Интервјуа
НА КОПАОНИК БИЗНИС ФОРУМОТ ВО МАРТ ОЧЕКУВАМЕ 1.400 УЧЕСНИЦИ

Александар Влаховиќ
Претседател на Сојузот на економисти на Србија

Господине Влаховиќ, Вие сте претседател на Сојузот на економисти на Србија. Како е организиран Сојузот и како функционира?

А. Влаховиќ: Сојузот на економисти на Србија е организација на економската струка што се наоѓа на врвот и која во својот состав има членки основачи и колективни членови. Членките основачи се друштвата на економисти во најголемите градови на Србија, како и Сојузите на економисти на Војводина и Косово и Метохија. Колективни членови на Сојузот се најголемите и најважни претпријатија, банки и осигурителни компании што работат во Србија. Со Сојузот раководат претседателство и Извршен одбор во чиј состав се наоѓаат најугледните имиња на српската академска и деловна сцена.

Каква е позицијата на Сојузот во српското општество? Како оди соработката на Сојузот со дизајнерите на економската политика во српската влада? Колку е влијателен Сојузот во поглед на финалните економски решенија?

А. Влаховиќ: Сојузот има респектабилна позиција во српското општество. Соработката со креаторите на економската политика (Владата и централната банка) се остварува преку организација на тематски тркалезни маси и деловни форуми на кои се разгледуваат најважните прашања на фискалната и економската стратегија. Не е занемарливо тоа што членка на претседателството на Сојузот е на чело на централната банка, а до половина од минатата година на чело на Министерството за финансии исто така беше член на претседателството на Сојузот.
Сојузот на економисти на Србија, особено во последниве неколку години, со јасниот став за прашањето за фискална консолидација и монетарна политика директно влијаеше на економската политика на Владата и на централната банка. Имено, по почетокот на големата, светска економска криза, Сојузот ја промовираше идејата за фискална консолидација заснована на штедење која, за жал, сѐ до 2014 година Владата на Србија ја игнорираше, пробувајќи економската активност да ја поттикне со мерки насочени кон поттикнување на потрошувачката. Негативните ефекти од погрешната политика се познати: забрзан раст на јавниот долг, експлозија на буџетскиот дефицит и понатамошно нарушување на екстерната рамнотежа.
Од 2015 година Владата на Србија применува рецепт што е дефиниран на деловните форуми во организација на Сојузот. Меѓутоа, денес сме критичари на бавното преструктурирање на јавниот сектор, што е услов за постигнување долгорочно одржлива фискална позиција на земјата. Оттаму, со тврдењето дека краткорочната фискална консолидација не е сама по себе реформска мерка, но е потребен услов за спроведување на суштински реформи, ја потсетуваме Владата на Србија дека го поминаа само првиот дел од патот, а дека суштинските реформски предизвици допрва претстојат.
Што се однесува до нашиот однос кон монетарната политика, Сојузот во континуитет ѝ даваше поддршка на Народна банка на Србија да истрае во водењето на монетарна политика заснована на таргетирана инфлација и флуктуирачки девизен курс. Сметам дека токму благодарение на ваквата политика, особено во периодот од 2010 до 2015 година, избегнавме драматично нарушување на макроекономската стабилност на нашата земја.

СВЕТСКАТА ЕКОНОМСКА КРИЗА КРИСТАЛНО ЈАСНО ЈА СОГОЛИ СУШТИНАТА НА ПРОБЛЕМОТ НА ЦЕЛИОТ РЕГИОН, А ТОА Е НЕДОВРШЕНАТА ЕКОНОМСКА ТРАНЗИЦИЈА, НЕПОВОЛНАТА СТРУКТУРА НА БДП, КОЈА ЈА КАРАКТЕРИЗИРА ЗНАЧИТЕЛНО ПОМАЛО УЧЕСТВО НА СЕКТОРОТ НА РАЗМЕНЛИВИ СТОКИ И УСЛУГИ, КОЈА ЗА ПОСЛЕДИЦА ИМА ИСКЛУЧИТЕЛНО НИСКА КОНКУРЕНТНОСТ НА НАЦИОНАЛНИТЕ ЕКОНОМИИ

Која е Вашата фундаментална оценка за српската економија? Кои се нејзините најважни трендови во последниве пет години?

