Општество
НОВОТО ЛИЦЕ НА АМЕРИКАНСКАТА ЛЕВИЦА

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

Синиот бран на „мидтермс“ доби розова нијанса

Веќе во неколку броеви на Економија и бизнис разврската за БРЕГЗИТ ја оставаме да „крчка“, морам да признаам, со мала доза на сласт, гледајќи ги тамошните „хардлајнери“ како се прпелкаат во својата каша која ја замешаа. Кога анализиравме дека таму состојбата e премногу заплеткана – не ни претпоставував дека воопшто бил можен дупли Гордиев јазол. Буквално, наместо да се отплетка, Обединетото Кралство по толку многу позиции се заплеткува, што веќе никој не се ни обидува релевантно да го предвиди исходот. Да, веројатно најлесно ќе биде одложување на финалето преку обезбедување дополнителен период во кој формално ништо нема да се смени, но познавајќи го исходот од претходното преговарање имам чувство дека дополнителен период во моментов може уште повеќе да ги влоши односите.

А БРЕГЗИТ секако не претставува изолиран политички феномен, туку последица на една суштинска радикализација на општествените ткива од западната цивилизација – вистински репрезент на денешниот Цајтгаст во чие креирање големо влијание имаат лажните вести, националистичката хистерија, радикализмот, фундаментализмот, современите упади од разните центри на моќ итн. За нас од Балканот можеби нормално секојдневие, но елитите од земјите од западната цивилизација тешко се навикнуваат на овој за нив див „антиестаблишмент“ упад.



Тоа што е БРЕГЗИТ за Европа, во САД доби уште погласна и поконтроверзна (но многу помалку опасна) форма со изборот на Доналд Трамп за претседател. Иако со 3 милиони гласови помалку, изборот на Доналд Трамп претставуваше финале на радикализацијата на американското општество кое целосно ја смени политичката траекторија на земјата. Денес, со неприкосновениот „син бран“ на генералните избори (мидтрмс), американските гласачи покажуваа замор и заситеност од оправдувањата за нефункционалноста на администрацијата на Трамп. Овојпат, како одговор на сѐ понагласената радикализација кај целата Републиканска партија, гласовите на демократите се обединија многу полево отколку што сме навикнати, нешто што веројатно беше лесно да се претпостави имајќи го предвид брзиот пробив на демократскиот социјалист – Берни Сандерс.

А таму полево „синиот бран“ добива розова нијанса. Како никогаш порано Конгресот го освојуваат жени претставнички чија жестина, популарност и очигледен потенцијал за политичка гравитација веќе ги поставува контурите за претстојните претседателски избори 2020 година. Формулата со која демократите го испорачаа одговорот на радикализација на десницата претставува дополнително „радикализација“ полево, прифаќајќи ги уште подлабоко прогресивните левичарски вредности на еднаквост, на солидарност, на шареноликост и на диверзификација во секоја смисла (етничка, религиозна итн.), притоа доминацијата на промената дефинитивно ја одбележаа жените демократки.


