Интервјуа
ИМАМЕ ГОЛЕМИ ПЛАНОВИ ЗА ИДНИНАТА

Никица Мојсоска Блажевски
Главен извршен директор на Македонија 2025

 

ЕБ: Вие сте новиот главен извршен директор на Македонија2025. За оние кои Ве познаваат, преминот од универзитетската средина кон Македонија2025 можеби претставуваше своевидно изненадување. И за оние кои Ве познаваат, а и за оние другите, која беше Вашата мотивација за ваков професионален чекор?

Н. Мојсоска Блажевски: За оние кои не ме познаваат би се претставила како професор по економија и квантитативни анализи, експерт и аналитичар кој работел со сите главни меѓународни економски и финансиски институции, советник на неколку економски министри во регионот на Западен Балкан, добитник на меѓународни награди од областа на економијата, корисник на Фулбрајт стипендија за постдокторски студии во САД итн. Пред оваа позиција, 10 години работев на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, од кои 9 години бев на позиција декан на Факултетот за деловна економија. Би го напоменала и моето претходно 9-годишно работно искуство во Министерството за финансии, од кои последните 3 години како раководител на Секторот за макроекономска и развојна политика. 

Мошне важно за поврзувањето на Македонија2025 со мене (и обратно) е тоа што делиме исти цели и иста мисија. Мојот извор на мотивација и на инспирација е токму подобрување на животот на граѓаните, и во економска смисла, но и во смисла на квалитет на живот. Токму поради тоа сметам дека сум привилегирана што ќе ја извршувам оваа важна функција и што ќе продолжам да го надградувам она што досега е сработено. Имам огромна поддршка од Одборот, прекрасни луѓе, големи професионалци, успешни луѓе на кои сум им мошне благодарна што одвојуваат време, енергија и финансиски средства за поддршка на нашава земја.

ЕБ: Како Вие би ја опишале Македонија2025?

Н. Мојсоска Блажевски: Македонија2025 е непрофитна и економски фокусирана организација, целосно аполитична, чија мисија е да помогнеме во создавање на просперитетна економска клима и посилна нација со што ќе придонесеме кон подобри можности за граѓаните, за компаниите и за странските инвеститори. Организацијата поддржува одржлив економски развој преку поттикнување на конкурентноста, на иновациите, на претприемништвото и на лидерството базирано на вредности. Организацијата функционира како тинк-тенк организација, односно Think (мисли) дел кој се базира на подготовка на објективни истражувања и анализи, и отворање на јавни дебати за економски важни прашања, и Do (дејствувај) дел во кој спроведуваме активности, програми и проекти во согласност со нашата мисија и нашите анализи.

Организацијата е раководена од Управен одбор (или Одбор на директори) во кој во моментов членуваат 16 директори, а програмите и активностите се спроведуваат преку Извршна канцеларија со седиште во Скопје. Во моментов канцеларијата брои 8 вработени. Организацијата се финансира од членарина на членовите на Одборот, како и донации и спонзорства. Притоа би напоменала дека 100 % од донациите и од спонзорствата се наменети за спроведување на нашите активности и програми. Како посебна организациска форма на Македонија2025 функционира и т.н. Клуб на амбасадори, релативно млади македонски професионалци низ светот и во земјава кои се поврзуваат со нашата мисија и кои безрезервно ни даваат поддршка во неколку сегменти, како на пример поврзување на македонски компании со странски заради извоз или инвестирање, организација на бизнис-форуми низ светот и слично.

Македонија2025 е позиционирана како партнер на компаниите и на коморите, на Владата и на сите институции и невладини организации кои имаат слична мисија на нашата. Сметаме дека само со здружување на нашите ресурси ќе ги постигнеме саканите ефекти.

 

ЕБ:  Македонија2025 успешно се етаблираше во нашево општество.

Н. Мојсоска Блажевски: Македонија2025 неодамна одбележa 10-годишнина од своето основање и постоење. Во овие 10 години организацијата израсна во секоја смисла на зборот. Таа успеа да иницира и да вклучи поголем број на членови на македонската дијаспора во светот, истакнати професионалци и луѓе со широко срце кои имаат иста мисија и силна мотивација за поддршка на економскиот развој на нивната родна земја. Притоа мошне важно е дека организацијата добива и сѐ поголем домашен печат во смисла на членување и на професионалци од земјава. Македонија2025 порасна и во смисла на придонесот кон економскиот развој на земјава преку низа активности, проекти и програми кои ги организира и ги финансира. Сметам дека организацијата стана препознатлив бренд и во земјава (меѓу економската јавност, институциите, Владата, меѓународните економски организации, невладиниот сектор) и во странство меѓу македонската дијаспора.

