Интервјуа
ЗАДОВОЛСТВОТО НА ПАТНИЦИТЕ Е ЕДНА ОД НАШИТЕ ГЛАВНИ ЦЕЛИ

Алпер Ерсој
генерален директор на ТАВ Македонија

Меѓународниот аеродром Скопје неодамна ја доби ASQ-наградата за квалитет на аеродромски услуги за 2018 година како еден од најдобрите аеродроми во Европа во својата категорија. Ја добивате оваа награда 4-ти пат досега. Може ли да ни објасните за каква награда станува збор и зошто таа е толку значајна?

Ерсој: Меѓународниот аеродром Скопје е добитник на наградата за квалитет на аеродромски услуги (Airport Service Quality) за 2018 година од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International (ACI (Еј-си-ај)). Ова значи дека сме наградени како еден од најдобрите аеродроми во Европа за 2018 година од аспект на искуството на патниците, во категоријата на аеродроми до 2 милиона патници годишно. Ова е 4-ти пат како го добиваме ова престижно признание кое претставува репер на глобално ниво за врвните услугите за клиентите, по ASQ-наградите добиени во 2012, 2013 и 2015 година.
Еј-си-ај ги дели аеродромите во 4 региони – Европа, Азископацифички регион, Латинска Америка и Северна Америка. Оттука добивањето на ASQ-наградата во нашата категорија, во рамките на регионот Европа, е навистина големо признание за скопскиот аеродром.
Програмата за квалитет на аеродромски услуги (ASQ) e водечка и референтна програма на глобално ниво. Го мери задоволството на патниците низ 37 клучни индикатори за успешност поврзани со: аеродромската инфраструктура и објектите, амбиентот, пристапноста, обезбедувањето, одржувањето, процесот на пријавување, пасошката контрола – практично ги вклучува сите клучни прашања кои го мерат искуството што го имаат патниците додека се на аеродромот.
Важно е тоа што сите аеродроми во светот се анализираат преку овие исти параметри. Можеме да ги видиме резултатите на другите аеродроми во нашата група по секој квартал и да направиме споредба. Доколку имаме пониски оценки во некоја област – знаеме што треба да подобриме.

Наградата се базира на искуството на патниците. Што очекуваат патниците од аеродромите кои се трендовите во овој дел од светот?

Ерсој: Да ги задоволиме очекувањата на патниците е една од нашите главни цели. Со цел да го постигнеме тоа ги анализираме нивните барања, потреби, сугестии и жалби. Покрај ASQ-програмата, како стандардизиран тип анкети на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI (Еј-си-ај)), ТАВ Македонија има воспоставено свој систем на анализа на податоци, собирање релевантни информации од интеракцијата со патниците преку различните одделите на аеродромот, потоа од Одделението за односи со клиенти и од социјалните мрежи. Крајниот производ е сеопфатна анализа која ни помага да го подобриме квалитетот на нашите услуги и да понудиме нови услуги како одговор на потребите на патниците.
Низ годиниве имаше многу сугестии од страна на патниците, а досега сме ги слушале патниците и ги воведуваме услугите што ги задоволуваат нивните потреби. Еден таков пример е воведувањето автобуски превоз како услуга од аеродромот до центарот на градот Скопје, воведувањето бесплатен безжичен интернет итн. Секогаш има потреба од разновидни услуги и проширување на асортиманот на моменталните услуги, но вистинското време за дејствување зависи од зрелоста на пазарот.
Во 2018 година воведовме неколку новитети на Меѓународниот аеродром Скопје, како на пример машина за пакување багаж; NeedStop – нов објект за храна и за пијалаци во терминалната зграда од страна на нашата сестринска компанија БТА; го реорганизиравме просторот во терминалната зграда наспроти шалтерите за регистрација на патници и багаж со преместување на малопродажните продавници; потоа поставивме нова машина за саморегистрација со цел патниците да можат да го регистрираат нивниот багаж и да избегнат чекање пред шалтерите за регистрација на патници и на багаж. Исто така, минатата година, во зоната близу портите (gates) додадовме нова забавна содржина за нашите најмлади патници – Детско катче.
Во процес е набавка на нови станици за полнење телефони, кои ќе бидат поставени на клучни позиции во терминалната зграда со цел да го подобриме искуството на патниците и за ова прашање.
Едно од најчестите барања на нашите патници е да се отвори просторија за пушење, во зоната по пасошката контрола, пред качување во авион. Бидејќи законски сме ограничени во однос на ова прашање, ги разгледуваме можностите да ја исполниме оваа желба со моменталната архитектонска позиционираност на терминалната зграда, а во исто време и со придржување кон законските одредби и строгите авијациски правила и регулативи.
Како дел од групацијата ТАВ имаме преглед на глобалниот пазар за аеродромски операции, како и на трендовите во регионот, каде што повеќето од главните аеродроми допрва ќе се приватизираат / ќе бидат дадени под концесија од страна на локалните власти. Во овој контекст, аеродромите во Скопје и во Охрид се чекор понапред, односно веќе ги практикуваат оперативните услуги што се воведени и се воспоставени насекаде низ светот.