А. Влаховиќ: Почнувајќи од 2015 година, српската економија има задоволителна траекторија на раст. Имено, со мерките на фискалната консолидација се стабилизирани клучните макроекономски агрегати, елиминиран е буџетскиот дефицит, започнати се реформи на пазарот на работна сила и конечно во центарот на економската политика дојде долгорочно одржливиот раст. Денес Србија остварува фискален суфицит, постои ценовна стабилност, а нивото на инвестиции (особено странски) е зголемено за цели 3 процентни поени мерено во однос на учеството во БДП. Треба да се напомене дека е запрен трендот на зголемување на јавниот долг и дека во изминативе две години тој е значително намален. Имено, во 2015 година јавниот долг изнесуваше приближно 74 % од БДП за на крајот на минатата година да биде на ниво од 56 % од БДП. Неопходно е да се забрза реализацијата на структурните реформи, особено реструктурирање и делумна приватизација на големите јавни претпријатија. На тоа треба да се додаде и јакнењето на институциите и унапредувањето на економскиот амбиент, што е од критично значење за развој на малите и средни претпријатија и подигање на нивото на домашните приватни инвестиции.

Каква е моменталната состојба и кои се проекциите за оваа година во поглед на главните економски индикатори, економскиот раст, инфлацијата, стоковната размена итн.?

А. Влаховиќ: За 2019 година е планиран раст од 3,5 % со задржување на инфлацијата во коридорот на 3,5 % + 1,5 процентни поени. Тоа е понизок раст во однос на оствареното во 2018 година, но треба да се има предвид дека во изминатава година земјоделството, заради еднократен ефект, придонесе за раст со 1 процентен поен. Кога ќе се исклучи тој ефект растот е помалку или повеќе на нивото од претходната година.
Прогнозираниот раст е недоволен за побрза конвергенција со развиените земји на ЕУ. Меѓутоа, нивото на инвестиции, кое не надминува 19 % од БДП, разбирливо не дава основа за повисоки стапки на раст. Токму на зголемувањето на нивото на инвестиции мора да му се обрне посебно внимание. Сметам дека растот и понатаму мора доминантно да се заснова на инвестициите, растот на извозот и растот на личната потрошувачка. Прераното попуштање во јавната тековна потрошувачка може да доведе до продлабочување на екстерните дефицити. Во основа, како последица на растот на платите во државниот сектор, тоа веќе и се случува со оглед на тоа што порасна трговскиот дефицит и следствено дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања.

Каде е тука регионот во кој живееме сите ние? Зошто регионот не успева економски подобро да се поврзе? Во колкава мера одредени стратешки разграничувања во регионот се пречка за подобра регионална економска соработка? И не само тоа, постои жестока внатрешна регионална конкуренција по некои прашања. На пример, кога станува збор за странските директни инвестиции, постои таа „трка кон дното“ каде што сите земји во регионот се натпреваруваат во давање на што поголеми бенефиции на странските инвестиции и со тоа ја спуштаат својата цена.

