Интервјуа
АКО ТИ Е ТРКАЛЕЗЕН КРУГОТ – НИШТО НЕ СИ НАУЧИЛ ВО ЖИВОТОТ

Милчо Манчевски
режисер кој му пркоси на конвенционалното

Затворен во скопското студио „Пигменто“, каде што се одвива постпродукцијата на неговиот најнов долгометражен игран филм „Врба“, најде време да размениме мислења за она што го создава повеќе од четврт век. Снимањето на филмот помина беспрекорно, а и монтажата се одвива во тивка, но во крајно посветена и професионална атмосфера. Како што вели и самиот, овој филм има среќен крај повеќе одошто кој било негов филм досега, иако цело време низ приказната има некое чувство на неподнослива леснотија на тагата.

Кога работите филм и самиот велите дека се почнува со некое чувство, а не со порака или идеја. За „Пред дождот“ тоа беше чувство на мачнина во устата, како пред олуја... За „Прашина“ чувство на радост кон животот помешано со тага, како она „Каде ти оди гласот кога повеќе те нема“... Во „Сенки“ сакавте да се разберете со мртовци, да се соочите со табуа, а сексот и смртта се главни табуа. Тогаш, какво чувство имавте пред да го снимите „Врба“?

М. Манчевски: Уф, ова е многу добро прашање. Некое чувство на едноставна тага. Неподнослива леснотија на тагата. Без комплицирање, директно, базично, човечко. А, од друга страна, филмот има среќен крај повеќе одошто кој било мој филм досега.

Вие со секој филм пробувате нешто ново. Проблемот е што домашната публика по „Пред дождот“ сè уште очекува уште еден таков филм. Има ли чаре како да се стопира овој тренд на очекувања?

М. Манчевски: Нема. Се надевам еден ден публиката ќе се навикне на фактот дека секој мој филм е различен од претходните и тоа е единственото нешто што ги спојува – покрај мојот генерален сензибилитет како автор. Уметникот – барем по мое скромно мислење – цел век истражува и си игра, и експериментира, и греши, и открива, и се радува. Некој беше кажал дека во уметноста постојат само револуционерни дела и копии, ништо друго. И онака е здодевно постојано еден ист филм да правиш, со варијации. Во тој случај го работиш ова само за пари или за слава, а не оти те интересира уметноста или медиумот. И гледачот повеќе ужива ако доаѓа без предрасуда, ако се отвори кон ново дело – ќе му се разубави денот. Јас многу ја почитувам публиката, ама мојот однос е со самото дело, а не со публиката, критиката или историјата. Очекувањата на публиката не играат голема улога во она што го работам – врската на уметникот со публиката и со критиката е иста како врската на магарето со зоологот.

Па да, видете само низ колку фази поминале Пикасо, Раушенберг или вашиот миленик Милош Форман, кој практично се реизмисли себе како автор откако од Чехословачка се пресели во Америка. Не сте од оние креативци кои, уплашени од неуспех, постојано го повторуваат истиот филм. Сакате да поигрувате со конвенцијата, нели?

М. Манчевски: Да, уметноста бара непочитување. Креативно непочитување на нормите и на стандардите – за да се создадат поубаво дело, подобри норми и стандарди. Инаку би тапкале во место. Од друга страна, моето постојано преиспитување и поигрување со конвенцијата е само илустрација на мојата голема почит кон неа. Таа треба да биде поткрепа, а не перница што ќе те задуши. Кога се создава ново дело, тоа по дефиниција е различно. И носи радост и насмевка. И нов правец во уметноста и ново размислување за стварноста, за човекот, за сфаќањата.

Можеби има една алка која ги врзува вашите филмови, а тоа е потребата од експресија преку бои, како кај фовистите. И не мислам само во буквална смисла кога велам боја, повеќе типувам на симболизмот во вашите дела, кој неретко се протнува низ сликите. Сакате мимикриски елементи, кога гледачот ќе може, колку и да се различни вашите филмови, сепак да го препознае вашиот потпис.