Изминатиов месец промовиравте две нови линии од аеродромот во Скопје и две нови од Охрид со што продолжува праксата во текот на годината да се промовираат и по неколку нови дестинации и летови од скопскиот и охридскиот аеродром. Колку е зголемен бројот на патници откако ТАВ го презеде оперирањето со аеродромите и што ќе придонесе тој пораст?

Ерсој: Откако ТАВ влезе на македонскиот воздухопловен пазар, бројот на патници почна забрзано да се зголемува како резултат на брзиот развој на мрежата на авиолинии на двата аеродрома. Од 2009 година, бројот на патници на скопскиот аеродром е зголемен за 3,6 пати, од 602 298 патници во 2009 година на 2,2 милиона патници во 2018 година. Во 2010 година, од главниот град имаше само 15 дестинации, додека сега аеродромот во Скопје опслужува 41 редовна дестинација со 13 авиокомпании.
Бројот на патници на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид е зголемен за 5 пати. Во 2009 година на охридскиот аеродром имаше вкупно 36 652 патници, додека 2018 година ја заврши со повеќе од 180 илјади патници (184 283). На охридскиот аеродром моментално се опслужуваат 5 редовни авиолинии и 8 сезонски дестинации.
Дополнително, 2 нови дестинации (Ларнака и Турку) ќе бидат воведени од Скопје и 2 од Охрид (Меминген и Дортмунд) во текот на летото во 2019 година.
Развојот на двата аеродрома ги задоволува потребите на луѓето за повеќе авиоврски; влезот на нискобуџетни авиокомпании и зголемената конкурентност доведе до поевтини патувања; зголемениот авиосообраќај – зголемен број на туристи и подобрена економија, додека трансформацијата на големината придонесе скопскиот аеродром да е признаен како важен регионален авиоцентар со зголемен капацитет и модерни услуги, со тоа покажувајќи уште поголем потенцијал за влез на нови авиокомпании и воведување интерконтинентални летови.

Колку македонскиот пазар е интересен за странските авиокомпании без разлика дали се нискобуџетни или регуларни авиокомпании? Имате ли најава за влез на некое ново име на овој пазар?

Ерсој: Станува збор за пазар во развој со огромен потенцијал за натамошен регионален раст и позиционирање како еден од главните аеродромски центри во регионот. Како што расте, интересот од страна на авиокомпаниите и тур-операторите расте.
ТАВ Македонија, со поддршка од Маркетинг одделот на ТАВ Аеродроми, е во постојана комуникација со авиокомпаниите и тур-операторите со цел да ги убедиме да почнат со работење од двата аеродрома, во Скопје и во Охрид. Нашиот тим за развој на мрежата на авиолинии од Истанбул ги посетува најголемите и најважните саеми за авијација и туризам низ светот, имплементирајќи ја својата стратегија за вкрстен маркетинг кој во основа ги нуди аеродромите во рамките на групацијата како пакет, со одредени стимулациски шеми.
ТАВ Аеродроми е компанија која котира на Берзата во Истанбул поради што ги следиме правилата кога објавуваме ценовно чувствителни информации. Оттука, сѐ додека не се заклучи некоја зделка, а договорот е официјален и е потврден од авиокомпанијата како наш клиент, не би сакале да откриваме имиња.