А како нивна предводничка, и веројатно периодов најголемата ноќна мора на Доналд Трамп е староновата претседавачка со Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, која доаѓа од Калифорнија. Додека го пишувам овој текст, а веројатно и во моментот додека вие го читате, сѐ уште на сила е т.н. „Гасење на Владата“ (Government shutdown), лимитирано финансирање на американската администрација како форма на притисок на претседателот Трамп за политички отстапки од страна на Претставничкиот дом за неговите бесмислени барања за изградба на „ѕидот“. Лажната мажественост на Трамп, изразена преку пренагласениот мачоизам, буквално се распаѓа пред елегантната цврстина на Ненси Пелоси изразена преку грациозната стаменост на нејзиниот политички габарит. Трамп толку е беспомошен пред непоколебливоста на Пелоси што, покрај умерените конзервативни гласачи од десниот центар, почнуваат да се тресат основите и во длабоката десница од каде што Трамп најмногу ја влече својата политичка стабилност. „Гасењето на Владата“ веќе станува неподносливо за политичките елити, а искуството на Пелоси не дозволува гласачите секој ден да не бидат потсетувани чие масло е оваа авантура. Разликата во одобрувачкиот рејтинг на Трамп се намали од -10 процентни поени (во корист на против) на -15 процентни поени со што негативниот имиџ доби 50 % зголемување. А и самата оваа авантура (со „Гасењето на Владата“) веројатно претставува очаен обид за да се добие маневарски простор за она што неминовно следува по освојувањето на Претставничкиот дом од страна на демократите, а тоа е покренување на сите досегашни иницијативи за транспарентност, истраги итн., кои Трамп вешто ги избегнуваше контролирајќи ги сите три власти на федерално ниво: претседателската функција, Сенатот и Претставничкиот дом. Знаејќи ја жестината на Пелоси, зад чија палка застанува мнозинството во Претставничкиот дом, и на самиот Трамп му е јасно дека следува: објавување на резултатите од сите досегашни истраги врзани за неговата претседателска кампања и евентуалната соработка со Русија; потоа со сигурност ќе следува објавување на неговите даночни пријави кои, иако се сигурно легални, но далеку од морални, а и вистински ќе ја извадат на виделина неговата „дил ориентираност“; натаму следуваат извештаите, сведочењата од специјалниот обвинител; разни анкетни комисии за истражување кои, во САД за разлика од кај нас, имаат навистина силен импакт во американското општество итн. Сѐ на сѐ, веќе е јасно дека во периодот што следува Пелоси ќе претставува една од клучните точки со која демократите ќе ја поткопуваат позицијата на Трамп.

A од другата страна на континентот, од државата Масачусетс, доаѓа сенаторката Елизабет Ворен. Иако со конзервативен политички бекграунд (буквално член на Републиканската партија до 1995 година), Елизабет Ворен се смета за една од најуспешните прогресивни политичарки на левицата, успех што многумина го идентификуваа како продолжение на доктрината на Берни Сандерс. Како искусен сенатор, Ворен ја предводи групата политичари бескомпромисни борци против Доналд Трамп, кои не прифаќаат ништо помалку од целосен импичмент и отстранување на Трамп од претседателската функција. Во таа насока Ворен уште во 2016 година поднесува барање за посебен закон со кој би се утврдил конфликтот на интерес меѓу претседателската функција и инвестициското портфолио на Трамп што, од друга страна, сѐ уште може да претставува основа за реален импичмент. Оваа нејзина конфронтација ја носи на директен судир со Доналд Трамп кој почна да се исмева со нејзиното тврдење дека има значително домородно индијанско потекло, нешто за што Ворен беше приморана да направи тест на ДНК за да ги поткрепи своите тврдења.