А. Влаховиќ: Регионот на Западен Балкан е оптоварен со инхерентни, автономни, структурни проблеми. Сѐ до 2008 година тие структурни проблеми не беа јасно видливи, беа „маскирани“ со висок прилив на странски капитал (преку приватизација и експанзија на банкарскиот сектор). Создадена е лажна слика дека е можно да се развива структура на економијата доминантно врз секторот на услуги, дека надворешните и домашните дефицити доживотно ќе се покриваат со увезен капитал, дека може да се троши повеќе одошто се создава.
Светската економска криза кристално јасно ја соголи суштината на проблемот на целиот регион, а тоа е недовршената економска транзиција, неповолната структура на БДП, која ја карактеризира значително помало учество на секторот на разменливи стоки и услуги, која за последица има исклучително ниска конкурентност на националните економии. Суштината е во тоа дека сите влади во регионот на почетокот на светската економска криза не имплементираа адекватна политика на фискално прилагодување и структурни реформи. Наместо сите напори да се насочат кон структурно прилагодување, како позитивните примери на балтичките земји, речиси сите влади во регионот спасот го побараа во зголемување на јавниот долг и понатаму одржувајќи ја јавната потрошувачка на недопустливо високо ниво со сите наследени структурни неефикасности.
Денес економиите во регионот наликуваат една на друга. Слаб раст, невработеност, двојни дефицити, висок надворешен и јавен долг, и дури во изминативе две години се забележува позитивно поместување.
Од друга страна, меѓусебната соработка на земјите на Западен Балкан е природна и има длабоки историски корени. Сите овие земји, со исклучок на Албанија, беа дел од единствен економски простор. Доволно е да се анализира структурата на надворешно-трговските текови во рамките на регионот и да се заклучи дека таа е последица на фактот дека, не така одамна, бевме дел од една заедничка држава. Постои простор за унапредување на меѓусебната соработка. Се чини дека за тоа многу повеќе придонесуваат деловните одошто политичките лидери. Политиката мора да ги следи потребите на бизнис-заедницата, односно да ги отстранува бариерите за слободен проток на стоки и на капитал. За жал, сведоци сме дека денес се случуваат токму обратни политички процеси: односите меѓу нашите соседи не се добри, очекувано ниво, со воведувањето на давачки од страна на Приштина за увоз на стоки од Србија, константна политичка тензија, сето тоа заедно не придонесува, туку поставува нови бариери за бизнис-заедницата.
Фактот дека сѐ уште постои проблемот на геостратешко разграничување не е оправдување за политичките лидери. Тие се тука за тие проблеми да ги решаваат. Треба да се разбере дека не е можно унапредување на поединечната конкурентност на нашите земји без посилно економско поврзување. Денес Србија е прв трговски партнер на Црна Гора, на Македонија, еден од најважните на БиХ, пазарите на Хрватска и особено на Словенија се, исто така, важни и на страната на извозот и на страната на увозот. Исто така Србија остварува суфицит во размената со Црна Гора, БиХ, Македонија, а има речиси урамнотежена размена со Словенија. Сите земји во регионот, побрзо или побавно, се стремат кон заедничка цел – ЕУ.
Посебен проблем за унапредување на регионалната деловна соработка претставува недоволната инфраструктурна поврзаност. Тоа е препознаено од страна на Берлинската иницијатива, но за жал недоволно е направено од 2014 година до денес. Меѓу некои земји се започнати заеднички инфраструктурни проекти со цел целиот Западен Балкан да се најде на мапата на трансевропската транспортна мрежа. Изградбата на квалитетни сообраќајници ќе придонесе за уште подобри врски меѓу економиите на регионот. За да се искористат сите компаративни предности, кои несомнено постојат, потребна е поцврста соработка не само меѓу реалниот и финансискиот сектор туку и создавање соодветни институционални механизми на ниво на целиот регион на Западен Балкан.

Во принцип многу се зборува за потребата од некаква регионална економска координација и соработка, но во пракса тоа не оди баш. Дали и како може да се воспостави функционална регионална платформа за економска соработка?

А. Влаховиќ: Постоеја различни идеи. Од идеи за царинска унија, која секако е добра, но тешко остварлива. Не само поради претходно спомнатите политички проблеми, туку и поради фактот дека особените интереси на поодделни земји неретко се спротивставени на интересите за соработка во рамките на целиот регион. Јасно е дека регионална царинска унија најмногу би им одговарала на оние земји кои во структурата на економијата имаат значително учество на разменливи добра и услуги. Но, во ситуација кога ни ЦЕФТА 2 не функционира, излишно е да се зборува за царинска унија.
Пример за добар механизам што придонесува за воспоставување функционална регионална платформа за економска соработка се мешовитите комисии кои Србија ги има воспоставено со речиси сите соседни земји. Голем чекор во заедничката соработка меѓу Србија и Македонија е воспоставувањето заеднички царински премини, што би требало да го олесни и да го поевтини транспортот на стоки. Би било добро таков проект да биде реализиран и со другите соседи кои не се дел од ЕУ. Би ја пофалил и мошне продуктивната соработка меѓу стопанските комори на земјите во регионот. На темелите на Берлинската иницијатива воспоставен е заеднички Меѓукоморски форум. Покрената е посебна инвестициска платформа за сите земји од Западниот Балкан. Основата цел е токму заедничка промоција на економиите и надминување на препреките за успешна регионална соработка.

Сојузот на економисти на Србија е организатор на големиот Копаоник бизнис-форум кој некои го нарекуваат и „српски Давос“. Кога и како започна сето тоа? Како би го оцениле досегашниот развој на овој импозантен бизнис-собир?

