Општество
2018 ГОДИНА НЕ Ѝ ОСТАВА АМА БАШ НИШТО ПАМЕТНО НА 2019 ГОДИНА

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

Ретроспектива

Како се доближува крајот на годинава, две нешта почнуваат да доминираат во јавниот дискурс: едното е заокружување на постигнувањата, премерување на направеното и колку тоа се разликува од очекувањата, сумирање, салдирање, повлекување црта на резултатите – еден вид оценка на годината; и второто е каде за Нова година. За последново, благодарам на прашање – дома со најблиските; за ова другово? – со оглед на инвазијата од анализи кои претстојат, да се обидеме да бидеме што е можно пократки.
Враќајќи се наназад, препрочитувајќи ги анализите правени токму на овие страници, можам да забележам една константа која се провлекува веќе две години наназад, а тоа е дека, онака како што уште тогаш беше предвидено, сите позначајни светски политички настани, случувања и состојби ќе се анализираат низ призмата на ефектот од успешниот БРЕГЗИТ и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Па така, и 2018 година, сакале или не, иако светот е исполнет со политички предизвици како никогаш порано, секој од нив претставува само дел од мозаикот, соодветен аспект на политичката разврска на политичкиот земјотрес од 2016 година.

Минатиот број анализата ја објавивме на неколку недели пред т.н. „Мидтрмс“ (Midterm elections), еден од најважните политички настани што се одржуваат на половина од претседателскиот мандат, каде што на реизбор одат сите членови на Претставничкиот дом, како и една третина од членовите на Сенатот, кои заедно ја претставуваат највисоката легислативна федерална власт во САД – Конгресот. Дополнително, за време на „Мидтрмс“, се избираа и 36 државни гувернери (слично на претседатели во претседателски системи), кои во наредните четири години ќе ја имаат клучната извршна власт низ американските државите. На крајот, за време на „Мидтрмс“ се одржаа и бројни локални избори, за избор на градоначалници и други избрани функционери на локално ниво, кои сè заедно се бројат во илјадници нови функционери. Ова политичко ресетирање го означи правецот во изградбата на политиките низ САД, и имаат силно влијание и врз правецот во кој ќе се движи и генералната политика на Федерацијата, и претставуваат еден вид предвесник на политичките движења во пресрет на претстојните претседателски избори во 2020 година.
Изборите во САД покажаа неколку правци на политичките тенденции кои на некој начин ја пресликуваат политичката состојба и во светот. Таканаречениот „Син бран“ кој голем број аналитичари го очекуваа очигледно се преслика во изборот на конгресмени во Претставничкиот дом со што САД покажаа продлабочување на вкупната квантитативна наклонетост на населението кон Демократската партија и левичарските движења. Успехот, пак, на условно „длабоките“ левичари – континуитет на таканаречениот „фил д‘ брн“ политички бран предизвикан од спектакуларниот успех на сенаторот Берни Сандерс, покажа дека гласачкото тело во урбаните заедници, предводено пред сè од младите и пообразовани делови на населението, имаат потреба од дополнителна артикулација на прогресивните левичарски политики. Тоа секако создава цврста левичарска база за демократите, нешто што секако им недостасуваше, но, пак, од друга страна, создава предизвици за одржување на нивниот однос кон либералниот центар каде што се наоѓа големиот, може да се рече, доминантниот контингент умерени гласачи чии „свингерски“ однос кон политичките егзибиции демократите најдобро го почувствуваа на минатите претседателски избори кои ги изгубија токму поради распоредот на овие гласови.
Но, покрај „Синиот бран“ во Претставничкиот дом, поради начинот на кој се прекроени границите, а и поради самиот факт што на тест беа ставени повеќето сенаторски места кои и досега ги држеа демократите, во трката за сенаторските места се случи и т.н. „Црвен ѕид“. Републиканците не само што ја задржаа туку и ја продлабочија предноста во рамките на Сенатот. Тоа и не беше толку неочекувано, во смисла на квантитет, колку што овие избори покажаа и еден друго квалитативно политичко поместување и кај републиканците. Имено, кандидатите кои „забегаа“ во популизам и национализам успеаја да го јавнат бранот на „трампизам“ кој, иако квантитативно не претставува доминантна политичка опција, фрапира со неговата силина, ексклузивност и благ фанатизам. Овие избори покажаа дека поделбата во десницата е длабока, а дека Трамп успеа да ја наметне својата идеолошка матрица преку дисциплината и агилноста на сопственото гласачко тело. Тоа сериозно отвора дилеми за разврската во американската десница, за кое ќе мора да почекаме уште минимум една година, кога ќе ги сумираме состојбите со нивната претседателска кандидатура, а веројатно за конечната разврска ќе мора да почекаме и до 2020 година и новите претседателски избори.
Судирот на овие два брана во останатите трки, за гувернери, за градоначалници итн., на јавна сцена ја покажа длабоката вредност, политичка и идеолошка поделеност на американското општество, поделеност за која е јасно дека не само што нема можност за конвергенција туку под знак прашање се поставува и меѓусебната комуникација, создавањето услови за паралелна општествена артикулација итн. Во земја како САД, каде што внатрешната миграција е десетократно поголема од Европа, тоа јасно ја исцртува и внатрешната распределба, па условно прогресивните периферни (коуст стејтс) држави имаат прилив на малцинско население, прогресивни поединци итн., додека централните, условно рурални „ред некс“ држави или се празнат или привлекуваат дел од оваа длабоко регресивна општествена структура. На крајот, големите држави како Тексас, Флорида, Аризона итн. покажаа дека се мегданот каде што овие две движења ќе ги „пеглаат“ своите разлики, каде што секоја од овие идеолошки матрици покажаа дека имаат соодветна подлога за натпревар.

