Општество
ПРЕТСЕДАТЕЛ ВО „ТЕСНА КРОЈКА“

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Првите претседателски избори во Република Северна Македонија може да се и последните. Дури и да не бидат последните, тие секако ќе бидат најнепотребните избори кои сме ги имале досега. Освен личните амбиции на потенцијалните кандидати да седнат на Водно и личната потреба на лидерот на најголемата опозициска партија да избегне внатрепартиски импичмент и да се обиде долгорочно да се зацврсти на тронот, се чини дека никого друг не го интересираат изборите и политичко-општествените последици од нив. Но, политичко-општествени последици од овие претседателски избори ќе има, некои од нив можеби и ќе го редефинираат политичкиот систем во кој живеевме до сега...

1 Победникот на овие избори ќе биде барем еднакво оспоруван од другата страна, како и сите претходни претседатели кои сме ги имале. Интересно е да се забележи дека во 30-годишната историја на државава многу поретко биле де факто оспорувани победите на парламентарните или локалните избори отколку на претседателските избори. Така, освен бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг на парламентарните избори во 1994 година, бојкот кој и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и државата скапо го плати, ниедна опозиција не останала (долго) надвор од Парламентот. Вербални оспорувања и повремени опструкции имаше постојано, но сепак политичкиот процес течеше релативно коректно. Од друга страна, секој претседател на Република Македонија беше жестоко оспоруван, негиран и игнориран од другата страна. Причината за тоа е двојна. Прво, секој македонски претседател е избран во вториот круг со дубиозна поддршка на албанскиот фактор, поддршка која никако и никогаш не се темелела на преференции на албанските гласачи, туку била исклучиво водена од лукративни и „пазарџиски“ логики. Второ, претседателот на државата е единка (наспроти плуралноста на политичките партии) и е релативно бенигна фигура по својата моќ и позиција во политичкиот систем. Напаѓањето и оспорувањето на една личност е полесно и помалку чини политички отколку напаѓањето и оспорувањето на цела политичка класа која е на власт.

2 Природата на политичката игра во државата претпоставува консензуални елементи на владеење каде што македонските и албанските партии се зависни едните од другите. Но, ваквата меѓусебна зависност особено грдо се прекршува при изборот на претседател на државата. Едноставно кажано и без никакви предрасуди, албанскиот фактор станува премногу комплициран во таквиот избор, и за себе и за другите. Претседателот (секогаш досега етнички Македонец) редовно е избиран со дополнителен и нужен „бонус“ од етнички албански гласови. Но, природата на таквиот избор, имено партиските договарања и политичките пазари, го прави претседателот неотчетен и необѕирен кон „бонусот“. Така актуелниот претседател беше на двапати избран со поддршка на албанските гласачи (ДУИ), но тој отворено и често застануваше против албанските политички барања, дури и немилосрдно ги блокираше. Ваквата поставеност невозможно е да не остава горчлив вкус кај етничките Албанци кои морале (иако не сакале) да го поддржат таквиот претседател. Тоа многу добро го знае и самопрогласениот лидер на сите Албанци во Македонија, господинот Али Ахмети. И затоа бара консензуален кандидат за да ја затскрие грдата улога која му е доделена секојпат на албанскиот фактор, а тоа е да избере претседател кој гласачите Албанци најчесто не го прифаќаат за свој и преку бирањето на таков претседател се соголува вистинската (приземно лукративна) причина за поддршката на Албанците.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА ПОСЕДУВА ВИСОК ЛЕГИТИМИТЕТ И ИСТОВРЕМЕНО СКРОМНИ УСТАВНО ДАДЕНИ МОЌИ. ВАКВАТА (НАМЕРНА) НЕДОРЕЧЕНОСТ ВО УСТАВОТ СОЗДАВА НЕПРИЈАТНА ПОЛИТИЧКА ПРАКСА. ИЗБРАН ОД ВИСОКО МНОЗИНСТВО НА ГЛАСАЧИ (400, ПОНЕКОГАШ 500 ИЛЈАДИ ГЛАСОВИ), ТОЈ Е НЕМОЌЕН ДА СЕ „ИСКАЖЕ“ ВО ПОЛИТИЧКА СМИСЛА. ТОЈ НИКОГАШ НЕМА ДОВОЛНО СИЛА ДА ГИ ИСПОЛНИ ДАДЕНИТЕ ВЕТУВАЊА ВО ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА, НЕМА МОЖНОСТ ДА МУ ЗАСТАНЕ НА ПАТОТ НА ВЛАДЕЈАЧКОТО МНОЗИНСТВО (ШТО БИ БИЛО КЛАСИЧЕН CHECK-AND-BALANCES), А ГОЛЕМИОТ БРОЈ ГЛАСАЧИ КОИ ГО ИЗБРАЛЕ СО ПРАВО ОЧЕКУВААТ ПОВЕЌЕ „ВРЕДНОСТ ЗА ПАРИТЕ“

3 Претседателот на државата поседува висок легитимитет и истовремено скромни уставно дадени моќи. Ваквата (намерна) недореченост во Уставот создава непријатна политичка пракса. Избран од високо мнозинство на гласачи (400, понекогаш 500 илјади гласови), тој е немоќен да се „искаже“ во политичка смисла. Тој никогаш нема доволно сила да ги исполни дадените ветувања во предизборната кампања, нема можност да му застане на патот на владејачкото мнозинство (што би било класичен check-and-balances), а големиот број гласачи кои го избрале со право очекуваат повеќе „вредност за парите“. За него Уставот е претесно скроен. Овој аргумент со право укажува дека претседателот на државата е несоодветно вграден во нашиот политички систем.

