Општество
ПИСМО НА МАКРОН ДО ГРАЃАНИТЕ НА ЕВРОПА

05.03.2019 година

Граѓани на Европа,

Си земав за слобода да ви се обратам директно, не само во име на историјата и на вредностите што нè обединуваат. Зашто немаме време за губење. За неколку недели, европските избори ќе бидат решавачки за иднината на нашиот континент.

Никогаш од Втората светска војна досега Европа не била толку неопходна. А сепак, Европа никогаш не била толку во опасност.

Брегзитот е симбол за тоа. Симбол на кризата во Европа, која не можеше да ги задоволи потребите за заштита на луѓето наспроти големите удари што ги задаваше современиот свет. Симбол е, исто така, на европската стапица. Но стапицата не е во припадноста кон Европската унија; таа е во лагата и во неодговорноста што може да ја уништат. Дали некој им ја кажа на Британците вистината за нивната иднина по Брегзитот? Дали некој им спомена губење на пристапот до европскиот пазар? Дали некој зборуваше за ризиците по мирот во Ирска со враќање на границата од минатото? Националистичкото повлекување не нуди ништо; само безидејно отфрлање. Таа стапица е закана за цела Европа: тие што се служат со гневот, поддржани од лажните информации, ветуваат сè и сешто.

Соочени со овие манипулации, мора да бидеме силни. Горди и остроумни. Да кажеме прво што е Европа. Тоа е историски успех: помирувањето на уништениот континент, во нов проект за мир, просперитет и слобода. Тоа никогаш да не го заборавиме. Зашто тој проект продолжува да нè заштитува и денес: која земја може да дејствува сама против агресивните стратегии на големите сили? Кој може да тврди дека е суверен, сам, наспроти дигиталните гиганти? Како може да ја издржиме кризата на финансискиот капитализам без еврото, коешто е силата на целата Унија? Европа е исто така во тие илјадници проекти на дневен план кои го сменија ликот на нашите територии, секое реновирано средно училиште, секој изграден пат, па и брзиот пристап до Интернетот што го имаме. Тоа е борба низ секојдневната посветеност, бидејќи Европа како и мирот не е нешто што се стекнува еднаш и трае засекогаш. Во име на Франција, јас се борам без отстапување за Европа да оди напред и да го одбранам нејзиниот модел. Ние покажавме дека она за што ни беше кажано дека е недостижно, како создавањето европска одбрана или заштитата на социјалните права, беше можно.

Но, мора да сториме повеќе, побрзо. Зашто постои и друга стапица, а тоа состојбата на статус кво и одрекување. Соочени со големите удари што се случуваат во светот, граѓаните често пати ќе речат: „Каде е Европа? Што прави Европа? За нив таа се претвори во бездушен пазар. Но,Европа не е само пазар, туку проект. Пазарот е корисен, но не смее да ја замрачува потребата од граници што нè штитат и од вредности кои нè обединуваат. Националистите грешат кога тврдат дека го бранат нашиот идентитет со повлекувањето од Европа; европската цивилизација нè обединува, нè ослободува и нè штити. И оние што не сакаат да ништо да променат, и тие се лажат, зашто ги негираат стравувањата што постојат кај нашите народи, сомнежите што ги поткопуваат нашите демократии. Живееме во клучен момент за нашиот континент; време кога, колективно, ние мора да ги прилагодиме на политички и културолошки план, облиците на нашата цивилизација во светот што се менува. Дојде времето на европската преродба. Затоа, спротивставувајќи се на искушенијата од повлекување и поделби, ви предлагам заедно да ја направиме преродбата низ три зацртани цели: слобода, заштита и напредок.

Да ја одбраниме нашата слобода

Европскиот модел почива врз слободата на човекот, разновидноста на мислењата, на создавањето. Нашата прва слобода е демократската слобода. Да ги избереме тие што нè водат секогаш кога гласаме и кога странските сили се обидуваат да влијаат на нашите гласови. Предлагам да се создаде Европска агенција за заштита на демократијата којашто ќе обезбеди европски експерти во секоја земја-членка да го заштитат нејзиниот изборен процес против сајбер нападите и манипулациите. Во тој дух на независност, ние исто така мора да го забраниме финансирањето на европските политички партии од странски сили . Мора да го забраниме на Интернет со европски закони секој говор на омраза и насилството, бидејќи почитувањето на единката е темел на нашата достоинствена цивилизација.

Да го заштитиме нашиот континент

Заснована врз внатрешното помирување, Европската унија заборави да гледа кон реалноста во светот. Но, ниту една заедница не создава чувство на припадност ако нема граници што ги штити. Границата значи да се биде слободен во безбеден простор. Мора повторно да воведеме ред во Шенген зоната: сите оние кои сакаат да учествуваат мора да ги исполнат обврските за одговорност (строга контрола на границите) и солидарност (иста политика на азил, исти правила на прием и одбивање). Заедничка гранична полиција и канцеларија за европски азил, задолжителна строга контрола, европска солидарност кон која секоја земја ќе придонесува, под надлежност на Европски совет за внатрешна безбедност: соочени со миграциите, верувам во Европа која ги штити и своите вредности и сопствените граници.

