Општество
НАМЕСТО ЧЕСТИТКА

Сузана Камберова
авторот е доктор по медицина

Во животот  можеби ќе ви недостигаат  многу нешта, но две работи мора да имате -  луѓе кои вистински ги сакате и само ваш магијски трик, кој кога сѐ ќе стане многу црно, ќе ви ја врати вербата во чуда. Добри чуда. И во луѓе.

Наречете го тоа вера, магија или универзална сила,  не е битно.  Тука е наоколу. Доаѓа неочекувано. Само треба да се препознае. И да се очекува. Не се откажувајте. Никогаш.

Денес, којзнае зошто, се сетив на една обична и неодамнешна случка. На еден човек, со кој накусо и случајно,  ни се вкрстија животните  патишта. Сосема различен од мене. Со различен живот. Сепак и необично сличен. По тоа и го запомнив.

Еве како беше:

Лето. Надвор неподнослива жештина. Одвај се работи.  Дојдоа на работа,  тој и  мајка му. Албанец е  од село од околината на Скопје. Грижлив и  внимателен со мајка си. Таа не ме разбира, тој нѝ преведува. Одвреме навреме, намесето збор, таа ме фаќа за рака. Знам што сака да ми каже, но ниту јас не знам да го изговорам тоа нешто. Затоа  и јас ѝ ја стискам раката. Со моите две. Убави  се тоа моменти. Заборавениот  јазик на допирот. На погледот. Сакам да и кажам, сѐ ќе биде добро. Да не се плаши.

Синот е загрижен, ама  разумен. Она што го објаснувам, го прифаќа. Не се буни. Додека работам, тој ми зборува. Лесен и пријатен муабет е тоа. За разни нешта. За животот. За себе.

Откриваме  дека сме родени во иста година. Генерација. Имаме заеднички  спомени  од другото време.  Ми раскажува  како работел на море, во времето на бивша Југославија. Во скапи ресторани. Среќавал  фин свет. Вреден е. Не чекал за  леб, си мислам, туку се потрудил. Сам. Без туѓа помош. Не било лесно. Потоа живеел  и во Италија. Зборува по малку италијански. Видел туѓина. Многу научил живеејќи по светот. Сега е вратен дома. Ете, се грижи  за родителите.  Не му е лесно, си размислувам, но  не се жали. Ми се допаѓа тоа. Насмеан е. Ведар. Симпатичен ми е.  Се  разбираме.

Има брат, кој работи некаде на Запад, продолжува со раскажувањето. Бил скоро кај него на гости.  Муабетот лесно си тече понатака.

Во еден миг  ми се обраќа  значајно:

„Знаете ли што највеќе би сакал? “

„Што ?“ го прашувам.

„Навечер, на мира, во тишина, да седам  сам надвор на отворено и со телескоп да гледам во небото. Во ѕвездите. Прекрасно е. Нема ништо поубаво од тоа.“ -ми одговара.

Јас го слушам запрепастена. Си мислам, па токму тоа истото и јас најваќе го сакам. Веќе некое време идејата ми е постојано во главата. Да имам телескоп и да гледам ноќе во ѕвездите. Овој човек како  да ми ги чита мислите.

Од каде дојде сѐ ова?

Изнанадена, гледам во него и си мислам,  баш е чудно вакво совпаѓање.  И интересно. Не ми изгледа како некој љубител на астрономијата. Ниту како филозоф. Што му текна баш тоа да  го изговори?

„И јас исто“ му велам.

Тој се смешка. Ме гледа, како да е тоа најнормално. Не е изненаден воопшто од мојата реакција.

„За сега  без телескоп.  Сама, во лето седнувам на тераса,  навечер кога звуците на куќата ќе стивнат ( со чаша вино, што е право ) и во тишина и темнина гледам нагоре.  Во ѕвездите. Размислувам. Филозофирам .

Тој пак, воодушевен. Сосема очекувано. Се чини  верува дека  сите така  прават.

Го разбирам. Од горе, од каде можеби сме , сѐ се чини поинаку. Нештата  ја губат егоистичната  димензија на денот. Се поставуваат наопаку. Битното  станува небитно. И обратно. Личните желби, страсти и амбиции стануваат безначајни . Неважни и минливи. Нема навреда, суета, злоба. Зошто воопшто сѐ сфаќаме толку сериозно? Па и себе си? Подобро е еден искрен разговор со друг  човек да се направи.

Ми стана смешно. Ете, незнајно од мене, а исто како и јас, непознати и навидум многу различни луѓе  лутаат навечер со мислите по ѕвездите. Бараат спокој.  Утеха. Смисол. Некој верник би рекол  го бараат Господ. Како да е тоа некоја новост. Сепак е. Не го наоѓаме  секој ден. Нишка која нѐ поврзува. Слични сме повеќе од различни. Се подсеќаме  ли дека е  сѐ толку кусо? Минливо.  Колку ли е глупаво да се троши време на било што, освен на разбирање. И помагање.

Но да ја довршам приказната. Овој случаен познајник, кога бил во посета кај брат му  го однеле во планетариум. Тоа искуство толку го воодушевило  што му се случила вистинска епифанија, би рекле ние  христијаните. Го спознал светот од сосема неочекувана и дотогаш непозната перспектива. Нешто неверојатно. Спиритуално. Незаборавно. Магија.  

Сега чека. Брат му се ветил. Ќе му купи телескоп. И ќе му го донесе. Во себе и јас си ветувам. И мојот ќе дојде еден ден на ред. Кога и да е.

Веќе тргнува да си оди. Случајно, бутка нешто стаклено од масата и го крши.  Вџашен е. Ги собира срчите.  Сѐ е во ред, го разубедувам. Тој  многу се секира. Сѐ  му се расипа на крајот.  Ветува дека ќе се искупи. Со телескоп. Ќе му каже на брат му. Да купи два. Еден за мене!

И ќе ми го донесе. 

                                                                        ***

Годинава, наместо велигденска честитка  ја испраќам до сите оваа приказна. Ако треба да носи и порака,нека биде таа отимистичка:

Сите сме под исто небо. Сите со исти маки. Стравови. Надеж.  Сомнежи. Сами по себе, ние сме чудо. Животот е чудо. И е убав. Секаде и секогаш. Ако ве мачи некое прашање,одлука или проблем и не знаете што или како, погледнете навечер во ѕвездите. Таму се знаат сите тајни. Можеби ќе сретнете нечија залутана душа горе, која исто како вас, си бара одговори. Ете, ги има многу. А можеби ве чека некое необично  откровение. Никогаш не се знае. Бидете храбри. Направете нешто неочекувано.  Нешто од љубов. Таа е волшебниот прав на секоја магија. Со среќа. И среќен празник.

(Економија и бизнис. печатено издани, април 2019 година)                                                                           

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top