Претседателот на државата понекогаш си дава морално и политичко право (најмногу поради високиот легитимитет стекнат на изборите) да оди отаде неговите надлежности. Така актуелниот претседател, долго оспоруван од политичкиот претставник како безгласна буква, послушник на премиерот, вид цвеќе и слично, всушност е претседател кој повеќе од сите свои претходници ги искористил дадените права и ја практикувал својата моќ. И тоа не е спорно, но спорно е што тој отиде и отаде своите права и создаде големи преседани за време на неговиот последен мандат. Аболицијата во 2016 година, одбивањето на мандаторот да му даде мандат на мандатарот врз основа на политички преференции од типот неприфаќање на т.н. Тиранска платформа, како и непотпишувањето на Законот за јазиците и Договорот од Преспа се трите најважни политичко-правни настани кои ги обележаа изминативе години и ја превртија политичката сцена наглавечки. Ова еластично толкување на уставните прерогативи на претседателот од него направи моќна фигура во десниот простор, но и најконтроверзен политички играч за поширокото граѓанство и особено за странскиот фактор. Мандатот на актуелниот претседател и недореченостите во Уставот со кои тој обилно се служеше создава можност за понатамошни преседани од страна на неговиот наследник. Без разлика како би се толкувале ваквите можни преседани, овој тип политички поведенија создаваат несигурност во правниот систем, особено кога доаѓаат од толку високо место во политичката хиерархија.

***
Од последново произлегува потребата за постабилен и попредвидлив политички систем. Не е страшно младите држави да поминуваат низ разни политички и уставни премрежја и врз основа на добрите или лошите искуства и практики да менуваат или да адаптираат делови од системот. Тоа е потреба на граѓаните кои живеат тука, но и обврска на носителите на политичките процеси. Дополнително, со влегувањето на државава во НАТО и отворањето на патот кон Европската Унија ќе се јави и потреба за поголема стабилност и отпорност на системот визави нашите партнери и обврските и привилегиите кои ги очекуваме од претстојните интеграции. Зрели држави и зрели раководства мислат на овие работи со време и ги прават навремено.
Првиот скромен, но важен чекор во оваа насока ќе биде најавеното централизирање на разузнувачките служби под капата на Владата и де факто одземањето на ингеренциите на претседателот во однос на Агенцијата за разузнување. Овој модел, по теркот на многу европски држави, би требало да создаде повисока координација на разузнувачката заедница и избегнување на можните тензии меѓу извршната власт и претседателот во оваа важна и деликатна сфера. Но, тоа е само еден мал сегмент од промените кои би можеле да нè очекуваат по претседателските избори.
Доколку повторно се јават проблеми при изборот на следниот претседател, можна е потемелна реконструкција на системот. Такви можни проблеми се да не се оствари превидениот цензус во вториот круг од 40 проценти доколку опозицијата одлучи да бојкотира или пак повторни тензии во вториот круг со вештачко вбризгување на гласачи од страна на албанските партии. Третата можност е албанските партии да не покажат особена волја за поддршка на еден од кандидатите во вториот круг и со тоа де факто да направат влез во уставна криза со крајна цел редефинирање на политичкиот систем.

Кои се можните опции при генерирање нова криза?
Првата опција, веројатно наједноставната, е снижување на цензусот од 40 на 30 проценти со цел полесно избирање на претседателот. Ваквиот намален цензус ќе значи и намален легитимитет на претседателот или легитимитет кој повеќе ќе соодветствува со уставните надлежности на претседателот. Ова веројатно нема да ги реши сите проблеми со кои се соочувавме во минатото, а самата политичка фигура наречена претседател ќе ја направи уште поневажна.
Втората опција е започнување на постапка за менување на Уставот и отворање на можноста за избор на претседател во Парламентот. Во мултиетничко општество какво што е македонското, овој модел отвора неколку прашања. Прво, дали тој избор би се вршел со висококвалификувано мнозинство (2/3 или 3/4) кое ќе подразбира безмалку консензуалност во изборот и неодминливо учество на пратениците од етничка албанска припадност. Потоа, дали во случај на такво „отворање“ на Уставот би се барал и заменик-претседател или потпретседател на државата со некаков вид „врзан потпис“ со претседателот со што државата де факто би влегла во нов стадиум на консензуална демократија со широка лепеза на „право на вето“ на засегнатите страни. Конечно, дали можеби претседателот би се бирал со друг тип „квалификувано“ мнозинство, како во случајот со Германија или со Италија, на пример. Сите овие варијанти и подваријанти ќе го сместат таквиот претседател во рубриката „церемонијал мајстор“ и ништо повеќе, а политичкиот систем би се претворил во чист парламентарен систем. Ваквите уставно-правни турбуленции секако би го отвориле и патот кон промена на изборниот систем, нешто за што актуелнава политичка гарнитура се залагаше пред изборите. Последниот можен модел би бил модел во кој институцијата претседател едноставно би исчезнала, би станала непотребен луксуз и уставно би се укинала. Во ваков случај, Парламентот би бил во голема мерка зајакнат и би станал вистински центар на моќ во општеството, а претседателот на Парламентот би добил дополнителни прерогативи, би станал „уште поеднаков меѓу еднаквите“, но сепак би бил контролиран од пратениците (за разлика од актуелната поставеност на претседателот на државата во која единствената можност за контрола е импичмент) и од консензуално изгласани потпретседатели на Собранието.
Во зависност од политичките случувања пред, за време и особено по претседателските избори можеби ќе бидеме сведоци на силни уставни турбуленции кои, доколку сме разумни и мудри, би можеле да донесат стабилизација на политичкиот систем во државава.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top