М. Манчевски: Не е тоа работа на сакање, туку е едноставно така – како уметник и како човек се изразувам на оној начин што ми е најсоодветен или најубав. Имаш дијалог со делото, дел од правењето уметност е инстинктивен, дел е свесен, и методот произлегува од тој дијалог со делото, од креативниот процес. Не е осмислен однапред, не е калкулиран. Природен е, ама има сличности затоа што сите филмови настанале во исто срце. Ми текнува дека кога се подготвував да го снимам „Пред дождот“ го прашав Душан Макавејев што мисли за мојата идеја да го работам филмот во долги, елегантни, спори (да не кажам претенциозни) кадри, а тој најдиректно ми одговори: „Па, кој ќе го гледа тоа?“

„ПРЕД ДОЖДОТ“ ЖИВЕЕ И ПО ЧЕТВРТ ВЕК

Поминаа 25 години од „Пред дождот“. Дали за ова поминато време кругот сè уште не е тркалезен? За времето знам дека никогаш не умира...

М. Манчевски: Се разбира. Ако ти е тркалезен кругот – значи ништо не си научил во животот.

Сè уште се зборува за овој филм. Еве неодамна ја добивте наградата Истерн стар (Eastern star) на Триесте (Trieste) филмскиот фестивал во Италија и во ваша чест беше прикажан пред преполна сала. А самото снимање на „Пред дождот“ беше феномен сам по себе. Фактот дека Бритиш скрин го поддржа филмот покрај Франција и Македонија, во време кога земјава немаше дипломатски односи со Велика Британија, е уште поголем куриозитет. Како размислувате од оваа временска дистанца?

М. Манчевски: Убаво е кога ќе сретнеш луѓе кои го сакаат филмот дури и по четврт век. Има нешто трогателно, ама и топло во тоа – некој непознат те познава, па дури и на некој начин сака дел од тебе. Секогаш се засрамувам, од убаво. Затоа што луѓево не велат „Добар ти е филмот“, туку „Го сакам овој филм“, нешто ги допрело, ги натерало да заплачат и го паметат со години. Пред дваесетина дена ми пријде гледач во Трст и ми вели: „Го гледав филмот кога се појави пред 25 години и го паметам само чувството, ништо друго. Вечерва го гледав пак и повторно ме обзема истото чувство“. Ми се случува луѓе да се потресат кога ќе откријат дека јас сум авторот на нивниот омилен филм – луѓе од Шангај или од Перу... Емоцијата преживеала четврт век и тоа во светот. Да се надоврзам – да, имам едно писмо од директорот на Бритиш скрин во кое се обраќа до Министерството за култура од име на Велика Британија ословувајќи ја земјава под уставното име, и тоа во време кога Британија сѐ уште нема дипломатски односи со Македонија. Процесот на правење на тој филм беше исклучително тежок затоа што многу малку луѓе веруваа во филмот. Бритиш скрин ја молеше Македонија да учествува во проектот. Британија беше прв и најголем инвеститор, а директорот на Бритиш скрин дури бараше специјална дозвола од нивниот Борд да вложи дополнителни пари затоа што во еден момент – на две недели по почетокот на снимањето – филмот беше пред финансиски колапс. Македонија се повлече од филмот за време на подготовките и се врати дури пред крај на снимањето. Ние снимавме британско-француски филм, со екипа од 13 држави, а македонската држава не беше вклучена. Во целина, ако некој сака да биде педантен, ќе заклучи дека вкупниот буџет на сите мои играни филмови досега е финансиран со околу 83 проценти од странски извори, а 17 проценти од македонската држава.

Вашите филмови се изучуваат во над стотина универзитети низ светот, ги има во колекциите на исто толку кинотеки и во колекцијата на Критерион, Њујорк тајмс го вброи „Пред дождот“ меѓу 1 000 најдобри филмови на сите времиња... Ја лансиравте земјава во светот, донесовте еден куп светски филмаџии во земјава и им дадовте шанса на уште поголем број македонски уметници да работат на филм. И пак некој во Скопје ќе искриви „фаца“ кога ќе се спомене вашето име. Е како така?

М. Манчевски: Од кај да знам? Прашајте го него. Неговата „фаца“ останува искривена, мојата е насмеана.