А. Влаховиќ: Оваа година, од 3 до 6 март, го организираме XXVI Копаоник бизнис-форум. Значи, сѐ почна во далечната 1994 година кога група ентузијасти собрана во Сојузот, меѓу кои бев и јас, сметаше дека на Србија ѝ е неопходен еден тематски научен собир каде што ќе се разменуваат мислења за клучните проблеми на економската транзиција. На почетокот тоа беше средба на академски претставници, па и бројноста на собирот беше незначителна.
Веќе 1999 година овој собир ги менува своето име и карактер, вклучувајќи покрај економските теоретичари и бизнис-практичари, луѓе од бизнисот. За понатамошниот развој на Форумот клучна беше 2013 година кога програмскиот одбор на Форумот заклучи дека покрај класичните економски теми собирот мора да се занимава и со значајни општествени прашања што излегуваат од рамката на економијата. Исто така, почнувајќи од таа година, Форумот поприма сѐ повеќе регионален карактер каде што темите се разгледуваат во поширок, регионален контекст. Таквата одлука на организаторот придонесе интересот за Форумот да биде неспоредливо поголем. На пример, во 2012 година вкупниот број на учесници беше помал од 400, минатата година изнесуваше 1 300, а оваа година очекуваме и повеќе од 1 400 учесници.
Конференциите, како Копаоник бизнис-форумот, можат значително да влијаат на создавање нови деловни врски, како и подобро разбирање на потребите на стопанството од страна на политичарите на власт. За жал, во регионот, освен Копаоник бизнис-форумот, ние немаме таков сличен собир. Форумот е единствен и по тоа што на едно место во текот на четири дена се собираат најзначајните претставници на заинтересираните страни (stakeholders) во Србија и сѐ повеќе во регионот. Мисијата на Форумот е да креира платформа за меѓусебна, отворена размена на мислења, аргументирано и критички, за да им се помогне на Владата и на централната банка да креираат изводливи економски политики. Форумот е своевиден саем на идеи и празник за економистите, на бизнис и политичката елита.

МИСИЈАТА НА ФОРУМОТ Е ДА КРЕИРА ПЛАТФОРМА ЗА МЕЃУСЕБНА, ОТВОРЕНА РАЗМЕНА НА МИСЛЕЊА, АРГУМЕНТИРАНО И КРИТИЧКИ, ЗА ДА ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА ВЛАДАТА И НА ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА ДА КРЕИРААТ ИЗВОДЛИВИ ЕКОНОМСКИ ПОЛИТИКИ. ФОРУМОТ Е СВОЕВИДЕН САЕМ НА ИДЕИ И ПРАЗНИК ЗА ЕКОНОМИСТИТЕ, НА БИЗНИС И ПОЛИТИЧКАТА ЕЛИТА

Што треба да очекуваме од овогодинешниот Копаоник бизнис-форум?

А. Влаховиќ: Овогодинешниот Копаоник бизнис-форум носи наслов „Србија и регионот 10 години од почетокот на големата рецесија – робусниот раст како императив на развојот“. Целта ни е да ги согледаме сите грешки во економската политика во изминативе десет години, кои придонесоа за тоа економското опоравување на Србија да биде најбавно во регионот. Ќе имаме повеќе од 150 панелисти кои централната тема ќе ја согледуваат од различни агли на вкупно 27 панел-дискусии, 3 пленарни расправи и 6 специјални настани. Обезбедивме интересни гости. Се подразбира дека во работата на Форумот ќе учествуваат најголемите регионални, домашни инвеститори, како и најголемите странски инвеститори во регионот. Значи, вкупно четири дена, мошне интензивна програма која тематски ќе ги покрие сите стопански области, но и најзначајните теми на општествениот развој.

Дали на досегашните собири присуствуваа и претставници на бизнис-секторот од нашава земја? Што би им порачале на македонските бизнисмени?

А. Влаховиќ: Да. Редовни гости на Форумот се претседателот на Стопанска комора на Македонија, господинот Бранко Азески, како и претседателот на Винаријата Тиквеш, господинот Светозар Јаневски. Во декември минатата година имав гостување во Стопанската комора на Македонија со цел промоција на Форумот во рамките на бизнис-заедницата во Македонија. Мило ми е дека оваа година делегацијата на бизнисмени од Македонија, кои ги собира Стопанска комора на Македонија, ќе биде убедливо најбројна така што нашата соработка со текот на времето ќе се зголемува преку воведување нови содржини.

Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top