Е-Б-Ф-Б
ДОЦНЕЊЕТО НА ПЛАЌАЊАТА И НЕИСПОЛНУВАЊЕТО НА ОБВРСКИТЕ ЗА ПЛАЌАЊЕ ЈА СТАВААТ ВО РИЗИК ЕГЗИСТЕНЦИЈАТА НА ПРЕТПРИЕМАЧИТЕ

Верица Хаџи-Смилевска
Авторот е раководител на оддел за деловно планирање и развој, ЕОЅ Матрих Македонија

Платежни практики во Европа

Постои позитивен тренд во подготвеноста на клиентите за навремено плаќање низ цела Европа, но сепак има простор за подобрување бидејќи кај секоја петта издадена фактура се забележува доцнење на плаќањето. Доцнењето на плаќањата и неисполнувањето на обврските за плаќање претставуваат егзистенцијална закана за некои европски компании. Ова е заклучокот на истражувањето на ЕОС (ЕОЅ) „Европски платежни практики“ од 2018 година.
Секоја година, во последниве 11 по ред, Групацијата ЕОС (ЕОЅ) заедно со независниот институт за истражување на пазарот Кантар ТНС (порано ТНС Инфратест) од Германија го спроведува „Истражувањето на европските платежни практики“ кое ги опфаќа европските компании. Истражувањето оваа година (2018) покажува позитивни трендови за Европа во споредба со минатата година и го потврдува петгодишниот тренд на зголемена подготвеност за навремено плаќање. Истражувањето покажува дека во 2018 година, 79 отсто од сметките се платени навреме во споредба со 75 отсто во 2014 година. Сепак, генерално низ цела Европа, времето за наплата, иако скратено во однос на 2014 година (време за наплата од 37 дена), сè уште е многу долго, а изнесува во просек 34 дена по издавањето на сметката.
Исто така истражувањето открива дека 18 отсто од фактурите во Европа и понатаму се плаќаат со задоцнување, и тоа во просек 20 дена по датумот на доспевање. Општо земено утврдено е дека земјите од Источна Европа се повеќе погодени од проблемот со задоцнетите плаќања во споредба со земјите од Западна Европа. На пример, во Грција и во Полска само 74 % од сите сметки се платени навреме, во споредба со 85 % во Данска и 82 % во Германија, Швајцарија и Шпанија.
Бидејќи секоја петта фактура не е платена навреме во Европа, доцнењата во плаќањето сѐ уште претставуваат дел од секојдневната работа на компаниите. Причините за доцнењето, според испитаниците опфатени во истражувањето, се разликуваат, од привремени проблеми со готовински приливи (59 %) до намерно неплаќање / измама (34 %) во однос на приватните клиенти, како и дополнителни фактори како што се недостаток на капацитет (40 %), човечка грешка (33 %) или технички причини (27 %) во однос на деловните клиенти. Освен тоа, 3 отсто од сите неплатени сметки во Европа воопшто не се плаќаат при што овој процент е повисок за Балканскиот Регион (4 % за Бугарија и 5 % за Хрватска).

ВО ЕВРОПА СÈ УШТЕ СЕ ПРЕТПОЧИТААТ КОНВЕНЦИОНАЛНИТЕ НАЧИНИ НА ПЛАЌАЊЕ
Европските компании во просек нудат 4.1 опции за плаќање, повеќето од кои се традиционални. Истражувањето на ЕОЅ открива дека само 29 проценти од компаниите нудат современи начини за плаќање. Само 5 отсто нудат мобилно плаќање како опција и иако во светот силно се промовираат криптовалутите, само 1 процент од компаниите ги нудат како опција за плаќање. Дури 91% од компаниите опфатени во истражувањето велат дека воопшто не размислуваат да ги воведат како начин на плаќање во иднина.
Конвенционалните начини на плаќање кои најчесто се користат се банкарските трансфери (82%) и купувањата на сметка (64%) што многу се користат во Западна Европа (73%), но многу помалку во Источна Европа (59%) - иако е најзастапениот начин на плаќање во Полска (90%). Повеќе од една третина од европските компании (39%) сè уште нудат можност за плаќање во готово, при што овој процент е повисок во балканскиот регион (41% во Бугарија и 48% во Хрватска).