Но, како што реков, организацијата е основана и е раководена од силно мотивирани лица така што постигнатиот успех во изминативе 10 години е само уште еден силен мотив за многу поголеми идеи и постигнувања. Организацијата влегува во втората деценија од своето постоење со големи амбиции и очекувања, што се одрази и во промената во менаџерскиот тим. Имено, за првпат се назначи главен извршен директор како нова функција во Македонија 2025 и како личност која професионално ќе ја води и ќе ја издигне организацијата на уште повисоко ниво. Кога велам на повисоко ниво, ве молам имајте на ум дека мислам на поголема поддршка кон економскиот развој на земјава и животниот стандард на граѓаните. Како што знаете, оваа функција ми е доверена мене, што за мене претставува голема чест, привилегија, но и огромна одговорност и кон Одборот на директори, кон сите наши донатори и партнери, и кон земјава и граѓаните.

Истовремено оваа година се случи и редовна ротација на претседавачот на Управниот одбор. Имено, по четиригодишен мандат на Роберт Арсов како претседавач на Управниот одбор на Македонија2025, на чело на Одборот стапи Вера Ставроф. Г-ѓа Ставроф е претседател и главен извршен директор на Хербал сајанс инк. (HerbalScience, Inc.) од Колумбус, Охајо, САД, како и член на Одборот на директори од 2012 година.

 

ЕБ: Што ги карактеризира досегашните активности на Македонија2025?

Н. Мојсоска Блажевски: Најпрво би кажала дека Македонија2025 се базира на пет стратешки цели кои претставуваат основа за сите наши активности. Тоа се:

– Забрзување на економскиот развој, што вклучува поддршка на конкурентноста на економијата, привлекување странски директни инвестиции, поддршка на претприемништвото и раст на македонските компании.

– Поддршка на лидерството и претприемништвото преку спроведување образовни програми.

–  Да создадеме можности за поврзување и за јакнење на меѓусебните врски на дијаспората.

–  Застапување на идеалите на транспарентно, демократско и инклузивно општество кое е добро за граѓаните, за економскиот развој и за земјава.

–  Мерење на напредокот преку неколку клучни индикатори, преку т.н. Сумарна табела која го прикажува општиот прогрес на земјава и квалитетот на животот.    

Оттука Македонија2025 спроведува и учествува во сите иницијативи, идеи и проекти кои се вклопуваат во овие стратешки цели. Притоа некои од нашите активности се повеќе видливи и мерливи, односно познати на јавноста, а некои се сепак потскриени, но сепак успешни. Мислам дека во моментов асоцијацијата на јавноста за нашата организација е Самитот Македонија2025, годишниот настан кој го организираме веќе 7 години по ред. Сметам дека досега имаме направено многу и постигнати се одлични резултати. Имено, од 2008 година до денес организацијата има инвестирано 1 милион долари во програмите за лидерски развој со кои има извршено позитивно влијание врз повеќе од 500 претприемачи и менаџери. Исто така имплементирани се и бројни програми за економски развој во вкупна вредност од 3 милиони долари меѓу кои програми за зголемен извоз, трговски мисии, деловни конференции итн. Клучниот настан – Самитот Македонија 2025 низ годините брои над 2 500 посетители и повеќе од 400 говорници од светот со што стана најголема платформа за вмрежување и соработка со цел забрзан развој на бизнисите во Македонија и во регионот.

 

ЕБ: Активностите поврзани со образованието досега претставуваа значаен сегмент на Македонија2025.

Н. Мососка Блажевски: Би рекла дека во моментов најголем дел од нашите активности се фокусирани кон образованието и лидерскиот развој. Во овој домен имплементираме (и финансираме) неколку програми. Програмата за развој на извршни директори на Келог школата за менаџмент која е финансирана од нашиот член на Одборот и соосновач Мајк Зафировски досега ја посетиле извршни директори од најпознатите и најбрзорастечките македонски компании. Досега околу 30 македонски топ менаџери беа дел од Студиската тура за извршни директори во соработка со Шулич центарот за едукација на Јорк универзитетот во Торонто. Во рамките на проектот „Лидер“ преку 400 млади претприемачи до сега беа вклучени во 10-дневна обука за развивање на лидерските вештини, која се одвива во Македонија, од страна на предавачи од Ајви бизнис школата од Канада. Една од новите програми кои се фокусираат на развој на домашните компании е Програмата на семејството Битов (соосновач на Македонија 2025) во соработка со Канадската организација за услуги од извршни директори. Преку оваа програма, поранешни извршни директори од Канада, кои сега се пензионирани, ги посетуваат и ги советуваат македонските претпријатија без никаков надоместок.    