Истите барања мора да се однесуваат и на одбраната. Значителен напредок е направен во текот на последните две години, но мора да поставиме јасен курс: да склучиме одбранбен и безбедносен договор кој ќе ги дефинира нашите неопходни обврски, заедно со НАТО и нашите европски сојузници: да се зголеми прагот на воените трошоци, да се воведе клаузула за взаемна оперативна одбрана, да се воспостави Европски совет за безбедност кој го вклучува Обединетото Кралство за да ги подготвиме нашите колективни одлуки.

Нашите граници исто така мора да обезбедат правична конкуренција. Која светска сила би прифатила и понатаму да соработува со оние кои не ги почитуваат ниту сопствените правила? Не можеме да страдаме без да ништо да кажеме. Мора да ја реформираме нашата политика на конкурентност, да ги преиспитаме основите на нашата трговска политика: да ги санкционираме или да ги забраниме во Европа компаниите кои ги поткопуваат нашите стратешки интереси и основни вредности, како што се еколошките стандарди, заштитата на податоците и правичното плаќање даноци; и да обезбедиме, во областа на нашите стратешки индустрии и нашите јавни пазари предност на она што е Европски производ како што прават нашите американски или кинески конкуренти.

Да го вратиме духот на напредокот

Европа не е второстепена велесила. Европа како целина е авангарда: отсекогаш знаела да ги дефинира стандардите на напредокот. За таа цел, Европа мора да понуди проект што обединува пред да се постигне конкурентноста: Европа, каде што е создадено социјалното осигурување, мора да се воспостави за секој работник, од Исток до Запад и од Север до Југ, социјален штит кој ќе гарантира иста плата за истото работно место, како и европска минимална плата, прилагодена на секоја земја и којашто колективно секоја година ќе се утврдува.
Ако сакаме да бидеме во чекор со напредокот, тогаш мора да го преземеме водството и во еколошката борба. Зашто, како ќе им погледнеме на нашите деца во очи, ако не се ослободиме од нашиот климатски долг? Европската унија мора да си постави своја цел - 0 јаглерод во 2050 година, преполовување на пестицидите до 2025 - и да ги прилагоди своите политики кон ова барање: Европска климатска банка за финансирање на еколошката транзиција; Европска здравствена сила за да ја зајакнеме контролата на нашата храна; против заканата од влијателни групи, да се воведе независна научна евалуација на супстанции коишто се опасни за животната средина и здравјето... Овој императив мора да ги води сите наши активности: од Централната банка до Европската комисија, од европскиот буџет до инвестицискиот план за Европа, сите наши институции мора да се грижат за климата.

Напредокот и слободата значи да се биде во можност да се живее од сопствениот труд: за да се создадат работни места, Европа мора однапред да планира. Од таа причина Европа не само што мора да ги регулира дигиталните гиганти, создавајќи Европски надзор на главните платформи (забрзана санкција на нападите врз конкуренцијата, транспарентност на нивните алгоритми...), но, исто така да се финансираат иновациите доделувајќи му на новиот Европски совет за иновации буџет што може да се спореди со оној на Соединетите Американски Држави, за да го преземеме водството во областа на новите технолошки достигнувања, како што е вештачката интелигенција.

Европа којашто е отворено кон светот, мора да се сврти кон Африка, со која мора да изградиме пакт за иднината. Да бидеме свесни дека имаме заедничка иднина, поддржувајќи го нејзиниот развој на амбициозен, а не на дефанзивен начин: инвестиции, универзитетски партнерства, едукација на младите жени...
Слобода, заштита, напредок. Врз овие столбови мора да ја градиме европската преродба. Не може да дозволиме националистите кои немаат решение да го искористат гневот на народот. Не може да бидеме месечари во ослабена Европа. Не може да останеме во рутината и општата замаеност. Европскиот хуманизам бара акција. Насекаде граѓаните бараат да учествуваат во промените. Значи, до крајот на годината, со претставници на европските институции и држави, да организираме конференција за Европа за да ги предложиме сите неопходни промени во нашиот политички проект, без табуа, дури без ревизија на договорите. Оваа конференција треба да вклучи граѓански панели, мислења на академици, да ги вклучи социјалните партнери, како и религиозните и духовните претставници. Таа ќе го одреди патоказот на Европската унија, преточувајќи ги во конкретни активности своите главни приоритети. Ќе има несогласувања, но дали е подобро Европа да остане забетонирана или да ѝ овозможиме да напредува, макар било тоа понекогаш со различни стапки, но притоа да остане отворена за сите?

Во таква Европа народите навистина ќе ја преземат контролата врз својата иднина; уверен сум дека во таква Европа Велика Британија сигурно ќе го пронајде своето место.

Граѓани на Европа, брегзитскиот ќор-сокак е лекција за сите нас. Да излеземе од оваа стапица, да им дадеме значење на претстојните избори и на нашиот проект. На вас е да одлучите дали Европа и вредностите на напредокот што таа ги носи, треба да претставуваат нешто повеќе од обична дигресија во историјата. Ви го нудам овој избор, за заеднички да го трасираме патот кон европската преродба.

Емануел Макрон

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top