ОД 2009 ГОДИНА, БРОЈОТ НА ПАТНИЦИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ Е ЗГОЛЕМЕН ЗА 3,6 ПАТИ, ОД 602 298 ПАТНИЦИ ВО 2009 ГОДИНА НА 2,2 МИЛИОНА ПАТНИЦИ ВО 2018 ГОДИНА. ВО 2010 ГОДИНА, ОД ГЛАВНИОТ ГРАД ИМАШЕ САМО 15 ДЕСТИНАЦИИ, ДОДЕКА СЕГА АЕРОДРОМОТ ВО СКОПЈЕ ОПСЛУЖУВА 41 РЕДОВНА ДЕСТИНАЦИЈА СО 13 АВИОКОМПАНИИ.
БРОЈОТ НА ПАТНИЦИ НА АЕРОДРОМОТ „СВ. АПОСТОЛ ПАВЛЕ“ ОХРИД Е ЗГОЛЕМЕН ЗА 5 ПАТИ. ВО 2009 ГОДИНА НА ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ ИМАШЕ ВКУПНО 36 652 ПАТНИЦИ, ДОДЕКА 2018 ГОДИНА ЈА ЗАВРШИ СО ПОВЕЌЕ ОД 180 ИЛЈАДИ ПАТНИЦИ (184 283). НА ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ МОМЕНТАЛНО СЕ ОПСЛУЖУВААТ 5 РЕДОВНИ АВИОЛИНИИ И 8 СЕЗОНСКИ ДЕСТИНАЦИИ

Дел од Групацијата ТАВ е и аеродромот во Загреб. Според стекнатите искуства од Хрватска, какви се перспективите за развој на македонските аеродроми и авиобизнисот во однос на конкуренцијата во регионот?

Ерсој: Како аеродромски оператор, нашите услови за авиокомпаниите на двата аеродрома се многу конкурентни гледано во рамките на нашата конкуренција која е во географски радиус од 300 километри. Имајќи на ум дека процесот на реконструкција и на модернизација беше направен пред 10 години, со влезот на ТАВ на пазарот, со сигурност можам да кажам дека аеродромите во Скопје и во Охрид се лидери во процесите на развој на аеродромите во регионот.
Како дел од ТАВ, кој е глобален аеродромски оператор, ќе продолжиме да ги следиме европските и глобалните трендови во воздухопловството и да ги имплементираме на пазарот според својата зрелост, домашната правна рамка и правилата и регулативите за меѓународно воздухопловство.

Колку македонските аеродроми успеваат да ги следат светските текови во авиобизнисот? Постои ли некој репер кон кој ги насочувате идните планови за развој и која е стратегијата за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид?

Ерсој: Воздухопловната индустрија е многу динамичен сектор под влијание на многу надворешни фактори, почнувајќи од цените на горивото како инпути, како и од главните политички и економски случувања што го зафаќаат светот глобално гледано, но и одредени региони. Ја имаме привилегијата да бидеме дел од глобална групација за аеродромски бизнис и оттука стратегијата за аеродромите во Скопје и во Охрид ја кроиме и ја извршуваме во согласност со потребите на аеродромите од аспект на операциите / сообраќајот, како и целокупната групациска стратегија за развој и за експанзија.

Во портфолиото на групацијата ТАВ има 14 аеродроми во шест земји во светот. Каде ја сместува ваквото портфолио ТАВ групацијата на глобално ниво?

Ерсој: ТАВ Аеродроми како компанија која потекнува од Турција е лидер во бизнисот со управување со аеродроми во Турција. Управува 5 аеродроми во својата татковина: Есенбога во Анкара, Аднан Мендерес во Измир, аеродромот Аланија-Газипаша, Милас Бодрум и аеродромот Анталија, потоа аеродромите Тбилиси и Батуми во Грузија, Монастир и Енфидха-Хамамет во Тунис, Скопје и Охрид во Македонија, Медина во Саудиска Арабија и Загреб во Хрватска.
Сепак, со оглед на тоа што акционерот на ТАВ Аеродроми, Aéroports de Paris (ADP(АДП)), (38 % од акциите од 2012 година), стана мнозински акционер на групацијата во 2017 година со 46,12 % сопственост, глобалната позиција на ТАВ е зацврстена. Сега ТАВ, заедно со АДП, е присутна во 20 земји и на 75 аеродроми низ светот.
Во рамките на глобалната соработка и на заедничките проекти со други аеродромски оператори, ТАВ Аеродроми во партнерство со германскиот оператор Фрапорт управува со аеродромот во Анталија.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top