Иако за време на изборите во 2016 година застанува цврсто и недвосмислено зад Хилари Клинтон, позицијата на Ворен контра бизнис естаблишментот и големиот финансиски сектор ја приближува до политичките ставови на Сандерс чии корени можат да се лоцираат уште во движењето „Ние сме 99 %“. Таа веќе ја најави својата кандидатура во рамките на Демократската партија и според сегашните истражувања на јавното мнение нејзините позиции се одлични.
Од тука се враќаме повторно во Калифорнија, од каде што доаѓа втората претендентка за демократската претседателска кандидатура, Камала Харис. Класичен претставник на прогресивната политичка мисла, Харис е веројатно најеклатантен претставник на американскиот етнички и расен диверзитет. Камала е дете на мајка Индијка од тамилско потекло и татко Јамајканец. И едниот и другиот емигрираат во САД, во шеесетите години од минатиот век, практично во времето на златните години на американскиот капитализам и општествен прогрес. Својата кариера Камала ја гради преку нејзината исклучително успешна правничка кариера, како една од најпопуларните обласни обвинителки во Калифорнија (кои се бираат на непосредни избори), во областа Сан Франциско, од каде што влегува во трката и со сесрдна поддршка од калифорнискиот политички авторитет, погодувате – Ненси Пелоси, ја добива довербата од јавноста во трката за државен обвинител на Калифорнија во 2010 година. Нејзината популарност непрестано расте, па подоцна вториот мандат во 2014 година го добива со огромна (landslide) поддршка. Оваа популарност ја носи до сенаторското место во Калифорнија во 2016 година кое сѐ уште го држи и од каде што ја најави својата намера да се бори во трката за претседателски кандидат кај демократите. Со оглед на потеклото и на географската поддршка, Камала Харис е типичен претставник на новата демократска доктрина, силен противник на лобито за оружје и еден од главните промотори на предлозите за засилена контрола на поседувањето оружје. Харис ги предводеше и т.н. женски маршеви од пред две години наменети за заштита на правата на жената, особено правото за абортус, а кои беа испровоцирани и од несмасните изјави и од однесувањето на претседателот Трамп. Имајќи го предвид нејзиното мигрантско и етнички шарено потекло, лесно може да се претпостави дека успехот на Камала Харис има релативно препознатлива корелациска врска со доминацијата на трампизмот кај републиканците и претставува јасен одговор на прогресивното гласачко тело кое сѐ помалку е подготвено за компромиси со радикалната десница.



А дека оваа шареноликост е пресликана низ цела Америка покажуваат и неколкуте победи на генералните избори „мидтермс“ низ целата земја. Таква е на пример Шерис Дејвидс која има длабоко домородно потекло, како претставник на Хо-Чунк (Винебаго) племенската заедница, а претставува и една од ретките која не ја крие својата ЛГБТ-припадност, својата геј сексуална ориентација, што за држава како Канзас претставува преседан од епски карактер. Шери Дејвис, заедно со Деб Халанд, од Њу Мексико, претставуваат први Американки со домородно индијанско потекло избрани во американскиот Конгрес. Секако може да се нотира и преседанот на овие избори за Конгресот при успехот на жени муслиманки како што е Рашида Тлаиб од Мичиген, која има палестинско - американско потекло, но и Илхан Омар од Минесота која, пак, има сомалиско американско потекло.

За да биде сликата целосна и навистина шарена, како претставник на условно „најконзервативниот“ сегмент кај жените претставнички, тука е Кристен Гилбрент од Њујорк, која е класичен претставник на американската бела раса, политички концентрирана во левиот центар, со умерени ставови кои досега се сметаа за демократски „мејнстрим“. Ако демократите добијат потреба за умерени компромиси за политичките ставови со десницата, тогаш Гилбрент ќе ја освои нивната поддршка за претстојните претседателски избори и со оглед на досегашната гласачка практика нејзините шанси се сѐ уште големи.

Постојат уште многу примери кои го потврдуваат трендот што се наметна меѓу прогресивните гласачи. Тие буквално на трампизмот одговорија со длабоко повлекување в лево каде што ги прегрупираа своите сили и на површина ја извадија дијаметралната спротивност на радикализмот со кој Трамп ја освои републиканската публика. Жените претставнички се буквално сето она што Трамп го презира или барем се обидува да го навреди во политиката. Тие се, пред сѐ, во прв ред жени, со нагласена самостојност, независност и цврстина која се граничи со дрскост. Но, тие се културни, воспитани, образовани и својот успех го градат токму на овие вредности што, ќе се согласите, не соодветствува со претприемачката, на моменти улична снаодливост како најзначајна вредност во перцепцијата на Трамп. Трката за кандидатурата кај демократите веќе е практично започната и речиси со сигурност ветува интересна борба со многу нови политички позиции од кои, без разлика на успехот, ќе се дефинираат и идните политички процеси во САД.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top