Речиси секоја седма компанија во Европа стравува за својот опстанок
Поради доцнењето на плаќањата, многу европски компании се соочуваат со финансиски тешкотии. Истражувањето на ЕОС (ЕОЅ) открива дека загубата на добивка и недостатокот на ликвидност се најчестите ефекти на задоцнетите плаќања кај европските компании. Имено, 42 отсто од сите испитани компании пријавиле намалување на добивката, а 38 отсто се соочувале со проблеми поврзани со паричните текови. Компаниите мораа да преземаат внатрешни мерки за да одговорат на негативните последици од задоцнетите плаќања и неисполнувањето на обврските за плаќање како: намалување на инвестициите (23 %), замрзнување на вработувањата (19 %) и зголемување на цените (18 %). Четиринаесет проценти од испитаните компании велат дека се соочуваат со закана по нивната егзистенција. Овој процент бележи благ пад во споредба со 2017 година кога изнесуваше 17 отсто, но сепак ова сè уште значи дека речиси секоја седма компанија во Европа стравува дека доцнењата во плаќањата може да го загрозат нејзиното постоење, што може да има сериозни економски последици.

Професионалните агенции за наплата на долгови можат да помогнат
Компаниите за наплата на долгови им помагаат на своите клиенти да ги минимизираат доцнењата на плаќањата и неплаќањата на обврските, а исто така осигуруваат дека фирмите порано ќе ги реализираат доспеаните плаќања. На овој начин тие даваат значаен придонес во целокупниот економски циклус. Со зголемувањето на ликвидноста на компаниите и подобрување на капацитетот за иновации, тие ги заштитуваат работните места.
Всушност, дури 37 отсто од сите европски компании соработуваат со компании за наплата на долгови како што е ЕОС (ЕОЅ), кои постигнуваат 9 % од вкупните приходи да се вратат назад во готовинскиот тек на компанијата. Испитаните компании велат дека тогаш ги користат парите за подмирување на обврските (61%), зачувување / создавање нови работни места (47 %), проширување на деловниот сегмент (35 %), истражување и развој (27%) и инвестирање на финансискиот пазар (25 %).
Дури 70 отсто од сите компании во Европа кои користат надворешно управување со побарувањата се согласуваат дека компаниите за наплата на долгови поттикнуваат добри платежни практики во општеството. Професионалните компании за наплата на долгови се сметаат за подобра опција во споредба со внатрешните процеси на наплата на долговите, меѓу другото, и бидејќи се фокусирани само на процесот на наплата, што значи дека ги следат најновите трендови и предизвици во управувањето со побарувањата. На пример, дури 45 проценти од испитаните компании сметаат дека следењето на технолошките промени претставува еден од главните предизвици во областа на управувањето со побарувањата до 2020 година. Другите поважни предизвици се обуката на вработените (48 %), намалувањето на трошоците (49 %), дигитализацијата / автоматизацијата на процесите (43 %), инвестициите во ИТ-решенија (33 %) и големите податоци (28 %). Добрата вест е дека професионалните агенции за наплата веќе инвестираа и сѐ уште инвестираат во своите капацитети за да ги исполнат сите овие предизвици и да одговорат на нив.


За истражувањето на ЕОС (ЕОЅ) „Европски платежни практики“ 2018 г.
Во соработка со независниот институт за истражување на пазарот Кантар ТНС (порано ТНС Инфратест), во пролетта 2018 година ЕОС (EOЅ) спроведе телефонска анкета на 3 400 компании во 17 европски земји за платежните практики во нивните соодветни локации. Двесте компании со годишен обрт од над 5 милиони евра во секоја од земјите Данска, Германија, Велика Британија, Шпанија, Франција, Белгија, Швајцарија, Романија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Бугарија, Словачка, Словенија, Полска, Русија и Грција одговорија на прашањата во врска со нивните искуства со плаќањата, економските случувања во нивните земји и прашања поврзани со управувањето со ризиците и побарувањата. Истражувањето се спроведува единаесетта година по ред. За повеќе резултати од истражувањето посетете ја веб страната: https://de.eos-solutions.com/surveys

Групација ЕОС (ЕОЅ)
Групацијата ЕОС (ЕОЅ) е една од водечките меѓународни компании за финансиски услуги прилагодени на потребите на клиентите. Како специјализирана компанија за евалуација и обработка на побарувања, ЕОС (ЕОЅ) користи нови технологии за да им понуди финансиска сигурност преку паметни услуги на своите 20 000 клиенти во 26 земји. Основна дејност на компанијата е купување на необезбедени и обезбедени портфолија на долгови. Групацијата ЕОС (ЕОЅ) работи во рамките на меѓународна мрежа на партнерски компании со околу 7 500 вработени и повеќе од 60 подружници така што има пристап до ресурси во повеќе од 180 земји во светот. Компанијата првенствено е насочена кон сектори како банкарството, комуналните услуги, недвижностите и електронската трговија.
За повеќе информации посетете ја страницата: www.eos-solutions.com
Поддржано од EOS Matrix



(
Економија и бизнис, печатено издание, декември 2018/јануари2019 година)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top