И покрај сето ова, често прашање кое го добиваат членовите на Одборот од македонските новинари и медиуми е колку вие сте инвестирале во земјава. Она што го наведов горе е само дел од нивната поддршка и инвестиции, делот кој се реализира преку Македонија2025. Но, дел од нивната поддршка и инвестиции се одвиваат директно во македонските компании или преку организации за поддршка на претприемачи итн. Но, тој дел е на лична основа и не би го коментирала јас.

ЕБ: Како ја гледате Вие иднината на Македонија2025? Дали организацијата оди на нова патека, со нови идеи?

Н. Мојсоска Блажевски: Најпрво мора да напоменам дека Македонија2025 има уникатна позиција во однос на другите невладини организации во смисла на мисијата и на ресурсите со кои располага. Моето сфаќање на поимот „ресурси“ е во чиста економска смисла, односно многу пошироко од разбирање на ресурсите како финансиски средства. За мене најголем ресурс на Македонија2025 е нејзиниот Одбор на директори, односно нивното знаење, познанства, позицијата во нивните општества и во професионалниот свет, во глобални рамки. Е, тоа е огромен ресурс кој треба паметно да се искористи. Тие се наши вистински амбасадори низ светот. Во услови на голема ликвидност во македонскиот финансиски сектор и непласирани средства на банките сметам дека е многу лаички и потценето да го гледаме Одборот или организацијата само како финансиер.          

Ова ме води кон одговорот на прашањето. Би рекла, најопшто, дека мојата цел е да го зголемиме значително импактот на организацијата кон создавање на просперитетна и напредна држава за нејзините граѓани. За да го постигнеме тоа клучно е поврзување на Македонија2025 со сите потенцијални партнери, од други невладини организации, економски и образовни институции, комори, Владата итн. 
 

ЕБ: Кои се Вашите конкретни планови?

Н. Мојсоска Блажевски: На краток рок, односно во 2019 и 2020 година, ќе се фокусирам на неколку области. Прво, ќе бидам фокусирана на проширување на нашите партнерства во земјава и странство. Силно верувам во партнерствата заради постигнување повисоки цели. Второ, ќе работам на засилување на капацитетите на извршната канцеларија, главно во делот на аналитички капацитети. Фокусот на нашите истражувања и проекти ќе биде кон областите / темите кои сметаме дека се „засилувачи“ на економскиот развој, односно: квалитетно образование, инвестиции, иновации, демократски слободи, корупција, деловно окружување и животна средина. Трето, ќе продолжиме со реализација на нашите образовни и лидерски програми, а целта ни е да вклучиме што е можно повеќе извршни директори и млади претприемачи од земјава. Четврто, ќе се обидам да го зголемам „гласот“ на организацијата во застапување на интересите на Македонија2025 пред домашната јавност, Владата, институциите, странските организации, за прашања и теми кои се од стратешко значење за земјава. Секако, ќе работиме и кон натамошно подобрување на организацијата и успешноста на нашиот главен настан, самитот. Самитот е одлична платформа за вмрежување на компаниите од земјава и странство, за пренесување на успешни примери и искуства, за презентирање на најдоброто од земјава итн. Но, нашата цел е постојано да го подобруваме самитот, тој да биде релевантен за учесниците и за партнерите. Во таа насока имаме интересни планови за самитот во 2019 година.       

Оваа година ќе работиме и на изградба на нова 5-годишна стратегија на организацијата. Таа, повторно, ќе биде базирана на нашите стратешки цели. Во процесот на подготовка на стратегијата ќе имаме средби со цел да добиеме инпути од клучните партнери во земјава, почнувајќи од Владата, нашите донатори, коморите, меѓународните организации, невладините организации и сите други организации и институции со кои имаме слична мисија и цели. Нашите планови за иднината се големи, вклучуваат имплементација на нови програми, значајни проекти и партнерства со силни меѓународни институции.

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2019 година) 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top