Манчевски заедно со Ванчо Мираковски, сопственик на студиото „Пигменто“ каде се одвива монтажата на филмот

МОЌТА И СПОСОБНОСТА НЕ ОДАТ СЕКОГАШ ЗАЕДНО

Средината во која живееме има неодминлива потреба да ги позиционира луѓето во некаква политичка групација. Ако некој има свој автентичен став, ако не можат да го „сместат“ во некоја од групите, тогаш тој предизвикува нелагодност, непријатност. Има ли спас од постојнава тешка политизација на земјава?

М. Манчевски: Ќе треба уште неколку генерации, ако воопшто се промени. Племенското здружување – сеедно дали по етничка, религиозна или партиска линија – е многу атрактивно кај кукавици во примитивни средини затоа што на тој начин единката може да се скрие зад колективните ставови, да не сноси одговорност. За жал, тоа не е случај само во Македонија – племенската поделба до атавизам ја расцепи и Америка (иако се надевам дека по следните избори во 2020 година полека ќе почне да зараснува таа рана) и Британија, и други делови од светот. Луѓе сметаат дека зад племенската припадност можат да ги скријат сопствениот кукавичлук, неспособност, лакомост, глупост... Јас не припаѓам на племиња и повеќе пати ми беше префрлано тоа што сметам дека поделбата на наша банда и ваша банда е погубно за секоја модерна заедница. Ја имав таа чест во Македонија да ме плукаат политичари и платени новинари и од едната и од другата страна, а и да ми нудат министерски места и едните и другите. Денес ми е најубаво што сѐ уште, по сиве овие години, стојам зад секоја моја изјава, секое интервју, секоја снимена секунда што сум ја потпишал, дури и тие дела што беа забранети.

Државниот буџет за филмска уметност годинава е намален во однос на претходните години. Едновремено домашен документарец добива светско признание на Санденс фестивалот и македонски уметници го свртеа вниманието на себе на годинашното Берлинале. Како ги објаснувате овие парадокси?

М. Манчевски: Не се ова најголеми парадокси кај нас – погледнете ни ги тротоарите, воздухот, болниците или судовите. Ама факт е дека ниедна друга македонска уметност или гранка на културата – со ептен ретки исклучоци – ни приближно нема постигнато такви меѓународни успеси како филмот. Каде се Златниот лав или номинацијата за Оскар во некоја друга уметност во Македонија? За жал, има пакосни сплеткари глорификувани во советници во Министерството за култура на кои злоба им „тече“ од уши, па успеваат да осакатат цели гранки на културата. Претходниот директор на Филмскиот фонд е одговорен за еден криминален, садистички и неписмен закон за филм (како и за кражба на пари од Советот на Европа преку Еуроимаж), ама и за малтретирање на цела една фела, дури и со пренаменување на филмски пари за други дејности.

Како да се создаде посветла иднина за македонскиот филм, a тоа да биде одржливо на подолг рок?

М. Манчевски: Како и сѐ друго – со одговорна работа, способни луѓе и личен пример. За жал, често пати моќта и способноста не одат заедно.

Постои ли демократизација на филмот денес во светот и кои трендови доминираат?

М. Манчевски: Полесно е да се сними филм денес одошто пред 30 години. Техниката е достапна секому. Меѓутоа, во дистрибуцијата сѐ уште има тесно грло. И не сум сигурен дека демократизацијата донесе квалитет. Не гледам дека 21 век и демократизираниот медиум создале нов Бергман или Фасбиндер. Уметноста се создава во срцето, а не во камерата.
Ќе исчезнат ли малите секојдневни филмски приказни пред налетот на филмовите во кои главна улога играат специјалните визуелни ефекти и одбраната на нашата планета од сите можни непријателски настроени вонземјани кои сакаат да ја покорат?

М. Манчевски: Секојдневните приказни и интересни сценарија ќе продолжат да виреат во европскиот, азискиот, јужноамериканскиот филм и во британски, американски и скандинавски ТВ - серии. Денешните серии, од „Сопранови“ наваму, се поинтересни од филмовите поради поголемата слобода во сценаријата. Најзаслужен за тоа е каналот ХБО (HBO) кој беше пионер во снимање вакви серии.

пишува: Ивана Тасев
фото: Александар Ивановски и приватна архива
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top