А од другата страна на Барата (омилениот европски термин за Атлантикот), Тереза Меј мака мачи да помири идеолошки матрици кои ниту сакаат ниту изгледаат подготвени за какви било компромиси. Кога вие ќе го читате овој текст ќе биде поминат клучниот датум – 11 декември, кога и формално планот на Тереза Меј за таканаречен „Мек Брегзит“ се очекува да биде отфрлен. Деталите за тој план 100 пати се менувани, анализирани и може да се каже банализирани, што ја прави и одлуката на Парламентот, иако суштински важна за процесот, не толку пресудна за општествените, политичките и идеолошките тенденции во Британија. Но, да оставиме дека во моментов на пишување на овој текст тоа и не можеме со сигурност да го тврдиме, општествените состојби сигурно нема да претрпат никаква промена во периодот што претстои. Британија е веројатно единственото општество каде што разликите се уште подлабоки од оние во САД. Не говорам тука за суштинските аналитични разлики, тие во САД се мултиплицирани како поради големината на конфедерацијата, така и поради длабоко измешаниот состав; повеќе говорам за непремостливоста на разликите, што укажува на уште подлабока политичка криза. Уште една споредба со САД – тие освен големината и диверзифицираноста, претставуваат и во одредена смисла прагматично „брзо“ општество каде што политичките егзибиции (пример Трамп) јавноста брзо ги става на тест, ги проверува очекувањата и може за кратко дијаметрално да ги смени своите политички преференции влегувајќи во нова егзибиција. На крајот на краиштата, тоа е и одреден историски континуитет на американското компетитивно општество, да граби напред, да предводи, но, за жал, сето тоа врз себе да го тестира.
Да се вратиме назад на Британија. Таму е во тек БРЕГЗИТ-финалето во кое и последниот обид за каков-таков разум, решението кое премиерката Тереза Меј го „избоксува“ со ЕУ, е пред целосен колапс. Всушност решението на Меј и суштински не е добро, туку буквално се работи за каков-
-таков компромис кој малку од малку ќе ја заштити од распад Британската Империја. Всушност, неуспехот на Меј се должи и на самиот факт што таа, како претходен приврзаник на „Римејн“, се обидува евтино (со доза на популизам) да ги „превесла хардлајнерите“ и наместо суштински да спроведе условно виртуелен БРЕГЗИТ. Објавувањето на мериторниот правен совет (формален документ на британската влада составен од врвните правни власти) всушност на дело ја покажува заложбата на Меј да го одолговлечи фактичкото спроведување на БРЕГЗИТ, т. е. да го постави Обединетото Кралство во позиција да не може да ја напушти Европската Унија без целосна согласност од самата Унија. Деталите за овој британски „Гордиев јазол“ ги опишувавме пред неколку месеци исто така на овие страници и токму ирското прашање уште тогаш го ставивме како најголем тест на зрелоста од кого постои опасност целосно „да се сопне“ британското општество.
Во суштина Британија покажува идеолошка поделба по сите основи и низ целиот политички спектар. Она што на времето го анализиравме како „корбиноманија“ кај левицата, нивното радикално и егзибиционистичко „зебегување“ во лево, БРЕГЗИТ го засили кај десницата, па така целата Конзервативна партија, иако доминантно е сè уште умерена десница, е во одреден вид заложништво на фундаментализмот и цврстината на „хардлајнерите“ кои со својата упорност не дозволуваат никаков компромис. Речиси и да нема британски аналитичар кој не предвидува нови предвремени парламентарни избори во Британија во 2019 година, а 9/10 од нив не предвидуваат некои суштински промени на британското општество.
Ако се навратам уште наназад по текстовите оваа година, гледам дека анализирајќи ги и сите останати движења: политичкиот преврат во Италија, цврстината на Орбан во Унгарија, новото царство на Качињски во Полска, разнишувањето на довербата во ЦДУ-ЦСУ и Меркел во Германија итн., практично секаде го следиме трендот на дивергенција на политичките и идеолошките матрици. Поделбата повторно стапува на сцена и во Франција која изгледаше дека го пронајде својот „дијазепам“ во движењето „Ен Марш!“ (Напред!) на Емануел Макрон, чија симпатичност, искреност и упорност дејствуваа отрезнувачки за зачмаеноста на двете големи политички групации. Во моментов на пишување на овој текст улиците на Париз повторно горат, принудувајќи го Макрон на отстапки во врска со фискалните зафаќања на неговата даночна реформа, решение кое сигурно нема да претставува конечна разрешница на длабоката француска политичка криза. Нервозата во Континентална Европа расте и под самиот притисок на европските избори во Мај 2019 година кога овие идеолошки разлики уште повеќе ќе излезат на површина и ќе создадат нови предизвици во срцето на западната цивилизација.
Да резимирам, поминете си ја убаво Новата година затоа што оваа старава 2018 година не ѝ остава ама баш ништо добро на следната 2019 година, па за евентуален успех не е доволно само него да си го посакаме, туку едноставно ќе мора светот малку да отвори очи, да се соочи и евентуално и да се помачи.

(Економија и бизнис, печатено издание, декмври 2018/јануари 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top