граѓаните на Центар да станат активни чинители во унапредувањето на животот во својата околина.
Здружението нема класична форма, се активираме според афинитетите и полето во кое секој од нас може да придонесе. Имаме разни профили на граѓани – правници, електроинженери, економисти, архитекти, професори од различни области, психијатри, воени лица, отворени сме за секој што сака да помогне во исполнување на целта.
Потпишавме меморандум со Општина Центар заедно со Транспарентност Македонија за соработка по основ на напредокот постигнат во досегашната размена на информации и комуникација, како и заедничкиот интерес на страните во насока на зајакнување на истата соработка во одредени области.
Откако се инволвиравме во активности и со реализација на нашите барања од предизборната кампања, сфативме дека како одговорни граѓани покрај барања можеме и мораме да понудиме и решенија или да отвориме теми кои ќе нѐ одведат до решенијата.

Форумот имаше три панели од кои првиот значеше отворање на горлива тема – Алтернативни практики за финансирање на општините?

Оваа тема е многу важна за реализација на нашите барања. Како?
Општините секогаш се правдаат дека мораат да издаваат градежни дозволи и да одобруваат големи габарити бидејќи главниот извор на финансии им се парите што ги добиваат од комуналии. Овие практики речиси секаде во Европа се отфрлени, а полека се отфрлаат и во соседството. На овој панел ги имавме Беким Имери – експерт од Канцеларијата на Светска банка, Боран Ивановски од Асоцијацијата НАЛАС и Аце Коцевски – градоначалник на Велес, кој е познат по посветеноста и отвореноста кон алтернативните начини на водење на градот.
Во дискусиите за начините на финансирање на општините учествуваше и претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска која дискутираше за политичката моќ и нејзиното влијание на јавниот интерес – „Моќта се сретнува во сите области на општественото живеење, а најмногу кај државата. Државата може да ја употреби својата моќ за доброто на сите членови на општеството, но и за заштита на интересите на една група луѓе“.
За воведување на европските практики треба многу политичка волја и едукација на граѓаните. Бројките и дискусијата потврдија дека сегашниот начин е неповратно трошење на просторот како ресурс во замена за моментално финансирање на општината, но не за развој на инфраструктурата за што се наменети комуналиите, туку за фиксни и непродуктивни трошоци како плати за вработените.
Се надеваме дека оваа тема ќе продолжи да живее и општинските власти ќе ја сфатат потребата за промени кои ги бараат граѓаните. Додека го правиме овој разговор, моменталната власт веќе и ги охрабри општините да го зголемат данокот на имот, а оваа мерка треба да биде внимателно испланирана.

Вториот панел беше на тема Планот како алатка за квалитетен живот? Кои беа спознанијата?

Плановите – ДУП-овите и ГУП-от не се подлоги за издавање градежни дозволи. Тие се насока, визија за квалитетот на живот во еден град или градска четврт, и тоа треба да го знаат сите граѓани. Тие треба да инсистираат на тоа нивните потреби да бидат предвидени и опфатени со овие мултидисциплинарни планови.
Во рамките на овој панел имавме гостин од Бугарија, Љубомир Георгиев, кој е лидер на проектот „Визија за Софија“ и директор на Урабнистичкиот завод во Софија. Проектот е граѓанска иницијатива која била прифатена од Градскиот архитект и од градоначалничката на Софија како идеја која треба да се разработи и која ќе води кон подобар и модерен град.
Беше презентирана и визијата за Тирана 2030. Тирана својот развој исто како Софија го трасира со план и со визија, а не со проекти како што се случува тоа кај нас.
Во овој панел беше гостин и професорката Дивна Пенчич, професор од Архитектонски факултет, која ги презентираше податоците од ДУП-овите во Центар. Тие моментално се под административна мерка за неспроведување до нивно усогласување со ГУП-от на Град Скопје.
Гостин беше и Стефан Лазаревски од Тајфа архитекти кој ги презентираше предизвиците и законските недостатоци со кои се соочува при изработка на урбанистички планови.

Третиот панел беше за феноменологија на градски простор. Колку е тука важна улогата на нашата меморија?

Можеби звучи романтично и философски, но ова е најважната тема како основа за подобар квалитет на живот на граѓаните.
Гостинка ни беше проф. Мери Батакоја, професока на Архитектонскиот факултет. Таа ја образложи потребата за меморискиот пејзаж на еден град како основа за почитување и љубов кон местото во кое се живее. Ова беше потврда на насоката која ја презентираше гостинот од Софија, кој раскажа како во Софија била прифатена потребата за зачувување на меморискиот пејзаж на еден голем дел од Софија и како мерка која ја сметале за потребна било донесувањето на ограничување на висината на сите објекти во Парламентот на Софија.
Излагање имаше и Светлана Крбевска, психијатар, која од медицински аспект дискутираше како влијае градот врз човековото здравје.
Кирил Сотировски, декан на Шумарски факултет, преку стручна презентација ја изненади публиката со изнесените факти за непланското позеленување на градот. Со лошиот избор на дрва кои се садат и ниското зеленило на несоодветни места укажа на тоа како се трошат пари за зеленило кое не се планира да остане, туку постојано да се обновува. Секако упати и на правилни проекти како што е зеленилото на средината на Партизанска.
Се надеваме дека со нашата активност го привлековме вниманието на граѓаните на Центар и сакаме да покажеме дека Центар може да биде пример за граѓанската свесност и одговорност. Секој граѓанин во рамките на своето секојдневие треба да ги бара своите права предвидени од ДУП-овите.
Секој свесен граѓанин, тука мислам и на творците на плановите и на корисниците, треба да биде воден од јавниот интерес. Да, живееме во капиталистичко општество каде што приватната сопственост е најважна и неприкосновена, но јавниот интерес е секогаш на прво место. Најдобро е да се најде мерката каде повеќе или помалку сите ќе бидат задоволни. Градовите на кои им се воодушевуваме и се високо на листата по квалитет на живот имаат најстроги правила, богати градежници и задоволни граѓани. Верувам дека Скопје и Центар ќе изнајдат начин да се приближиме на градовите на кои им се восхитуваме.

Разговараше: Лидија Георгиева
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top